Connect with us

Банки

Оваа недела ќе се одржи 48. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

Објавено

на

На 21 септември 2023 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 48. сесија на Клубот на истражувачите на Народна банка преку видеоконференциска врска на е-платформата „Вебекс“.

На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“ од авторката Александра Данева.

По презентирањето на трудовите e предвидена дискусија.

Народната банка објавува повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: [email protected], најдоцна до 20 септември 2023 година (среда). По пријавата на учеството, на сите пријавени учесници ќе им бидат испратени информации за најава на е-платформата на која ќе се одржи сесијата.

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.

Банки

Комерцијална банка по 14-ти пат е прогласена за „Најдобра FX банка во Северна Македонија“ за 2025 година од „Global Finance“

Објавено

на

Комерцијална банка по 14-ти пат е прогласена за „Најдобра FX банка во Северна Македонија“ за 2025 година од угледниот меѓународен магазин „Global Finance“ затоа што на клиентите им обезбедува врвна услуга и иновативни технологии во тргувањето со валути.

Со ова признание Комерцијална банка повторно се најде во елитното друштво на банки од 87 земји во светот, чиј избор за „Најдобра FX банка“ е направен врз основа на повеќе критериуми: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии.

„Во време на глобална економска несигурност и брз технолошки напредок, најдобрите банки избрани од Global Finance покажаа исклучителна експертиза, издржливост и иновации во девизниот сектор, постојано давајќи им вредност и сигурност на своите клиенти ширум светот. Global Finance е горд што им оддава чест на институциите кои се истакнаа во динамичната и исполнета со предизвици пазарна околина“, изјави Џозеф Џиарапуто, основач и уреднички директор на „Global Finance“.

Годинашните награди од „Global Finance“ се доделуваат 25-та година по ред, повторно во чест на Гордон Плат, кој со години беше главниот носител на програмата за доделување награди за најуспешно работење во доменот на тргување со финансиски инструменти во голем број земји во светот.

Услугите на девизниот пазар се еден од деловните сегменти во кои Комерцијална банка се истакнува на национално и на меѓународно ниво и кои постојано ги развива со цел на клиентите да им обезбеди беспрекорна услуга и задоволување на нивните потреби.

Продолжи со читање

Банки

Среќен тим, успешен бизнис: Како Комерцијална банка гради позитивна работна средина?

Објавено

на

На конференцијата „Среќен тим, успешен бизнис: Моќта на здрава работна средина“ во организација на М6 Едукативен центар, како панелист учествуваше д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, која истакна дека создавањето здрава и среќна работна средина е клучно за успехот на секој бизнис. Таа сподели успешни практики од Комерцијална банка кои допринесуваат за создавање на силен КБ тим, нагласувајќи дека задоволството на вработените е важен приоритет.

Д-р Стевкова Штериева посочи дека работата во банка е динамична и бара постојано усовршување на вработените преку специјализирани обуки и притоа додаде дека со воведувањето на кариерни интервјуа, Комерцијална банка им дава можност на вработените да ги изразат своите мислења и потреби, со што го подобрува квалитетот на работната средина.

„Работењето во банка е динамично и бара стекнување нови вештини и знаење. Затоа вработените во Комерцијална банка постојано се усовршуваат со специјалистички обуки, но и со обуки за soft skills и за специфични области, како што е ЕСГ, кое бара усогласување на работењето до последната клетка во организацијата. Воведовме и кариерни интервјуа со цел вработените да ја кажат својата страна на нештата“, истакна д-р Маја Стевкова Штериева.

Генералната порака од панелистите на конференцијата беше дека среќата на вработените е еден од најголемите предизвици за секоја компанија, особено кога треба да се излезе во пресрет на навиките и потребите на вработените од Генерацијата Z.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година

Објавено

на

„Инфлациските очекувања се поволни, a притисоците од глобалните цени на храната и енергентите се намалија, со што за наредната година Народната банка очекува натамошно  забавување на просечната инфлација, сведувајќи се на 2,5%, а на среден рок на историските просеци од 2 отсто“. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на ТВ „Слободен печат“.

„Нашата последна оцена за инфлацијата за следната година е околу 2,5 проценти и таа се заснова врз претпоставки за умерен пад на цените на нафтата следната година, умерен раст на цените на храната на светско ниво, по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори коишто ги земаме предвид“, вели Митреска.

Добар сигнал е и тоа што инфлациските очекувања се поволни, односно потрошувачите веќе подолг период очекуваат намалување на цените. За сето ова значајна улога имаа и мерките што ги спроведе Народната банка. Сепак вицегувернерката Митреска нагласи дека ризиците коишто произлегуваат од глобалните случувања, растот на платите, како и растот на цените на услугите сѐ уште постојат.

„Во изминатиот период на неколку последователни кризи, она што го гледаме и низ Европа и кај нас е задржување на позитивните и релативно солидни профитни маржи, со умерен раст по одредени години и ова веројатно е една од причините поради кои некои ценовни категории сѐ уште не се приспособуваат надолу, па дури и кај дел од цените на храната“, посочи вицегувернерката Митреска и напомена дека позитивниот профит покрај тоа што може да делува врз нивото на цените, може и да го ублажи досегашниот раст на платите, но и евентуалните шокови со коишто може да се соочиме во следниот период.

Вицегувернерката Митреска напомена дека Народната банка и натаму претпазливо ќе ја води монетарната политика со примена на макропрудентни мерки, коишто дополнително ќе ја зајакнат финансиската стабилност.

„Во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата. Главниот параметар преку кој се утврдува стабилноста на системот секако е неговата капитализираност, којашто во моментов изнесува околу 19% и е повисока во однос на нивото пред пандемијата, но и стабилната и солидна ликвидност и  добриот квалитет на кредитното портфолио“, истакна вицегувернерката Митреска.

Продолжи со читање

Популарно