Connect with us
no baners

Банки

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа Меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети

Објавено

на

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.

Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.

„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.

„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.

Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.

Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.

Банки

Каматната стапка останува 4%: Народна банка предупредува на ризик од поскапувања и можно затегнување на политиката

Објавено

на

Народна банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4 проценти, по редовната седница на Извршниот одбор посветена на монетарната политика.

Одлуката е донесена во услови на зголемена глобална неизвесност и потреба од дополнителни податоци за ефектите врз домашната економија. Во исто време, централната банка посочува дека постојните мерки, како задолжителната резерва и макропрудентните инструменти, остануваат насочени кон зачувување на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата. Сличен пристап задржа и Европската централна банка, која исто така не ги промени каматните стапки.

Глобалните ризици, особено поврзани со продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток, влијаат врз цените на енергенсите, кои и понатаму се на високо ниво. Ова, според Народна банка, создава дополнителен притисок врз инфлацијата и ја зголемува неизвесноста во наредниот период.

Во првиот квартал од 2026 година, инфлацијата забави на 3,7 проценти, но сепак останува нешто над очекувањата. Зголемените увозни цени и новите проекции за раст на цените на енергијата и храната упатуваат на ризик од понатамошно зголемување на инфлацијата. Доколку ваквите притисоци продолжат, централната банка најавува можност за идно зголемување на каматната стапка.

Девизните резерви на крајот на март изнесуваат над 5,2 милијарди евра и бележат раст во однос на крајот на минатата година, делумно поради задолжувањето на државата на меѓународниот пазар. Народна банка продолжува да интервенира на девизниот пазар за да обезбеди доволна ликвидност.

Домашната економија го задржа растот од 3,8 проценти во последниот квартал од 2025 година, додека податоците за почетокот на 2026 укажуваат на умерено забавување. Ризиците за економскиот раст се главно поврзани со надворешното окружување, додека реализацијата на инфраструктурните проекти останува клучен фактор за идната економска динамика.

Во банкарскиот сектор продолжува растот на депозитите и кредитите, со динамика над очекувањата за почетокот на годината.

Од Народна банка нагласуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат сите економски движења и се подготвени да реагираат со соодветни мерки со цел зачувување на стабилноста на денарот и ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со нова кампања за финансиска писменост кај децата

Објавено

на

Халкбанк ја промовира новата кампања „Прва финансиска лекција за деца“, насочена кон развој на финансиска писменост уште од најрана возраст. Преку брендот „Халки“, банката има за цел да ги поттикне децата да стекнат основни навики за штедење, планирање и одговорно управување со пари.

Кампањата се базира на пристап според кој првите финансиски знаења се клучни за формирање на идните навики. Од банката посочуваат дека учењето за пари не треба да започне со првите приходи, туку многу порано, преку практични примери и секојдневни ситуации.

„Нашата цел е да придонесеме за создавање генерации кои знаат да носат одговорни финансиски одлуки. Преку ‘Халки’ сакаме да им овозможиме на децата да направат први чекори кон финансиска самостојност, но и да ја разберат одговорноста што таа ја носи“, информираат од Халкбанк.

Платформата „Халки“ вклучува повеќе услуги наменети за деца и родители. Во нејзин состав е и платежна картичка за деца на возраст од 9 до 15 години, преку која тие можат да управуваат со свои средства, додека родителите имаат увид и контрола преку мобилното банкарство.

Покрај оваа иницијатива, Халкбанк реализира и други активности поврзани со финансиска едукација, меѓу кои и издавање на буквар за финансиска писменост, како и организација на едукативни работилници за деца.

Со новата кампања, банката ја продолжува својата практика на вложување во образованието и развојот на младите, со фокус на долгорочно градење на одговорни финансиски навики.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ предупредува на ризик од рецесија: конфликтот со Иран може да ја турне еврозоната во стагфлација

Објавено

на

Ризикот еврозоната да западне во рецесија поради продолжување на конфликтот на Блискиот Исток станува сè пореален. Членот на Управниот совет на Европска централна банка и гувернер на грчката централна банка, Јанис Стоурнарас, оцени дека стравувањата од економско забавување се „реални и оправдани“, особено ако војната со Иран продолжи да создава нарушувања во снабдувањето.

Тој посочи дека еврозоната досега покажала одредена отпорност, но дека растот очигледно забавува. Новиот енергетски шок, поттикнат од геополитичките тензии, доаѓа во момент кога економијата веќе е ослабена, што ја прави ситуацијата поранлива во споредба со претходните кризи.

Клучниот предизвик за ЕЦБ е комбинацијата од слаб економски раст и потенцијален нов раст на цените на енергенсите. Поради зависноста од увоз на енергија, секое поскапување на нафтата и гасот брзо се одразува врз трошоците на компаниите, куповната моќ на домаќинствата и инфлациските очекувања.

За разлика од 2022 година, кога инфлацијата следеше по силно постпандемиско закрепнување, сегашната економска состојба остава помал простор за реакција. Државите се соочуваат со зголемен јавен долг, а монетарната политика и понатаму е под влијание на претходната борба со инфлацијата.

Според Стоурнарас, засега нема значително прелевање на повисоките енергетски цени во вкупната инфлација. Но, доколку дојде до посериозни нарушувања во снабдувањето или оштетување на енергетската инфраструктура, инфлациските притисоци би можеле да се задржат и на среден рок. Воедно, неизвесноста може да ги одложи инвестициите и дополнително да го забави економскиот раст.

ЕЦБ разгледува три можни сценарија: ако шокот биде краткотраен, нема да има промена на политиката; ако инфлацијата привремено значително го надмине целното ниво од два отсто, можна е ограничена интервенција; а во најлошото сценарио, при долготрајни инфлациски отстапувања, би следела поагресивна реакција.

Овие проценки ја отсликуваат сложената позиција на централната банка, која мора да балансира помеѓу поддршката на економијата и контролата на инфлацијата. Развојот на настаните поврзани со Иран ќе има клучно влијание врз каматните стапки, инвестициите и економските перспективи на еврозоната.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange