Останато
Економскиот факултет при УКИМ и ИСОС склучија Меморандум за деловно-техничка соработка
Искористување на научните, стручните и професионалните капацитети на двете институции, во функција на создавање високостручен кадар од областа на сметководството и останатите економски науки е главната цел што треба да се постигне со Меморандумот за деловно-техничка соработка помеѓу Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС), што го потпишаа деканот на факултетот, проф. д-р Предраг Трпевски и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете институции на полето на образованието, обуката и континуираното професионално усовршување, во низа области од економската наука, вклучително и во сметководството.
„Преку ова партнерство со единствениот Институт кој ја претставува целокупната сметководствена професија и во кој членуваат сите сегашни и идни професионални сметководители во земјата, нашиот факултет ги става на располагање сите свои образовни и научни капацитети и целокупното акумулирано знаење во областа на економските науки. Истовремено со него добиваме партнер кој на ефикасен начин може да им пренесе на нашите студенти квалитетни искуства и практично знаење од областа на финансиското известување. Ваквиот начин и модел на соработка помеѓу двете институции со сигурност ќе внесе нова енергија и му даде дополнителна вредност на процесот на создавање нов стручен кадар во областа на применетите економски науки, кој ќе биде подготвен да одговори на потребите и предизвиците на економскиот развој на нашата земја“, посочи деканот на Економскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Предраг Трпевски.

Договорената соработка помеѓу Економскиот факултет и ИСОС треба да се реализира преку организирање на практична настава за студентите, учество на вработени и членови на ИСОС како експерти од праксата на предавањата на факултетот, презентирање на практични проблеми, предизвици, решенија и можности за студентите на Факултетот, организирање на заеднички стручни работилници и конференции со вклучување на научниот кадар на Факултетот како говорници и предавачи, организација на натпревари за студенти и реализација на други проекти и активности.
Изразувајќи задоволство од официјализирањето на соработката со најголемиот факултет за економски науки во земјата, претседателката на ИСОС, Весна Прентоска изјави: „Убедени сме дека оваа соработка ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја и за зголемување на нејзината атрактивност, особено кај младите. Тоа е особено важно, затоа што просечната старосна структура на сметководителите во нашата земја постојано се зголемува. Преку оваа соработка, со задоволство ќе им го пренесеме на студентите на Економскиот факултет искуството и знаењето на нашите вработени и членови, а истовремено преку учеството на професорите и останатиот образовен и научен кадар од факултетот, на работилниците и конференциите кои ќе ги организираме во иднина, ќе им овозможиме на нашите членови пристап до квалитетно знаење и експертиза од сите области на економијата, вклучувајќи го сметководството“, истакна Прентоска.
Останато
Државата ќе издаде државни записи од 57 милиони евра на 7 април
Министерството за финансии на Северна Македонија ќе понуди едногодишни државни записи во вкупен износ од 3,5 милијарди денари (околу 56,8 милиони евра) на аукција закажана за 7 април, покажуваат податоците на централната банка.
Државните записи ќе доспеваат на 7 април 2027 година и ќе имаат каматна стапка од 4%, се наведува во објавата за аукцијата.
Продажбата на хартии од вредност ќе ја спроведе централната банка во име на Министерството за финансии, преку т.н. волуменска аукција, при што цената и купонската стапка се однапред утврдени, а примарните дилери учествуваат со понуди за износите што сакаат да ги купат.
Според курсот, едно евро изнесува 61,63 денари.
Бизнис
Велика Британија бара поблиски економски врски со ЕУ поради војната со Иран
Велика Британија ќе се стреми кон зајакнување на економската соработка со Европската Унија во услови на зголемена глобална нестабилност предизвикана од војната со Иран, изјави британскиот премиер Кир Стармер.
Тој најави дека на претстојниот самит со ЕУ подоцна годинава ќе побара поголема соработка во областа на економијата, безбедноста и енергетиката. Според него, актуелниот конфликт веќе има значително влијание врз економските перспективи, особено преку растот на цените на нафтата и гасот.
Премиерот предупреди дека продолжената блокада на Ормутскиот теснец, еден од најважните глобални транспортни коридори за нафта може дополнително да ги зголеми цените на енергијата и да ги оптовари домашните буџети на граѓаните. Воедно, најави дека Владата ќе продолжи со мерки за ублажување на трошоците за живот, вклучително и корекции на енергетските давачки и зголемување на минималната плата.
Според проценките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Велика Британија би можела да биде меѓу најпогодените економии од конфликтот, со забавување на економскиот раст.
Во меѓувреме, опозициските партии бараат дополнителни мерки за заштита на граѓаните, како што се укинување на ДДВ за сметките за струја и одложување на зголемувањето на акцизите за гориво.
Стармер нагласи дека зајакнувањето на односите со Европа е во долгорочен интерес на земјата, посочувајќи дека и покрај Брегзит, постојат значајни можности за економска и безбедносна соработка. Сепак, тој повтори дека Владата нема планови за повторно приклучување кон единствениот пазар или царинската унија.
Во однос на односите со САД, британскиот премиер истакна дека Лондон нема намера да избира меѓу Вашингтон и Брисел, туку ќе работи на одржување на силни врски со двата партнери.
Бизнис
Годишно собрание на АЕТМ: 950 милиони евра потрошени онлајн во 2025 – раст од 32%
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТСМ на 31 март 2026 година го одржа своето Годишно собрание, во присуство на членови, партнери и соработници од бизнис заедницата и институциите.
На Собранието беа презентирани извештаите за работењето во 2025 година, како и планот и програмата за работа за 2026 година, кои беа едногласно усвоени од присутните членови. Во рамки на дискусиите беше истакната важноста на развојот на е-трговијата и улогата на Асоцијацијата за е-трговија како клучен двигател на овој процес во земјата.
„Е-трговијата бележи континуиран раст. Во 2025 година се реализирани онлајн
трансакции вредни 950 милиони евра, што претставува годишен раст од 32%. Ова е јасен показател за зголемената доверба во онлајн купувањето, растот на понудата и развојот на дигиталните плаќања, но и поттик да продолжиме со унапредување на условите за понатамошен раст.“ – посочи претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Ангеловска Станков, во своето поздравно обраќање.

Поздравно обраќање имаше и м-р Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи, која ја истакна важноста на институционалната поддршка и дигиталната трансформација за развојот на економијата.
„Дигитализацијата на фискалните процеси е клучна за понатамошен развој на е- трговијата и за создавање фер и транспарентен пазар. Како институција, остануваме посветени на изнаоѓање практични и лесно применливи решенија за е-фискализација, во тесна соработка со бизнис заедницата. Нашата цел е да овозможиме раст на секторот, притоа намалувајќи ја сивата економија и зајакнувајќи ја довербата кај потрошувачите” – изјави м-р Елена Петрова, во своето поздравно обраќање.

Пред работниот дел од Собранието, за членовите беше организирана и презентација од страна на претставници на Народната банка на Република Северна Македонија за придобивките, практичните аспекти и предизвиците за компаниите од членството на земјата во СЕПА при што беше истакнато значењето за унапредување на платежната инфраструктура, олеснување на прекуграничните трансакции и поголема интеграција на домашните компании на европскиот пазар.
На Собранието беше и официјално најавено 9-тото издание на регионалната конференција за е-трговија, кое ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет, а се очекува да собере повеќе од 900 учесници од целиот Западен Балкан.
Дополнително, на Собранието беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, подружница на АЕТСМ, при што беше истакнато дека во 2025 година се реализирани бројни иницијативи за унапредување на родовата еднаквост, а за 2026 година е најавено и 5-тото јубилејно издание на конференцијата EqualXchange, кое ќе се одржи на 19 мај.

АЕТСМ и во наредниот период ќе продолжи активно да придонесува кон унапредување на е-трговијата, деловното окружување и регулативата, во интерес на своите членови и развојот на секторот. Во фокусот на асоцијацијата ќе останат унапредувањето и проширувањето на понудата во е-трговијата и придружните индустрии, зајакнувањето на дигиталните вештини, градењето стратешки партнерства за раст, намалувањето на сивата економија, како и продлабочувањето на соработката со институциите преку јавнo-приватен дијалог и развојот на дигиталните плаќања. Значаен фокус ќе биде ставен и на јакнење на регионалната соработка и поттикнување на прекуграничната е-трговија, со цел подобра интеграција на домашните компании на регионалните и европските пазари.
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Анализипред 2 месециПрофитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?
-
Продуктипред 2 месециГрупацијата Иуте го лансираше Iute Affinity – за целосно дигитални осигурителни решенија
-
Берзапред 2 месециНеколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство
-
Бизниспред 2 месециПлатите во јавната администрација наскоро повисоки – Владата го прифати барањето на УПОЗ!


