Connect with us
no baners

Анализи

МАКЕДОНИЈА Осигурување ВИГ со пресврт во 2025 година: од загуба до добивка од 52 милиони денари, намалени штети и стабилна капитална позиција

Објавено

на

no baners

МАКЕДОНИЈА Осигурување а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп во 2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 52,1 милиони денари пред оданочување, што претставува значителен пресврт во однос на 2024 година, кога компанијата евидентираше загуба од 6,9 милиони денари. Резултатот доаѓа како комбинација на умерен раст на приходите, намалување на расходите и поволен нето-ефект кај штетите, и покрај зголемените резервирања кај одредени класи.

Во анализираниот период, вкупните приходи бележат раст од 1,2 проценти, додека вкупните расходи се намалени за 1,9 проценти. Ова подобрување во оперативната рамнотежа директно се одразува врз крајниот финансиски резултат. Во структурата на приходите доминантно учество има бруто заработената премија, која сочинува околу 77 проценти од вкупните приходи, што ја потврдува стабилноста на основната осигурителна дејност.

Бруто-полисираната премија во 2025 година изнесува 2.280 милиони денари и го надминува планот за годината од 2.270 милиони денари за 0,44 проценти. Сепак, во однос на 2024 година се бележи благ пад од 1,1 процент, односно 25,5 милиони денари. Намалувањето најмногу се должи на осигурувањето од автомобилска одговорност, особено во делот на продажбата преку брокерски друштва, каде премијата е пониска за околу 55 милиони денари.

Дополнително, кај имотните класи има намалување од 28,3 милиони денари, што е поврзано со необновување на полиси кај осигуреници со забавена наплата. Од друга страна, позитивен тренд бележат здравственото осигурување и осигурувањето од незгода, каде премијата е зголемена за 39,3 милиони денари. Кај останатите класи портфолиото останува стабилно, што укажува на задржување на пазарната позиција во клучните сегменти.

На страната на расходите, најголемо влијание имаат трошоците за настанати штети. Бруто исплатените штети се намалени за 14,8 милиони денари, при што најзначајно намалување се бележи кај моторните класи – автомобилска одговорност и каско – во износ од 65,2 милиони денари. Ова има директен позитивен ефект врз резултатот.

Истовремено, во 2025 година има значително зголемување на бруто резервираните штети кај имотните осигурувања, особено во делот на осигурување од пожар и природни непогоди по еден поголем настан, чиј износ се мери во повеќе милиони евра. Овој настан се рефлектира во зголемени бруто резерви за штети. Сепак, поради реосигурителните програми преку кои се покриени обврските, нето-ефектот врз резултатот е значително понизок. Вкупно гледано, настанатите нето штети по сите класи се намалени за 10,3 проценти, односно за 67,9 милиони денари, што претставува еден од клучните фактори за подобрување на финансискиот резултат.

Во текот на 2025 година компанијата не реализирала поголеми инвестиции, ниту значајни продажби или отписи на материјални средства, што значи дека билансната структура останала релативно стабилна.

Во делот на сметководствените политики, од 1 јануари 2025 година е имплементиран новиот Правилник за водење сметководство, со кој се применува МСФИ 16 – Лизинзи. Овој стандард се однесува на сите лизинг-договори на Друштвото, освен на исклучоците предвидени со стандардот, и има за цел пообјективно и потранспарентно прикажување на договорите за наем. Имплементацијата на стандардот значи подобрување на финансиското известување и усогласување со меѓународните практики.

Во 2025 година компанијата исплати дивиденда во износ од 90,078 милиони денари согласно дивидендниот календар, што укажува на стабилна ликвидност и доверба во финансиската позиција. Истовремено, Друштвото нема кредитни задолжувања, што дополнително ја зајакнува финансиската стабилност и ја намалува изложеноста на каматен ризик.

Остварениот нето финансиски приход во 2025 година изнесува 97,9 милиони денари и е за 24 проценти повисок од планираниот, главно поради зголемени приходи од камати. Ова покажува дека приходите од вложувања имаат сè поголема улога во структурата на резултатот, особено во услови на повисоки каматни стапки на пазарот.

Компанијата нагласува дека работи со долгогодишни клиенти и дека преземените мерки за наплата на премија се во рамките на дефинираните процедури, како во вонсудски, така и во судски постапки. Во делот на вложувањата се очекува движење во согласност со макроекономското окружување.

За 2026 година планот предвидува бруто-полисирана премија од 2,33 милијарди денари и добивка пред оданочување од 122 милиони денари, што претставува амбициозен, но реалистичен раст во однос на 2025 година.

МАКЕДОНИЈА Осигурување ВИГ истакнува дека нема проблеми со солвентноста и ликвидноста, дека сите обврски се сервисираат навремено и дека располага со високи резерви на сигурност и капитал над законски пропишаното ниво и над потребната маргина на сигурност.

Како друштво котирано на подсегментот задолжителна котација на Македонската берза, компанијата редовно објавува квартални, полугодишни и годишни финансиски извештаи, со што обезбедува транспарентност кон инвеститорите.

Севкупно, 2025 година претставува година на стабилизација и јасен финансиски пресврт за МАКЕДОНИЈА Осигурување ВИГ. Од загуба во 2024 година, компанијата преминува во профитабилно работење, со намалени нето штети, контрола на расходите, подобрен финансиски приход и стабилна капитална позиција – основа за амбициозните планови во 2026 година.

no baners

Анализи

Каде е најпрофитабилно да се инвестираат пари во 2026 година?

Објавено

на

Оваа нова 2026 година носи комбинација од можности и ризици – каматните стапки се сè уште релативно високи, инфлацијата постепено се стабилизира, но глобалните пазари остануваат чувствителни на геополитички тензии и економски неизвесности.

Во ваков амбиент, клучното прашање е: каде е најпаметното место за инвестирање пари денес? Одговорот зависи од три фактори – колку инвестирате односно износот на инвестицијата, временскиот хоризонт и колкав ризик сте подготвени да преземете.

1. Штедење во банка: сигурност со ограничен принос

Ороченото штедење нуди највисока безбедност и гарантирана камата, но реалниот принос често е минимален. Погодно е за краткорочни цели и финансиска резерва, но не и за значително зголемување на капиталот. Каматните стапки се повисоки отколку пред неколку години, но реалните приноси вклучувајќи ја инфлацијата, често се скромни.

Предности:

  • Минимален ризик
  • Парите се осигурани до законски пропишаниот износ (30.000 евра во денарска противвредност)
  • Погодно за краткорочни цели

Недостатоци:

  • Ограничен раст на капиталот
  • Инфлацијата може да го „изеде“ профитот
  • Добра опција за безбедна резерва, но не и за сериозно зголемување на капиталот.
2. Злато – заштита во неизвесни времиња

Златото традиционално се смета за „безбедно засолниште“ во неизвесни времиња. Обезбедува заштита од инфлација, но не носи камата и е изложено на ценовни флуктуации. Во време на геополитички тензии, често бележи раст.

Предности:

  • Заштита од инфлација
  • Глобално ликвидни средства

Недостатоци:

  • Не носи камата или дивиденда
  • Цената може да флуктуира
  • Погодно како дел од портфолио, но не како единствена инвестиција.
3. Акции и инвестициски фондови: повисок ризик, повисок потенцијал

Инвестирањето во акции и инвестициски фондови на долг рок носи високи приноси. Инвестициските фондови што ги следат глобалните пазари се особено привлечни. Сепак, бара трпение, дисциплина и прифаќање на краткорочните осцилации на пазарите.

Предности:

  • Високи приноси на долг рок
  • Можност за пасивно инвестирање

Недостатоци:

  • Краткорочни осцилации
  • Потребно знаење или советник
  • Идеално за инвестиции за подолг период (над 5 години).
4. Обврзници – рамнотежа на безбедност и принос

Државните и корпоративните обврзници нудат умерен, но посигурен и постабилен принос од акциите, со значително помал ризик и помала волатилност. Сепак, носат и значително помал принос во однос на акциите и инвестициските акциски фондови.

Предности:

  • Предвидлив приход
  • Помала волатилност

Недостатоци:

  • Помал потенцијал за раст од акциите
  • Добра опција за поконзервативни инвеститори.
5. Недвижности: долгорочна инвестиција

Недвижностите обезбедуваат стабилна вредност и потенцијален приход од кирија, но бараат висок почетен капитал и имаат пониска ликвидност. Ова е еден од најтрадиционалните стратегии за инвестирање на капиталот и долгорочно складирање на вредност на Балканот, но со моменталните цени на пазарот повеќе не е толку исплатлив како порано.

Предности:

  • Стабилна побарувачка
  • Можен приход од кирија

Недостатоци:

  • Огромен почетен капитал
  • Ниска ликвидност
  • Трошоци за одржување
  • Плаќање на долг рок, кое бара сериозен буџет.
6. Криптовалути: огромен ризик, најголем потенцијал за раст

Инвестирањето во криптовалути е многу ризично и бара големо познавање и многу трпение. Но, на долг рок носи највисоки приноси. Сепак, високата волатилност на пазарот кој е премногу сензитивен на надворешните влијанија и геополитичките тензии го прават екстремно ризична инвестиција.

Предности:

  • Највисоки приноси на долг рок
  • Можност за пасивно инвестирање
  • Висока ликвидност

Недостатоци:

  • Екстремно висока волатилност
  • Потребно големо познавање или советник
  • Идеално за инвестиции за над 5 години.
Заклучок: Диверзификацијата е клучот!

Не постои една „најдобра“ инвестиција. Во 2026 година, најразумната стратегија е диверзификација на инвестициите, односно распределба на средствата на повеќе инструменти за балансирање на ризикот и приносот.

Пример за избалансирано портфолио:

  • 20% штедење;
  • 20% злато или фондови поврзани со злато;
  • 20% акции или ETF фондови;
  • 20% обврзници;
  • 20% криптовалути.

Правилната распределба зависи од возраста, финансиските можности и целите. Најголемата грешка останува чувањето пари без принос – дури и умерена, но паметно распределена инвестиција може да донесе значителни резултати на долг рок.

Продолжи со читање

Анализи

Денеска ќе се утврди колку ќе порасне минималната плата

Објавено

на

Прашањето за усогласувањето на минималната плата и просечната потрошувачка кошничка ќе се најде на дневен ред на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Според најавите од Министерството за економија и труд, на седницата се очекува да биде соопштена и точната сума за зголемувањето на минималната плата.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека просечната потрошувачка кошничка веќе била разгледувана на претходна седница, но дека досега не биле доставени конкретни предлози, забелешки или сугестии од страна на работодавачите и синдикатите.

Тој посочи дека на денешната седница темата повторно ќе биде отворена со цел да се финализира документот, по што ќе биде презентирана конечната верзија пред јавноста. Според него, потрошувачката кошничка ќе се темели на реални податоци од релевантни институции, со цел граѓаните да имаат јасна и прецизна слика за тоа колку средства се потребни за едно четиричлено семејство да ги покрие месечните трошоци.

Министерот потсети дека Владата и претходно имала забелешки на таканаречената синдикална кошничка. Како пример ги наведе објавувањето на податоци пред крајот на месецот, пресметувањето со највисоките цени на прехранбените производи, како и вклучувањето на трошоците за кирија. Притоа нагласи дека според пописот од 2021 година, околу 90 проценти од населението живее во сопствен дом.

Во однос на барањата за зголемување на минималната плата, од Министерството повторуваат дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе биде договорено меѓу работодавачите и синдикатите.

Продолжи со читање

Анализи

Златото во подем поради геополитичките тензии, аналитичарите очекуваат ограничен пад

Објавено

на

Цената на златото бележи раст на почетокот на неделата, откако пазарите реагираат на ескалацијата на тензиите меѓу САД, Израел и Иран. Според стратегијата за суровини на холандската банкарска групација ING, геополитичките ризици повторно ја зајакнуваат улогата на златото како безбедно засолниште за инвеститорите.

Аналитичарите Ева Манти и Ворен Патерсон оценуваат дека обновените тензии внесуваат дополнителна премија на ризик во цената на златото, во период кога позиционирањето на инвеститорите веќе било позитивно насочено кон овој благороден метал.

Според нив, краткорочните движења на цената најверојатно ќе зависат од насловите и развојот на настаните, при што може да се очекува зголемена волатилност.

Доколку повисоките цени на суровата нафта ги зголемат инфлаторните очекувања, а во исто време се зголемат и ризиците за економскиот раст, реалните приноси би можеле да останат ограничени, што е поддршка за златото. Сепак, посилен американски долар може да го забави темпото на раст.

Во случај на проширување на конфликтот во регионот или нарушување на снабдувањето со енергенси, тоа би имало значително позитивно влијание врз златото, преку раст на цените на нафтата, зголемени инфлаторни очекувања и задржување на ниски реални приноси. Од друга страна, доколку тензиите останат ограничени и нема прекин во енергетските текови, почетниот „risk-off“ импулс би можел постепено да ослабне со намалување на ризичната премија кај нафтата.

Од ING нагласуваат дека актуелните случувања ја зацврстуваат, но не ја менуваат пошироката приказна за златото. Силната побарувачка од централните банки и очекувањата за монетарно олеснување подоцна во годината остануваат клучни фактори што го поддржуваат пазарот. Дури и во случај на стабилизирање на тензиите, овие структурни двигатели укажуваат дека евентуалните корекции би биле ограничени и краткотрајни, наместо сигнал за подолгорочен пресврт на трендот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange