Останато
„Finance Talks by EOS“: Дигитализацијата ќе поткине развој на нови услуги базирани на потребите на корисниците
Дигитализацијата на финансискиот сектор е клучен процес за креирање на одржлива платформа за раст, а развојот и имплементацијата на нови дигитални алатки и иновации ќе продолжи целосно да го менува обликот на финансиските услуги. Мобилните апликации ќе станат главна алатка во финансискиот сектор и во нивен развој треба најмногу да се инвестира, беше констатирано на годинешното издание на „Finance Talks by EOS“.
Преку дигитални алатки и користење на вештачка интелигенција за 20% се намалиле загубите на финансиските институции. Истовремено за 15% се зголемиле приходите како резултат на дигитални алатки, креирани за персонализиранифинансиски услуги.
Извршната директорка на EOS Матрикс за Македонија и Косово, д-р Катерина Бошевска поттикна дискусија за водечките теми во глобалната финансиска индустрија, поврзани со дигиталната трансформација.
„Сведоци сме на клучни промени во финансискиот сектор, кои се поттикнати од дигитализацијата, употребата на вештачката интелигенција и иновациите. Овие процеси креираат многу нови можности, но истовремено се соочуваме со нови предизвици за чие решавање е важнa соработката помеѓу сите чинители, особено на мал пазар како што е нашиот. Ние мораме да ја спроведуваме дигиталната трансформација на секторот со забрзано темпо, но и да ги оптимизираме трошоците за овој процес согласно можностите на пазарот. Оттука, размената на искуствата и силната соработка ќе биде основа за иден дигитален развој, кој ќе мора да ги задоволи сѐпоголемите очекувања на корисниците“, истакна Бошевска.

На панелот учествуваа Евангелија Калуптси, генерална директорка за трансформација и стратегија и член на Управен одбор на Стопанска банка АД Скопје, Александар Џорџевиќ, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Дане Крстевски, директор за информатичка технологија во Народна банка на Р.С. Македонија и Владо Митев, главен извршен директор на софтверската компанија IWConnect.
Во своето излагање Калуптси истакна дека дигитализацијата е трансформативен процес кој ги менува работите од корен. „За овој процес да биде успешен, неминовно е луѓето да се подготват, да бидат информирани и да се вклучат во неговата имплементација, бидејќи без соодветна поддршка од луѓето нема да можеме да ја завршиме трансформацијата до крај“, додаде Калуптси.
Според податоците, само 6% од луѓето добиле кредит преку он-лајнпроцедура, што е многу малку. Џорџевиќ потенцираше дека треба да се интензивира работата на полето на дигитализација, а тоа, покрај другото, значи дека треба да го промениме целиот концепт што го познаваме денес. „Тоа е целта и за тоа треба да работиме. Мораме да го промениме начинот на размислување и начинот на делување“, додаде тој.
Народната банка во поглед на дигитализацијата работи на две нивоа, односно на внатрешна и надворешна дигитализација. Крстевски истакна дека се работи за софистициран процес за кој се потребнисоодветни човечки ресурси, технологија и инвестиции, што на мал пазар е предизвик.

„Треба да ги симплифицираме процесите и да ги адаптираме на нашиот пазар и потреби, за да инвестираме паметно во тоа што треба. Исто така, важна е соработката помеѓу сите чинители, помеѓу банките и институциите, особено во одредени области како што е електронската сигурност“, истакна Крстевски.
Митев потенцираше дека процесот на дигитализација е многу егзактна наука од технички аспект, но голем предизвик е едукацијата и создавањето на соодветна култура кај луѓето, за кои се наменети овие услуги.
„Дигитализацијата создаде нови постулати во процесите, а тоа се брзина, сигурност, доверливост и персонализација. Ова се најважните категории, кои понатаму ќе се развиваат согласно барањата на пазарот“, додаде тој.
Во рамките на „Finance Talks by EOS“ беше констатирано дека скоро 80% од финансиските институции користат вештачка интелигенција за заштита и препознавање на измами и злоупотреби. Безбедноста на системите останува клучен императив во процесот на дигитализација, но мора да продолжат и инвестициите во иновации и развој на пазарот.
Останато
Јавен повик за учество во „Европски квиз на парите 2026“ за основни и средни училишта
Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, објавува јавен повик до основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во „Европскиот квиз на парите 2026“.
Се повикуваат сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија да се вклучат во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите, проект на Европската банкарска федерација чија цел е унапредување на финансиската едукација кај учениците на возраст од 13 до 15 години.
Европскиот квиз на парите се реализира во две фази. Првата фаза се националните натпревари што се одржуваат во секоја земја, додека втората фаза е европското финале во кое учествуваат победниците од националните натпревари.
Во Република Северна Македонија, националниот натпревар ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите, од 16 до 22 март 2026 година, на македонски и на албански јазик. Натпреварот ќе се реализира во два круга. Првиот круг ќе биде онлајн натпревар за селекција на најдобрите тимови, додека вториот круг ќе се одржи со физичко присуство во просториите на Македонската банкарска асоцијација, каде најдобрите тимови ќе се натпреваруваат за титулата национален шампион.
Тимот составен од двајца ученици кој ќе го освои првото место ќе ја претставува Република Северна Македонија на европското финале што ќе се одржи на 18 и 19 мај 2026 година во Брисел, Кралството Белгија. Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик, а Европската банкарска федерација ќе додели парични награди на училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место.
Натпреварите ќе се одвиваат преку специјализирана електронска апликација Кахут (Kahoot!), која претставува едукативна платформа заснована на учење преку игра.
Сите заинтересирани основни и средни училишта можат да пријават одделенија, класови или тимови на ученици за учество на националниот натпревар најдоцна до 23 февруари 2026 година, со доставување на податоци за учениците на електронската адреса [email protected].
Учениците се натпреваруваат во тимови од по двајца. Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија или класови, а секој клас може да пријави повеќе тимови. Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години. Заедно со податоците за одделенијата и класовите потребно е да се достават и податоци за наставниците или професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката за натпреварот.
Едукативните материјали потребни за подготовка за националниот натпревар и европското финале, како и дополнителни информации за Европскиот квиз на парите, се достапни на веб-страниците mba.mk и efb.eu.
Анализи
Просечната нето-плата во ноември 2025 година достигна 45.961 денар
Просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во ноември 2025 година изнесувала 45.961 денар, што претставува зголемување од 9,4% во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности за 16.5 %, Дејности на здравствена и социјална заштита за 11.1 % и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 10.9 %.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување за 3.5 %, Административни и помошни услужни дејности за 2.2 % и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 1.2 %.
Просечната месечна исплатена бруто-плата, во ноември 2025 година изнесувала 69.141 денари.
Останато
Бугарија од денес официјално го прифаќа еврото
Од 1 јануари 2026 година, Бугарија официјално го воведе еврото (€) како своја валута и стана 21-ва земја членка на еврозоната. Овој историски чекор значи дека Бугарија ја заменува својата досегашна национална валута, бугарскиот лев – со единствената европска валута, што е кулминација на долгогодишните напори за интеграција во Европската Унија и зајакнување на економската стабилност.
Во текот на јануари 2026 година, левот ќе продолжи да се прифаќа за плаќања заедно со еврото, но од 1 февруари 2026 евро ќе стане единствено законско средство за плаќање во земјата. Граѓаните ќе можат да ги разменуваат своите левови за евра без надоместок до 30 јуни 2026 година, по фиксниот курс од 1,95583 лева за 1 евро, што е утврден при пристапувањето на еврозоната.
Во рамки на мерките за заштита на потрошувачите, Бугарија влегува и во преоден период до 8 август 2026 година, во кој цените на производите и услугите ќе мора задолжително да бидат истакнати и во левови и во евра. Целта е да се спречат неоправдани поскапувања и да се овозможи полесна адаптација на граѓаните кон новата валута.
Иако приклучувањето кон еврозоната се смета за значаен економски и политички чекор, јавноста во Бугарија е јасно поделена. Дел од граѓаните го поздравуваат воведувањето на еврото како гаранција за поголема финансиска стабилност, пониски трансакциски трошоци и подлабока интеграција во ЕУ, додека други стравуваат од раст на цените, намалување на куповната моќ и губење на националниот валутен идентитет.
Од Европската комисија нагласуваат дека Бугарија ги исполнила сите неопходни критериуми за членство во еврозоната и дека искуствата од другите земји покажуваат дека ефектите врз инфлацијата се ограничени и краткорочни, доколку институциите вршат соодветен надзор.
Со воведувањето на еврото, Бугарија добива и поголемо влијание во европските финансиски институции, вклучително и учество во одлучувањето во рамки на Европската централна банка, што се смета за дополнителен стратешки бенефит.
-
Продуктипред 2 месециГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 2 месециПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Осигурувањепред 2 месециКЗК “удри” по осигурителните компании: Над 17 милиони денари казни за картелско однесување
-
Продуктипред 1 месецХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Останатопред 2 месециУЈП започна засилени проверки на приливи од странство остварени од 2020 година досега
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје




