Банки
Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Потребно е двојно зголемување на уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање
Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40% на 80 до 90% кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели. Ова го порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.
Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата на тема „Зошто е важна мобилизацијата на приватниот капитал“, којашто ја отвори главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, со свое излагање. Таа се осврна на доходовниот јаз помеѓу нашата и земјите од регионот со економиите во ЕУ, којшто сѐ уште е длабок, како и на ефектите од мобилизацијата на приватниот капитал за остварување на потребните структурни реформи во економиите, особено зелената трансформација. „Јазот за финансирање на зелените инвестиции е особено голем кај земјите во развој, во нашиот случај се проценува дека е околу 7,7% од БДП. Имајќи предвид дека јавните ресурси се ограничени, особено по скорешните кризи, при зголемена цена на капиталот, потребна е мешавина од повеќе политики за негово надминување. “, посочува Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката се осврна на улогата на централните банки во зелената трансформација, за која поради можните ефекти врз ценовната и финансиската стабилност, има се поголем интерес од центрланите банки. Ангеловска-Бежоска нагласи дека Народната банка усвои среднорочна стратегија за утврдување на климатските ризици, којашто се заснова врз претходно спроведена анкета за мапирање на екосистемот на зелените финансии во земјава и со која се поставува рамката за сите активности што ги спроведува нашата централна банка во овој домен. Во рамките на активностите спроведени досега, Народната банка издаде насоки за деловните банки за начинот на вградување на климатските ризици во нивните стратегии и известувања, а беше направена и првична анализа на изложеноста на банките кон овие ризици. За полесно да се следи уделот на зелените кредити во кредитните портфолија на банките, Народната банка започна да прибира и да објавува статистички податоци, т.н. „зелена статистика“, а годинава е објавен и преглед на зелени показатели за полесно следење на напредокот на климатските цели. „Народната банка, за да даде пример, ја заврши Политиката за одржливост. Повеќе предизвици се пред нас, како градењето методологија и капацитети за спроведување стрес-тестови поврзани со климатските промени, коишто се особено важни при оцената на ризиците и при соодветното оформување на политиките“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На маргините на состанокот на Конституенцата, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска имаше средби со гувернерите на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Банки
Гувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.
Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.
Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.
Банки
НЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
Во пристуство на претставници од менаџментот на НЛБ Банка, вработени, клиенти и партнери, денеска во Ресен, официјално се отвори реновираната експозитура на Банката. Со оваа и неодамна реновираните експозитури во Валандово, Радовиш и Виница, а во текот на 2025 и во Куманово и Прилеп, и населбите Илинден и Ѓорче Петров во Скопје, НЛБ Банка ја заврши годинава со обнова на осум експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на својата деловна мрежа до 2030 година.
Дигитализацијата значително го менува начинот на кој клиентите комуницираат со банките. Клиентите бараат ефикасен и непречен пристап до банкарски услуги, но и поддршка и советување за постигнување на нивните финансиски цели.
Водена токму од променетите очекувања на клиентите и глобалниот тренд на дигитализацијата, НЛБ Банка започна интензивен процес за модернизација на продажната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и продажба на интегрирани финансиски решенија, советување и градење релации со клиентите.
Сите експозитури се со модерен ентериер, најсовремени технолошки решенија и професионален тим подготвен да одговори на сите потреби на клиентите – физички и правни лица, истовремено обезбедувајќи поголема удобност и пријатен амбиент како за клиентите, така и за вработените.
Секоја од експозитурите располага со 24/7 АТМ зона со банкомати со низа функционалности (исплата и уплата на готовина, плаќање на режиски трошоци, кредитни доспевања, дополнување на пре-пејд картичка), а речиси сите и со CDS (Cash Deposit System) – самоуслужни уреди за олеснето депонирање на дневен пазар за правни лица со кои значително се намалуваат готовинските трансакции во експозитурите и чекањето на шалтерите. Оваа година, и имплементацијата на електронските уреди (E-Pads) за потпишување на кредитната документација дополнително го скрати времето на шалтерите и го унапреди клиентското искуство, истовремено намалувајќи ја и употребата на хартија за над 25% и поддржувајќи ги целите за одржливост на Банката.
Обновените експозитури се дизајнирани да бидат инклузивни и достапни за сите, со пристап за лица со физичка попреченост и банкомати со кориснички интерфејс прилагоден за користење за лицата со оштетен вид.
„Секојдневното банкарство сè повеќе се управува преку дигиталните канали, создавајќи можност банкарските службеници во експозитурите да се фокусираат на персонализирана поддршка и стратешки совети. Следејќи ги очекувањата на нашите клиенти за банкарство кое е независно, брзо и безбедно, ја трансформираме нашата продажна мрежа со јасна и амбициозна визија за експозитури на иднината. Преку нашето сеопфатно финансиско портфолио, секоја експозитура се развива во вистински „финансиски супермаркет“ кој нуди интегриран спектар на решенија, обединувајќи банкарски и небанкарски производи на едно место. Уверени сме дека новиот деловен модел на нашата продажна мрежа ќе постави нови стандарди во банкарството и уште повеќе ќе го зајакне нашиот однос со клиентите“, истакнува претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски.
Модернизацијата на експозитурите е дел од пошироката стратегија „2030“ на НЛБ Групацијата која ја одразува посветеноста кон иновации, дигитализација и одржлив раст, и позиционирање на НЛБ Банка како банка-партнер за сите животни предизвици.
Банки
АЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
АЛТА Банка, во пресрет на новогодишните и Божиќните празници, обезбеди дополнителна погодност за своите клиенти пензионери. Денес, на 30 декември 2025 година, Банката ја реализираше исплатата на пензиите за месец декември, овозможувајќи навремено и непречено располагање со средствата во период кога финансиската сигурност е од особено значење.
Со оваа активност, АЛТА Банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон континуирано унапредување на квалитетот на услугата, грижата за клиентите и обезбедувањето стабилно, сигурно и навремено банкарско работење. Банката ќе продолжи да ги следи потребите на своите клиенти и да креира решенија кои придонесуваат за нивна поголема финансиска сигурност.
АЛТА Банка им посакува на сите клиенти среќни празници, добро здравје и успешна Нова 2026 година.
-
Осигурувањепред 2 месециОд клик до осигурителна полиса – онлајн без чекање
-
Бизниспред 2 месециКолкава е минималната сума што ќе ја добијат работниците по основ на регрес за годишен одмор попознат како К-15!?
-
Продуктипред 1 месецНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Анализипред 2 месециРаст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight Интервју: Зоран Кочоски | Агенција за посредување при вработување во странство | Kouzon



