Connect with us
no baners

Банки

СЕПА: Напредува подготовката на банките за приклучување во европската платежна инфраструктура во октомври 2025 година

Објавено

на

Сите дванаесет комерцијални банки во земјава интензивно работат на изготвување апликации и технички решенија потребни за нивното вклучување во платежната шема за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Една системски значајна банка веќе ја поднесе апликацијата до Европскиот совет за плаќања (ЕПС), девет банки имаат направено избор на странска банка преку која ќе ги извршуваат плаќањата, коешто е предуслов за поднесување на апликацијата, додека останатите се во фаза на завршување на овие активности. Се очекува, најголемиот дел од банките да го завршат овој процес до 22 август 2025 година за да можат да започнат со  извршување на првите прекугранични трансакции во евра во рамките на СЕПА на почетокот на октомври 2025 година, којшто е и најраниот рок утврден од ЕПС за приклучување на давателите на платежни услуги од нашата земја.

Ова е заклучокот од состанокот одржан помеѓу претставниците од Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) во Националниот совет за платни системи (НСП), со цел согледување на тековниот статус на плановите и роковите за миграција на банките, предизвиците со коишто се соочуваат и можностите за нивно надминување за навремено и успешно приклучување во СЕПА. НСП е консултативно тело коешто преку координирани активности на сите засегнати страни од регулаторен и деловен аспект има за цел да го поддржи развојот на платниот систем во земјата и да ја зголеми ефикасноста на плаќањата во земјата и странство.  Состанокот го предводеше  вицегувернерката Емилија Нацевска, која е претседателка на НСП.  НСП, преку постојана соработка на сите засегнати страни во земјата, ќе продолжи да им дава поддршка на банките за разрешување на сите отворени прашања со цел нивна ефикасна интеграција во платежните шеми во СЕПА.  

За потсетување, на 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, а со тоа се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки. Интеграцијата на банките во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, пред сѐ брзи, сигурни и поевтини прекугранични плаќања во евра и зголемена економска активност. Народната банка, како носител на активностите за членството на земјата во СЕПА, останува посветена на процесот на интеграција на банките, при што редовно и навремено ќе ја информира јавноста за напредокот.

Банки

Старее населението во земјава: расте бројот на пензионери, здравствениот систем под притисок

Објавено

на

Македонија се соочува со сериозни демографски и здравствени предизвици, покажуваат најновите наоди на Државниот завод за ревизија, презентирани од главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Според податоците, се бележи континуиран пад на младото и работоспособното население, што резултира со состојба во која бројот на пензионери веќе го надминува бројот на вработени. Овој тренд отвора прашања за одржливоста на пензискиот систем и ја нагласува потребата од системски реформи, како и од развој на услуги за грижа и нега на постарата популација.

Ревизорите укажуваат и на сериозни слабости во здравствениот систем, особено во делот на раното откривање на малигни заболувања. Според извештајот, пациентите чекаат со месеци за резултати од испитувања, а во одредени случаи и до половина година.

Како особено проблематично се издвојува чекањето за мамографски прегледи, каде што од моментот на скрининг до реализација на прегледот поминуваат повеќе од 150 дена.

Од ДЗР потенцираат дека се неопходни итни мерки за подобрување на состојбите, вклучително и зголемување на бројот на медицински кадар, соодветно вреднување на нивниот труд и поефикасно користење на постојната медицинска опрема, дел од која во моментов не е целосно искористена.

Продолжи со читање

Банки

Трка за нов претседател на ЕЦБ: Кои се фаворити и што ќе одлучи

Објавено

на

Во европските финансиски кругови веќе започна трката за наследник на актуелната претседателка на Европската централна банка, Кристин Лагард, иако нејзиното повлекување сè уште не е официјално потврдено.

Се шпекулира дека Лагард би можела да ја преземе водечката позиција во Светски економски форум, што дополнително ги засили позиционирањата и лобирањата меѓу земјите од еврозоната.

Одлуката за новиот прв човек на Европската Централна Банка ќе ја донесат лидерите на 21 земја членка на еврозоната, во период кога се очекуваат и пошироки кадровски промени во институцијата, вклучително и на позициите главен економист и потпретседател.

Како главни кандидати се издвојуваат Клаас Нот, Пабло Ернандез де Кос и Хоаким Нагел. Нивните кандидатури не се само личен избор, туку одраз на пошироката борба за влијание меѓу државите членки.

Процесот е обележан со сложен баланс меѓу „големите“ и „малите“ економии, но и меѓу различните пристапи во монетарната политика – од построги мерки за контрола на инфлацијата до пофлексибилни политики за поттикнување раст.

Според неформалните правила, во раководството на ЕЦБ мора да има претставници од најголемите економии Германија, Франција, Италија и Шпанија, што дополнително го ограничува изборот. Франција веќе двапати ја имала водечката позиција, додека избор на германски кандидат би можел да отвори политички дилеми поради влијанието на Берлин во европските институции.

Во вакви околности, како најсериозни опции се посочуваат Клас Нот, кој има поддршка од северните земји, но важи за „јастреб“ во монетарната политика, и Пабло Ернандез де Кос, кој се смета за поумерен кандидат со силно меѓународно искуство.

Конечниот избор, сепак, нема да зависи само од биографиите, туку од политички договори и распределба на клучните функции, особено позицијата главен економист, која може да биде клучен инструмент за баланс меѓу земјите членки.

Иако процесот веќе е во тек, исходот останува неизвесен, бидејќи ваквите одлуки вообичаено се носат во последен момент, како резултат на комплексни политички компромиси што ќе го одредат идниот правец на монетарната политика во еврозоната.

Продолжи со читање

Банки

Избрани нови вицегувернери на Народна банка: Митреска со втор мандат, Величковски првпат на функцијата

Објавено

на

Собранието, по предлог на гувернерот на Народна банка Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери, со мандат од седум години.

Ана Митреска доби втор мандат на функцијата, откако првпат беше именувана во 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народна банка. Во својата кариера работела на макроекономски анализи, среднорочни проекции и истражувачка дејност, а учествувала и во комуникацијата со меѓународни финансиски институции и агенции за кредитен рејтинг. Авторка е на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

Игор Величковски, кој првпат е избран за вицегувернер, е долгогодишен професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од три децении работи во Народна банка. До изборот ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, каде беше вклучен во клучни реформи и модернизација на платната инфраструктура, како и во приклучувањето на земјава кон СЕПА во 2025 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange