Connect with us

Анализи

Златото под силен притисок, сигналите укажуваат на натамошен пад

Објавено

на

Цената на златото бележи пад во текот на последното тргување, под влијание на засилен негативен притисок, покажува најновата анализа. Експертите посочуваат дека вредноста на златото се движи под експоненцијалниот подвижен просек (EMA50), што значително ги ограничува шансите за краткорочно закрепнување.

Дополнително, цената се движи долж краткорочна опаѓачка тренд линија, што го засилува притисокот за продажба и ја потврдува актуелната негативна перспектива на пазарот.

Техничките индикатори за релативна сила, пак, сигнализираат негативен пресврт откако достигнале нивоа на прекупеност. Ова укажува на можност за формирање негативна дивергенција, што би можело да го поддржи продолжувањето на падот во наредниот период и да ги ограничи обидите за посилен раст.

Во меѓувреме, анализата на девизниот пар евро-долар (EUR/USD) покажува обид за закрепнување, при што цената повторно го тестира клучното ниво на отпор на 1,1730. И покрај тоа, притисокот надолу останува, бидејќи парот и натаму се тргува под EMA50, кој дејствува како динамична бариера за посилен раст.

Експертите предупредуваат дека и тука индикаторите достигнуваат нивоа на прекупеност, што може да доведе до ново слабеење на курсот во блиска иднина.

Анализи

„Goldman Sachs“ повторно ја зголеми прогнозата за цената на нафтата

Објавено

на

Инвестициската банка „Goldman Sachs“ повторно ја ревидираше својата прогноза за цените на нафтата, при што очекува во последниот квартал од 2026 година цената на нафтата од типот „брент“ да достигне просек од 90 долари за барел, додека американската „WTI“ да изнесува околу 83 долари за барел.

Во моментов, цените се значително повисоки – „Брент“ се движи над 106 долари за барел, а „WTI“ околу 95 долари, што е резултат на застојот во преговорите меѓу САД и Иран и неизвесноста околу обновувањето на снабдувањето.

Аналитичарите на банката предупредуваат дека економските ризици се поголеми отколку што покажуваат основните прогнози, поради високите цени на дериватите, ризиците од недостиг и големиот шок во понудата.

Според нивните проценки, ваквиот притисок веќе влијае врз побарувачката, која би можела да опадне за околу 1,7 милиони барели дневно во тековниот квартал, а и понатаму да се намалува во 2026 година. Дополнително, се предупредува дека доколку прекинот во снабдувањето продолжи, може да биде потребно уште поголемо намалување на побарувачката.

Во меѓувреме, други аналитичари посочуваат дека ограничената понуда на глобалниот пазар ја зголемува цената на нафтата и дополнително ја притиска побарувачката. Според нив, резервите можат краткорочно да го ублажат недостигот, но доколку кризата продолжи, ќе биде неизбежен пад на потрошувачката поради високите цени.

Клучен фактор за растот на цените останува намаленото производство на Блискиот Исток, кое според проценките достигнува милионски барели дневно изгубено производство, што дополнително го стега глобалниот пазар на нафта.

Продолжи со читање

Анализи

ФЕД и технолошките гиганти во фокус: Пазарите чекаат сигнали за каматите и идниот раст

Објавено

на

Глобалните финансиски пазари оваа недела се насочени кон клучни одлуки и корпоративни резултати, при што вниманието е ставено на состанокот на ФЕД и финансиските извештаи на најголемите технолошки компании.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, заедно со членовите на Федералниот комитет за операции на отворен пазар, ќе ги разгледа економските состојби и ќе ја соопшти одлуката за каматните стапки. Се очекува тие да останат во постојниот опсег од 3,5% до 3,75%, но инвеститорите ќе бараат јасни насоки за понатамошните чекори на монетарната политика.

Во фокусот е и проценката на централната банка за економските ризици и инфлациските притисоци, како и сигналите дали ќе има простор за евентуално олеснување на политиката подоцна во текот на годината.

Паралелно, вниманието на пазарите е насочено кон резултатите на технолошките гиганти, кои имаат значително влијание врз глобалните берзи. Компаниите Alphabet, Amazon, Meta и Microsoft ќе објават резултати во среда, додека Apple ќе следи ден подоцна.

Инвеститорите особено ги следат нивните прогнози поврзани со инвестициите во вештачка интелигенција, кои остануваат еден од главните двигатели на растот во технолошкиот сектор. И покрај оптимизмот, остануваат дилеми околу тоа кога овие вложувања ќе почнат да носат значителен финансиски поврат.

Берзанските индекси во изминатиот период покажаа релативна стабилност, со позитивни движења кај технолошките акции, што дополнително ја нагласува важноста на претстојните објави за насоката на пазарите во наредниот период.

Продолжи со читање

Анализи

Каде најмногу купуваат онлајн Македонците во странство?

Објавено

на

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот (географска поделба по земји) во 2025, согласно кои може да се забележи дека Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 427,8 милиони евра на онлајн трансакции и направиле 12,4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авио-билети и резервации на хотели).

Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50% повеќе во вредност, додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 69%. Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на минатата година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92,1 милиони евра, со пораст од 173% во однос на минатата година, додека во Холандија е остварена вредност од 62,4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.

Во Ирска е направен и најголем број односно 4,8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, а потоа 2,1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија скоро 650%, а во Кипар 263%. Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од скоро 50% и во Обединетото Кралство од скоро 9%.

Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152,2 евра, иако помалку од лани за 2,1%, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14,1 евра. Во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција во Германија од скоро 70% која минатата година беше највисока и изнесуваше 214,2 евра.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков ги коментираше овие податоци и што тие покажуваат.

„Податоците покажуваат дека покрај силниот раст на прекуграничната е-трговија, се случува и значајна промена во структурата на вредноста и бројот на е-трансакции по земји. Оваа промена во голема мера е условена од начинот на кој глобалните дигитални платформи ги организираат своите деловни и платежни операции – односно каде се регистрирани нивните европски седишта или билинг центри. Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи. Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации. И САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси. Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн малопродажба и големиот број е-трговци кои директно продаваат на европските пазари. Од друга страна, растот кај земји како
Кипар укажува на зголемената улога на финтек компании и платежни процесори,
односно на тоа дека сè поголем дел од трансакциите се процесираат преку меѓународни посредници. Истовремено, промените кај традиционални хабови како Луксембург укажуваат на прераспределба, а не на намалување на трансакциите – односно на диверзификација на корпоративните и платежните структури на глобалните компании. Овие трендови потврдуваат дека географската распределба на онлајн купувањето сè повеќе ја следи структурата на глобалната дигитална економија, каде земјата на евиденција на трансакцијата не мора да ја одразува реалната локација на производот или услугата. За македонските потрошувачи ова значи поголема достапност и избор, но истовремено и зголемен одлив на средства кон странски платформи.“

Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот, преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот. Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни, додека 9-тата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange