Фондови
КБ Прво пензиско друштво: Младите и пензиското осигурување – Како транспарентноста носи подобри одлуки
Пензионирањето е период од животот во кој се уживаат плодовите од долгогодишниот труд. Тоа е животен стадиум кој носи слобода и време без работни обврски, исполнето со лични задоволства и повеќе моменти со семејството.
Пензиското осигурување е клучно за осигурување на финансиска стабилност во третата доба од нашите животи. Генерално, важи тоа дека како што еден човек напредува во кариерата, така растат и неговите приходи. Како резултат на тоа, стапувањето во пензија може да значи откажување од некои задоволства кои човекот можел да си ги дозволи во текот на работниот век.
Решение за овој предизвик е доброволното пензиско осигурување со кое се обезбедува поголема материјална сигурност и одржување на животниот стандард, затоа е важно уште од рана возраст да се размислува во таа насока, сѐ со цел да се искористат придобивките од долгорочното инвестирање на личните средства и остварување на принос кој би овозможил сигурна пензија.
Доброволното пензиско осигурување е финансиски производ кој нуди флексибилност преку можноста на членот да уплаќа колкав износ сака и кога сака. Исто така, содржи и социјална компонента, придонесувајќи за подобрување на општата благосостојба поради тоа што возрасната група на лица кои ги исполнуваат условите за користење на пензиски надоместок опфаќа значителен дел од вкупната популација во државата.
Финансиска транспарентност– карактеристика на новиот пензиски систем
Воведувањето на пензиската реформа претставува фундаментална промена на пензискиот систем, а со тоа голем акцент се става на транспарентноста на работењето на пензиските фондови и јакнење на довербата во пензискиот систем.
Оттука, друштвата кои управуваат со пензиски фондови имаат обврска квартално да ги објавуваат финансиските извештаи кои претставуваат „крвна слика“ на фондовите. Поради тоа посветуваме особено внимание при подготовката на финансиските извештаи, со што се зајакнува довербата на членовите и се дава можност да донесат правилна одлука при избор на фондот во кој сакаат да членуваат.
Дополнително во насока на транспарентноста, друштвото секојдневно врши проценка на средствата на фондот и ја пресметува вредноста на сметководствената единица. Таа претставува пропорционален дел од вкупните нето средства на фондот и е основен индикатор кој го покажува растот на вкупните нето средства на фондот. Средствата од придонесите на членовите коишто се уплаќаат во фондовите се конвертираат во сметководствени единици чија вредност расте со текот на работењето на фондот.
Едноставен пример би бил следниот: Доколку членот направи уплата од 10.000 денари кога вредноста на единицата изнесува 200,00 уплатата се конвертира во 50 сметководствени единици. Но, со текот на времето вредноста на единицата пораснала на 210,00 што значи дека членот во тој момент има 10.500 денари на својата лична сметка во однос на иницијалните 10.000 денари.
Оттаму, во директна зависност од вредноста на сметководствената единица е износот на акумулирани средства на секоја лична сметка од кои пак, во голем дел зависи и висината на пензијата од задолжителниот или пензискиот надоместок од доброволниот фонд којшто членовите ќе го добиваат.
Затоа, ги поттикнувам членовите на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд да пристапат на дигиталниот сервис „Моја Сметка“ каде имаат можност да направат увид кога се уплатени нивните придонеси, колкав е износот на акумулирани средства на личната сметка и движењето на вредноста на сметководствената единица. На овој начин се создава директна врска помеѓу придонесите и пензиите со што се мотивираат членовите да носат одлуки чии бенефиции лично ќе ги почувствуваат.
Инвестиција во својата иднина: Зошто младите треба да размислуваат за пензиско осигурување?
Неретко се случува новите членови да не бидат запознаени со начинот на функционирање на пензискиот систем сè до своето прво вработување или пак до добивањето на „зелениот плик“. Од исклучителна корисност е секој што стапува во работен однос за првпат, веднаш да провери во кој задолжителен пензиски фонд е привремено распределен и во следните 3 месеци да одлучи дали ќе остане во фондот каде што е случајно распределен или ќе склучи договор за членство во друг задолжителен фонд.
Ние како друштво секогаш се трудиме да ја поттикнеме финансиската писменост, а со тоа да ја истакнеме и важноста на доброволното пензиско осигурување, кое на одреден начин претставува алтернативно штедење, особено кај помладата популација.
Младите личности, без разлика дали се во работен однос или не, имаат можност да уплаќаат одреден износ на средства во доброволниот фонд, а со тоа да го искористат потенцијалот на своите години и вкаматувањето, и да остварат експоненцијален принос. Од суштинско значење е на рана возраст да се осознае потребата од доброволното пензиско осигурување и да се стекне навика за редовно уплаќање. Со тоа се добива пазарна изложеност на долг временски период и на одреден начин им се дозволува на парите да „работат“ за нив.
Поради ова, ги охрабрувам младите да бидат дисциплинирани, особено управувајќи со личните финансии и да започнат со редовно уплаќање на средства во доброволниот фонд, затоа што времето е на нивна страна.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229
Напишано од Дарко Костовски
Авторот на текстот е дипломиран економист и дел од Секторот за сметководство и финансии на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој активно учествува во подготовката на финансиските извештаи и вреднувањето на пензиските фондови.
Фондови
АДПФ: Вториот пензиски столб е стабилен механизам за долгорочно штедење
Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови одржа брифинг посветен на актуелните состојби и предизвици во пензискиот систем, во услови на зголемен интерес на јавноста.
Од АДПФ порачаа дека вториот пензиски столб претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење и има важна улога во обезбедувањето финансиска сигурност за идните пензионери.
На брифингот беше нагласено дека висината на идната пензија зависи од повеќе фактори, меѓу кои времетраењето на осигурувањето, работниот стаж, висината на платата на која бил пријавуван осигуреникот, како и приносите што ги остваруваат пензиските друштва.
Од Асоцијацијата посочија дека приносите во моментов се ограничени и од конзервативната законска рамка, поради што е потребно натамошно унапредување на системот.
Според АДПФ, идниот развој треба да опфати регулаторни промени, воведување мултифондови, измени на лимитите за инвестирање и проширување на листата на дозволени финансиски инструменти.
Дополнително, беше истакната и потребата од понатамошен развој на доброволното пензиско осигурување.
Супервизор на капитално финансираното пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Продукти
Нулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
Владата на последната седница ја усвои Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската Унија во земјава за период 2026–2030 година, со цел зајакнување на контролата и транспарентноста во користењето на националните и европските јавни средства.
Стратегијата е подготвена во рамки на обврските од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), во Поглавјето 32 – Финансиска контрола, кое ги опфаќа јавната внатрешна финансиска контрола, надворешната ревизија, заштитата на финансиските интереси на ЕУ и заштитата на еврото од фалсификување.
Документот е изработен од АФКОС-одделението при Министерството за финансии, во соработка со институциите од АФКОС-мрежата, органите задолжени за управување со средствата од Европската Унија и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Стратегијата предвидува мерки за поефикасна превенција, навремено откривање, истрага и санкционирање на неправилности и измами, како и подобрување на механизмите за поврат на неправилно искористени средства. Дополнително, се очекува зајакнување на институционалните капацитети и воведување поефективни алатки за спречување финансиски злоупотреби.
Документот го промовира принципот на „нулта толеранција за измама“ при користењето на европските фондови и претставува продолжување на реформските активности започнати со првата Национална стратегија за борба против измами, усвоена во 2019 година.
Банки
Нова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје
НЛБ Банка АД Скопје заедно со НЛБ Леасе & Го, лизинг д.о.о. Љубљана извршија докапитализација на основната главнина на друштвото НЛБ Леасе & Го Скопје.
Според информациите, НЛБ Банка АД Скопје поседува 49 проценти од вкупниот основачки капитал на друштвото.
Компанијата нуди услуги на финансиски лизинг и закуп за физички и правни лица, при што понудата опфаќа финансирање на нови и користени автомобили, товарни возила, автобуси, пловила, како и земјоделска и градежна механизација, но и друга опрема и машини.
Оперативниот модел на друштвото е насочен кон развој на иновативни и едноставни решенија со цел обезбедување подобро корисничко искуство и дигитализација на процесите. Активностите на компанијата опфаќаат широк спектар на лизинг решенија, како и дополнителни услуги поврзани со користењето на возилата и опремата кои се предмет на финансиски лизинг или закуп.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 4 неделиИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
-
Криптовалутипред 2 месециБиткоинот се врати кон 64.000 долари, ликвидирани над 320 милиони долари во кратки позиции за само 15 минути

