Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска ја промовира иницијативата за подобар пристап до финансии за жените претприемачи и до податоците коишто се подготвени за првпат во земјава заедно со ЕБРД

Објавено

на

Живееме во време на значителни предизвици на економски план и мораме да вложиме напори за целосно користење на човечкиот капитал и поголема поддршка на бизнисите предводени од жени. Еден важен аспект е пристапот до финансии на жените претприемачи. Во овој контекст, Народната банка потпиша Меморандум за соработка со ЕБОР за примената на Кодексот за финансирање жени претприемачи, што претставува светска рамка за поттикнување посветеност, лидерство и иновации со цел да се намали родовиот јаз во финансирањето.

Во рамките на активностите предвидени со Меморандумот, Народната банка за првпат во нашата земја направи анализа за пристапот до финансии на микро, малите и средните претпријатија во сопственост на жени (ММСП). „На крајот на првиот квартал од 2025 година, според првичните податоци, на ММСП во сопственост на жени им се одобрени 13,8% од вкупниот број банкарски кредити одобрени на ММСП со само 7,5% од вкупната вредност на кредитите одобрени на оваа група компании. Податоците покажуваат дека жените претприемачи се висококвалитетни клиенти со многу ниска стапка на нефункционални кредити од 1,54%, во споредба со 2,76% од ММСП во сопственост на мажи. Релативно нискиот удел на жените претприемачи во заемите бара подлабока анализа на причините, како и ефективни решенија за посилна финансиска поддршка на жените претприемачи или за започнување или за одржување на нивниот бизнис“, истакна Ангеловска-Бежоска. Притоа, гувернерката ги повика финансиските институции да се приклучат кон поддршката на Кодексот за финансирање на жените претприемачи и за негова поширока примена при осмислување на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

„Ги охрабрувам сите банки и штедилници, како и другите релевантни субјекти да се приклучат кон Кодексот и да станат дел од Националната коалиција за спроведување на Кодексот, од што ќе произлезат голем број активности и креативни идеи за надминување на препреките за женското претприемаштво. Им честитам на првите четири банки коишто веќе ја препознаа вредноста на проектот и се приклучија кон Кодексот“, порача Ангеловска-Бежоска, при што истакна дека само со заемна поддршка може да се подобри родовата финансиска вклученост и женското претприемаштво што е основа за посилен, одржлив и инклузивен раст.

Кодексот за осмислување политики за поддршка за жените претприемачи е спроведен или е во фаза на спроведување во 30 земји, меѓу кои и нашата, со поддршка и од ЕБОР, а целта е со заеднички активности да се зголеми финансирањето на женското претприемаштво.

„Во ЕБОР, веруваме дека инклузивните економии се отпорни економии. Жените претприемачи се моќен двигател на иновациите и растот, но често се соочуваат со препреки поради кои имаат нееднаков пристап до финансиите. Преку нашата поддршка на Кодексот за финансирање на жените претприемачи, горди сме што соработуваме со Народната банка придонесувајќи за системски промени и за еднаков пристап до финансиите. Податоците јасно покажуваат дека бизнисите предводени од жени се силни и сигурни клиенти − сега е време да се спои тој потенцијал со реалните можности. Ги покануваме сите финансиски институции да се приклучат кон оваа иницијатива и да помогнат во намалувањето на родовиот јаз во финансирањето“, рече Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија.

Банки

NLB Next со 1+1 кино карти во Cineplexx секоја среда во април

Објавено

на

НЛБ Банка АД Скопје информира дека корисниците на пакетот за млади NLB Next, наменет за лица од 18 до 25 години, во текот на април ќе можат да користат 1+1 понуда за кино билети.

Секоја среда, во соработка со Cineplexx, при купување на една карта, втората се добива бесплатно.

Поволноста важи исклучиво за билети купени на билетарниците во Cineplexx, со платежна картичка Mastercard debit за млади, без разлика дали е физичка или дигитална преку NLB Pay.

Од банката посочуваат дека среда станува ден за кино, дружење и забава за младите корисници на NLB Next пакетот.

Продолжи со читање

Банки

„Стандард и Пур“: Банкарскиот сектор е стабилен, а инфлацијата на среден рок ќе се врати на историскиот просек

Објавено

на

Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пур“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед, при што посочува дека банкарскиот сектор е стабилен, а инфлацијата на среден рок ќе се стабилизира и ќе се движи околу историските нивоа.

Во извештајот се наведува дека, пред конфликтот на Блискиот Исток и растот на светските цени на енергијата, инфлацијата бележеше значително намалување и изнесуваше 2,9% во февруари. Се очекува дека инфлацијата ќе се зголеми во наредните месеци, но на среден рок, инфлацијата кај храната и услугите би се нормализирала, при што вкупната инфлација би се движела од 2,0% до 2,5%, во просек.

Во вакви услови, се оценува дека Народната банка ќе води претпазливa монетарна политика, заснована на податоците за блискиот период, со приоритет на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот. Се посочува дека евентуалното олабавување на монетарната политика би било постепено и би зависело од одржливото намалување на инфлацијата, додека зголемените инфлациски или надворешни притисоци би довеле до задржување или затегнување на политиката.

Покрај ова, се наведува дека Народната банка ја приспособила оперативната рамка на монетарната политика заради подобрување на управувањето со ликвидноста и за зајакнување на преносот на монетарната политика.

Во однос на банкарскиот сектор, се наведува дека тој и натаму е стабилен, со висока стапка на адекватност на капиталот (19,5%), како и солиден раст на депозитите и кредитната активност.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ предупредува на можно брзо зголемување на каматите поради инфлациски ризици

Објавено

на

Членот на Управниот совет на Европска централна банка, Димитар Радев, предупреди дека инфлациските очекувања во еврозоната може да се зголемат побрзо од очекуваното, што би ја принудило институцијата да реагира со побрзо зголемување на каматните стапки.

Според него, постои ризик ценовните притисоци, поттикнати од растот на цените на енергијата, да се покажат подолготрајни. Во таков случај, централната банка ќе мора навремено да интервенира за да спречи продлабочување на инфлацијата.

Растот на цените на енергијата, поврзан со тензиите на Блискиот Исток и случувањата во Иран, веќе ја турна инфлацијата над целта од 2 проценти. Податоците за март покажуваат дека инфлацијата во еврозоната достигнала 2,5 проценти, највисоко ниво во последните 14 месеци, додека цените на енергијата пораснале за 4,9 проценти. Истовремено, базичната инфлација благо се намалила на 2,3 проценти.

„Рамнотежата на ризиците се помести во неповолна насока“, изјави Радев, додавајќи дека иако основното сценарио останува валидно, расте веројатноста за понеповолни исходи. Во рамки на анализите, ЕЦБ разгледува три сценарија, основно, неповолно и тешко, што ја одразува зголемената неизвесност.

Посебен ризик претставува однесувањето на потрошувачите и компаниите, кои сè уште ги паметат ценовните шокови по Руската инвазија врзУкраина. Овој ефект, познат како „инфлациски лузни“, може да доведе до побрзо прилагодување на очекувањата, повисоки барања за плати и дополнителен раст на цените.

Слични сигнали доаѓаат и од други носители на одлуки во ЕЦБ, кои укажуваат дека е потребна подготвеност за брза реакција. Иако засега нема силни знаци за прелевање на инфлацијата во платите, ризикот останува, особено во услови на кревка економска средина.

Радев нагласува дека најголемиот ризик е одложувањето на реакцијата. Доколку инфлаторниот притисок се прошири кон платите и профитните маржи, последиците би биле потешки и поскапи за контролирање.

Финансиските пазари веќе ги вградуваат овие очекувања, предвидувајќи повеќе зголемувања на каматните стапки во текот на годината, со можен прв чекор веќе во јуни.

Сите погледи се насочени кон состанокот на ЕЦБ кон крајот на април, каде се очекуваат појасни сигнали за идната монетарна политика. Во фокус ќе бидат инфлациските очекувања, движењата на цените, состојбата на пазарите и енергетските фактори, вклучително и цената на нафтата која се приближува до 115 долари за барел.

Иако еврозоната влезе во оваа криза со посолидна позиција отколку во 2022 година, благодарение на повисоките каматни стапки и постабилните очекувања, се појавуваат нови ризици. Меѓу нив се и можните државни субвенции кои би можеле дополнително да ја поттикнат инфлацијата, како и разликите меѓу земјите членки, Шпанија со инфлација од 3,3 проценти, Германија 2,8 проценти и Италија 1,5 проценти, што дополнително ја усложнува координацијата на заедничката политика.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange