Connect with us

Криптовалути

Дали тргувањето и поседувањето на криптовалути е легално во Македонија и како може да се легализираат парите добиени од капитални добивки од криптовалути?

Објавено

на

Криптовалутите се дигитални или виртуелни средства кои користат криптографија за обезбедување на трансакциите, контролирање на создавањето на нови единици и проверка на преносот на средства. Тие функционираат независно од традиционалните банки или централните власти и се базирани на технологијата наречена блокчејн (blockchain).

Блокчејн технологијата е децентрализирана дигитална книга (ledger) која ги снима сите трансакции со криптовалути на повеќе компјутери ширум светот. Секој запис (блок) содржи група на трансакции, а блоковите се поврзани заедно во линиска низа (chain), формирајќи „блокчејн“. Бидејќи блокчејнот е децентрализиран, нема потреба од централен авторитет за верификација на трансакциите. Ова ја зголемува безбедноста и транспарентноста.

Криптовалутите може да се користат за купување на производи и услуги, инвестиции, или тргување на берзи за криптовалути. Тргувањето со криптовалути функционира слично како и тргувањето со акции или валути. Корисниците можат да ги купат или продадат криптовалутите на разни платформи по различни цени во зависност од побарувачката и понудата.

И додека сме сведоци дека е се поголема адаптацијата на криптовалутите во реалниот свет, се поставува прашањето дали во Македонија тргувањето и поседувањето криптовалути е легално и законски?

Во нашата држава тргувањето и поседувањето на криптовалути или виртуелни средства е легално, додека законски е парцијално регулирано со Законот за спречување на перење пари. Во моментов, земјата нема конкретна регулатива што ги забранува криптовалутите, но исто така нема и детален закон што директно го регулира нивното користење. Ова значи дека граѓаните можат да купуваат, продаваат и тргуваат со криптовалути на сопствен ризик.

Што се однесува до легализацијата на парите добиени од криптовалути, ако во сегашната легислатива се прифати терминот виртуелни средства кои претставуваат нематеријален имот и не претставуваат платежно средство тогаш постои даночна регулација преку постојниот закон за персонален данок односно личен данок на доход. Остварените добивки се третираат како капитални добивки идентично како и останатите хартии од вредност како што се акции и слично.

Легализирањето на остварените добивки од продажбата на криптовалути обично се прави преку декларирање на тие средства пред даночните власти. Еве ги основните чекори:

  1. Декларирање на добивките: Во Северна Македонија, капиталните добивки (вклучувајќи ги и оние од криптовалути) се предмет на оданочување. Потребно е да ги пријавите добивките во годишната даночна пријава што ја доставувате до Управата за јавни приходи (УЈП).
  2. Плаќање данок: Во моментов, даночната стапка за капитални добивки во Северна Македонија е 15%. Оваа даночна стапка се плаќа само на остварените капитални добивки, но не и на вложените средства. Сепак, треба да се консултирате со даночен советник или да ја проверите веб-страницата на УЈП за да добиете најнови информации.
  3. Документација: Зачувајте ја целата документација за вашите трансакции со криптовалути, вклучувајќи ги потврдите за купување и продажба, бидејќи тоа ќе ви помогне да ги докажете вашите добивки и да го пресметате данокот кој треба да го платите со цел парите кои ги имате добиени по основ на капитална добивка да можете целосно да ги легализирате и да ги префрлите на вашата трансакциска сметка во банка.

Криптовалути

Русија усвои сеопфатен закон за регулирање на криптовалутите

Објавено

на

Руската Државна дума го усвои првиот сеопфатен закон за регулирање на пазарот на криптовалути, со кој се овозможува тргување со дигитални средства преку лиценцирани посредници.

Употребата на биткоин и на други криптовалути за плаќање стоки и услуги во Русија, сепак, и натаму ќе биде забранета, а рубљата останува единственото законско платежно средство во земјата.

Поголемиот дел од одредбите треба да стапат во сила на 1 септември 2026 година. Законот предвидува воспоставување регистар на лиценцирани криптоберзи, брокери и други даватели на услуги, додека надзорот над пазарот ќе го врши Централната банка на Русија.

Новата регулатива ја задржува можноста криптовалутите да се користат во одредени меѓународни трансакции. Тоа би можело да им го олесни прекуграничното плаќање на руските компании во услови на западни санкции.

Малите инвеститори ќе можат да ги купуваат најликвидните криптовалути преку овластени посредници, со годишно ограничување од 300.000 рубљи кај секој посредник. Квалификуваните инвеститори ќе имаат значително пошироки можности за тргување.

Со законот Русија продолжува да го формализира пазарот на дигитални средства, но ја задржува строгата контрола врз нивната употреба во домашниот платен промет, објави „Коинпејпер“.

Продолжи со читање

Криптовалути

Биткоинот би можел да падне до 38.000 долари пред нов циклус на закрепнување

Објавено

на

Биткоинот можеби сè уште не го достигнал дното на актуелниот пазарен циклус, оценува инвестициската компанија NYDIG во својот извештај за вториот квартал. Според анализата, сегашната корекција сè повеќе наликува на големите падови од 2014, 2018 и 2022 година, што отвора можност цената да се спушти до 38.000–39.000 долари пред да започне ново закрепнување.

Во првата половина од годината, биткоинот загуби 32,9 проценти од вредноста, вклучително и пад од 13,4 проценти во вториот квартал. Тоа се случи во период кога традиционалните финансиски пазари остварија силни резултати – технолошките акции пораснаа за 43,5 проценти, а индексот Nasdaq 100 за 27,7 проценти.

Според NYDIG, слабоста на биткоинот не е последица на поширока распродажба на финансиските пазари, туку на фактори специфични за крипто-индустријата, како што се слабата побарувачка на спот-пазарот, зголемената употреба на финансиски левериџ и промените во однесувањето на институционалните инвеститори.

Компанијата посочува дека биткоинот веќе изгубил речиси половина од вредноста во однос на рекордното ниво од околу 126.000 долари, достигнато во октомври 2025 година.

Дополнителен фактор на неизвесност е и промената во стратегијата на компанијата Strategy (поранешен MicroStrategy), која воведе механизам што ѝ овозможува продажба на дел од своите биткоини. Според NYDIG, тоа го менува досегашниот став дека компанијата исклучиво акумулира криптовалута.

Во вториот квартал американските спот ETF фондови поврзани со биткоин забележале нето-одлив од околу 4,9 милијарди долари. Најголеми повлекувања на средства имало од фондовите на BlackRock, Grayscale и Fidelity, додека новиот ETF на Morgan Stanley бил исклучок со прилив од околу 365 милиони долари.

Во исто време, NYDIG предупредува дека левериџот на пазарот расте побрзо од реалната побарувачка. Отворените позиции на фјучерс-пазарот продолжуваат да се зголемуваат, а пазарната капитализација на стабилните криптовалути е намалена за околу 11 милијарди долари, што укажува на одлив на свеж капитал од крипто-секторот.

Компанијата наведува дека понатамошното движење на биткоинот ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои се евентуални регулаторни одлуки во САД, монетарната политика на Федералните резерви, геополитичките тензии на Блискиот Исток и развојот на квантните технологии, кои на подолг рок би можеле да бараат дополнителни безбедносни надградби на биткоин мрежата.

Продолжи со читање

Берза

Финансиската декларација на Трамп откри: Над 21.000 берзански трансакции за една година

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп во период од една година реализирал повеќе од 21.000 трансакции со акции и други хартии од вредност, покажува анализата на германскиот магазин „Шпигел“, изработена врз основа на неговата 900-странична финансиска декларација.

Според анализата, трансакциите биле извршени преку осум инвестициски сметки. Вкупната вредност на купувањата се проценува на меѓу 461 милион и 1,4 милијарди американски долари, додека продажбите изнесуваат меѓу 138 милиони и 433 милиони долари.

За споредба, поранешниот американски претседател Џо Бајден во текот на целиот четиригодишен мандат пријавил само 13 трансакции со хартии од вредност.

Еден од најактивните денови бил 8 април 2025 година, кога биле реализирани 327 купувања, меѓу кои и акции на компаниите Apple и Nvidia, непосредно по најавата за нови американски царини што предизвикаа пад на берзанските индекси.

„Шпигел“ нагласува дека нема докази кои би укажале на поврзаност меѓу инвестиционите активности и политичките одлуки на Трамп. Од Белата куќа соопштија дека инвестициските сметки ги управуваат независни финансиски институции, без директно учество на претседателот.

Финансиската декларација покажува и дека Трамп остварил значителни приходи од криптовалути, дивиденди, недвижности и други инвестициски средства.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange