Connect with us

Банки

Одговорното банкарство како алатка за здрав економски развој на општеството

Објавено

на

Одговорното банкарство е концепт кој се повеќе се актуелизира во модерната економија. Иако значењето може да биде широко и интерпретирано на различни начини, во суштина станува збор за термин кој се користи за опишување на банкарски практики кои се дизајнирани да промовираат економски развој и одржливост. Тоа е концепт кој сака да ги балансира интересите на банките, клиентите (граѓаните и бизнис секторот) и пошироката заедница, со цел да се создаде поздрава економска средина.

Што подразбира одговорното банкарство?

Одговорното банкарство е начин да се осигура дека банките дејствуваат во најдобар интерес на нивните клиенти и на општеството и дека преземаат чекори за да помогнат во создавањето поздрава економска клима. Ова вклучува обезбедување финансиски услуги и производи кои се прилагодени на потребите на заедницата, промовирање на финансиската писменост и поттикнување одговорни деловни практики.

Она што е особено важно за една банка да се карактеризира како одговорна е постојано следење на потребите на клиентите, а истото подразбира и унапредување на работењето на компанијата преку дигитализација, оптимизација на процеси, зголемување на конкурентност и постојано воведување на иновации.

Одговорното банкарство исто така вклучува обезбедување финансиски производи и услуги кои се достапни за поттикнување и развој на малите и средни бизниси, зголемување на нивната конкурентност, но и потенцијалот за извоз.

Неизоставен дел од одговорното банкарство, секако е промоцијата на еко – инвестиции кои се во насока на поттикнување на економскиот развој, но и долгорочна одржливост. Еко – инвестициите се од особена важност, бидејќи не само што придонесува кон подобрување на квалитетот на животот преку еколошките бенефити, туку истовремено долгорочно придонесуваат за зголемена конкурентност на компаниите и финансиска ефикасност на домаќинствата. На пример, енергетска ефикасност која допринесува до пониски сметки за струја или инвестирање во фотоволтаични панели кои произведуваат чиста енергија, а со тоа се намалува потребата од производство на струја од конвенционалните извори (нафта, јаглен, фосилни горива).

Зошто културата на штедење е круцијална за економскиот раст?

Одговорните банки промовираат штедење, пред неконтролиран консумеризам или неразумно трошење на средствата. Каде се гледа најголемиот проблем? Масовната дистрибуција на ненаменски кредити, се главниот поттикнувач кон неконтролирано трошење. Во прв момент и на краток рок, истите изгледаат примамливо, но на крајот ги оштетуваат домаќинствата, правејќи еден маѓепсан круг на постојано влегување во долгови. Резултатот е повеќе од очигледен – сиромашните стануваат уште посиромашни, а овој негативен тренд несомнено се отсликува низ целокупната економија.

Може ли одговорната банка да го прекине овој синџир? Преку континуирана едукација и понуда на флексибилни продукти, кои се достапни за широката јавност, може да се поттикне култура на штедење, а со тоа да се подобри целокупната благосостојба на граѓаните, кои наместо да се задоволуваат со т.н краткорочни и минливи „задоволства“ ќе научат правилно да менаџираат со своите финансии и да постигнат долгорочна финансиска стабилност. На макро ниво, овој позитивен тренд може да влијае на градење постабилна економија и зголемено ниво на инвестиции.

Брз профит или долгорочен економски раст?

Одговорното банкарство налага банките да имаат долгорочна визија и да размислуваат надвор од трката за краткорочен профит. Ова значи дека банката мора да го земе предвид потенцијалното влијание што нејзините активности ќе го имаат врз заедницата. На пример, банките мора да ги земат предвид социјалните, еколошките и економските импликации на нивните одлуки, како на пример дали проектот ќе создаде работни места или ќе ја зголеми локалната даночна основа. Дали клиентот долгорочно може да го подобри квалитетот на животот благодарение на банкарскиот производ за кој е заинтересиран. Дополнително, банките треба да се погрижат да не се впуштаат во какви било неетички практики.

На ова се надоврзува и моментот на транспарентност на банките за своите постапки. Што подразбира транспарентноста? Тоа значи дека банката мора да се погрижи клиентите да ги разберат ризиците поврзани со производите и услугите што ги нудат, како и тековно да бидат информирани за било промени во нивните сметки или услуги.

Банки

ЕЦБ ги предупредува банките: време е за враќање на редовните кредитни операции

Објавено

на

Банките во еврозоната треба да започнат подготовки за почесто користење на стандардните кредитни операции на Европската централна банка, со оглед на тоа што вишокот ликвидност во финансискиот систем постепено се намалува, се наведува во блог-објава на централната банка.

Повикајќи се на годишното истражување меѓу банкарските трезори, ЕЦБ истакнува дека банките кои претставуваат околу една четвртина од вкупната актива на банкарскиот систем во еврозоната веќе работат блиску до посакуваното ниво на резерви. Тоа е значително зголемување во однос на 15 проценти една година претходно, а се очекува овој удел до крајот на годината да достигне околу 50 проценти.

„Како што резервите продолжуваат да се намалуваат, важно е банките да бидат подготвени да ги користат операциите на Евросистемот како рутинска алатка за управување со ликвидноста и поддршка на пазарните активности“, наведува група економисти на ЕЦБ.

По години обележани со кризен пристап, вклучително долгорочни кредити и масовни откупи на обврзници, ЕЦБ сега се подготвува за премин кон систем во кој нивото на резерви повеќе ќе зависи од реалните потреби на банките.

Вишокот ликвидност достигна врв кон крајот на 2022 година на околу 4,7 трилиони евра, но оттогаш речиси се преполови, главно поради истекување на кредитите и прекинот на реинвестирањето на доспеаните обврзници.

Иако користењето на стандардните седмични и тримесечни операции на ЕЦБ и натаму е релативно ниско, бројот на банки што учествуваат во нив постепено расте. Меѓу оние кои ја поттикнуваат нивната редовна употреба е и членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.

Анализата на пазарот на пари покажува дека ликвидноста и понатаму е рамномерно распределена меѓу банките и државите од еврозоната, без знаци на фрагментација. Банките кои се најблиску до оптималното ниво на резерви се воедно и најактивни на краткорочните репо-пазари.

Краткорочните каматни стапки во моментов се движат блиску до депозитната стапка на ЕЦБ од околу два процента, но евентуален раст, особено на пазарите со подолги рочности, може да сигнализира промени во потребите за ликвидност и атрактивноста на кредитните операции на централната банка.

ЕЦБ подоцна во текот на годината ќе го преиспита оперативниот рамковен систем воспоставен во 2024 година, со цел негово прилагодување на новите услови на финансиските пазари. Во план се и дополнителни инструменти, вклучително рефинансирачки операции и структурен портфолио на средства, кои треба да им помогнат на банките во управувањето со идните потреби за ликвидност.

Продолжи со читање

Банки

ММФ за Народната банка: Стратегиска модернизација на монетарната политика и одржување на стабилноста на финансискиот систем

Објавено

на

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на соопштението во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, позитивно ги оценува стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народната банка.

Во изјавата се посочува на отпорноста на домашната економија, што се огледа во одржувањето солиден раст и во забавувањето на инфлацијата. Воедно, се истакнува дека продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата се сериозен ризик, а последиците би можеле да се почувствуваат во повеќе сегменти. Поради тоа, се нагласува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика.

ММФ ја истакнува модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика како значајно достигнување, со кое се зајакнува оперативната ефикасност и флексибилност на Народната банка.

Се нагласува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки коишто имаат ниско ниво на нефункционални кредити, а спроведените стрес-тестови укажуваат дека системските ризици и натаму се ограничени и се под контрола. Воедно, преземените мерки во делот на макропрудентната политика се оценети како соодветни.

ММФ искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на постојаното унапредување на своите политики и алатки, во согласност со најдобрите меѓународни практики.

Продолжи со читање

Банки

Шпаркасе Банка најави нов тарифник за физички лица од 1 јуни – кој тарифи и надоместоци се менуваат?

Објавено

на

Шпаркасе Банка АД Скопје најави измени во тарифникот за надоместоци за услуги наменети за физички лица, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јуни. Промените опфаќаат платежни сметки, пакет производи, електронско и мобилно банкарство, како и поедноставување или укинување на одредени услуги.

Според новиот тарифник, месечниот надомест за одржување платежна сметка во валута различна од денари ќе изнесува 60 денари. Кај пакетите, цените ќе се движат од 160 до 490 денари месечно за Премиум пакет. За С Пакет Плус надоместокот ќе биде 200 денари, за Смарт пакет 270 денари, додека за Супериор пакет 370 денари.

Промени се воведуваат и кај услугите за електронско и мобилно банкарство. Месечниот надомест за инфо пристап преку интернет-банкарството (Net Banking) ќе изнесува 35 денари, додека издавањето дигитален сертификат (Verba PKI) ќе чини 5.700 денари за нов токен и 4.700 денари за сопствен токен, со важност од три години.

Кај мобилното банкарство (S-banking), регистрацијата на корисник ќе биде бесплатна, а се воведува месечен надомест од 100 денари за активен и 90 денари за пасивен профил.

Од 1 јуни Банката ќе укине и дел од надоместоците, меѓу кои и надоместот за регистрација на активен корисник на мобилното банкарство, како и надоместот за доставување податоци до извршители и нотари.

Дополнително, се поедноставуваат условите за трајни налози, при што се укинува варијабилниот надомест и се воведува фиксен износ од 20 денари за плаќање режиски трошоци и интерни трансакции, вклучително и рати за кредити и кредитни картички.

Согласно законските одредби, ќе се смета дека клиентите ги прифатиле новите услови доколку до нивното стапување во сила не ја известат Банката дека ги одбиваат, односно не побараат раскинување на договорот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange