Бизнис
Андоновски: Ќе се појасни законската рамка за инфлуенсерите, ЕУ прави јасна разлика меѓу платформи и креатори на содржини
Министерството за дигитална трансформација е во завршна фаза на усогласување на домашната регулатива со европските правила за воведување на моделот „Роаминг како дома“ со Европската Унија, а паралелно се отвора и прашањето за појасна законска рамка за инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека Европската комисија пред две недели официјално го започнала процесот за сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Според него, секоја држава ќе мора поединечно да ги исполни условите пред да започнат билатералните преговори.
Тој посочи дека државата веќе ги доставила измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации до Европската комисија, со кои се врши целосно усогласување со европските барања во делот на безбедноста, фер користењето на роаминг услугите, како и утврдувањето на прекуграничните цени. По добивањето на коментарите од Европската комисија, предлог-законот ќе биде испратен во Собранието.
Андоновски изрази очекување дека Северна Македонија ќе биде првата земја од регионот што ќе ги исполни сите критериуми за воведување на „роаминг како дома“. Потоа, како што појасни, ќе следуваат преговори со Европската комисија, која ќе биде посредник меѓу земјата и европските телекомуникациски оператори. Според неговите очекувања, договорите би можеле да се постигнат во текот на 2026 година, но динамиката ќе зависи од Европската комисија.
Во меѓувреме, институциите разгледуваат и можности за регулирање на статусот на инфлуенсерите и креаторите на содржини. Министерот соопшти дека веќе се одржала средба со претставници на Здружението на инфлуенсери, а планиран е и состанок со директорот на Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги.
Според него, во постојната законска рамка постои недореченост, бидејќи Законот за аудио-визуелни медиумски услуги не прави јасна разлика меѓу платформите и креаторите на содржина. Во Европската Унија, како што нагласи, јасно се прави дистинкција меѓу платформи како Инстаграм, Фејсбук или Јутјуб и поединечните креатори кои ги користат тие платформи за објавување содржини.
Во наредниот период ќе се разгледува дали ова прашање ќе се решава со измени на правилниците или ќе биде потребна законска измена за целосно усогласување со европските стандарди.
Бизнис
Во Владата денеска ќе се одржи панел дискусија посветена на економскиот раст и економската сигурност на граѓаните
На панелот ќе учествуваат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Дискусијата ќе ја модерира портпаролката на Владата, Марија Митева.
Настанот ќе се одржи во Медија центарот на Владата и ќе може да се следи во живо преку официјалниот Јутјуб канал на Владата.
По завршувањето на панел дискусијата е предвидена и сесија за прашања од новинарите.
Бизнис
Македонија е меѓу 10-те земји каде најлесно може да се добие државјанство
Северна Македонија е меѓу земјите во светот што нудат релативно едноставни и транспарентни услови за добивање државјанство, покажува најновиот извештај на „Интернешнал ливинг“, кој ги анализира програмите за стекнување државјанство во 2026 година.
Покрај традиционалните механизми како државјанство по потекло или таканаречените „златни визи“, сè поголемо внимание привлекуваат програмите за државјанство преку инвестиција. Иако во јавноста често се нарекуваат „купување пасош“, овие модели подразбираат исполнување на јасно дефинирани инвестициски критериуми, по што следува постапка за стекнување државјанство.
Во изминатите години, ваквите програми беа под засилен надзор. Кипар ја укина својата шема во 2020 година по низа скандали, додека Малта ја затвори програмата по правна постапка со Европската Унија. Брисел сигнализира дека може да преземе мерки против земји кои нудат државјанство со безвизен пристап до Шенген зоната без доволно строги проверки.
Оттука, актуелните програми во 2026 година се карактеризираат со значително построги процедури за проверка на потеклото на капиталот и безбедносниот профил на апликантите.
За инвеститорите, второто државјанство претставува инструмент за диверзификација на ризик и проширување на опциите во услови на зголемена глобална неизвесност. Во европски контекст, покрај Северна Македонија, како релевантна дестинација се издвојува и Турција.
Трендот укажува дека побарувачката за алтернативни правни и резиденцијални опции ќе остане висока, но во рамки на построги регулаторни стандарди и зголемена меѓународна контрола.
Бизнис
Јаневски: Организираниот настап на пазарот и континуираните инвестиции се клуч за успех
Организиран настап на пазарот, јасна стратегија за иднината и континуирани инвестиции во примарното производство се клучни предуслови за одржлив раст и конкурентност на винската индустрија во регионот. Ова го истакна претседателот на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, Светозар Јаневски, на годинашното издание на Копаоник бизнис форум, еден од најзначајните економски настани во регионот.
Јаневски учествуваше во разговор со Радојка Николиќ, главна и одговорна уредничка на Magazinabiznis.rs, при што нагласи дека долгорочните резултати во бизнисот не се случајност, туку се резултат на внимателно планирање, дисциплина во работењето и постојано унапредување на процесите.
Според него, успехот на компаниите зависи од нивната способност да настапуваат организирано на пазарот, да инвестираат и да имаат јасни цели и мерливи резултати.
„Победуваат оние што настапуваат организирано на пазарот. Ако немате став дека мора да победите, тогаш ризикувате да изгубите. За да се постигне успех потребни се континуитет во развојот, оперативна прецизност и постојано инвестирање во иновативни технологии. Квалитетот на финалниот производ започнува уште во лозјето и продолжува во визбата, преку стандардите што компанијата ги применува од година во година“, истакна Јаневски.
На панелот се разговараше и за состојбите во индустријата на пијалаци, инвестициите во примарното производство и пазарната конкуренција. Во изминатите години, на национално ниво во земјоделството се инвестирани околу 1,2 милијарди евра.
Осврнувајќи се на искуството на „Тиквеш“ во подобрувањето на квалитетот на вината, Јаневски посочи дека напредокот во одржувањето на свежината на вината и намалувањето на киселоста е резултат на долгогодишна работа, практично учење и развивање сопствени производствени процеси.
Копаоник бизнис форум повеќе од три децении претставува еден од најрелевантните економски настани во регионот. Форумот служи како платформа за дијалог меѓу креаторите на економските политики, бизнис-заедницата и експертската јавност, со цел унапредување на економските перформанси, индустрискиот развој и регионалната интеграција.
Годинава на форумот учествуваат повеќе од 1.500 учесници, меѓу кои шефови на држави, премиери, министри, претставници на меѓународни финансиски институции, дипломати, научници и компании од регионот и пошироко. На бројните панели се дискутира за теми поврзани со економијата, индустриската политика, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, енергетиката, инфраструктурата, финансиите, ESG стандардите, циркуларната економија, образованието и климатските промени.
Учеството на Јаневски на форумот ја потврдува активната улога на „Тиквеш“ во регионалниот економски дијалог и нејзината определба за одржлив и стратешки развој. Компанијата континуирано инвестира во иновации, дигитализација и зелени технологии, како и во современи практики за производство на грозје и вино, во соработка со врвни експерти од Франција, Италија и Словенија.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Продуктипред 1 месецШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол


