Connect with us
no baners

Банки

Народната банка за годинава проектира економски раст од 2,1 проценти и инфлација од 8 до 9%

Објавено

на

Народната банка за оваа година проектира економски раст од 2,1 проценти, а просечна инфлација во интервал од 8 до 9 проценти.

По усвојувањето на најновиот квартален Извештај, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска денеска ги претстави макроекономските проекции на прес-конференција.

„Според последните проекции, макроекономската слика не е значително променета во споредба со претходните оцени. И понатаму се очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата, при оцени за исцрпување на надворешните шокови и позатегнати финансиски услови.

Во надворешниот сектор, притисоците врз дефицитот во тековната сметка се помали, поради пониските цени на примарните производи во моментов, но и очекувањата на меѓународните финансиски институции за нивно натамошно намалување за следниот период.

Девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона. Ризиците околу проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното окружување”, рече Ангеловска-Бежоска.

Во однос на економскиот раст, при незначителни промени во претпоставките за домашното и надворешното окружување и земајќи ги предвид најновите достапни информации околу најавените инфраструктурни проекти, проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1 проценти што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција.

За 2024 и 2025 година, како што посочи гувернерката, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6 отсто и 4 проценти, соодветно, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери.

Во поглед на структурата на растот во периодот 2023 ‒ 2024 година, од Народна банка очекуваат дека растот и во тековните проекции ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има мал негативен придонес.

„Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9 проценти во 2023 година.

Енергетската компонента во значителна мера би придонесла за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната.

На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3%, близу до историскиот просек.

Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација.

Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат”, образложи Ангеловска-Бежоска.

Таа дополни дека посилната надолна корекција на очекувањата за берзанските цени на енергијата и храната ги изменија проекциите, поточно сега се очекува значително понизок дефицит на тековната сметка во 2023 година, во споредба со октомвриската проекција, односно стеснување на дефицитот на 3,6 проценти од БДП во 2023 година.

„Во следниот период се очекува стабилизација на цените, што заедно со очекувањата за подобра глобална економија и закрепнувањето на најзначајните трговски партнери би придонесле за понатамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2% од БДП во 2024 година и 2,7 отсто од БДП во 2025 година.

Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви.

Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата.

Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс”, информира Ангеловска-Бежоска.

Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор, додаде, посочуваат на поумерен раст во однос на октомвриските проекции.

На крајот на 2023 година кредитниот раст би забавил сведувајќи се на 5,7 проценти на годишна основа, при што одреден придонес за ваквите движења имаат и донесените монетарни и макропрудентни мерки.

Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се предвидува забрзување на растот и на кредитната активност во наредниот период, при што кредитниот раст за периодот 2024 ‒ 2025 година би изнесувал 6,6% во просек.

Гледано од аспект на изворите на финансирање, се очекува дека кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, којшто би изнесувал 6,9% во 2023 година и 7,7 отсто во периодот од 2024 до 2025 година, во просек.

„Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и за стабилизирање на инфлацијата на среден рок”, заклучи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Банки

Старее населението во земјава: расте бројот на пензионери, здравствениот систем под притисок

Објавено

на

Македонија се соочува со сериозни демографски и здравствени предизвици, покажуваат најновите наоди на Државниот завод за ревизија, презентирани од главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Според податоците, се бележи континуиран пад на младото и работоспособното население, што резултира со состојба во која бројот на пензионери веќе го надминува бројот на вработени. Овој тренд отвора прашања за одржливоста на пензискиот систем и ја нагласува потребата од системски реформи, како и од развој на услуги за грижа и нега на постарата популација.

Ревизорите укажуваат и на сериозни слабости во здравствениот систем, особено во делот на раното откривање на малигни заболувања. Според извештајот, пациентите чекаат со месеци за резултати од испитувања, а во одредени случаи и до половина година.

Како особено проблематично се издвојува чекањето за мамографски прегледи, каде што од моментот на скрининг до реализација на прегледот поминуваат повеќе од 150 дена.

Од ДЗР потенцираат дека се неопходни итни мерки за подобрување на состојбите, вклучително и зголемување на бројот на медицински кадар, соодветно вреднување на нивниот труд и поефикасно користење на постојната медицинска опрема, дел од која во моментов не е целосно искористена.

Продолжи со читање

Банки

Трка за нов претседател на ЕЦБ: Кои се фаворити и што ќе одлучи

Објавено

на

Во европските финансиски кругови веќе започна трката за наследник на актуелната претседателка на Европската централна банка, Кристин Лагард, иако нејзиното повлекување сè уште не е официјално потврдено.

Се шпекулира дека Лагард би можела да ја преземе водечката позиција во Светски економски форум, што дополнително ги засили позиционирањата и лобирањата меѓу земјите од еврозоната.

Одлуката за новиот прв човек на Европската Централна Банка ќе ја донесат лидерите на 21 земја членка на еврозоната, во период кога се очекуваат и пошироки кадровски промени во институцијата, вклучително и на позициите главен економист и потпретседател.

Како главни кандидати се издвојуваат Клаас Нот, Пабло Ернандез де Кос и Хоаким Нагел. Нивните кандидатури не се само личен избор, туку одраз на пошироката борба за влијание меѓу државите членки.

Процесот е обележан со сложен баланс меѓу „големите“ и „малите“ економии, но и меѓу различните пристапи во монетарната политика – од построги мерки за контрола на инфлацијата до пофлексибилни политики за поттикнување раст.

Според неформалните правила, во раководството на ЕЦБ мора да има претставници од најголемите економии Германија, Франција, Италија и Шпанија, што дополнително го ограничува изборот. Франција веќе двапати ја имала водечката позиција, додека избор на германски кандидат би можел да отвори политички дилеми поради влијанието на Берлин во европските институции.

Во вакви околности, како најсериозни опции се посочуваат Клас Нот, кој има поддршка од северните земји, но важи за „јастреб“ во монетарната политика, и Пабло Ернандез де Кос, кој се смета за поумерен кандидат со силно меѓународно искуство.

Конечниот избор, сепак, нема да зависи само од биографиите, туку од политички договори и распределба на клучните функции, особено позицијата главен економист, која може да биде клучен инструмент за баланс меѓу земјите членки.

Иако процесот веќе е во тек, исходот останува неизвесен, бидејќи ваквите одлуки вообичаено се носат во последен момент, како резултат на комплексни политички компромиси што ќе го одредат идниот правец на монетарната политика во еврозоната.

Продолжи со читање

Банки

Избрани нови вицегувернери на Народна банка: Митреска со втор мандат, Величковски првпат на функцијата

Објавено

на

Собранието, по предлог на гувернерот на Народна банка Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери, со мандат од седум години.

Ана Митреска доби втор мандат на функцијата, откако првпат беше именувана во 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народна банка. Во својата кариера работела на макроекономски анализи, среднорочни проекции и истражувачка дејност, а учествувала и во комуникацијата со меѓународни финансиски институции и агенции за кредитен рејтинг. Авторка е на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

Игор Величковски, кој првпат е избран за вицегувернер, е долгогодишен професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од три децении работи во Народна банка. До изборот ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, каде беше вклучен во клучни реформи и модернизација на платната инфраструктура, како и во приклучувањето на земјава кон СЕПА во 2025 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange