Connect with us

Банки

Народна банка повторно ја намали каматната стапка на благајничките записи, моментално се наоѓа на нивото од 5,80%

Објавено

на

На 22 октомври 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со промената на каматната стапка на благајничките записи, при непроменети каматни стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена, се задржува внимателниот пристап кон водењето на монетарната политика. Ова се должи на контекстот којшто вклучува ризици поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во септември изнесува 2,6% (2,2% во август), при умерено забрзување на цените на храната, што е поврзано со поместената сезона на земјоделските производи поради неповолните временски услови и нивното негативно влијание врз приносите. Сепак, базичната инфлација бележи намалување во однос на претходниот месец и има стабилни движења на годишна основа, а цените кај енергетската компонента бележат натамошен пад. Со оглед на пониската споредбена основа од 2023 година (поради минатогодишните мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во годишната стапка на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе биде во рамките на априлскиот циклус проекции, односно 3,5%. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе шест месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на  берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со изгледите за економскиот раст.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември изнесува 4.406,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули и август 2024 година засега е подобар во споредба со очекувањата за третиот квартал од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на септември се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во октомври по третпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.

Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и изнесува 2,3%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Исто така, и растот остварен во првата половина од годината од 1,8% е блиску до нашата проекција од 1,9%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов упатуваат на натамошно забрзување на економскиот раст. Засега, податоците за јули и август, во просек, покажуваат раст на индустриското производство, наспроти падот во претходниот квартал, а умерено забрзување на реалниот годишен раст се забележува кај прометот во вкупната трговија. Поволни поместувања се забележуваат и во градежниот сектор и угостителството, заклучно со расположливите податоци за јули. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, остварувањата во третиот квартал главно се во согласност со проекциите. Имено, депозитниот потенцијал на банките и натаму е солиден, со динамика на раст близу до очекувањата, а растот на кредитната активност сѐ уште е малку над проектираниот.

Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека создадоа можност за натамошно намалување на каматната стапка на благајничките записи. И натаму треба да се следат ризиците поврзани со надворешното окружување, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Народната банка доделува 60.000 денари за најкреативно видео – пријавувањето трае до 31 октомври

Објавено

на

Граѓаните имаат можност да ја покажат својата креативност и да освојат парична награда од 60.000 денари преку конкурсот што го организира Народната банка по повод 80 години централно банкарство во земјава.

Конкурсот се одржува под мотото „Што значи за мене Народната банка?“, со хаштагот #МојатаНБ, а целта е граѓаните, особено младите, на оригинален и креативен начин да го претстават значењето на централната банка и нејзината улога во секојдневниот живот.

За најдоброто видео е предвидена награда од 60.000 денари, при што персоналниот данок на доход ќе биде покриен од Народната банка.

Учесниците имаат слобода сами да го изберат начинот на кој ќе ја претстават својата идеја. Видеото може да биде во форма на анимација, интервју, скеч, документарен запис или друг креативен формат наменет за социјалните мрежи.

Темите што можат да се обработуваат се поврзани со стабилноста на денарот, движењето на цените, девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, безбедноста на плаќањата, девизните резерви и значењето на економските податоци за граѓаните.

Кој може да учествува?

Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Северна Македонија, освен членовите на Советот на Народната банка, вработените во институцијата и членовите на нивните семејства.

Секој кандидат може да испрати најмногу пет видеоматеријали. Видеата мора да бидат оригинални авторски дела, со времетраење до три минути, изработени на македонски или албански јазик. Организаторот препорачува и користење титлови на еден од двата јазика.

Како се аплицира?

За учество, потребно е видеото да се објави на личен профил на Фејсбук или Инстаграм, најдоцна до 31 октомври 2026 година.

Објавата задолжително треба да го содржи хаштагот #МојатаНБ, како и означување на официјалниот профил на Народната банка – @narodnatabanka на Фејсбук или @narodnabanka.mkd на Инстаграм.

Видеото мора да биде јавно достапно за времетраењето на конкурсот.

Од Народната банка ги повикуваат граѓаните да ја искористат можноста преку сопствена идеја и креативен пристап да придонесат во одбележувањето на значајниот јубилеј – осум децении централно банкарство.

Деталните услови за учество се објавени на официјалната веб-страница на Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со Halk Smart пакет: Повеќе банкарски услуги за само 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на клиентите им овозможува користење повеќе банкарски услуги за месечен надоместок од 150 денари. Пакетот обединува услуги за секојдневно управување со личните финансии, дигитално банкарство, бесплатни повлекувања готовина од банкомати и дополнителна помош во домот.

Со Halk Smart пакетот, клиентите добиваат одржување на платежна сметка, дебитна платежна картичка, како и пристап до електронско и мобилно банкарство. Во месечниот надоместок се вклучени и СМС известувања, со што се овозможува полесно следење на банкарските трансакции.

Една од позначајните поволности на пакетот е можноста за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во Македонија, што им овозможува на корисниците поголема флексибилност при користењето на сопствените средства.

Дополнително, Halk Smart овозможува неограничен број електронски платни налози ПП30 и ПП50, вклучувајќи интерни трансакции и плаќања преку КИБС, без дополнителен надоместок во рамките на пакетот.

Покрај стандардните банкарски услуги, пакетот вклучува и ORYX Home Assistance, услуга што обезбедува 24-часовна помош, седум дена во неделата, во случај на штети и дефекти во домот.

Со оваа дополнителна услуга, Халкбанк ја проширува понудата надвор од класичното банкарство, комбинирајќи финансиски услуги со практична поддршка за секојдневните потреби на клиентите.

Halk Smart е наменет за корисници кои сакаат повеќе банкарски услуги обединети во еден пакет со однапред утврден месечен трошок, без потреба од поединечно плаќање за услугите што се вклучени во него.

За месечен надоместок од 150 денари, односно 1.800 денари на годишно ниво, клиентите добиваат пристап до повеќе услуги кои можат да го олеснат управувањето со личните финансии и секојдневните банкарски активности.

Повеќе информации за условите, поволностите и начинот на аплицирање за Halk Smart пакетот се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

Предвремена отплата на кредит во Македонија: Кога банката смее да наплати провизија, а кога не?

Објавено

на

Граѓаните во Македонија кои сакаат предвреме да го отплатат кредитот можат да заштедат на камати и да ги намалат вкупните трошоци за задолжување. Сепак, пред да се одлучат на ваков чекор, важно е да проверат дали банката има право да им наплати дополнителен надоместок. Македонското законодавство предвидува ограничувања за одредени категории потрошувачки кредити, но правилата не се исти за сите видови задолжувања.

Предвремената отплата подразбира делумно или целосно враќање на кредитот пред истекот на договорениот рок. На овој начин кредитокорисникот може да ги намали идните каматни трошоци, да го скрати периодот на задолжување или да го намали износот на месечната рата.

Во Македонија, ова прашање е регулирано со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, додека за станбените и хипотекарните кредити важат поинакви правила и договорни услови.

Колкава провизија може да наплати банката?

Според член 16 од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, потрошувачот има право во секое време целосно или делумно да ги исполни своите обврски од кредитот.

Во случај на предвремена отплата, кредитокорисникот има право на намалување на вкупните трошоци на кредитот, односно на каматите и другите трошоци што се однесуваат на преостанатиот период од договорот.

Сепак, кредиторот во одредени случаи има право на надоместок за оправданите трошоци директно поврзани со предвремената отплата.

Законските ограничувања за потрошувачките кредити опфатени со оваа регулатива предвидуваат:

  • Најмногу 1 отсто од износот што се отплаќа предвреме, доколку до истекот на договорот остануваат повеќе од 12 месеци.
  • Најмногу 0,5 отсто од предвреме отплатениот износ, доколку до истекот на договорот остануваат 12 месеци или помалку.

Притоа, надоместокот не смее да биде поголем од износот на каматата што корисникот би ја платил од денот на предвремената отплата до договорениот крај на кредитот.

На пример, ако граѓанин предвреме отплати 300.000 денари од потрошувачки кредит, а до истекот на договорот остануваат повеќе од една година, максималниот надоместок според законското процентуално ограничување би изнесувал 3.000 денари. Доколку останува една година или помалку, максималниот износ би бил 1.500 денари.

Овие износи се само примери за законските горни граници, а не задолжителни провизии што секоја банка ги наплатува.

Кога банката нема право на надоместок?

Кај потрошувачките кредити опфатени со законот, кредиторот нема право да наплати надоместок за предвремена отплата кога таа се врши во период во кој не е договорена фиксна каматна стапка, односно кога се применува променлива каматна стапка.

Надоместок не се наплатува ниту кога отплатата се врши врз основа на договор за осигурување склучен како обезбедување на кредитот, како и во законски предвидените случаи на дозволено пречекорување.

Тоа значи дека правото на наплата не е автоматско и зависи од видот на кредитот, каматната стапка и условите утврдени со закон и договор.

Што важи за станбените и хипотекарните кредити?

Кај станбените и кредитите обезбедени со хипотека, ситуацијата е поинаква.

Овие кредити се исклучени од опфатот на наведените одредби на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Затоа, ограничувањата од 1 и 0,5 отсто не можат автоматски да се применуваат на секој станбен или хипотекарен кредит.

Во пракса, банките во Македонија имаат различни услови за предвремена отплата. Кај одредени кредитни производи се предвидува отплата без провизија, особено кога се користат сопствени средства, додека кај други може да има договорен надоместок.

Затоа, пред затворање на станбен или хипотекарен кредит, особено е важно граѓаните внимателно да ги проверат договорот и важечкиот тарифник на банката.

Пред уплатата побарајте детална пресметка

Пред да се изврши предвремена отплата, препорачливо е кредитокорисникот да поднесе барање до банката и да побара писмена пресметка на вкупниот износ што треба да го уплати.

Пресметката треба јасно да ја прикаже преостанатата главница, каматата пресметана до денот на отплатата и евентуалните дополнителни надоместоци.

Особено е важно да се провери дали уплатата ќе биде евидентирана како предвремено намалување на главницата или како авансно плаќање на идните рати.

Кај делумната предвремена отплата, потребно е да се утврди и дали ќе се намали месечната рата, дали ќе се скрати рокот на кредитот или ќе се примени друга договорена можност.

По затворањето на кредитот побарајте потврда

По целосната отплата, граѓаните треба да побараат писмена потврда дека сите обврски кон банката се подмирени.

Овој документ е важен доказ дека кредитот е затворен и дека не постојат преостанати задолжувања.

Кај кредитите обезбедени со хипотека, потребно е да се провери и постапката за бришење на заложното право од евиденцијата во Катастарот, како и евентуалните трошоци поврзани со таа постапка.

Предвремената отплата може да донесе значителна финансиска заштеда, но не е секогаш најисплатлива без претходна пресметка. Граѓаните треба да ја споредат заштедата од идните камати со евентуалните провизии и други трошоци, за да утврдат дали предвременото затворање на кредитот навистина е поволно решение.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange