Банки
Сѐ повеќе граѓани плаќаат преку телефон и со картички
Според податоците од платежната статистика на Народната банка, и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.
Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7%, а вредноста за дури 17,7%. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13% по број и за над 30% по вредност.

Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70%) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1%, а вредноста за 8,6%. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1%), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6%).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: Платежна статистика на Народната банка.
Банки
Халк Моби ПОС, ново дигитално решение за компаниите од Халкбанк
Во денешното динамично и дигитално време, кога брзината, флексибилноста и едноставноста се клучни за успехот на секој бизнис, Халкбанк АД Скопје континуирано инвестира во иновативни решенија што ги следат потребите на современите трговци.
Во таа насока, Банката ја воведува новата услуга Халк Моби ПОС (Halk Mobi POS), која што претставува напредно решение што овозможува прифаќање плаќања со картички директно преку мобилен телефон или таблет.
Практично решение и секогаш со вас
Халк Моби ПОС го претвора вашиот паметен уред, телефон или таблет, во сигурна алатка за наплата во продавница, на терен, на настани или при испорака кај клиент.
Процесот на користење е брз и едноставен. Потребно е да ја инсталирате апликацијата Халк Моби ПОС на својот уред и по активирањето, тој станува терминал за бесконтактни плаќања.
Купувачот само ја доближува својата картичка нана телефонот/таблетот, а трансакцијата се обработува во реално време и се потврдува за неколку секунди.

Клучни предности за вашиот бизнис
Со користење на Халк Моби ПОС, добивате низа значајни придобивки. Се овозможува прифаќање плаќања каде и да сте, без ограничување на локација, при што не е потребна дополнителна опрема, односно нема потреба од посебен ПОС уред.
Трансакцијата е безбедна и брза, со високо ниво на заштита и моментална обработка. Се добива и преглед на сите трансакции во реално време, а со тоа и подобра контрола и транспарентност во работењето.
Ова иновативно решение е идеално за мали и средни бизниси, самостојни трговци и теренски продавачи кои сакаат брзо, безбедно и едноставно плаќање, каде и да се наоѓаат.

Едноставна постапка за аплицирање
За користење на Халк Моби ПОС, потребно е да се поднесе апликација во една од филијалите на Банката, по што барањето се процесира и услугата се активира во најкраток рок.
Со Халк Моби ПОС, Халкбанк АД Скопје продолжува да инвестира во дигитални решенија што им помагаат на бизнисите да растат, да бидат поконкурентни и поблиску до своите клиенти. Оваа услуга претставува сигурен партнер за секој трговец кој сака да понуди современо искуство за плаќање и да го унапреди своето работење.
За повеќе информации и активирање на услугата, посетете ја најблиската експозитура на Халкбанк или официјалната веб-страница на Банката.
Банки
Игор Величковски од Народната банка: Значително зголемен интерес за СЕПА – плаќањата од страна на компаниите и граѓаните
„По приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) во октомври 2025 година, се забележува значително зголемен интерес и користење на услугите од страна на компаниите и граѓаните. Според податоците на Народната банка од банките, повеќе од половината од бројот на плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку платежната шема за кредитни трансфери во СЕПА“, истакна Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи во интервјуто за „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека граѓаните умерено предничат во однос на компаниите во користењето на услугите преку СЕПА, при што над 60% од нивните плаќања во евра се извршуваат преку СЕПА. Кај бизнис-секторот, најмногу ги користат извозно-увозните компании коишто имаат редовни трансакции со партнери во Европската Унија. Речиси половината од плаќањата во евра на домашните компании кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку СЕПА.
Иако станува збор за релативно нова услуга, очекувањата се дека таа сѐ повеќе ќе се користи, напоредно со зголемувањето на информираноста и довербата, промената на навиките и унапредувањето на дигиталните канали од страна на банките. Со приклучувањето кон СЕПА се овозможија значително поевтини, побрзи и поедноставени плаќања во евра. Конкретните ефекти врз надоместоците зависат од банката и каналот на плаќање, но тарифите на деветте банки коишто во октомври се интегрираа во СЕПА укажуваат на значително намалување на трошоците.
„Кај граѓаните, за електронско плаќање од 500 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски надоместок се намали шесткратно — од околу 26 евра преку кореспондентски банки на околу 4 евра преку СЕПА. Во зависност од банката и каналот на плаќање, одредени банки овозможуваат и електронски одливни плаќања со провизија од само 1 евро. Кај компаниите намалувањето на трошоците е уште поизразено. За плаќање од 20.000 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски трошок се намали за осумпати — од околу 77 евра на приближно 9 евра. Ова директно придонесува за зголемување на конкурентноста на компаниите, преку намалување на трансакциските трошоци и подобрување на ликвидноста“, нагласи Величковски.
Интеграцијата во СЕПА значи дека прекуграничните плаќања во евра постепено се изедначуваат со условите што важат во Европската Унија, што претставува значаен чекор кон понатамошна финансиска интеграција и унапредување на платниот систем.
Целото интервју е на следната врска: https://www.youtube.com/watch?v=atRahUwc4bM
Анализи
Депозитите и кредитите во пораст: Домаќинствата и корпоративниот сектор ја движат банкарската активност во јануари
Вкупните депозити во јануари 2026 година на годишно ниво се зголемени за 10,5%, пред сè поради растот кај домаќинствата, додека вкупните кредити бележат годишен раст од 13,6%, со поголем придонес во корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
Паричната маса во јануари 2026 година е намалена за 1,4% на месечна основа, во поголем дел како резултат на падот на краткорочните депозити и на депозитните пари при негативен придонес и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години. На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 10,7% поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити при помал раст и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години.
Вкупните депозити остварија месечен пад од 1,0%, што се должи на намалените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 10,5% и во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитите на секторот домаќинства.
Вкупните кредити се зголемени за 0,5% на месечно ниво поради зголеменото кредитирање на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот домаќинства. На годишно ниво, вкупните кредити забележаа раст од 13,6% под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Во јануари депозитите на корпоративниот сектор забележаа месечно намалување од 2,1% како резултат на намалувањето на краткорочните депозити, во услови на остварен раст на депозитните пари и на долгорочните депозити. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор бележат зголемување од 9,8% поради растот на депозитните пари и на краткорочните депозити, во помала мера и на долгорочните депозити во денари, а долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.
Кредитите на корпоративниот сектор во јануари се зголемија за 0,4% на месечна основа, во поголем дел поради повисоките кредити во денари при помал раст и на кредитите во странска валута. Во споредба со јануари претходната година, забележан е раст од 16,2%, кој во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари во услови на пад на кредитите во странска валута.
Овој месец вкупните депозити на домаќинствата остварија месечен пад од 0,4% како резултат на намалените депозитни пари, а другите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 11,3% и во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.
Кредитите на домаќинствата во јануари бележат месечно и годишно зголемување од 0,5 и 11,2%, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,2% при годишен раст 10,7%, а станбените кредити се зголемени за 0,7 и 16,1% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Во јануари автомобилските кредити бележат месечно и годишно зголемување од 0,1 и 0,7%, соодветно. Кај кредитите одобрени на кредитните картички е забележано месечно и годишно намалување од 0,9 и 5,2%, соодветно, а кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 15,0 и 0,8%, соодветно.
Кредитите одобрени врз други основи во јануари се намалени за 1,7 и 11,8% на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.
-
Интервјуапред 2 месециСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
-
Продуктипред 1 месецАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециГувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Останатопред 2 месециБугарија од денес официјално го прифаќа еврото
-
Продуктипред 1 месецШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор




