Банки
НЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
НЛБ Банка Скопје информира дека е извршена исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за јули 2026 година.
Корисниците можат да ги подигнат средствата од социјалната и детската заштита на банкоматите на банката во секое време.

Од НЛБ Банка ги потсетуваат клиентите дека средствата можат да ги користат и безготовински, за плаќање во продажната мрежа, како и преку електронското и мобилното банкарство.
Банки
Дигиталното евро се приближува до реалноста: ЕЦБ веќе бара онлајн продавници за тестирање на плаќањата
Европската централна банка прави нов чекор кон практично тестирање на дигиталното евро. Евросистемот отвори повик за онлајн и мобилни трговци од еврозоната кои сакаат да учествуваат во пилот-проектот за новата дигитална валута, со што проектот постепено се поместува од фазата на дизајн кон тестирање во услови што треба што повеќе да наликуваат на реални плаќања.
Повикот е отворен до 27 октомври 2026 година, а избраните e-commerce и m-commerce компании ќе можат директно да тестираат како би изгледало прифаќањето на дигиталното евро при онлајн купување.
Пилотот стартува во втората половина на 2027 година
Според планот на ЕЦБ, пилот-проектот треба да започне во втората половина на 2027 година и да трае 12 месеци.
Во него ќе учествуваат 36 платежни институции од еврозоната, избрани трговци, како и вработени во ЕЦБ и во 19 национални централни банки.
За тестирањето ќе се користи таканаречено beta digital euro – верзија која функционално и технички треба да биде блиска до дигиталното евро предвидено со предложената европска регулатива.
Сепак, оваа тест-верзија нема да има статус на законско платежно средство.
Целта е да се проверат техничката функционалност, оперативните процеси и корисничкото искуство пред да се донесат понатамошни одлуки за евентуално официјално воведување на дигиталното евро.
Како ќе изгледа плаќањето?
Избраните интернет и мобилни продавници ќе тестираат како дигиталното евро може да се интегрира во нивните постојни checkout системи.
Тие ќе можат да проверуваат како корисникот го избира дигиталното евро како средство за плаќање, како се извршува трансакцијата и како новиот платежен метод би можел да се вклопи во постојните e-commerce процеси.
Од трговците се очекува потоа да дадат повратни информации за интеграцијата, потребите на бизнисите, корисничкото искуство и евентуалните проблеми што ќе се појават при тестирањето.
Практично, ЕЦБ повеќе не тестира само концепт на хартија – следниот чекор е да се види како дигиталното евро функционира во сценарио слично на тоа кога потрошувач плаќа производ или услуга преку интернет.
Веќе се избрани 36 платежни компании
Подготовката на пилотот започна порано годинава.
Во јули ЕЦБ избра 36 даватели на платежни услуги кои ќе учествуваат во проектот, откако биле примени повеќе од 50 апликации.
Според ЕЦБ, избраните компании опфаќаат различни бизнис-модели и големини и обезбедуваат широка географска покриеност во еврозоната.
Токму тие платежни институции ќе бидат важната врска меѓу идната инфраструктура на дигиталното евро, трговците и корисниците.
ЕЦБ отвори уште еден повик за банки и fintech компании
Паралелно со тестирањето кај трговците, ЕЦБ на 28 септември отвори и нов повик за компании и организации кои сакаат да експериментираат со можни дополнителни услуги базирани на дигиталното евро.
Во него можат да учествуваат трговци, платежни компании, технолошки фирми, fintech компании, здруженија на потрошувачи, јавни институции и истражувачки организации.
Еден од главните фокуси ќе биде развојот на нови практични функции и услуги што би можеле да го подобрат користењето на дигиталното евро и за граѓаните и за трговците.
Со тоа станува јасно дека ЕЦБ не го гледа дигиталното евро само како уште едно средство за плаќање, туку и како инфраструктура врз која приватниот сектор потенцијално би можел да развива нови услуги.
Што всушност ќе биде дигиталното евро?
Дигиталното евро е замислено како дигитална форма на централнобанкарски пари.
Тоа значи дека, за разлика од средствата што граѓаните денес ги имаат на сметка во комерцијална банка, дигиталното евро би претставувало директна обврска на Евросистемот.
Идејата е граѓаните да можат да го користат за секојдневни плаќања – во продавници, на интернет или меѓу физички лица – слично како што денес користат готовина или картички.
Но ЕЦБ сè уште зборува за потенцијално воведување на дигиталното евро. Пилот-проектот не значи дека конечната одлука за негово издавање веќе е донесена. Резултатите од тестирањето треба да бидат дел од подготовките за идните одлуки.
Зошто ова е важно и за банките?
Иако дигиталното евро би било централнобанкарска валута, комерцијалните банки и платежните компании би останале клучни посредници меѓу инфраструктурата на Евросистемот и клиентите.
Токму затоа тестирањето со 36 платежни институции е особено важно.
За банкарскиот сектор едно од клучните прашања е како дигиталното евро ќе се вклопи во постојниот модел на депозити, картички и електронско банкарство и дали ќе промени дел од приходите што денес банките ги остваруваат од платежни услуги.
Истовремено, за Visa, Mastercard и останатите платежни системи појавата на нов паневропски начин на плаќање поддржан од централните банки би можела да отвори сосема нов конкурентски пејзаж.
А што значи ова за Македонија?
Македонија не е членка на еврозоната, па евентуалното воведување на дигиталното евро нема автоматски да значи дека тоа ќе стане домашна валута или замена за денарот.
Сепак, поради големата економска поврзаност со Европската Унија, широката употреба на еврото во меѓународната трговија и растот на онлајн купувањето и прекуграничните плаќања, развојот на дигиталното евро ќе биде важен и за македонските банки, компании и потрошувачи.
Особено интересно ќе биде како дигиталното евро во иднина ќе се поврзе со SEPA, инстант плаќањата и другите платежни системи во земјите надвор од еврозоната.
Засега едно е сигурно: дигиталното евро веќе не е само теоретска идеја.
Со изборот на 36 платежни компании и со потрагата по реални интернет продавници кои ќе го тестираат, ЕЦБ почнува практично да проверува како би изгледало неговото користење во секојдневното плаќање.
Банки
ЕЦБ го крева прагот за малите банки: Новата граница ќе биде 10 милијарди евра
Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува значително регулаторно олеснување за помалите банки во Европската Унија, со предлог прагот за институциите што се сметаат за „мали и некомплексни“ да се зголеми од сегашните 5 милијарди на дури 10 милијарди евра вкупна актива.
Со оваа промена, многу поголем број банки би можеле да влезат во категоријата Small and Non-Complex Institutions – SNCI и да користат поедноставени регулаторни, супервизорски и извештајни правила.
Според анализата на Евросистемот, зголемувањето на прагот од 5 на 10 милијарди евра би овозможило уште речиси 160 банки да бидат опфатени со режимот за мали и некомплексни институции. Нивниот вкупен број би се зголемил од 1.439 на околу 1.597 банки, односно за приближно 11%.
Помал административен товар за малите банки
Банките што имаат SNCI статус веќе користат значително поедноставени правила во споредба со големите банкарски групации.
Тие, меѓу другото, доставуваат значително помал обем регулаторни податоци. Според ЕЦБ, малите и некомплексни институции во одредени случаи известуваат само до 30% од податоците што ги доставуваат големите банки.
Проширувањето на оваа категорија би значело помал административен и регулаторен товар за дополнителен број регионални и средни банки, кои моментално мора да исполнуваат посложени барања.
Европските супервизори предлагаат националните власти да добијат можност, во зависност од големината и структурата на домашниот банкарски сектор, да го подигнат прагот од 5 милијарди на најмногу 10 милијарди евра.
Полесни стрес-тестови и супервизија
Олеснувањето не би се однесувало само на известувањето.
ЕЦБ разгледува и намалување на фреквенцијата и деталноста на одредени супервизорски процедури, меѓу кои и процесот SREP, преку кој се проценуваат ризиците, капиталот и ликвидноста на банките.
Се разгледува и можност малите банки да бидат ослободени од дел од редовните „bottom-up“ стрес-тестови, во кои самите институции подготвуваат и доставуваат детални проекции. Наместо тоа, поголем дел од анализите би можеле да ги спроведуваат директно супервизорите. Според ЕЦБ, ова би можело значително да го намали обемот на работа за речиси 1.000 мали банки.
ЕЦБ: Поедноставување, но не и послаби банки
И покрај најавените олеснувања, ЕЦБ нагласува дека целта не е намалување на капиталните стандарди или отпорноста на банкарскиот систем.
Потпретседателот на ЕЦБ, Борис Вујчиќ, порача дека Европа има потреба од „поедноставни правила, а не понизок капитал“, нагласувајќи дека силната капитализираност на банките е една од главните предности на европскиот финансиски систем.
Наместо класична дерегулација, идејата е правилата повеќе да се приспособат на големината, сложеноста и ризичниот профил на банката.
За мала регионална банка со едноставен деловен модел, според ЕЦБ, нема економска логика да важи ист административен товар како за голема меѓународна банкарска групација со сложени трговски операции.
Доколку предлогот биде прифатен на европско ниво, зголемувањето на прагот на 10 милијарди евра може да претставува едно од позначајните регулаторни олеснувања за малите и средни банки во ЕУ во последните години.
Банки
НОВО: Повисоки каматни стапки за штедење во Комерцијална банка
Комерцијална банка од 1 октомври ги зголеми фиксните каматни стапки за орочено штедење во денари и евра, со што на штедачите им нуди повисок гарантиран принос во рамки на новата промотивна понуда.
Промотивниот период трае од 1 октомври до 31 декември 2026 година, а највисоката фиксна каматна стапка достигнува 3,60%.
Кај денарските депозити, за рок на орочување од 25 месеци фиксната каматна стапка изнесува 2,90%, додека за 40 месеци достигнува 3,60%.
За депозитите во евра, фиксната каматна стапка за 25 месеци изнесува 1,70%, а за орочување на 40 месеци 2,30%.
Со новата понуда, штедачите имаат можност однапред да го знаат фиксниот принос за периодот на орочување, што овозможува полесно финансиско планирање.
Од Банката посочуваат дека понудата е дел од активностите поврзани со Месецот на штедењето, период во кој традиционално се промовира значењето на долгорочното и одговорно управување со личните финансии.
Повеќе информации за новите орочени депозити се достапни на веб-страницата kb.mk, како и во сите филијали и експозитури на Комерцијална банка.
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 1 месецМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Осигурувањепред 2 месециЗОИЛ Македонија го смени името во Алта Осигурување, седиштето се сели во Скопје
-
Банкипред 1 месецКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања

