Банки
[Конференција INFINTECH 2025]: Место каде се спојуваат иновации, лидери и иднината на финансиите
Дводневната регионална конференција Infintech 2025, која ги обединува водечките експерти од банкарскиот, технолошкиот и телекомуникацискиот сектор, се одржува денес и утре во Тиват.
Дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и новите трендови во финансиските услуги се темите за кои ќе се зборува во текот на девет панели. Директорот на црногорската ИТ компанија Логате, Ивица Татар, кој е организатор на конференцијата, рече дека Infintech произлезе од доверба кон луѓето и дека за кратко време успеа да се позиционира меѓу настаните кои ги поместуваат границите на информираноста.
„И оваа година со нас се препознатливите луѓе: иноватори, експерти и лидери од нашата земја, регионот и странство. Нивното присуство е показател дека Infintech е место на кое се среќаваат големите. Среќен сум што сега сите знаат, и дека повеќе не мораме никому да објаснуваме што е Infintech и кој е Логате. Ќе продолжиме напорно да работиме, да ги слушаме вашите сугестии и да доведуваме луѓе од кои сакате да слушнете и да научите нешто ново“, порача Татар.
Визијата за економија која се базира на иновации, знаење и одржлив раст е идеја која Infintech ја споделува и со Стопанската комора на Црна Гора.
„Дигиталната трансформација не е веќе прашање на избор, туку прашање на опстанок и конкурентност. Таа го менува начинот на кој работиме, управуваме со капиталот, комуницираме со пазарот и градиме односи на доверба со клиентите“, рече претседателката на Столанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, во воведното обраќање.

Таа додаде дека дигиталната трансформација не е само прашање на технологија, туку и на култура, лидерство и спремност за промени. „Финтек секторот, чијашто анализа на трендови и правци се разгледува во текот на конференцијата, има огромен потенцијал за црногорската економија. Дигиталните иновации ги намалуваат трошоците, забрзуваат процесите, ја зголемуваат транспарентноста и овозможуваат пристап до пазари кои досега беа недостапни. Во тоа е нивната вистинска сила – тие ја демократизираат економијата, правејќи ја достапна и правична“, истакна Дракиќ.
Црна Гора неодамна се приклучи на SEPA, што за финтек компаниите отвора поголеми можности и директен пристап до европската платна инфраструктура на која може да се градат нови сервиси.
Вицегувернерката на Централната банка на Црна Гора, Зорица Калезиќ, ги претстави стратешките планови во кои финтек ќе игра важна улога.
„Централната банка на Црна Гора сака до крајот на 2026 година граѓаните да имаат искуство на плаќање еднакво како во Европската унија. Од 20 октомври, нашите DNS и RTGS системи ќе работат и за време на викенди и државни празници, што значи дополнителни 118 дена за обработка на плаќањата“, најави Калезиќ.

Конференцијата собира бројни регионални и меѓународни експерти кои во текот на два дена размменуваат искуства за дигитално вклучување на клиентите, сајбер безбедност, моментални плаќања и AI решенија во банкарството и продажбата.
Првиот ден на конференцијата е посветен на лидерство и дигитална трансформација, додека вториот ден ќе донесе дискусии за иднината на банкарството, вградени финансии и финтек иновации во регионот.
Под слоганот „Where decision makers connect“, Infintech 2025 во ја потврдува позицијата на Црна Гора како растечки центар за дијалог за иновации, технологија и финансии на иднината.
Банки
Старее населението во земјава: расте бројот на пензионери, здравствениот систем под притисок
Македонија се соочува со сериозни демографски и здравствени предизвици, покажуваат најновите наоди на Државниот завод за ревизија, презентирани од главниот државен ревизор Максим Ацевски.
Според податоците, се бележи континуиран пад на младото и работоспособното население, што резултира со состојба во која бројот на пензионери веќе го надминува бројот на вработени. Овој тренд отвора прашања за одржливоста на пензискиот систем и ја нагласува потребата од системски реформи, како и од развој на услуги за грижа и нега на постарата популација.
Ревизорите укажуваат и на сериозни слабости во здравствениот систем, особено во делот на раното откривање на малигни заболувања. Според извештајот, пациентите чекаат со месеци за резултати од испитувања, а во одредени случаи и до половина година.
Како особено проблематично се издвојува чекањето за мамографски прегледи, каде што од моментот на скрининг до реализација на прегледот поминуваат повеќе од 150 дена.
Од ДЗР потенцираат дека се неопходни итни мерки за подобрување на состојбите, вклучително и зголемување на бројот на медицински кадар, соодветно вреднување на нивниот труд и поефикасно користење на постојната медицинска опрема, дел од која во моментов не е целосно искористена.
Банки
Трка за нов претседател на ЕЦБ: Кои се фаворити и што ќе одлучи
Во европските финансиски кругови веќе започна трката за наследник на актуелната претседателка на Европската централна банка, Кристин Лагард, иако нејзиното повлекување сè уште не е официјално потврдено.
Се шпекулира дека Лагард би можела да ја преземе водечката позиција во Светски економски форум, што дополнително ги засили позиционирањата и лобирањата меѓу земјите од еврозоната.
Одлуката за новиот прв човек на Европската Централна Банка ќе ја донесат лидерите на 21 земја членка на еврозоната, во период кога се очекуваат и пошироки кадровски промени во институцијата, вклучително и на позициите главен економист и потпретседател.
Како главни кандидати се издвојуваат Клаас Нот, Пабло Ернандез де Кос и Хоаким Нагел. Нивните кандидатури не се само личен избор, туку одраз на пошироката борба за влијание меѓу државите членки.
Процесот е обележан со сложен баланс меѓу „големите“ и „малите“ економии, но и меѓу различните пристапи во монетарната политика – од построги мерки за контрола на инфлацијата до пофлексибилни политики за поттикнување раст.
Според неформалните правила, во раководството на ЕЦБ мора да има претставници од најголемите економии Германија, Франција, Италија и Шпанија, што дополнително го ограничува изборот. Франција веќе двапати ја имала водечката позиција, додека избор на германски кандидат би можел да отвори политички дилеми поради влијанието на Берлин во европските институции.
Во вакви околности, како најсериозни опции се посочуваат Клас Нот, кој има поддршка од северните земји, но важи за „јастреб“ во монетарната политика, и Пабло Ернандез де Кос, кој се смета за поумерен кандидат со силно меѓународно искуство.
Конечниот избор, сепак, нема да зависи само од биографиите, туку од политички договори и распределба на клучните функции, особено позицијата главен економист, која може да биде клучен инструмент за баланс меѓу земјите членки.
Иако процесот веќе е во тек, исходот останува неизвесен, бидејќи ваквите одлуки вообичаено се носат во последен момент, како резултат на комплексни политички компромиси што ќе го одредат идниот правец на монетарната политика во еврозоната.
Банки
Избрани нови вицегувернери на Народна банка: Митреска со втор мандат, Величковски првпат на функцијата
Собранието, по предлог на гувернерот на Народна банка Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери, со мандат од седум години.
Ана Митреска доби втор мандат на функцијата, откако првпат беше именувана во 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народна банка. Во својата кариера работела на макроекономски анализи, среднорочни проекции и истражувачка дејност, а учествувала и во комуникацијата со меѓународни финансиски институции и агенции за кредитен рејтинг. Авторка е на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.
Игор Величковски, кој првпат е избран за вицегувернер, е долгогодишен професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од три децении работи во Народна банка. До изборот ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, каде беше вклучен во клучни реформи и модернизација на платната инфраструктура, како и во приклучувањето на земјава кон СЕПА во 2025 година.
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 1 месецПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Бизниспред 2 месециМакедонија добива уролог обучен за роботска хирургија на глобална програма
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Митровски: Експлозија на побарувачка за станови од 35 до 60 м² во Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје


