Бизнис
„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
Проектот „Е-фактура“ претставува стратешка и долгорочна инвестиција во дигитализацијата на деловното и даночното опкружување во земјата, која ќе донесе значајни придобивки и за компаниите и за државата, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на настан во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Пред претставниците на бизнис-заедницата, Петрова потсети дека пилот-фазата на проектот започна на 1 јануари годинава и дека во моментов се одвива подготвителен период, во кој активно се вклучени софтверските компании што развиваат фактурирачки решенија, како и економските оператори со сопствени ERP-системи.
Како што информираше, техничката документација за пристап до системот „Е-фактура“ веќе е објавена и јавно достапна, со цел компаниите и ИТ-провајдерите навремено да ги приспособат своите системи и да развијат API-канали за комуникација со националната платформа.
Петрова најави дека клиентската и веб-апликацијата на „Е-фактура“ ќе бидат ставени во употреба во вториот квартал од годинава, по што ќе започне тестирање со малите и средните компании кои немаат сопствени информатички системи и ќе ги користат бесплатните решенија обезбедени од УЈП.
Придобивки за компаниите: помал административен товар и поголема ефикасност
Директорката нагласи дека проектот се развива во тесно партнерство со стопанството, имајќи предвид дека „Е-фактура“ директно ќе влијае врз секојдневното работење на компаниите. Дигитализацијата на процесот на фактурирање ќе значи значително намалување на административниот товар, елиминирање на рачните процеси, автоматизација на книжењето, побрзо архивирање и полесно следење на деловните трансакции.
Дополнително, системот отвора простор за понатамошна дигитална надградба – автоматска подготовка на налози за плаќање, подобра контрола на ликвидноста, како и користење на податоците за аналитички и стратешки деловни цели.
Придобивки за државата: подобра усогласеност и борба против сивата економија
Од аспект на Управата за јавни приходи, „Е-фактура“ значи пристап до структуирани и стандардизирани податоци во реално време, што ќе овозможи поефикасна даночна контрола и значително подобрување на даночната усогласеност.
Податоците од системот ќе се вкрстуваат со постојните бази на УЈП – даночни пријави, финансиски извештаи, банкарски и царински податоци – што ќе овозможи навремено детектирање и корекција на евентуални неправилности.
„Наместо контроли по неколку години, „Е-фактура“ ќе овозможи брзи, автоматизирани и превентивни реакции, што е во интерес и на компаниите, бидејќи ќе можат навремено и полесно да ги коригираат евентуалните грешки“, истакна Петрова.
На крајот, директорката порача дека проектот ќе има силен ефект и во сузбивањето на сивата економија и нелојалната конкуренција, преку создавање целосна дигитална трага за сите деловни трансакции во земјата.
Бизнис
ЕУ го укинува роамингот за Западен Балкан, повици и интернет како дома
Европската унија покренува иницијатива за укинување на дополнителните трошоци за роаминг за земјите од Западен Балкан, што ќе им овозможи на граѓаните да користат мобилни услуги во ЕУ по исти цени како во матичната држава.
Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ закажа состанок на Работната група за проширување и земјите кандидати, на кој ќе се разгледува предлогот на Европската комисија за проширување на режимот „Roam Like at Home“.
Според планот, ЕУ ќе започне преговори со земјите од регионот за склучување договори за роаминг. Доколку тие бидат успешни, граѓаните ќе можат да телефонираат, да праќаат СМС пораки и да користат мобилен интернет во ЕУ без дополнителни трошоци, а истите поволности ќе важат и за граѓаните на ЕУ при патување во Западен Балкан.
Сепак, ова не значи автоматско вклучување во системот „Roam Like at Home“. Секоја држава ќе треба поединечно да склучи билатерален договор и да ги усогласи своите регулативи со европските стандарди за роаминг.
Предвидено е договорите да обезбедат и ист квалитет и брзина на мобилната мрежа како во матичната земја, како и бесплатно повикување на итни служби.
Режимот „Roam Like at Home“ ЕУ го воведе во 2017 година за земјите членки, а во 2025 година беше проширен и на Молдавија и Украина.
Иницијативата се смета за уште еден чекор кон подлабока интеграција на регионот со Европската унија.
Бизнис
РКЕ ги намали цените на горивата, новите цени важат од полноќ
Регулаторна комисија за енергетика донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, со која се предвидуваат пониски цени што ќе стапат на сила од полноќ.
Според одлуката, новите максимални цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 83,50 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 85,50 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 98,00 денари за литар
- Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1): 95,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС: 51,311 денари за килограм
Иако просечното ниво на цените бележи мало зголемување од 1,41% во однос на претходната одлука, од Регулаторната посочуваат дека без мерките за намалување на давачките, цените би биле значително повисоки.
Дополнително, се очекува нафтените компании да го пресметаат договорениот попуст со добавувачот ОКТА, што треба да резултира со пониски цени за граѓаните, околу 3 денари по литар за дизел и 2 денари за бензин.
Од Регулаторната комисија информираат дека овие мерки имаат за цел да обезбедат стабилност на пазарот на горива и да го ублажат влијанието од глобалните ценовни движења.
Бизнис
Намалена акцизата на горивата за стабилизирање на цените
Северна Македонија воведува дополнително намалување на акцизата на горивата, како и продолжување на веќе постоечката мерка, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз пазарот.
Мерката е насочена кон одржување на постабилни цени на горивата, особено во услови на зголемени трошоци на глобалните пазари. Со намалувањето на акцизата се очекува да се намали влијанието на поскапувањата врз секојдневните трошоци на граѓаните и деловниот сектор.
Оваа одлука доаѓа во период на зголемена нестабилност на енергетските пазари, кога цените на нафтата и дериватите се под притисок на глобалните случувања. Со ваквите мерки, државата настојува да придонесе за полесно справување со ценовните шокови и да обезбеди поголема предвидливост во трошоците за гориво.
Продолжувањето на мерката укажува на континуиран пристап кон одржување на ценовна стабилност и поддршка на економската активност во земјата.
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство
-
Берзапред 2 месециНеколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
-
Банкипред 2 месециТаткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 1 месецПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Бизниспред 2 месециМакедонија добива уролог обучен за роботска хирургија на глобална програма
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје


