Connect with us

Берза

Мукаетов: Една од поризичните одлуки беше да станам генерален директор на „Алкалоид“ на 32 години

Објавено

на

Кога Живко Мукаетов во 2006 година застана на чело на „Алкалоид“, имаше само 32 години. Денес, две децении подоцна, токму неговото назначување го издвојува како една од поризичните одлуки во поновата историја на компанијата. Ризикот, сепак, беше проследен со период во кој „Алкалоид“ од компанија првенствено ориентирана кон домашниот и регионалните пазари прерасна во фармацевтска компанија со сè поголемо меѓународно присуство.

За патот што компанијата го помина во изминатите две децении, клучните одлуки што го одредиле нејзиниот развој и следната фаза од меѓународната експанзија, Мукаетов зборуваше на 25. Годишна конференција на Македонската берза во Охрид, во разговор со извршниот директор на Берзата, Иван Штериев.

Мукаетов во „Алкалоид“ влегол во 1999 година, почнувајќи ја кариерата во маркетинг. Седум години подоцна бил назначен за генерален директор, а во 2007 година и за претседател на Управниот одбор.

Наместо големи кадровски промени по преземањето на раководната позиција, пристапот бил да се зачува искуството што веќе постоело во компанијата и истовремено да се внесе нова енергија, особено во продажбата.

„Од денешна перспектива сметам дека беше многу мудро што направивме една навистина здрава комбинација на искуство и младост. Имавме искусни луѓе со квалитети и вредности со кои заедно градевме, а од друга страна, особено во продажбата, внесовме нова енергија и луѓе кои доаѓаа и од други фармацевтски и успешни компании во Македонија. Сметам дека тој микс, без некои длабоки резови, даде резултат“, рече Мукаетов.

Резултатите од тој развој денес се мерат и со значително поголеми приходи и со присуство на повеќе странски пазари. За годинава, очекувањата се продажбата да достигне меѓу 355 и 360 милиони евра.

„Имаме доста предизвици што треба да ги надминеме. Сепак, кога сè ќе се земе предвид, јас сум задоволен и очекуваме годината да ја завршиме некаде во рамките на планираната продажба. Тоа би требало да биде меѓу 355 и 360 милиони евра“, наведе Мукаетов.

Одлуките што го менувале „Алкалоид“

Растот не дошол само преку зголемување на производството и продажбата. Во различни периоди компанијата морала да носи одлуки кои значително влијаеле врз нејзиниот иден правец.

Една од нив била изборот на фармацевтското портфолио. Во период кога една од можните насоки изгледала многу поголема и комерцијално попривлечна, компанијата одлучила да се концентрира на сегментите во кои веќе имала знаење, технологија и производствени капацитети. Од денешна перспектива, токму таа одлука се покажала како една од важните основи за понатамошниот развој.

Следувал уште еден голем чекор, воведувањето на SAP во 2007 година. Во тоа време станувало збор за сериозен организациски предизвик, со оглед на обемот и комплексноста на компанијата.

Според Мукаетов, значењето на SAP било многу поголемо од обична промена на информатичкиот систем.

„Таа имплементација ја смени културата на компанијата. Тоа е систем кој е прилично ригиден и не ви дава многу можности доколку културолошки не се приспособите и не го доработите на вистински начин“, истакна тој.

Од еден производ до околу илјада регистрации во ЕУ

Еден од најзначајните чекори во интернационализацијата бил влезот на пазарот на Европската Унија. Наместо компанијата сама да го совладува сложениот регулаторен процес, „Алкалоид“ тогаш започнал соработка со британска агенција која имала улога на ментор.

Резултатот најпрво бил еден регистриран производ. Денес бројката е сосема поинаква.

„Благодарение на нивното менторство, тогаш Велика Британија беше дел од Европската Унија, успеавме да го добиеме првиот производ регистриран во ЕУ, денес имаме околу илјада. Во меѓувреме отворивме наменска компанија во Љубљана која работи исклучиво за операциите во Европската Унија“, рече Мукаетов.

Токму меѓународното ширење треба да биде еден од главните двигатели на следната фаза од растот. Компанијата веќе подготвува отворање подружница во Варшава, а на листата потенцијални следни пазари се Узбекистан и Чешка.

Амбициите, сепак, не завршуваат во Европа.

„Веќе сме во подготовки за отворање нова компанија, подружница во Варшава, и се надеваме дека до крајот на годината ќе ја отвориме. Следниот таргет е Узбекистан, Чешка, сакаме да видиме дали би можеле нешто да направиме и во Јужна Америка и во некои земји од Северна Африка“, рече Мукаетов.

Искуството на компанијата покажало дека директното присуство на странските пазари носи поинакви можности отколку работењето исклучиво преку локални партнери.

„Различно е кога сте со свој тим присутни на некој пазар, а сосема различно кога чекате партнер да ја заврши работата за вас“, нагласи тој.

Повеќе од 6.000 акционери значат и поголема одговорност

„Алкалоид“ има повеќе од 6.000 акционери, поради што резултатите и одлуките на компанијата се под постојано внимание на инвеститорската јавност.

За Мукаетов, тоа не претставува недостаток. Напротив, јавниот карактер на компанијата создава дополнителна одговорност и дисциплина при носењето одлуки.

„Јавноста значи поголема одговорност, во секој случај. Тука е корпоративното управување, одлуките не ги носи еден човек, туку тоа е тимска активност на одговорни менаџери“, рече тој.

Таквиот модел, според него, го намалува притисокот компанијата да се води исклучиво од краткорочните резултати.

„За нас лично тоа е од голема корист, затоа што размислуваме долгорочно. Не трчаме по некакви краткорочни резултати, туку гледаме стратегиски каде е компанијата и како треба да се позиционираме“.

Зошто македонските компании сè уште ја избираат банката пред Берзата?

Во разговорот беше отворено и прашањето за релативно малото користење на пазарот на капитал од страна на домашните компании.

Според Мукаетов, причините треба да се бараат и во традиционалниот начин на финансирање на македонскиот бизнис. Кога на компаниите им се потребни дополнителни средства, првата адреса најчесто е банка.

„Има култура на позајмување средства од банките, тие се првата опција за обезбедување средства. Има и култура кај сопствениците дека сакаат сè да имаат под контрола. Но, мислам дека треба да се најде начин да се охрабрат“, рече Мукаетов.

Отворањето кон пазарот на капитал, според него, не треба да се гледа само како начин за обезбедување средства. Тоа може да биде и механизам преку кој компаниите ќе го подобрат корпоративното управување и ќе станат потранспарентни.

„Мислам дека тоа би било за доброто на компаниите, дека ќе го подигне нивото на квалитетно корпоративно управување и ќе им даде пристап до многу поголема јавност и многу повеќе можности за обезбедување средства“.

Но, за да се промени сегашната култура, потребни се успешни домашни примери.

„Сите чинители треба да поработат на тоа. Ако тргне еден добар пример, веројатно ќе повлече и други. Кога секоја година на Берза доаѓаат нови компании, тоа ги охрабрува и другите дека тоа е добра можност, а не нешто што е крај на светот“, посочи Мукаетов.

Нови пазари ќе има, но потребни се и нови научници

Паралелно со географското ширење, следниот голем предизвик за „Алкалоид“ е развојот на нови производи.

Истражувањето и развојот стануваат сè поважен дел од стратегијата на компанијата, но токму тука се појавува ограничување кое не може да се реши само со инвестиции во нова опрема и капацитети – достапноста на висококвалификуван кадар.

Компанијата веќе размислува дали домашниот пазар може да обезбеди доволно научници за следната фаза од развојот или ќе мора да бара поинакви решенија.

„Сега сме пред дилема колку можеме да извлечеме од тоа што Македонија го нуди, а дали во некоја идна фаза не треба да донесеме истражувачи од Азија за да го засилат нашиот тим тука, или евентуално да бараме некоја варијанта за институт надвор“, рече Мукаетов.

За фармацевтска компанија која сака да расте на меѓународните пазари, според него, континуираното создавање нови производи не е избор, туку предуслов за опстанок на долг рок.

„Доколку немате истражување и развој, немате нови конкурентни производи и објективно нема да можете долгорочно да бидете конкурентни“.

Дваесет години по одлуката 32-годишниот Мукаетов да го преземе раководењето со компанијата, „Алкалоид“ се наоѓа пред нова серија одлуки што треба да го определат неговиот следен развоен циклус. Овојпат предизвикот е поголем: да се продолжи растот на европските пазари, да се отвори простор во нови региони, да се зголемат истражувачко-развојните капацитети и притоа да се обезбедат луѓето што треба да го носат тој развој.

Берза

Раст на Волстрит по неколкудневниот пад, во плус и азиските берзи

Објавено

на

Американските берзански индекси го завршија тргувањето во четвртокот со раст, по неколкудневната негативна серија, додека позитивни движења во петокот беа забележани и на азиските берзи. Сепак, инвеститорите остануваат претпазливи поради зголемената инфлација и очекувањата за натамошен раст на каматните стапки во САД.

Индексот Dow Jones порасна за 1,08 отсто, на 52.177 поени, S&P 500 забележа раст од 0,33 отсто, на 7.744 поени, додека технолошкиот Nasdaq се зголеми за скромни 0,08 отсто, на 27.713 поени.

На почетокот на тргувањето, главните индекси се движеа во негативна зона, пред сè поради продолжениот притисок врз акциите на технолошките компании. Сепак, во текот на денот пазарот успеа да закрепне, поттикнат од растот на акциите во дефанзивните сектори.

Главен извор на неизвесност за инвеститорите останува инфлацијата, која дополнително е поттикната од високите цени на нафтата поради кризата на Блискиот Исток.

По податоците дека потрошувачките цени во САД во септември пораснале повеќе од очекуваното, објавените информации покажаа дека и производствените цени забележале годишен раст од 6,3 отсто.

Ваквите показатели ги засилуваат очекувањата дека инфлацијата ќе остане на високо ниво и во наредните месеци, што би можело да ја натера американската централна банка (ФЕД) дополнително да ги зголеми каматните стапки.

Повисоките камати особено ги погодуваат технолошките компании со висока задолженост, бидејќи ги зголемуваат трошоците за финансирање и инвестирање.

„Ќе се зголемат трошоците за кредитирање на сè, од купување станови и куќи до изградба на големи центри за податоци, а тоа влијае врз голем број компании на берзата. Затоа, најголеми добитници во моментов се дефанзивните сектори“, објаснува Џед Елербрук, портфолио-менаџер во компанијата Argent Capital Management.

Азиските берзи со силен раст

Позитивното расположение од Волстрит се пренесе и на азиските пазари, каде што берзанските индекси во петокот забележаа раст, главно благодарение на закрепнувањето на технолошките акции по неколкудневниот пад.

Индексот MSCI, кој ги следи акциите во азиско-пацифичкиот регион, утрово околу 7 часот бележеше раст од повеќе од 1,5 отсто. Сепак, и покрај позитивните движења, индексот и натаму е на пат да ја заврши неделата со загуба.

На берзите во Индија, Австралија, Кина, Хонгконг, Јапонија и Јужна Кореја, цените на акциите пораснаа меѓу 0,6 и 4,1 отсто.

И покрај закрепнувањето на светските берзи, вниманието на инвеститорите останува насочено кон инфлациските показатели, движењето на цените на енергенсите и идните одлуки на ФЕД, кои ќе имаат значајно влијание врз насоката на финансиските пазари во наредниот период.

Продолжи со читање

Берза

МБИ10 над 9.069 поени, Алкалоид со половина од берзанскиот промет: Како тргуваше Македонската берза?

Објавено

на

Македонската берза ја заврши трговската сесија на 13 октомври 2026 година со умерен раст на главниот берзански индекс, но со релативно ограничена трговска активност, што ја потврдува високата концентрација на ликвидноста кај мал број котирани компании.

Индексот МБИ10 се зголеми за 0,37 проценти и достигна 9.069,84 поени, додека вкупниот дневен промет изнесуваше 7,15 милиони денари.

Во текот на сесијата беа реализирани 35 трансакции, при што најголем промет оствари Алкалоид, со 3,58 милиони денари. Тоа претставува приближно 50 проценти од вкупната дневна трговска активност.

На второто место според прометот беше Комерцијална банка, со 1,26 милиони денари, додека Макпетрол оствари промет од 960 илјади денари.

Најголем дневен раст меѓу прикажаните најтргувани акции забележа Алкалоид, со зголемување на просечната цена од 1,28 проценти, по што следуваа Макпетрол со 0,67 проценти и Комерцијална банка со 0,44 проценти.

На спротивната страна, акциите на Гранит забележаа намалување од 0,95 проценти, Македонски Телеком од 0,58 проценти, а ОКТА од 0,04 проценти.

Пазарната капитализација на котираните акции изнесуваше 315,69 милијарди денари, што претставува значителна вредност во однос на дневниот промет и ја нагласува разликата меѓу големината на котираните компании и ликвидноста на секундарниот пазар.

За домашните инвеститори, концентрацијата на прометот кај мал број компании претставува важен фактор при носењето инвестициски одлуки, бидејќи ограничената ликвидност може да влијае врз можноста за брза продажба на поголем пакет акции.

Истовремено, умерениот раст на индексот покажува дека ценовните движења можат да бидат позитивни и во услови на ограничен број трансакции, но таквата состојба бара внимателна интерпретација на пазарните сигнали.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Берза

Пад на Волстрит по објавувањето на финансиските резултати на најголемите американски банки

Објавено

на

Главните берзански индекси на Волстрит забележаа благ пад во вторникот, под притисок на акциите на производителите на чипови и банкарскиот сектор, откако неколку од најголемите американски банки ги објавија своите квартални финансиски резултати.

Индексот Dow Jones се намали за 0,35 отсто, на 51.670 поени, S&P 500 ослабе за 0,02 отсто, на 7.805 поени, додека технолошкиот Nasdaq забележа пад од 0,15 отсто, завршувајќи го тргувањето на 27.204 поени.

Притисокот врз технолошкиот сектор продолжи, при што индексот PHLX, кој ги следи акциите на производителите на полупроводници, падна петти ден по ред, овојпат за 0,2 отсто.

Негативното расположение кај инвеститорите дополнително го поттикна изјавата на извршниот директор на Broadcom, Хок Тан, кој дел од инвестициите во индустријата за чипови ги спореди со „коцкање во казино“.

Дополнителна загриженост предизвикаа информациите за значителниот напредок на кинеската компанија ChangXin Memory Technologies (CXMT) во развојот на чипови за вештачка интелигенција. Овој развој укажува на можноста за намалување на технолошката предност што американските производители ја имаат во однос на кинеската конкуренција.

Според аналитичарите, засилената конкуренција би можела да создаде дополнителен притисок врз профитните маржи и рентабилноста на компаниите во секторот за полупроводници.

Банкарскиот сектор, исто така, се најде во фокусот на инвеститорите, откако неколку водечки американски финансиски институции ги објавија своите квартални деловни резултати.

Акциите на Goldman Sachs поевтинија за 0,2 отсто, на JPMorgan Chase за 0,9 отсто, додека Wells Fargo забележа пад од 3,1 отсто. Најголема загуба меѓу овие банки имаше Citigroup, чии акции се намалија за 5,6 отсто.

За разлика од американските пазари, на повеќето азиски берзи во средата преовладуваше позитивно расположение, пред сè благодарение на закрепнувањето на акциите на производителите на чипови по повеќедневниот пад.

Индексот MSCI, кој ги следи акциите на азиско-пацифичките пазари, околу седум часот наутро бележеше раст од 0,5 отсто, надоместувајќи дел од загубите од претходниот ден.

Берзанските индекси во Шангај, Хонгконг, Јапонија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 1,3 отсто, додека пазарите во Индија и Австралија забележаа пад од 0,1 до 0,7 отсто.

Движењата на светските берзи покажуваат дека инвеститорите и натаму внимателно ги следат финансиските резултати на големите компании, перспективите на технолошкиот сектор и растечката конкуренција во индустријата за вештачка интелигенција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange