Connect with us
no baners

Интервјуа

Интервју | ЕЛЕНА ПЕТРОВА: УЈП мора да биде сервис кој граѓаните и фирмите ќе го доживуваат како партнер, а не како товар

Објавено

на

Со речиси три децении искуство во системот на УЈП, Елена Петрова го презеде челното место во институцијата во момент кога дигитализацијата и транспарентноста се императив, а довербата на граѓаните во јавните институции – предизвик. Во првото ексклузивно интервју за Банкарство.мк, Петрова зборува за визијата за „нов лик” на УЈП, промените кои ќе следат и нејзиниот пристап во водењето на еден од најкритичните финансиски системи во земјата.

Банкарство: Го презедовте раководењето на УЈП во време на силни очекувања за реформи. Кои се првите чекори што ги преземавте за да го поставите новиот курс на институцијата?

Елена Петрова: Мојот мандат како Директор на Управата за јавни приходи започна пред десет месеци и стопанството и јавноста од самиот почеток очекуваат суштински реформи. Тоа го препознав како обврска и можност да поставиме јасен, долгорочен курс на трансформација во модерна и ефикасна администрација.

Првиот клучен чекор беше формулирање на визијата преку два стратешки документи:

  • Стратешкиот план „Напред – во чекор со предизвиците и реалните можности“ и
  • Реформската програма „Транзиција во дигиталниот свет“.

Овие документи не се само декларативни насоки, тие содржат структурирани програми и проекти. Клучниот фокус е на дигитализацијата, подобро управување со ризици, унапредување на корисничките услуги и градење доверба.

Но, визијата сама по себе не е доволна без капацитет за нејзина реализација. Затоа воспоставивме нов модел на управување преку функционални управувачки комитети и систематски пристап кон институционалните и даночните ризици. Отворивме комуникација со засегнатите страни за транспарентна промоција, намалување на отпорот и градење поддршка за реформите.

Посветена сум на оваа визија и верувам во водство преку личен пример. Моја задача е да обезбедам предуслови за спроведување на промените со видливи резултати. Нашата крајна цел е да создадеме промени со трајна вредност за даночните обврзници, државниот буџет и поширокото општество.

Банкарство: Најавивте трансформација и создавање „нов лик” на УЈП. Како практично ќе изгледа тоа за граѓаните и бизнисите – што ќе биде поинаку во нивната секојдневна комуникација со УЈП?

Елена Петрова: Точно, најавив создавање модерен лик на УЈП, што значи суштинска промена во пристапот, од администрација која „бара“, кон администрација која „соработува“. Целта е да изградиме правично, транспарентно и кооперативно опкружување кое за даночните обврзници и службениците. Со новиот пристап, очекуваме граѓаните и фирмите навремено и правилно да ги исполнуваат даночните обврски, чувствувајќи дека системот работи за нив и им обезбедува сигурност и поддршка.

Веќе спроведовме неколку суштински чекори:

  • Формиравме Совет за даночна усогласеност – прва платформа за институционализиран дијалог меѓу УЈП и бизнис заедницата, форум за отворена дискусија за прашања, толкувања и препораки за подобрување на практиките;
  • Воведовме механизам за независна проверка на приговорите по инспекциски контроли, со што обезбедуваме унифицираност, фер и усогласено постапување;
  • Во очекување на покрупните дигитални реформи, воведуваме „брзи победи“ преку конкретни подобрувања во корисничките услуги што веднаш носат резултати.

Централна компонента во новиот деловен модел на УЈП е дигиталната трансформација, преку интегриран даночен еко-систем со деловните субјекти, другите државни органи и банките, за автоматизирано прибирање податоци во реално време, директно од изворот. Практично, ова ќе значи:

  • Комуникација со даночните обврзници преку повеќе дигитални канали (веб, мобилни апликации, клиентски софтвери, контакт-центри);
  • Услуги по стандардот „бесхартиено, бесконтактно и секогаш достапно”;
  • Едноставни постапки за поднесување, усогласување и плаќање со помал трошок и помал ризик од грешки.

Конечната цел е модерен систем кој ќе обезбеди предвидливост и доследност, со помал административен товар и отворена комуникација.

Банкарство: Дигитализацијата е еден од столбовите на Вашата стратегија. Може ли да ни откриете какви нови дигитали алатки или услуги се подготвуваат за 2025 година?

Елена Петрова: Една од најновите услуги, достапна од пред три месеци, е „Електронското уверение за состојба на остварен доход“, преку системот е-Даночни услуги. Станува збор за целосно дигитална, автоматизирана и бесконтактна услуга, достапна 24/7, без потреба од физичко присуство. Уверението ги исполнува сите
стандарди за електронски документ и се користи во низа постапки – од аплицирање за стипендии до остварување права од социјална заштита. Во 2025 планираме целосна дигитализација на сите уверенија и потврди што ги издава УЈП.

Клучен проект за 2025 е воведувањето на е-Фактура – централизирана платформа за размена и обработка на електронски фактури. Системот ќе користи дигитални сертификати и ќе поддржува три канали: веб апликација, клиентски софтвер и систем-до-систем интеграција за поголеми субјекти.

Фактурите ќе бидат стандардизирани дигитални документи, со фолио број и QR код и ќе се доставуваат во електронско сандаче на купувачот, со можност за протест пред да станат прифатени. Дополнително, во системот ќе има можност за поднесување поврзани документи (испратници и сл.) што ќе го комплетира електронското досие на трансакцијата.

Придобивките за деловната заедница се повеќекратни: елиминирање на хартиена документација, намален административен товар и трошоци, можност за автоматизирано книжење преку вградените податоци во QR кодот, за автоматско полнење на ДДВ пријави и идно поврзување со банкарски системи за побрзи плаќања.

Проектот е-Фактура поставува темел за нова ера во дигиталната фискализација,
со значителен потенцијал за интеграција со финансискиот и банкарскиот сектор, а
со тоа и за подобрување на ликвидноста, предвидливоста и фискалната
транспарентност во целата економија.

Банкарство: Даночната култура кај нас сеуште се соочува со предизвици. Како планирате да го подобрите доброволното исполнување на обврските и довербата во системот?

Елена Петрова: Подобрувањето на даночната култура и доброволното исполнување на обврските е сложен процес што зависи од повеќе општествени, економски и институционални фактори, од пошироката слика за јавната доверба, перцепцијата за правичност и ефективноста на институциите. Иако УЈП не е единствениот чинител, имаме клучна улога во овој процес.

Во нашата оперативна стратегија, вклучуваме превентивни, меки и репресивни мерки. Главниот фокус е на превенцијата, да им помогнеме на обврзниците точно, навремено и самостојно да ги исполнат своите обврски, наместо ние да интервенираме ретроактивно и ex post преку контроли.

Во таа насока, УЈП обезбедува:

  • јасни информации преку е-бази на знаење, брошури, контакт центар, веб и социјални медиуми
  • обуки и директна комуникација
  • потсетници за рокови и обврски.

Со новиот стратешки план, работиме на унапредување на овие услуги. Во тек е подготовка на спецификација за модерен Help Desk систем, како дел од пошироката дигитална трансформација.

Сепак, даночната евазија е присутна во сите системи и мора да се третира соодветно. Инвестираме во паметно таргетирани контроли, работиме на подобрување на анализата на ризик и вкрстени податоци од повеќе извори. Во стратешките документи е предвидено и централизирано складиште на податоци, напредни аналитички алатки и автоматизирано управување со предмети, што ќе овозможи автоматизирана, поефикасна и побрза реакција.

Најважно, граѓаните мора да видат дека УЈП дејствува објективно, неселективно и праведно, дека секој кој избегнува обврски се соочува со последици, а чесните обврзници се вреднувани и поддржани. Само така ќе изградиме доверба и ќе поттикнеме траен даночен морал.

Банкарство: Со оглед на Вашето искуство со големите даночни обврзници, како гледате на соработката со финансискиот сектор и кои реформи би помогнале за подобра фискална дисциплина?

Елена Петрова: Големите даночни обврзници се клучни за стабилноста на даночните приходи. Тие вообичаено имаат корпоративна стратегија со високи стандарди на општествена одговорност и усогласеност, но поради обемот и комплексноста на нивните трансакции, носат и повисок материјален ризик. Дури и ненамерна неусогласеност може да има значајно влијание врз даночните приходи.

Затоа, како и другите даночни администрации, и УЈП за големите даночни обврзници применува посебен пристап – издвоено администрирање со персонализиран фокус и комуникација. Уште во 2006 година ја основавме Дирекцијата за големи даночни обврзници, со цел унапредување на ефективноста и партнерскиот однос. Имав привилегија да ја водам оваа дирекција од основањето до 2013 година.

Во рамки на тековните реформи, воспоставуваме нов модел на соработка со големите даночни обврзници – „Хоризонтален мониторинг – Ваш даночник“. Овој современ концепт овозможува тековна, транспарентна и доверлива комуникација меѓу УЈП и обврзникот. За секој голем обврзник се назначува индивидуален даночен службеник, кој ќе биде достапен за навремено разјаснување на прашања, со што се создава простор за континуирано усогласување на сложените прашања преку доверлива и транспарентна комуникација и се минимизира можноста за доцно идентификување на евентуални грешки кои за двете страни може да имаат неповолни последици.

Веруваме дека овој пристап носи бројни придобивки: предвидливост, сигурност, фискална транспарентност, намалување на ризиците и унапредена доверба, што е особено важно за стабилен деловен амбиент.

Банкарство: Кои се трите главни пораки кои сакате да ги испратите до граѓаните и деловната заедница како нова директорка на УЈП?

Елена Петрова: Како директорка на УЈП, би сакала да испратам јасни пораки до граѓаните и деловната заедница.

Прво, се залагам за фер, транспарентен и предвидлив систем каде што правилата важат еднакво за сите, без селективност, без притисоци и без толеранција кон евазија. Довербата и дијалогот ни се прв избор.

Второ, дигитализацијата и паметната анализа на податоци се патот кон поголема ефикасност и правичност. Со тоа ќе ја подобриме наплатата, ќе ги детектираме ризиците навремено и ќе осигуриме дека секој плаќа според принципот „точен данок во точно време”.

Трето, довербата е двонасочна. Од УЈП очекувате фер, неселективен и професионален пристап и тоа е обврска што јас лично ја гарантирам. Но системот функционира само ако сите придонесуваат. Плаќањето даноци не е само законска, туку и граѓанска и деловна одговорност, која го одредува квалитетот на јавните услуги и добросостојбата на сите нас.

Интервјуа

Македонскиот работник четири пати помалку продуктивен од германскиот, вели Наумоски за FinSight

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со универзитетскиот професор Синиша Наумоски, кој се осврна на продуктивноста на трудот во Македонија и позицијата на македонските работници во споредба со другите земји.

На прашањето од Наташа Мерсовска дали продуктивноста на македонскиот работник е на ниско ниво, Наумоски одговара дека тоа не е само личен став, туку заклучок заснован на меѓународни податоци.

„Да. Не само што јас така мислам, туку ги користам и податоците од Светската банка“, вели Наумоски.

Тој додава дека ваквите изјави често предизвикуваат критики во јавноста, особено на социјалните мрежи.

„Поради овие изјави сум бил често критикуван, но во многу случаи сум бил изваден од контекст. За ова зборувам веќе четири или пет години кога темата на дебата е продуктивноста на трудот“, објаснува професорот.

Според податоците на кои се повикува, македонскиот работник значително заостанува во споредба со развиените економии.

„Ние сме четири пати помалку продуктивни од еден германски работник, а во регионот македонскиот работник е на претпоследно место – после нас е само албанскиот работник“, посочува Наумоски.

Сепак, тој нагласува дека ваквата состојба не треба да се толкува како критика кон самите работници.

„Тука не го обвинувам работникот. За продуктивноста да биде таква играат улога повеќе варијабли – системски слабости, менаџерските капацитети, нивото на дигитализација и технологијата“, вели Наумоски во разговорот за FinSight.

Според него, токму овие фактори се клучни за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight: Синиша Наумоски | Дали светот се соочува со нова енергетска криза или на повидок е брз крај на конфликтот со Иран?

Објавено

на

Во најновото издание на емисијата FinSight, универзитетскиот професор Синиша Наумоски анализира какви економски последици може да предизвика геополитичката неизвесност и колку долго би можел да трае конфликтот.

Според Наумоски, неизвесноста е голема, но сепак постои оптимистичко сценарио – конфликтот да заврши во период од шест до седум недели. Во тој случај, глобалните пазари би можеле релативно брзо да се стабилизираат, иако ќе бидат потребни дополнителни недели за нормализирање на протокот на нафта низ Ормутскиот теснец, еден од најважните светски енергетски коридори.

Сепак, постои и значително попесимистично сценарио. Доколку кризата потрае неколку месеци, односно до половина година, тоа може да предизвика сериозни нарушувања во светската економија. Во такви услови се очекува раст на цената на нафтата, слабеење на економиите и забрзување на инфлацијата. Според Наумоски, во екстремен случај не е исклучен ни ризикот од стагфлација – комбинација од економска стагнација и висока инфлација.

Суштината на овој конфликт е неговото времетраење. Дури и ако заврши брзо, ќе бидат потребни недели за повторно да се стабилизира снабдувањето со нафта“, посочува Наумоски.

Во меѓувреме, притисокот расте и врз американската администрација на Доналд Трамп, бидејќи јавноста е чувствителна на движењата на цените на горивата, иако во САД бензинот и натаму се продава по релативно ниска цена, околу 47 денари за литар.

Професорот посочува дека постојат и неколку краткорочни мерки кои би можеле да го ублажат ценовниот шок на пазарот на нафта:

-постепено укинување на санкциите кон Русија;

-ослободување на стоковите резерви на нафта;

-времено укинување или намалување на даноците за нафта и нафтени деривати.

Сепак, според него, реализацијата на првата мерка би била најкомплицирана од политички аспект, иако во вакви кризни ситуации сите опции остануваат отворени.

Наумоски предупредува дека најважно е да не се создава паника на пазарите. Според него, шпекулативниот раст на цените може дополнително да ја забрза инфлацијата.

Во овој момент сме далеку од сценарио во кое сериозно би се нарушиле синџирите на снабдување со храна. Но, ако конфликтот ескалира, тогаш цените неизбежно ќе растат, а можно е да се појави и недостиг на одредени производи“, вели Наумоски.

Она што веќе загрижува е трендот на зголемување на трговскиот дефицит кај голем број економии, што дополнително го зголемува ризикот од економска нестабилност во наредниот период.

Целосната анализа на глобалните економски ризици и можните сценарија следете ја во новото издание на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

Македонија има сонце, вода и плодна почва, а увезува храна – вели Костовски во FinSight

Објавено

на

Во FinSight разговараме со бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на Еуростандард банка, за економскиот потенцијал на Македонија и промените што се случиле во земјоделството низ децениите.

Костовски потсетува дека во минатото Македонија имала силна улога во производството на храна во рамки на поранешна Југославија.

„Во некои дамнешни времиња Македонија беше извозник на ран зеленчук и овошје. Ја хранеше цела Југославија“, вели тој.

Според него, денешната слика е сосема поинаква. Иако земјата има природни услови за производство, се повеќе зависи од увоз.

„Денес Македонија е мала земјоделско-сточарска земја која увезува храна, увезува зеленчук и овошје“, посочува Костовски.

Тој нагласува дека парадоксот е уште поголем ако се земат предвид природните ресурси со кои располага државата.

„Ние увезуваме, а Господ ни дал нешто најубаво во светот – прекрасна клима со повеќе од 280 сончеви денови во годината. Имаме вода, имаме прекрасна почва“, вели Костовски.

Според него, потенцијалот постои, но недостига визија и подобро управување со ресурсите.

„Господ ни дал сè, само малку ум ни недостасува“, заклучува Костовски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange