Connect with us
no baners

Банки

Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Пак и Арнитаси: Народната банка дел од пилот-проектот на ЕБРД за подобрување на пристапот до финансии за жените претприемачи

Објавено

на

Женското претприемаштво игра клучна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за овие мали и средни компании е од исклучително значење за економијата во целина. Поддршката за поголем пристап на жените претприемачи до финансиите, збогатувањето на базата на податоци за кредитите на фирмите и со податоци за родовата припадност, како и зголемувањето на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити, беше тема на разговор на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот од централната банка, како и заменик-директорката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е надлежна за инклузивни финансии, родова и економска инклузија, Оксана Пак, претставникот на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси и дел од тим од ЕБОР.

На средбата беше договорено Народната банка да биде дел од спроведувањето на пилот-проектот на ЕБОР во земјава, којшто би опфатил повеќе аспекти, вклучително и збогатување на базите на податоци за кредити со податоци за родовата припадност, како и обуки за поттикнување поголема свесност за потребите на жените претприемачи при кредитирањето. Инаку, поддршката на ЕБОР за поголема застапеност на жените во бизнисот, преку истоимената програма којашто ја спроведуваат, е на повеќе нивоа, од пристап до финансии, до деловно советување, развој на вештини, знаење и пристап до ресурси за развој на претприемаштвото.

Унапредувањето на финансиската инклузија, како и финансиската едукација како основа за поголема вклученост, се стратегиски цели на Народната банка. Родовата еднаквост, како аспект на финансиската инклузија, исто така е дел од  приоритетите. Преку едуцирање за можностите и обврските на кредитодавателите и корисниците на кредитите, може да се придонесе кон подобрување на пристапот на жените претприемачи до финансии во земјава.

Според податоците изнесени во Стратегијата за родова еднаквост на ЕБОР 2021 ‒ 2025, од сто претприемачи во светот, само 37 се жени, додека 63 се мажи и само 55% од работоспособното женско население е работно ангажирано. Со промената на овие соодноси ќе се придонесе кон зајакнување на кохезијата и ќе се поддржи функционирањето на пазарната економија, економиите ќе станат поотпорни, ќе се поттикне иновативноста и ќе се поддржи економскиот раст.

Банки

Гувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.

„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.

Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.

Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката

Објавено

на

Во пристуство на претставници од менаџментот на НЛБ Банка, вработени, клиенти и партнери, денеска во Ресен, официјално се отвори реновираната експозитура на Банката. Со оваа и неодамна реновираните експозитури во Валандово, Радовиш и Виница, а во текот на 2025 и во Куманово и Прилеп, и населбите Илинден и Ѓорче Петров во Скопје, НЛБ Банка ја заврши годинава со обнова на осум експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на својата деловна мрежа до 2030 година.

Дигитализацијата значително го менува начинот на кој клиентите комуницираат со банките. Клиентите бараат ефикасен и непречен пристап до банкарски услуги, но и поддршка и советување за постигнување на нивните финансиски цели.

Водена токму од променетите очекувања на клиентите и глобалниот тренд на дигитализацијата, НЛБ Банка започна интензивен процес за модернизација на продажната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и продажба на интегрирани финансиски решенија, советување и градење релации со клиентите.

Сите експозитури се со модерен ентериер, најсовремени технолошки решенија и професионален тим подготвен да одговори на сите потреби на клиентите – физички и правни лица, истовремено обезбедувајќи поголема удобност и пријатен амбиент како за клиентите, така и за вработените.

Секоја од експозитурите располага со 24/7 АТМ зона со банкомати со низа функционалности (исплата и уплата на готовина, плаќање на режиски трошоци, кредитни доспевања, дополнување на пре-пејд картичка), а речиси сите и со CDS (Cash Deposit System) – самоуслужни уреди за олеснето депонирање на дневен пазар за правни лица со кои значително се намалуваат готовинските трансакции во експозитурите и чекањето на шалтерите. Оваа година, и имплементацијата на електронските уреди (E-Pads) за потпишување на кредитната документација дополнително го скрати времето на шалтерите и го унапреди клиентското искуство, истовремено намалувајќи ја и употребата на хартија за над 25% и поддржувајќи ги целите за одржливост на Банката.

Обновените експозитури се дизајнирани да бидат инклузивни и достапни за сите, со пристап за лица со физичка попреченост и банкомати со кориснички интерфејс прилагоден за користење за лицата со оштетен вид.

„Секојдневното банкарство сè повеќе се управува преку дигиталните канали, создавајќи можност банкарските службеници во експозитурите да се фокусираат на персонализирана поддршка и стратешки совети. Следејќи ги очекувањата на нашите клиенти за банкарство кое е независно, брзо и безбедно, ја трансформираме нашата продажна мрежа со јасна и амбициозна визија за експозитури на иднината. Преку нашето сеопфатно финансиско портфолио, секоја експозитура се развива во вистински „финансиски супермаркет“ кој нуди интегриран спектар на решенија, обединувајќи банкарски и небанкарски производи на едно место. Уверени сме дека новиот деловен модел на нашата продажна мрежа ќе постави нови стандарди во банкарството и уште повеќе ќе го зајакне нашиот однос со клиентите“, истакнува претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски.

Модернизацијата на експозитурите е дел од пошироката стратегија „2030“ на НЛБ Групацијата која ја одразува посветеноста кон иновации, дигитализација и одржлив раст, и позиционирање на НЛБ Банка како банка-партнер за сите животни предизвици.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА Банка со предвремена исплата на пензии

Објавено

на

АЛТА Банка, во пресрет на новогодишните и Божиќните празници, обезбеди дополнителна погодност за своите клиенти пензионери. Денес, на 30 декември 2025 година, Банката ја реализираше исплатата на пензиите за месец декември, овозможувајќи навремено и непречено располагање со средствата во период кога финансиската сигурност е од особено значење.

Со оваа активност, АЛТА Банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон континуирано унапредување на квалитетот на услугата, грижата за клиентите и обезбедувањето стабилно, сигурно и навремено банкарско работење. Банката ќе продолжи да ги следи потребите на своите клиенти и да креира решенија кои придонесуваат за нивна поголема финансиска сигурност.

АЛТА Банка им посакува на сите клиенти среќни празници, добро здравје и успешна Нова 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange