Connect with us
no baners

Останато

УЈП: Нема нови даноци за студентите што работеле во Германија

Објавено

на

no baners

Управа за јавни приходи реагираше на написите во дел од медиумите во кои се тврди дека студентите се „на удар“ и дека им се бара плаќање данок за летна работа во Германија за изминатите пет години, нагласувајќи дека станува збор за погрешни толкувања.

Од УЈП појаснуваат дека не се воведуваат нови даночни обврски, ниту се бара исполнување на нешто што не е предвидено со закон. Напротив, активностите се насочени кон правилна и еднаква примена на даночните правила и поттикнување на доброволно пријавување на доходот, преку информирање и едукација на граѓаните.

Во таа насока, Управата информира дека веќе објавила повеќе појаснувачки материјали, како и дека во два наврати испратила персонализирани известувања до граѓаните кои во 2025 година оствариле доход во странство, меѓу кои и студенти со сезонска работа.

Од институцијата потенцираат дека никој не е „на удар“, туку станува збор за мерки за подигнување на свеста и за навремено исполнување на законските обврски. Дополнително, се нагласува дека не постои двојно оданочување, бидејќи тоа е регулирано со меѓународни договори.

Сепак, секој даночен резидент на Северна Македонија има обврска да го пријави доходот остварен во странство во својата даночна пријава, што е важно за остварување на правата пред институциите.

Според законските одредби, резидент е лице кое има постојано живеалиште во земјата или престојува повеќе од 183 дена во текот на една година. Тоа значи дека и студентите кои краткорочно работеле во странство спаѓаат во оваа категорија.

УЈП дополнува дека студентите кои работеле во Германија помалку од 183 дена се должни да го пријават доходот преку системот за е-даноци и да поднесат електронска пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец. Данокот, по одобрување од УЈП, треба да се плати до 15-ти во месецот.

Во соопштението се наведува и дека, според достапните информации, данокот што бил задржан во Германија им бил вратен на студентите, па согласно договорот за избегнување на двојно оданочување, овој доход се оданочува во Северна Македонија.

no baners
no baners

Останато

Делегација на ФОД учествуваше на годишното собрание и конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити

Објавено

на

Делегација на Фондот за осигурување на депозити учествуваше на Годишното собрание и Меѓународната конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити (EFDI), што се одржа во Букурешт од 9 до 13 јуни 2026 година.

Настанот беше организиран од Романскиот фонд за гаранција на банкарски депозити (FGDB), а ФОД го претставуваа Ирена Митровска, помошник раководител на секторот за обесштетување на депозити, меѓународна соработка, промотивни активности, односи со јавноста и ИКТ, и Антигона Сефери, помошник раководител на секторот за правни работи, општи административни работи и управување со квалитет.

На конференцијата се разговараше за најновите случувања и реформи поврзани со новата рамка за управување со кризи и осигурување на депозити (CMDI), како и за предизвиците што ги носат финансиските иновации и развојот на FinTech-секторот. Дел од дискусиите беа посветени и на прекуграничното управување со ризици во банкарскиот сектор.

Од ФОД посочуваат дека учеството на конференцијата ја потврдува нивната посветеност на понатамошно зајакнување на системот за осигурување на депозити, унапредување на структурните реформи и регулаторната рамка, како и на размена на искуства со европските институции.

Продолжи со читање

Останато

Од јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари

Објавено

на

Компаниите од приватниот сектор од 1 јули можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Минималниот износ што треба да им биде исплатен на работниците годинава изнесува околу 19.116 денари.

Износот се утврдува според просечната нето-плата за претходните три месеци. За пресметката се земени платите за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот од овие три месеци е околу 47.790 денари, а според колективниот договор, минималниот регрес за годишен одмор изнесува 40 проценти од таа основица.

Право на К-15 имаат вработените во приватниот сектор кои во текот на календарската година имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач.

Работодавачите имаат можност да исплатат и повисок износ од минималниот, доколку тоа е предвидено со колективен договор, правилник или одлука на самата компанија.

Продолжи со читање

Останато

УЈП: До 30 јуни истекува рокот за првите пријави за минималниот глобален данок

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсети засегнатите даночни обврзници дека на 30 јуни 2026 година истекува рокот за поднесување на првите даночни пријави за 2024 година согласно Законот за минимален глобален данок на добивка и соодветниот правилник за пресметување и наплата на дополнителниот данок на добивка.

Законот предвидува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални компании и големи домашни групи со минимална даночна стапка од 15 проценти. Обврската се однесува на субјекти со седиште во државата кои се дел од мултинационални или големи домашни групи со консолидиран годишен приход од најмалку 750 милиони евра во најмалку две фискални години во периодот од 2020 до 2023 година.

Според законските решенија, минималното ефективно оданочување се спроведува преку три механизми: квалификуван домашен дополнителен данок, правило за вклучување на добивката и правило за помалку оданочена добивка.

Од УЈП информираат дека најдоцна до 30 јуни засегнатите обврзници треба електронски да достават известување за субјектот назначен за поднесување на Пријавата за информации за дополнителен данок, како и Пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (КДДД/П).

Дополнително, до истиот рок треба да се поднесе и Пријавата за информации за дополнителен данок преку системот е-Даночни услуги, во делот „Извештај за глобален данок“.

Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок се поднесува до 30 јуни, додека Пријавата за дополнителен данок (ДДД/П) треба да биде доставена најдоцна до 30 јули 2026 година.

УЈП нагласува дека даночните пријави мора да бидат поднесени и во случаите кога пресметаниот данок за плаќање изнесува нула.

Рокот за плаќање на квалификуваниот домашен дополнителен данок е 30 јули 2026 година, а дополнителниот данок на добивка треба да се плати најдоцна до 30 август 2026 година.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange