Банки
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е зачувана
Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците. Овие оцени беа дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствуваа Трајко Славески, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседател на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови. Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и непречено го извршуваше финансиското посредување. Банките работеа во постабилен амбиент, но и натаму имаше неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики. Во овој период е забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
„Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат. Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови“, посочи гувернерот д-р Трајко Славески.
„Одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии. За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво. Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година. Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација. Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици. Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем.
Во своето излагање, Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, заклучи дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот. За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година. Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето. Воедно, АСО започна со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење и претпазливо управување со ризиците од страна на финансиските институции, како и при водењето на економските и финансиските политики, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во наредниот период.
Банки
УНИБанка ќе исплати полугодишна камата од 6% на имателите на перпетуални обврзници од четвртата емисија
Универзална Инвестициона Банка АД Скопје информира дека ќе изврши исплата на полугодишна камата по каматна стапка од 6% на годишно ниво на имателите на перпетуални обврзници од четвртата емисија, со ИСИН MKBLBA200045 и шифра UNIPO4.
Исплатата на каматата ќе се реализира на 12 февруари 2026 година.
Право на исплата на полугодишната камата ќе имаат сите лица кои ќе бидат регистрирани како иматели на перпетуалните обврзници во книгата на иматели во Централниот депозитар за хартии од вредност, заклучно со 11 февруари 2026 година.
Банката дополнително информира дека тргувањето со овие обврзници на Македонската берза на 10 и 11 февруари 2026 година ќе се врши со пресметана акумулирана камата за 182, односно 183 дена. При порамнувањето, кое ќе се реализира на 12 и 13 февруари 2026 година, купувачот ќе има обврска да му го исплати на продавачот износот на чистата цена на обврзницата зголемена за пресметаната акумулирана камата.
Купувачите кои ќе ги стекнат обврзниците во наведениот период ќе бидат евидентирани како иматели во Централниот депозитар на 12 и 13 февруари 2026 година, соодветно, и поради тоа нема да остварат право на исплата на полугодишната камата која ќе биде исплатена на 12 февруари 2026 година.
Банки
Стопанска банка предупредува: Измамнички пораки за сообраќајни казни, не кликнувајте на сомнителни линкови!
Стопанска банка АД – Скопје информира дека дел од нејзините клиенти добиле сомнителни SMS, Viber и e-mail пораки со лажни известувања за наводна уплата на сообраќаен прекршок од МВР, поврзан со Safe City системот.
Пораките содржат линкови кои водат до лажни веб-страници со .gov екстензија, кои наликуваат на официјални државни портали, но имаат за цел измама и прибирање на податоци за платежни картички и лични информации. Според анализата, најчесто се насочени кон корисници на iOS уреди.
Банката ги повикува клиентите на зголемена внимателност: не отворајте линкови од непознати извори, не внесувајте податоци од картички и не споделувајте лични информации. Доколку добиете сомнителна порака, избришете ја веднаш и не преземајте никакви активности.



Банки
Комерцијална банка партнер на Црвениот крст – долгогодишна поддршка што создава подобра иднина за децата со попреченост
Комерцијална банка продолжува да гради одржливо партнерство со Црвениот крст на Република Македонија, со заедничка цел – поддршка на најранливите категории во општеството и создавање услови за поквалитетен живот на децата со попреченост и на нивните семејства.
Преку оваа долгогодишна соработка, Банката како Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на деца и млади со попреченост и психо-социјална поддршка на деца во згрижувачки семејства“, обезбедува финансиска поддршка за социјална интеграција на над 300 деца низ целата земја.

Со овој проект Комерцијална банка придонесува за повеќе детски насмевки, поттикнување самодоверба и чувство на припадност кај децата и младите со попреченост, како и за градење поинклузивно општество.
„Веруваме дека подобрата иднина започнува со грижата за најмладите и најранливите и дека вистинската вредност на успехот се мери преку позитивното влијание што го оставаме зад себе. Затоа остануваме посветени на иницијативи кои градат солидарност и создаваат општество во кое секое дете има можност за учење, развој и напредок“, велат од Комерцијална банка.
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 2 месециПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст



