Connect with us
no baners

Банки

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика – Каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити остануваат непроменети

Објавено

на

На 11 март 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, коишто и натаму постојат и се нагласени. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно.Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката беше ставен на остварувањата кај инфлацијата и на ризиците поврзани со надворешното окружување и со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка. Во услови на нестабилен геополитички амбиент и воведување протекционистички мерки, забележлива е и зголемена променливост на пазарите на примарни производи.

Просечната инфлација, во периодот јануари  февруари 2025 година, изнесува 5%, при пониска споредбена основа од истиот период од претходната година, но и при натамошен умерен раст на дел од ценовните категории на месечна основа. Месечната динамика на инфлацијата од почетокот на годината главно произлегува од цените на храната и енергетската компонента, додека базичната инфлација има неутрален придонес.Воедно, и годишната динамика на базичната инфлација е релативно стабилна, при што во февруари беше забележано и одредено забавување. Во однос на инфлациските очекувања, во рамките на февруарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за посилно намалување на цените во следниот период. Последните проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што упатува на ризици и потреба за внимателност.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви, на крајот на февруари, изнесува 4.861,3 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Промената кај девизните резерви од почетокот на годината е близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2025 година засега е малку понизок во споредба со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со февруари 2025 година упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2024 година е незначително повисок од очекувањата во согласност со октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи во однос на очекувањата, особено кај директните инвестиции.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., под влијание на согледувањата за движењето на инфлацијата и силината на преносот на монетарните сигнали во еврозоната.

Економскиот раст, во последниот квартал на 2024 година, благо забрза и достигна 3,2%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Просечниот раст остварен за целата 2024 година изнесува 2,8% и е повисок од очекувањата, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто и натаму се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.

Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму постојат и добиваат на интензитет, додека внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Конференција на Народната банка: Стабилноста, иновацијата и отпорноста како столбови на економијата

Објавено

на

„Во време на светски предизвици, одржливите и иновативни институции се најсигурното „сидро“ за економијата.“ Ова беше главната порака што беше испратена на Конференцијата на Народната банка, во соработка со Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF  – The European Money and Finance Forum), на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“. На настанот учествуваа гувернери, економски експерти и министри од регионот и од Европа коишто ги разменија своите искуства и ги разгледаа стратегиите за справување со сложените светски предизвици.

Учесниците истакнаа дека малите и отворени економии, како нашата, се особено изложени на надворешните шокови, коишто доаѓаат од растот на цените на енергентите, нарушувањата во синџирите на снабдување и од геополитичките тензии. Овие промени не само што го зголемуваат ризикот од инфлација, туку го тестираат и капацитетот на институциите за навремено и соодветно реагирање. Во такви услови, внимателното воспоставување рамнотежа меѓу монетарните и макропрудентните мерки е клучот за зачувување на стабилноста и на довербата кај граѓаните.

Во исто време, финансискиот сектор доживува брза дигитална трансформација. Развојот на дигиталните валути, инстант плаќањата, анализата на големите податоци и примената на вештачката интелигенција отвора нови можности за ефикасност и сеопфатност, но истовремено носи и нови ризици, од кибернетски закани, до нарушување на приватноста и на довербата. На Конференцијата се потврди дека дигитализацијата треба да се развива рамномерно, со јасни правила и контроли, за да се заштитат стабилноста на системот и интересите на граѓаните.

Особено внимание се обрна на градењето на финансиската отпорност. Со постојано следење на кредитниот раст, долговите на домаќинствата, ризиците од недвижностите и на системските финансиски показатели и со воспоставувањето соодветни макропрудентни и фискални политики, се зајакнува способноста на системот за ублажување на надворешните шокови и за зачувување на стабилноста на економијата. Беше истакнато дека учеството на институциите во координацијата на монетарната и фискалната политика беше е најважно за одржувањето на стабилноста и за долгорочна заштита на економијата.

Покрај ова, на Конференцијата беше истакнато и значењето на јавната доверба и на транспарентната комуникација. Јавноста очекува од институциите да делуваат предвидливо, професионално и со кредибилитет, а добрата комуникација е основа за стабилизирање на очекувањата на граѓаните и за одржување на довербата, дури и во услови на криза.

На Конференцијата се потврди дека стабилните и иновативни институции, со помош на внимателно одбрани политики и преку транспарентна комуникација, можат најдобро да обезбедат финансиска стабилност и отпорност на економијата во време на светски предизвици.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ пред одлука: Вујчиќ најавува можно зголемување на каматите поради ризик од стагфлација

Објавено

на

Гувернерот на Хрватската народна банка и член на Советот на гувернери на Европската централна банка, Борис Вујчиќ, изјави дека ЕЦБ мора да биде „многу агилна и внимателна“ во одржувањето на ценовната стабилност, во услови кога војната во Иран го зголемува ризикот од стагфлација.

Вујчиќ, кој од 1 јуни ќе ја преземе функцијата потпретседател на ЕЦБ, посочи дека наскоро ќе стане појасно дали последиците од конфликтот ќе бараат зголемување на каматните стапки. Тој предупреди дека актуелните случувања укажуваат на зголемени ризици од раст на потрошувачките цени, комбинирани со слаб економски раст.

Според него, следните чекори на ЕЦБ ќе бидат насочени кон стабилизирање на инфлацијата на среден рок на ниво од два отсто. Иако забавениот економски раст обично врши притисок врз цените, институцијата ќе мора да води политика која ќе ја задржи инфлацијата во зададените рамки.

Се разгледуваат различни сценарија за зголемување на каматните стапки. Дел од економистите сметаат дека ваквиот чекор е неизбежен, а првите одлуки се очекуваат веќе во април или јуни. Вујчиќ посочува дека постојат две можности: ЕЦБ да започне порано со постепени, помали зголемувања, или да реагира подоцна со поголеми скокови на каматите.

„Подобро е да се започне со помали корекции и да се следи развојот на ситуацијата“, изјави тој, додавајќи дека сè уште е рано за конечни заклучоци, но дека наскоро ќе се знае дали ќе биде потребна интервенција.

Тој истакна и дека едно или две зголемувања на каматните стапки веројатно нема значително да ѝ наштетат на економијата, но дека останува прашањето дали тие се навистина неопходни и дали би донеле реална корист.

Во меѓувреме, и други централни банкари, меѓу кои и претседателот на германската Бундесбанка, Јоаким Нагел, најавуваат дека ЕЦБ на следниот состанок ќе мора да ја разгледа можноста за поскапо задолжување, поради растечките трошоци за енергија кои влијаат врз инфлацијата.

Според новите проекции, инфлацијата во еврозоната во основното сценарио се очекува да достигне 2,6 отсто, што е значително над претходните проценки. Во екстремно сценарио, доколку продолжат нарушувањата во снабдувањето со нафта и природен гас, инфлацијата би можела да порасне и до 6,3 отсто.

Сепак, Вујчиќ засега повикува на трпение, нагласувајќи дека до април има уште доволно време и дека околностите можат брзо да се променат. Тој потсети дека ситуацијата сепак се разликува од 2022 година, кога руската инвазија врз Украина ја турна инфлацијата на рекордни 10,6 отсто, но додаде дека ЕЦБ останува внимателна и подготвена за реакција.

Продолжи со читање

Банки

Народна банка: Претпазлива монетарна политика во услови на сѐ поголема светска неизвесност – каматната стапка е непроменета

Објавено

на

На 24 март 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На оваа седница, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4%. На аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 25 март, понудата ќе изнесува 36 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Досегашните измени во задолжителната резерва, макропрудентните мерки поврзани со критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, како и одлуките за управување со системските ризици, обезбедуваат дополнителна поддршка за претпазливата поставеност на монетарната политика.

Одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток. Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергентите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Евентуалнотоподолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенти, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи. Во ваков контекст, ЕЦБ на последниот состанок за монетарната политика ја задржа истата каматна стапка, правејќи нагорна корекција на очекуваната инфлација и надолна на растот.

Во домашната економија, инфлацијата и натаму забавува во согласност со очекувањата, а годишната стапка на инфлација се сведе на 2,9% во февруари. Значително забавување бележи и базичната компонента на инфлацијата, којашто е послаба од очекувањата. Наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени. Тие се поврзани со последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот. Пазарните оцени за цените на нафтата во следниот период се ревидирани поизразено во нагорна насока, на кус рок. Подолгорочните ефекти врз светските цени, а со тоа и врз домашната инфлација се условени од силината и времетраењето на воените дејства на Блискиот Исток.

На крајот на февруари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.558 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година што, според сите релевантни меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во 2025 година, надворешната позиција на економијата гледана преку билансот на плаќања беше подобра од очекувањата. Тоа е видливо преку повисокото ниво на девизните резерви на крајот на годината во однос на проекциите, што овозможува и подобра појдовна позиција за справување со шоковите. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, во јануари 2026 година, трговскиот дефицит главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Заклучно со февруари, остварувањата на менувачкиот пазар упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал.

Во изминатата година, домашната економија се покажа генерално отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и забележа забрзан економски раст, под влијание на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите. Така, економски раст од 3,8% беше забележан и во последниот квартал од 2025 година, со што растот за целата година изнесуваше 3,5%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, односно со зголемената неизвесност што произлегува од тековниот конфликт на Блискиот Исток. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.

Движењата во монетарниот сектор и натаму се солидни. Податоците за депозитите и кредитите на банките во февруари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките. Кредитната активност и натаму расте, но забавено, умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.

Општо земено, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици се особено изразени поради неизвесноста во однос на интензитетот и времетраењето на воениот конфликт на Блискиот Исток. Се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија и е подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange