Бизнис
„Признаваме – не можеме без вас“: FLEX CREDIT го прогласи тимот за најголем капитал на компанијата
Под мотото „Признаваме – не можеме без вас“, Flex Credit оваа година ја посвети својата годишна конференција на тимот кој секојдневно ја гради и ја движи компанијата напред. На настанот се собраа вработени , но и колегите од Босна, Црна Гора, Романјиа, Бугарија кои ги споделија своите досегашни искуства, практики и предизвици.
Со 380 вработени и 65 филијали на Flex Credit, дополнети со мрежата од 40 филијали на Земи Пари, Flex Group важи за еден од најголемите приватни финансиски работодавци во Македонија. Групацијата во континуитет вложува во развојот на кадарот преку својата Бизнис Академија и специјализирани програми за обука и напредок. Во рамките на компанијата работи и Flex Broker — брокерско друштво чија мисија е, преку партнерства со водечките осигурителни компании, да понуди најдобри и најсоодветни осигурителни решенија на клиентите.
„Горди сме што сме компанија која луѓето ја избираат не само заради стабилноста, туку и заради можноста за раст, учење и соработка. Нашата цел е Flex Credit да биде место каде секој вработен се чувствува ценет и мотивиран, а успехот на вработените е наша најголема сатисфакција,“ изјави генералната директорка, Јоана Спасовска
Во рамки на конференцијата беа доделени награди на вкупно 63 вработени кои добија ваучери за патување за нив и нивните семејства, на вработени кои со компанијата ги одбележуваат 5 години работа, како и на најуспешните тимови за првата половина на 2025 година. Со тоа, Flex Credit уште еднаш покажа дека човечкиот капитал е во срцето на секоја нејзина стратешка одлука и планирање.
Со јасни планови за развој на нови услуги преку Flex Pay, зајакнување на финансиските технологии и дополнителна експанзија, Flex Credit ја гледа иднината како можност да го консолидира лидерството во финансискиот сектор и да остане доверлив партнер на граѓаните и бизнисите во Македонија.
Бизнис
Андоновски: Ќе се појасни законската рамка за инфлуенсерите, ЕУ прави јасна разлика меѓу платформи и креатори на содржини
Министерството за дигитална трансформација е во завршна фаза на усогласување на домашната регулатива со европските правила за воведување на моделот „Роаминг како дома“ со Европската Унија, а паралелно се отвора и прашањето за појасна законска рамка за инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека Европската комисија пред две недели официјално го започнала процесот за сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Според него, секоја држава ќе мора поединечно да ги исполни условите пред да започнат билатералните преговори.
Тој посочи дека државата веќе ги доставила измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации до Европската комисија, со кои се врши целосно усогласување со европските барања во делот на безбедноста, фер користењето на роаминг услугите, како и утврдувањето на прекуграничните цени. По добивањето на коментарите од Европската комисија, предлог-законот ќе биде испратен во Собранието.
Андоновски изрази очекување дека Северна Македонија ќе биде првата земја од регионот што ќе ги исполни сите критериуми за воведување на „роаминг како дома“. Потоа, како што појасни, ќе следуваат преговори со Европската комисија, која ќе биде посредник меѓу земјата и европските телекомуникациски оператори. Според неговите очекувања, договорите би можеле да се постигнат во текот на 2026 година, но динамиката ќе зависи од Европската комисија.
Во меѓувреме, институциите разгледуваат и можности за регулирање на статусот на инфлуенсерите и креаторите на содржини. Министерот соопшти дека веќе се одржала средба со претставници на Здружението на инфлуенсери, а планиран е и состанок со директорот на Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги.
Според него, во постојната законска рамка постои недореченост, бидејќи Законот за аудио-визуелни медиумски услуги не прави јасна разлика меѓу платформите и креаторите на содржина. Во Европската Унија, како што нагласи, јасно се прави дистинкција меѓу платформи како Инстаграм, Фејсбук или Јутјуб и поединечните креатори кои ги користат тие платформи за објавување содржини.
Во наредниот период ќе се разгледува дали ова прашање ќе се решава со измени на правилниците или ќе биде потребна законска измена за целосно усогласување со европските стандарди.
Бизнис
Во Владата денеска ќе се одржи панел дискусија посветена на економскиот раст и економската сигурност на граѓаните
На панелот ќе учествуваат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Дискусијата ќе ја модерира портпаролката на Владата, Марија Митева.
Настанот ќе се одржи во Медија центарот на Владата и ќе може да се следи во живо преку официјалниот Јутјуб канал на Владата.
По завршувањето на панел дискусијата е предвидена и сесија за прашања од новинарите.
Бизнис
Македонија е меѓу 10-те земји каде најлесно може да се добие државјанство
Северна Македонија е меѓу земјите во светот што нудат релативно едноставни и транспарентни услови за добивање државјанство, покажува најновиот извештај на „Интернешнал ливинг“, кој ги анализира програмите за стекнување државјанство во 2026 година.
Покрај традиционалните механизми како државјанство по потекло или таканаречените „златни визи“, сè поголемо внимание привлекуваат програмите за државјанство преку инвестиција. Иако во јавноста често се нарекуваат „купување пасош“, овие модели подразбираат исполнување на јасно дефинирани инвестициски критериуми, по што следува постапка за стекнување државјанство.
Во изминатите години, ваквите програми беа под засилен надзор. Кипар ја укина својата шема во 2020 година по низа скандали, додека Малта ја затвори програмата по правна постапка со Европската Унија. Брисел сигнализира дека може да преземе мерки против земји кои нудат државјанство со безвизен пристап до Шенген зоната без доволно строги проверки.
Оттука, актуелните програми во 2026 година се карактеризираат со значително построги процедури за проверка на потеклото на капиталот и безбедносниот профил на апликантите.
За инвеститорите, второто државјанство претставува инструмент за диверзификација на ризик и проширување на опциите во услови на зголемена глобална неизвесност. Во европски контекст, покрај Северна Македонија, како релевантна дестинација се издвојува и Турција.
Трендот укажува дека побарувачката за алтернативни правни и резиденцијални опции ќе остане висока, но во рамки на построги регулаторни стандарди и зголемена меѓународна контрола.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол


