Бизнис
Македонија ги претстави инфраструктурните планови за коридорите 8 и 10 на економски форум во САД
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во Вашингтон учествуваше на глобалниот економски форум „Transforming Transportation 2026“, организиран од Светската банка, каде ги претстави инфраструктурните приоритети на Македонија и инвестициите во развојот на коридорите 8 и 10.
На министерскиот состанок Николоски нагласи дека земјата спроведува значаен инвестициски циклус вреден неколку милијарди евра, насочен кон модернизација на клучната транспортна инфраструктура и подобрување на регионалната поврзаност. Тој посочи дека Македонија има важна геостратешка позиција бидејќи токму на нејзината територија се вкрстуваат два пан-европски коридори.
Според него, Коридорот 10 претставува главна транспортна врска меѓу југот и северот на Европа, додека Коридорот 8 ја поврзува Албанија со пристаништето Одеса и има и значајна безбедносна димензија за НАТО. Инвестициите, како што истакна, истовремено придонесуваат за економски раст, поголема безбедност и отворање нови деловни можности долж овие транспортни правци.
Николоски информираше дека во тек се повеќе капитални проекти, меѓу кои изградба и модернизација на автопатските делници, како и проект за брза железничка линија на Коридор 10. Планирано е патничките возови да достигнуваат брзина до 200 километри на час, а товарните до 120 километри на час. Паралелно се работи и на железничко поврзување на Коридор 8 со поддршка од Европската унија и меѓународни финансиски институции.
Во рамки на инфраструктурните подобрувања се предвидува и модернизација на граничните премини со Албанија и Бугарија, како и воведување нов едношалтерски систем во Царината, со цел побрз проток на товарниот сообраќај и поголема ефикасност на трговијата.
Николоски посочи дека постои потенцијал за продлабочување на соработката со Светската банка во поддршка на клучни развојни проекти, нагласувајќи дека ваквите инвестиции можат да придонесат за долгорочен економски раст и зголемување на конкурентноста на земјата.
Според него, вложувањата во транспортната инфраструктура ќе отворат нови работни места и ќе ја зајакнат довербата на меѓународните инвеститори, додека географската позиција и близината до пристаништата во Југоисточна Европа ја позиционираат Македонија како важна точка во регионалната транспортна и економска мрежа.
Анализи
ИКТ индустријата руши рекорди: извоз од 676 милиони евра во 2025 година
Македонската ИКТ индустрија се наметнува како една од најдинамичните и најбрзорастечки извозни гранки во земјата. Според податоците на Народната банка, извозот на информациски, компјутерски и телекомуникациски услуги во 2025 година достигнал 676 милиони евра, што претставува раст од 7 проценти во споредба со 2024 година.
Овој сектор е меѓу ретките во македонската економија што континуирано бележи раст и остварува позитивен трговски биланс. Во текот на 2025 година увозот на ИКТ услуги изнесувал 197 милиони евра, што значи дека нето ефектот за економијата е суфицит од околу 438 милиони евра.
Најголемиот дел од приходите доаѓа од компјутерските услуги, чиј извоз достигнал 599,6 милиони евра. За споредба, извозот на храна од Македонија во 2025 година изнесувал 564 милиони евра, додека извозот на железо и челик достигнал 496 милиони евра, што дополнително ја нагласува важноста на ИКТ секторот во структурата на македонскиот извоз.
Растот на оваа индустрија е особено видлив ако се погледне подолг временски период. Во 2016 година извозот на ИКТ услуги изнесувал околу 150 милиони евра, што значи дека за седум години е зголемен за повеќе од четири и пол пати, односно за околу 351 процент.
Континуираниот раст покажува дека македонските компании се сè поконкурентни на глобалниот пазар и дека ИКТ индустријата има потенцијал да стане еден од стратешките столбови на економијата, со дополнителни можности за развој, диверзификација и нови работни места.
Според податоците на Стопанската комора за ИКТ секторот МАСИТ, во 2024 година во оваа индустрија работеле 2.921 компанија со речиси 24 илјади вработени. Во изминатите пет години секторот бележи стабилен и конзистентен раст по повеќе економски индикатори, што укажува на постепено созревање на индустријата и нејзино зајакнување и на домашниот и на меѓународниот пазар.
Од МАСИТ оценуваат дека ИКТ индустријата покажува висока отпорност на надворешни економски влијанија и силна способност за прилагодување на глобалните технолошки трендови, со што се позиционира како еден од најзначајните двигатели на македонската економија.
Бизнис
Милановиќ на fintech конференција: Готовината е прашање на лична слобода и заштита на приватноста
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, предизвика бројни реакции со својот говор на отворањето на конференцијата Money Motion, најголемиот fintech настан во Централна и Источна Европа, кој се одржа на Загрепскиот велесаем. Иако конференцијата е посветена на дигиталните финансии и иднината на плаќањата, Милановиќ силно се заложи за зачувување на готовината и правото на граѓаните сами да изберат како ќе плаќаат.
Неговиот настап, во кој во народски стил ја повтори пораката „куме, кеш, кеш“, претставуваше неочекуван контрапункт на програмата на конференцијата, каде доминираа експерти од fintech индустријата и поддржувачи на дигитализацијата на финансиските текови. Говорот веднаш предизвика различни реакции, од поддршка за неговата директност, до изненадување што на технолошка конференција се брани традиционалното плаќање со готовина.
Милановиќ нагласи дека правото на користење готовина е прашање на лична слобода. Според него, денешниот финансиски систем овозможува невидено ниво на надзор над трансакциите на граѓаните. Тој предупреди дека вмешувањето на државата, регулаторите и финансиските институции во финансиските текови се претвора во „24-часовна контрола над животите и трансакциите на луѓето“.
Според претседателот, овластувањата на државата и регулаторите во финансискиот систем веќе ја достигнале границата што може да се толерира во едно демократско општество и затоа треба да бидат ограничени. Во тој контекст, fintech технологиите можат да послужат како алтернатива на монополот на државата и регулаторите врз парите, односно како средство за демократизација на финансиските текови.
Сепак, прашањето што се отвора е дали дигиталните плаќања навистина можат да понудат приватност. Најголемиот дел од дигиталните трансакции се вршат преку картички, банкарски апликации и платежни платформи, кои овозможуваат увид во трансакциите од страна на регулаторите. Дури и популарните fintech апликации како „Revolut“ и „N26“ не се анонимни и функционираат во тесна врска со регулаторните институции.
Одредено ниво на приватност нудат криптовалутите, особено кај псевдонимните трансакции, но и тие не се целосно анонимни. Трансакциите со Bitcoin и Ethereum се јавно видливи и можат да се поврзат со идентитет ако адресата се поврзе со лични податоци. Од друга страна, таканаречените приватни криптовалути, како Monero, Zcash или Dash, овозможуваат ниво на приватност слично на готовината.
И покрај тоа, криптовалутите сè уште не се широко распространети. Според проценките на Statista, оваа година во Хрватска околу 345 илјади луѓе користат криптовалути, што претставува приближно девет проценти од населението. Поради тоа, готовината и натаму останува најголемиот „океан на приватност“ кога станува збор за плаќањата.
На конференцијата настапи и познатиот британски економист Ричард А. Вернер, кој исто така ја критикуваше централизацијата на финансискиот систем. Тој предупреди дека сегашниот систем ги уништува малите компании и средната класа бидејќи централизираните институции го контролираат кредитот и капиталот, наместо да ги насочуваат кон локалната економија.
Вернер предложи децентрализација преку отворање поголем број локални банки. Според него, на Хрватска ѝ се потребни меѓу 50 и 100 локални банки, а технологијата и софтверот за тоа веќе постојат. Тој смета дека политиките на централните банки водат кон депопулација и зависност од увоз на работна сила, наместо кон вистински економски развој.
Иако на прв поглед ваквите ставови може да изгледаат како враќање кон аналогните финансии, пораките од говорите на конференцијата всушност отвораат поширока дебата за тоа како треба да се структурира финансискиот систем. Прашањето за приватноста во плаќањата, кое долго време беше дел од традиционалното банкарство, денес се прелева и во дигиталниот свет.
Се нагласува дека заштитата на приватноста не значи прикривање незаконски активности, туку зачувување на личната автономија и правото на избор. Финансиските трансакции откриваат многу за навиките, интересите и начинот на живот на луѓето, информации кои можат да бидат злоупотребени или искористени за профилирање и контрола.
Пораката од овогодишниот Money Motion е дека иднината на финансиите не се сведува само на технологија. Таа мора да обезбеди рамнотежа меѓу дигиталниот напредок и зачувувањето на слободата на поединецот, овозможувајќи економски развој и просперитет што ќе им служи на луѓето.
Извор: Netokracija
Бизнис
УЈП воведува „паметно“ управување со даночните долгови: нова стратегија за реална Листа на должници
Во рамки на стратешката иницијатива за зајакнување на административните капацитети, Управата за јавни приходи започнува имплементација на зајакнат системски пристап во управувањето со долговите на даночните обврзници, насочен кон јасен фокус, поголема ефикасност и реални резултати.
Клучен чекор во овој процес е донесувањето на Стратегија за реална и наплатлива Листа на должници, со која листата повеќе нема да биде архива на историски податоци кои се резултат на наталожени и неажурирани состојби во даночните регистри и евиденции, која низ годините стана обемна и го отежнува правилното согледување на даночните побарувања на државата и планирањето на мерките. Целта е да се воспостави реална и употреблива база на податоци како здрава основа за подобро насочување на ресурсите и поефикасна наплата.
„Прочистувањето на Листата на должници не значи откажување од наплатата, туку јасен фокус за правилни мерки врз основа на класификација и категоризација на долговите. Чистите податоци се основа за ефикасна наплата“, истакнува директорката на УЈП м-р Елена Петрова.
Како дел од системскиот пристап, спроведуваме и реорганизација на оперативните надлежности за наплата на долгови, преку разграничување меѓу масивните, рутински постапки (блокади на сметки), постапките кои бараат индивидуализиран пристап кон должникот (присилна наплата од имот, приходи и побарувања на должникот) и најсложените случаи во кои се применуваат специфични мерки (судски постапки, гаранции и сл.).
Дополнително, УЈП донесе Повелба за формирање на Центар за даночно извршување, со цел зајакнување на теренските капацитети за лоцирање на движен и недвижен имот на должник, правилна процена на неговата вредност и поефикасно впаричување.
Со овие мерки, УЈП преминува кон „паметно“ управување со даночните долгови, засновано на реални податоци, јасна приоретизација на случаите и рационално користење на институционалните ресурси. Очекуваните ефекти од овој пристап се: подобрена наплата, намалување на даночниот јаз поврзан со ненаплатени даночни обврски и зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на податоците за даночните побарувања на државата.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски



