Банки
Двајца уметници од регионот победници на НЛБ Муза, повикот на НЛБ Групацијата за интермедијална уметност
Помеѓу 15 февруари и 21 март 2024 година уметници помлади од 35 години од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово имаа можност да се пријават на меѓународниот јавен повик за интермедијална уметност на НЛБ Групацијата, наречен „На раскрсница“. Свои уметнички дела доставија 83 уметници од сите пазари каде што работи НЛБ Групацијата, а меѓународното стручно жири избра дела на двајца уметници од регионот, кои ќе бидат изложени на отворањето на изложбата во новата галерија „Банкариум“ во центарот на Љубљана, на почетокот на следната година.
На повикот се бараа уметнички дела што одговараат на концептот на уметничката колекција на ЈИЕ, која ги претставува различните култури, идентитети и сеќавања кои со текот на времето ја обликувале заедничка историја во регионот. Колекцијата има за цел да го подобри разбирањето и знаењето за различните културни и општествени средини, да промовира толеранција и различност, а во исто време да раѓа нови одржливи идеи и акции со различни изрази на современата уметност.
Автор на прво-избраното уметничко дело со наслов „Од присуство до сеќавање и назад“ е Аријана Кадиќ од Црна Гора. Станува збор за уметнички перформанс во кој уметникот користи наследен тепих како централен елемент, кој делува како портал што ја поврзува со нејзините предци, како мост помеѓу сегашноста и вечноста. Автори на второто уметничко дело, се Далеа Ковачец и Марко Дамиш од Словенија со нивната интерактивна инсталација насловена „Од раѓање до бајт: генеративен животен пејсаж“. Станува збор за инсталација која користи камери, екрани и огледала за да прикаже разновидна палета на лични, директни наративи на социјалните мрежи, прикажувајќи го широкиот спектар на човечкиот живот од раѓање до смрт.

Меѓународното стручно жири на конкурсот во состав: Тевж Логар – независен кустос, уредник и писател, претседател на Уметничкиот совет на НЛБ, Мира Гаќина – историчар на уметност и критичар, кустос, член на Уметничкиот совет на НЛБ, Ана Херман – проект менаџер за комуникации во НЛБ и Матко Миоч – директор на НЛБ Културно наследство го аргументираше изборот на делата:
„Решивме да ја поканиме уметницата Аријана Кадиќ да изложи во нашата галерија поради личната наративност на уметникот. Нејзината приказна е длабока и автентична, рефлектирајќи вистинско човечко искуство што може да зборува за пошироката публика и да создаде силна емотивна врска. Од друга страна, работата на Далеа Ковачец и Марко Дамиш е елоквентна и многу актуелна. Оваа способност овозможува директна интеракција помеѓу уметничкото дело и гледачот, создавајќи динамично искуство кое постојано се менува и се прилагодува според сегашните податоци и околности“.
Инаку, Групацијата НЛБ не е само водечка банкарска и финансиска групација со седиште и ексклузивен стратешки интерес во Југоисточна Европа, туку и важен поддржувач и покровител на регионалната култура и уметност. НЛБ МУЗА, програмата за културно наследство на НЛБ се состои од уметнички и музејски збирки, како и музеи и галерии на НЛБ Групацијата. Колекцијата SEE Art, која е основана во јануари 2023 година, е дел од програмата на НЛБ МУЗА. Со нарачка, купување, презентирање и промовирање на современата уметност, НЛБ Групацијата станува нејзин главен поддржувач и партнер во Југоисточна Европа. Во оваа прилика, НЛБ Групацијата упатува благодарност до сите уметници кои учествуваа на повикот, како и на стручното жири за нивната посветена работа.
Банки
Народна банка: Натамошен динамичен раст на дигиталните плаќања
Обемот и вредноста на платежните трансакции растат и во текот на третиот квартал од 2025 година. Дигиталните начини на плаќања и понатаму бележат особено брз раст, со што се потврдува сѐ поголемата дигитализација и модернизација на плаќањата.
Во однос на плаќањата со кредитни трансфери, во споредба со истиот период од минатата година, нивниот број е зголемен за 7,0%, а вредноста за 15,3%, што упатува на зголемена активност и поголеми износи по извршена трансакција.
Електронските плаќања преку дигиталните канали остварија динамичен годишен раст од 19,0% кај бројот и 29,3% кај вредноста. Од вкупниот број платежни трансакции иницирани по електронски пат, 71,8% се извршени преку мобилни апликации, што ја потврдува главната улога на мобилното банкарство во секојдневните плаќања.

Истовремено, плаќањата со платежни картички во трговијата и натаму растат, па и во третиот квартал од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 9,9%, а нивната вредност за 12,4%. Раст од 9,9% е забележан кај плаќањата на физичките продажни места, како и кај купувањето преку интернет 9,3%, што укажува на поширока и почеста употреба на картичките преку сите продажни канали.
Наведените движења потврдуваат дека корисниците сè повеќе ги прифаќаат електронските и картичните плаќања, придонесувајќи кон натамошен развој на платежниот екосистем.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: Платежна статистика на Народната банка.
Банки
Гувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.
Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.
Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.
Банки
НЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
Во пристуство на претставници од менаџментот на НЛБ Банка, вработени, клиенти и партнери, денеска во Ресен, официјално се отвори реновираната експозитура на Банката. Со оваа и неодамна реновираните експозитури во Валандово, Радовиш и Виница, а во текот на 2025 и во Куманово и Прилеп, и населбите Илинден и Ѓорче Петров во Скопје, НЛБ Банка ја заврши годинава со обнова на осум експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на својата деловна мрежа до 2030 година.
Дигитализацијата значително го менува начинот на кој клиентите комуницираат со банките. Клиентите бараат ефикасен и непречен пристап до банкарски услуги, но и поддршка и советување за постигнување на нивните финансиски цели.
Водена токму од променетите очекувања на клиентите и глобалниот тренд на дигитализацијата, НЛБ Банка започна интензивен процес за модернизација на продажната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и продажба на интегрирани финансиски решенија, советување и градење релации со клиентите.
Сите експозитури се со модерен ентериер, најсовремени технолошки решенија и професионален тим подготвен да одговори на сите потреби на клиентите – физички и правни лица, истовремено обезбедувајќи поголема удобност и пријатен амбиент како за клиентите, така и за вработените.
Секоја од експозитурите располага со 24/7 АТМ зона со банкомати со низа функционалности (исплата и уплата на готовина, плаќање на режиски трошоци, кредитни доспевања, дополнување на пре-пејд картичка), а речиси сите и со CDS (Cash Deposit System) – самоуслужни уреди за олеснето депонирање на дневен пазар за правни лица со кои значително се намалуваат готовинските трансакции во експозитурите и чекањето на шалтерите. Оваа година, и имплементацијата на електронските уреди (E-Pads) за потпишување на кредитната документација дополнително го скрати времето на шалтерите и го унапреди клиентското искуство, истовремено намалувајќи ја и употребата на хартија за над 25% и поддржувајќи ги целите за одржливост на Банката.
Обновените експозитури се дизајнирани да бидат инклузивни и достапни за сите, со пристап за лица со физичка попреченост и банкомати со кориснички интерфејс прилагоден за користење за лицата со оштетен вид.
„Секојдневното банкарство сè повеќе се управува преку дигиталните канали, создавајќи можност банкарските службеници во експозитурите да се фокусираат на персонализирана поддршка и стратешки совети. Следејќи ги очекувањата на нашите клиенти за банкарство кое е независно, брзо и безбедно, ја трансформираме нашата продажна мрежа со јасна и амбициозна визија за експозитури на иднината. Преку нашето сеопфатно финансиско портфолио, секоја експозитура се развива во вистински „финансиски супермаркет“ кој нуди интегриран спектар на решенија, обединувајќи банкарски и небанкарски производи на едно место. Уверени сме дека новиот деловен модел на нашата продажна мрежа ќе постави нови стандарди во банкарството и уште повеќе ќе го зајакне нашиот однос со клиентите“, истакнува претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски.
Модернизацијата на експозитурите е дел од пошироката стратегија „2030“ на НЛБ Групацијата која ја одразува посветеноста кон иновации, дигитализација и одржлив раст, и позиционирање на НЛБ Банка како банка-партнер за сите животни предизвици.
-
Осигурувањепред 2 месециОд клик до осигурителна полиса – онлајн без чекање
-
Бизниспред 2 месециКолкава е минималната сума што ќе ја добијат работниците по основ на регрес за годишен одмор попознат како К-15!?
-
Продуктипред 1 месецНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Анализипред 2 месециРаст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight Интервју: Зоран Кочоски | Агенција за посредување при вработување во странство | Kouzon




