Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2024 година | Управен Одбор, СТОПАНСКА БАНКА АД – СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2024 година, се обраќаме до банките во Република Северна Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје кој го сочинуваат: Диомидис Николетопулос, Тони Стојановски, Милица Чапаровска – Јовановска и Бојан Стојановски.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2023 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Стопанска банка АД – Скопје: За целиот свет и за сите нас, 2023 година меѓу другото беше уште една година на значајни предизвици: геополитички ризици, висока инфлација, зголемени каматни стапки, забавување на економскиот раст итн. Неколку години по ред, повеќе кризи кои се надоврзаа една по друга, па бевме соочени со предизивкот за брзо прилагодување во многу комплексно и променливо макроекономско опкружување. Но, и покрај сето ова, Стопанска банка, како и сите претходни години, испорача значајни перформанси, постигнувајќи рекордна профитабилност.

Забележуваме раст на кредитирањето од 7.1% а во паралела и раст на депозитите од 6.4% притоа одржувајќи висока стабилност на портфолио
Покрај импресивната финансиската метрика, во годината што измина успешно реализиравме значајни проекти кои придонесоа за севкупните резултати и ја зголемија ефикасноста на нашето работење, но реализиравме и проекти од големо значење за пошироката заедница со кои само го потврдуваме високиот имиџот на Банката.
Нашите резултати произлегуваат од веќе докажаните стратегија и бизнис модел на Банката (динамичко присуство во сите сегменти на работење, организационата поставеност со клиентите во центарот на вниманието, прудентно управување со ризиците и трошоците и тн). Затоа, продолжуваме да капитализираме на фактот дека тимскиот дух и високата професионалност помагаат во надминување на сите предизвици и се солидна основа за континуирани остварувања.

Банкарство:  Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година.

Стопанска банка АД – Скопје: Согласно сите очекувања, 2024 година треба да биде година во која ќе видиме стабилизирање на инфлаторните притисоци на глобално ниво и во нашата економија. Тоа ќе ја намали или целосно ќе ја отстрани потребата на централните банки да продолжат со затегнувањето на монетарната политика и зголемувањето на референтните каматни стапки. Врз основа на тоа треба да се очекува да запре растот и на пазарните каматни стапки, иако сè уште присутните ризици и неизвесности, како глобално така и на локално ниво, наметнуваат претпазливост во однос на предвидувањата за нивно надолно придвижување. Секако, до одредено ниво, без да се имаат предвид останати фактори, сето ова треба да има позитивно влијание на интересот за нови инвестиции и по тој основ зголемена побарувачка за кредити од бизнис секторот споредено со многу ниското ниво на побарувачка со кое се соочивме во текот на 2023 година.

Банкарство: Колку домашните банки се дигитализирани и дали заостануваат во овој процес во однос на банките од Регионот/Европа? Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2024 година во Македонија?

Стопанска банка АД – Скопје: Понудата на банкарските производи и услуги ги следи движењата на пазарот и неговите реални потреби. Може да се каже дека банкарскиот сектор е еден од подинамичните на пазарот, со постојани новитети и подобрувања. Генерално, тоа што се очекува од банките во нивната севкупна понуда е пред се: сигурност, доверливост и стабилност. Ова значи дека процесот на воведување на нови решенија е значително подолг и покомплексен за нас и секако мора да биде соодветен на нивото на развој на сите комплементарни сегменти.

Стремежот на земјата кон ЕУ значи дека во паралела (ќе) се одвиваат многу од процесите кај нас и ќе гледаме забрзани движења во сите сектори, не само банкарскиот. Како членка на НБГ групацијата, во изминативе неколку години бевме сведоци на успешното заокружување на планираниот процес на трансформација и дигитализација на НБГ Грција, која, денес, во тој дел е една од водечките во ЕУ.

Банкарство: Наведете еден новитет што Стопанска Банка АД – Скопје ќе го имплементира во 2024 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Стопанска банка АД – Скопје: 2024 е година во која Стопанска банка прославува 80 години од основањето па годината ќе биде исполнета со бројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и за пошироката заедница.

Она што можеме да го кажеме е дека интензивно работиме на интерните процеси за да понудиме на пазарот уште побрза, полесна и секако посовремена финансиска понуда а нашите филијали се повеќе ги ориентираме кон советодавната услуга во изнаоѓање на решенија соодветни на потребите на клиентите. Веќе интензивно се гради и нашата нова управна зграда, работиме и на нови дигитални решенија за правните и физичките лица, фокусирани сме на наградување на нашите лојални клиенти и секако вложуваме во развојот на нашите вработени, унапредување на работните услови и на тимскиот дух. Продолжуваме да ги надградуваме и проектите кои во фокусот ја имаат животната средина, инклузијата и создавањето на подобар свет за сите.

Интервјуа

Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?

Објавено

на

Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?

На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.

Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.

Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.

Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.

Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?

Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.

Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.

Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток

Објавено

на

Разговараме со Нина Ангеловска Станков по повод издавањето на нејзината прва книга „Ништо случајно“, во која се навраќа на професионалните и животните лекции што ги стекнала низ годините.

На прашањето дали денес би променила нешто во одлуките што ги носела, Ангеловска вели дека не се кае за ниту еден чекор.

„Од денешен аспект, за ништо не се каам. Секако дека некои работи сум можела да ги направам подобро, бидејќи верувам дека во животот секогаш можеме да направиме нешто подобро“, вели таа.

Според неа, најважно е чувството дека во секој момент го дала својот максимум.

„Главното чувство кое го имав и тогаш, а и сега додека ја пишував книгата, е дека сум го дала мојот апсолутен максимум во секоја дадена околност“, посочува Ангеловска.

Зборувајќи за периодот кога ја извршуваше функцијата министерка, таа признава дека искуството од приватниот сектор не секогаш било лесно применливо во политиката.

„Мислам дека во некои ситуации можев да бидам уште подипломатична на почетокот и потрпелива. Доаѓав од приватен сектор каде што работите се одвиваат многу побрзо и каде што, ако има аргументи, разговорот завршува и започнува реализацијата“, објаснува таа.

Но, политиката функционира по поинакви правила.

„Во политиката аргументот е само почетокот на разговорот“, вели Ангеловска.

Таа открива и една порака што ја добила кога стапила на функцијата министерка, а која останала како една од најважните животни лекции.

„Еден пријател ми напиша: ‘Пливај како делфин во морето на ајкули’. Мислам дека тоа е една од лекциите што ги научив“, заклучува Ангеловска во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight на Банкарство.мк разговараме со Нина Ангеловска Станков – претприемач, поранешен министер за финансии и автор на книгата „Ништо случајно“.

Од основање сопствен бизнис на само 22 години, преку влезот на Forbes листата на најуспешни млади лидери под 30 години, па сè до позицијата министер за финансии на 31 година, Ангеловска зад себе има динамична и инспиративна кариера која привлекува внимание во јавноста и бизнис заедницата.

Во интервјуто, таа зборува за инспирацијата зад нејзината прва книга „Ништо случајно“ и објаснува како е одбран насловот кој ја отсликува нејзината животна филозофија. Книгата е структурирана во пет дела, преку кои авторката споделува лични и професионални искуства, како и лекции кои ги смета за клучни во својот развој.

Ангеловска истакнува дека многу од настаните во животот, кои во моментот изгледаат како случајност, со тек на време добиваат значење и контекст, станувајќи важни лекции.

Во разговорот се осврнуваме и на нејзините почетоци, воспитувањето и навиката да не се откажува, како и на влијанието од студиите по е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје, кои ја насочиле кон светот на онлајн тргувањето и дигиталната економија.

Посебен дел од интервјуто е посветен на нејзиното искуство во Кина, како и на балансот меѓу професионалниот и приватниот живот, каде таа споделува лични моменти од семејството и улогата на мајка.

На крајот од разговорот, зборуваме и за претстојната 9-та конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември во Македонската опера и балет, еден од најзначајните настани за дигиталната и е-трговија заедница во регионот.

Интервјуто со Нина Ангеловска носи силна порака: во животот ништо не е случајно – секое искуство е дел од поголема слика која се гради со време, работа и истрајност.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange