Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот Ворвик: Преку реформи кај човечкиот капитал, инвестициите и институциите, до побрза конвергенција кон ЕУ

Објавено

на

Гувернерката Ангеловска Бежоска учествуваше на панел-дискусија на дваесет и второто издание на престижниот Mеѓународен економски самит Ворвик 2024, којшто се одржува на истоимениот универзитет во Обединетото Кралство. На панел-дискусијата на тема „Навигација на монетарната политика: Гледишта од централните банки ширум светот“, покрај гувернерката, учествуваше и гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, гувернерот на централната банка на Маурициус, Харвеш Кумар Сеголам, поранешната гувернерка на централната банка на Малезија, Нор Шамсија Мод Јунус, како и поранешниот член на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија и истакнат професор Чарлс Гудхарт, а со панел-дискусијата претседаваше шефот на Канцеларијата на „Фајненшел тајмс“ во Франкфурт, Мартин Арнолд. Гувернерката се сретна и со студенти од Универзитетот Ворвик во рамките на настанот „Средби на студенти со лидери“.

„Забрзувањето на конвергенцијата ќе зависи од структурните реформи поврзани со човечкиот капитал, инвестициите и институциите, но и од технолошките, климатските и од геополитичките состојби“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата. Конвергенцијата на македонската економија во последните неколку години заостанува, поради повеќе фактори, на нивото од 40% од доходот во Европската Унија (ЕУ), што е слично со другите економии на Западен Балкан. Под претпоставка дека македонската економија ќе расте со просечна стапка на раст на БДП од 5%, а економијата на ЕУ со стапка од 3%, ќе ни бидат потребни 40 години за да го достигнеме нивото на приходите на ЕУ.

Неколкуте кризи коишто се случија изминатите години неповолно се одразија врз растот и конверегенцијата. „Во согласност со анализите направени во Народната банка за периодот 2020−2024 година се проценува дека растот на македонската економија е помал за околу 10 процентни поени (п.п.), во споредба со проекциите пред пандемијата, додека конвергенцијата којашто би се остварила во отсуство на кризи би била повисока за околу 5 п.п. од сегашната“, посочи гувернерката. Таа истакна дека сепак, бавната конвергенција не може да се објасни само со неодамнешните шокови, бидејќи забавување има уште пред пандемијата. Тоа се должи на циклични и на структурни фактори, имајќи предвид дека потенцијалот за раст на регионот во последните две децении е преполовен од околу 5% на 2,5%, додека на земјава од 3,1% на 2,3%, во споредба со ЕУ каде што е од 2,9% до 1,8%.

Ангеловска-Бежоска наведува дека забавувањето на потенцијалниот и реалниот раст во регионот се должи на забавувањето на вкупната продуктивност на факторите на производство, односно помал раст заснован на технологија и иновации (околу половина од просекот на ЕУ), но и на факторот труд, каде што неповолните демографски движења и миграцијата доведоа до намалување на работоспособното население (65%, во споредба со 70% во 2010 година). Гувернерката го подвлече и значењето на факторот капитал и упати дека и покрај тоа што се забележува забрзан раст на инвестициите, сепак тие сѐ уште се ниски. Натамошната динамика на конвергенцијата ќе зависи од интензитетот на структурните реформи, но и од надворешното окружување, а особено од ризикот на геоекономска фрагментација.

Банки

Кои лица ќе бидат дел од Управниот одбор на НЛБ Банка во 2026 година?

Објавено

на

Народната банка донесе Решенија со кои се дава согласност за промени во составот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, информираат од Банката преку соопштение објавено на Македонска берза.

Со одлуката на НБРСМ од 18 ноември 2025 година, издадена е претходна согласност за следните кадровски промени во Управниот одбор:

  • г-ѓа Катерина Јанковиќ е реименувана за член на Управниот одбор со мандат од 4 (четири) години, започнувајќи од 30.01.2026 година;
  • г-дин Кирил Бухов е именуван за член на Управниот одбор со мандат од 1 (една) година, кој стапува на сила од 03.01.2026 година.

Катерина Јанковиќ е финансиски експерт со над 20 години искуство во банкарскиот сектор. Работејќи за две големи банкарски групации – Société Générale и Steiermärkische Sparkasse, таа успешно напредува до високи менаџерски позиции, стекнувајќи длабоко познавање и искуство во корпоративно банкарство и банкарство за население, со особен фокус на продажна стратегија, планирање и воведување на нови банкарски продукти.

Во Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје доаѓа од Шпаркасе Банка Скопје, каде од 2021 година ја извршуваше функцијата Директор на Секторот за население.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и  магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, сајбер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

Со стапувањето во сила на решението за именување на Кирил Бухов, престанува мандатот на Игор Давчевски, член на Управниот одбор, заклучно со 2 јануари 2026 година.

Од НЛБ Банка истакнуваат дека промените се во согласност со стратегијата за понатамошно јакнење на корпоративното управување и континуиран развој на клучните управувачки структури.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка организира Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност

Објавено

на

Народната банка и Фондот за зелен развој (GGF − Green for Growth Fund) организираат Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност, којаштоќе се одржи на 25 ноември во Скопје. Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на дијалогот и поддршка на финансискиот сектор во приспособувањето на економијата кон зголемените климатски предизвици.

На Конференцијата под наслов „Климатските ризици и финансиската стабилност: справување со денешните предизвици и искористување на утрешните можности“, ќе се обединат централните банки, финансиските регулатори, меѓународните организации, како и претставници од банкарскиот сектор, со цел да ја продлабочат регионалната соработка и размената на најновите практики во управувањето со климатските ризици. Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и директорот на Фондот за зелен развој, Борислав Костадинов, а посебно обраќање ќе има претседателката на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС) и првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер.

На Конференцијата, високи претставници од централните банки од регионот и експерти од Светската банка ќе се осврнат на супервизорскиот пристап кон управувањето со климатските ризици. Излагачите ќе зборуваат за интеграцијата на климатските ризици во супервизорските процеси, примената на европските и меѓународните стандарди и искуствата од нивното спроведување. Ќе бидат опфатени и најдобрите практики на комерцијалните банки во управувањето со климатските ризици и зелената трансформација на деловните модели. Високи претставници од водечките банки од регионот и Европа ќе ги споделат предизвиците и можностите од воведувањето зелени производи, подобрените системи за известување и процената на физичките и транзициските ризици.

Во рамките на Конференцијата ќе се засегнат прашања и за климатските промени во контекст на финансиската стабилност, со учество на излагачи од Европската централна банка и од централните банки од поширокиот регион. Ќе се разгледаат најновите пристапи во моделирањето на климатските ризици и спроведувањето на климатските стрес-тестови, начините за надминување на недостатокот на податоци, како и транспарентноста и обврските за известување за одржливото работење (ЕСГ), при што ќе бидат претставени најважните регулативни новини и очекувањата за финансиските институции.

Конференцијата ќе може да се следи во живо, на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка по 15. пат избрана за најдобра FX банка од магазинот „Global Finance“

Објавено

на

Комерцијална банка е прогласена за „Најдобра FX банка во Северна Македонија“ за 2026 година од угледниот меѓународен магазин „Global Finance“ како признание за високо квалитетната услуга и современите технолошки решенија што им ги нуди на клиентите во областа на девизните пазари.

Ова признание повторно ја вброи Банката меѓу водечките финансиски институции 87 држави ширум светот. Статусот „Најдобра FX банка“ го доделуваат аналитичари, извршни директори и технолошки експерти врз основа на повеќе критериуми: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии.

„Размената на странски валути сè повеќе се гледа како клучен стратешки бизнис и за банките и за корпоративните клиенти. Сепак, секторот и понатаму се наоѓа во период на зголемена волатилност, поттикната од геополитички тензии, променливи каматни стапки и притисок врз валутите засолништа“, изјави Џозеф Џиарапуто, основач и уреднички директор на Global Finance.

Наградите Best FX Banks на Global Finance, ги одликуваат институциите кои продолжуваат да бидат лидери и иноватори во динамична и конкурентна пазарна средина. Се доделуваат во чест на Гордон Плат, кој со години беше главниот носител на програмата за доделување награди за најуспешно работење во доменот на тргување со финансиски инструменти во голем број земји во светот.

Комерцијална банка го добива ова признание 15. година по ред затоа што во девизните услуги, кои се меѓу клучните сегменти во работењето на банката, континуирано вложува за да обезбеди извонредно искуство и целосна поддршка за потребите на клиентите.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange