Connect with us
no baners

Анализи

АНАЛИЗА: Потрошувачките кредити повторно во фокус: пониски камати, промоции и полесно аплицирање

Објавено

на

Потрошувачките кредити се враќаат на сцена со пониски каматни стапки и низа промотивни услови. Банките мудро ги следат
трендовите и потребите на граѓаните, кои покажуваат зголемен интерес за поголеми трошоци како реновирање на домот, купување техника или финансирање на лични проекти.

Во трката за привлекување кредитокорисници банките не се натпреваруваат само со висината на каматната стапка, туку сè повеќе нудат промотивни услови, поедноставени процеси на аплицирање и дополнителни поволности, како ослободување од одредени трошоци и полиси за осигурување.

За клиентите, тоа значи дека е корисно да направат внимателна споредба и избор на кредит според нивните потреби и финансиски можности.

Оваа анализа ги прикажува актуелните понуди на потрошувачки кредити од македонските банки – кој нуди најниска фиксна каматна стапка, каде има најдолг рок на отплата, какви дополнителни трошоци треба да се земат предвид и кои промотивни услови можат да направат вистинска разлика за клиентите.

УНИ банка
Потрошувачките кредити на УНИ банка (онлајн и регуларниот) имаат каматна стапка од 4,5%, фиксна за целиот период на отплата до 95 месеци. Оваа каматна стапка доаѓа со кредит со ризико осигурување, а кредитот доаѓа со максимален износ од 1,5 милиони денари. Секако, услов е кредитокорисникот да зема плата преку УНИ банка.

Прокредит банка
Промотивниот потрошувачки пакет на Прокредит банка нуди потрошувачки кредит со најниска каматна стапка, фиксна од 4,9% за целиот период на отплата. Во овој пакет е вклучена и кредитна картичка за корисникот и дозволено пречекорување. Полиса за осигурување не е потребна, ниту пак гаранти и нотарски заверки. Дополнителен трошок се провизијата од 1% (минимум 4.500 денари) и апликацијата од 1.000 денари.
Кредитот е со максимален износ до 1,5 милиони денари и со рок на отплата до 95 месеци, а е достапен и за нови приматели на плата во Прокредит банка, кои може да го искористат и за рефинансирање на кредити во други банки.

Комерцијална банка
Потрошувачкиот кредит на Комерцијална банка е со каматна стапка од 4,9% фиксна за првите 3 години и 5,9% променлива за останатиот период до 95 месеци. Комерцијална овозможува одложена отплата во првите 6 месеци и максимален износ на кредитот до 2 милиони денари, што е повеќе во споредба со понудите на другите две банки погоре. Кредитот со овие услови доаѓа со вклучено животно осигурување или осигурување при неможност за отплата.

Капитал банка
Под 5% се и каматните стапки на Премиум + потрошувачкиот кредит на Капитал банка, но за овој кредит може да аплицира само лице со месечни примања поголеми од 45.000 денари. Овој кредит има грејс период од 6 месеци, каматна стапка од само 2,9% во наредните 18 месеци и од 4,77% променлива за останатиот период на отплата, кој е до 95 месеци. Кредитот е со максимален износ од 1,8 милиони денари. Дополнителни трошоци се провизија за одобрување од 2%, питоа 0,20% административен надомест, 200 денари административен надомест за користење на податоци од Македонско Кредитно Биро и 600 денари трошок за аплицирање.

Халкбанк
Со фиксна каматна стапка од 5%, Потрошувачкиот кредит на Халкбанк со рок на отплата до 95 месеци исто така може да биде интересен за граѓаните. Овој кредит доаѓа со задолжителна полиса за осигурување од незгода, траен инвалидитет над 50%, невработеност и боледување, а корисникот треба да прима плата во Халкбанк и да биде вработен на неопределено.
Потрошувачкиот кредит на Халкбанк е со максимален износ до 1,5 милиони денари и нема провизија за обработка на кредитот и за предвремена ликвидација. Дополнителен трошок се 450 денари за проверка во Кредитно биро и 500 денари за апликација за кредит.

ТТК банка
До 31 јануари 2026 година, Смарт потрошувачкиот кредит на ТТК банка има фиксна каматна стапка од 5,0% со вклучена осигурителна полиса. Кредитот е со максимален износ до 1,5 милиони денари и со рок на отплата до 95 месеци. Наменет е за кредитокорисници со исклучително добра кредитна историја.

Шпаркасе банка
Ако се гледа висината на каматната стапка, следен е Потрошувачкиот кредит на Шпаркасе банка со фиксна каматна стапка од 5,2% за 95 месеци, колку што изнесува мајсималниот рок на отплата. За разлика од претходните два, овој кредит овозможува поголема потрошувачка моќ до 2,4 милиони денари. Имате можност и за намалување на каматната стапка доколку аплицирате за нови револвинг производи или за зголемен износ на постоечки. Потрошувачкиот кредит на Шпаркасе банка доаѓа со полиса за животно/неживотно осигурување.

Силк роуд банка
Со Фикс премиум потрошувачкиот кредит на Силк роуд банка добивате фиксна камата од 5,45% за целиот период на отплата, кој како и кај повеќето други банки е до 95 месеци. Услов за оваа каматна стапка е животно осигурување или осигурување во случај на неможност за враќање на кредит за вработени и осигурување од незгода за пензионери. Банката при одобрување на кредитот наплаќа 2%, максимум 2.000 денари провизија за администрирање на кредитот и 800 денари надомест за разгледување и обработка на барање. Дополнителен трошок се и нотарските трошоци за износ на кредит над 600.000 денари.

НЛБ банка
Онлајн кредитот НЛБ мКлик е со максимален износ до 1,5 милиони денари и со фиксна каматна стапка од 5,70 % за целиот период на отплата, која може да биде до 95 месеци. За овој кредит не треба обезбедување и осигурителна полиса, а нема ни трошоци за апликација и предвремена отплата. Се плаќа само манипулативен трошок од 500 денари.

Стопанска банка Скопје
Најповолните услови за потрошувачкиот кредит до 1,5 милиони денари од Стопанска банка Скопје се за кредит со вклучено животно осигурување, кој е со промотивни услови во моментот. Фиксната каматна стапка за првите две години изнесува 4,7%, ано за останатиот период е 7,65% за клиенти што примаат плата или пензија во оваа банка. Во промотивниот период кредитот е без административни трошоци.

Стопанска банка Битола
Во Стопанска банка Битола каматните стапки на потрошувачките кредити се повисоки и се движат ид 6,5% до 7,9% во првата година, а потоа се променливи и повисоки.

Централна кооперативна банка се уште нема ажурирани податоци за овој период.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Анализи

Инфлацијата во еврозоната забрза во февруари и се искачи на 1,9% – услугите главен двигател на растот

Објавено

на

Инфлацијата во еврозоната забележа умерено забрзување во февруари, поттикната од растот на цените во секторот на услуги и побавното намалување на трошоците за енергија, покажуваат конечните податоци на „Евростат“.

Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени се зголеми за 1,9% на годишно ниво, во однос на 1,7% во јануари, што е во согласност со првичните проценки. Истовремено, основната инфлација се искачи на 2,4% од 2,2% еден месец претходно.

Најголем придонес кон растот имаа цените на услугите, кои се зголемија за 3,4%, како и индустриските производи без енергија, со раст од 0,7%. Од друга страна, падот на цените на енергијата продолжи, но со забавено темпо од 3,1%, додека цените на храната, алкохолот и тутунот пораснаа за 2,5%.

Податоците укажуваат на задржување на инфлаторните притисоци, особено во услужниот сектор, што останува клучен фактор за идните монетарни политики во еврозоната.

Продолжи со читање

Анализи

Дигиталното евро пристигнува во Франција, но предизвикува сериозни контроверзии

Објавено

на

Европската централна банка подготвува воведување на сопствена дигитална валута, дигиталното евро, чија цел е да ја намали зависноста на Европа од американските платежни системи и да одговори на сè побрзата дигитализација на финансиските трансакции. Сепак, овој проект веќе предизвикува поделени реакции, особено во банкарскиот сектор.

Дигиталното евро се развива со години и се наоѓа во напредна фаза. Станува збор за пари што директно ќе ги издава Европската централна банка, но во дигитална форма. За разлика од сегашниот систем, каде плаќањата со картички или трансфери се базираат на средства што ги издаваат комерцијалните банки, новата валута ќе претставува јавен облик на пари во дигитален свет.

Во Европа, најголемиот дел од картичните плаќања се одвиваат преку американските компании Visa и Mastercard, што во сегашниот геополитички контекст се смета за ризик. Токму затоа, дигиталното евро се гледа како начин за зајакнување на европската финансиска автономија и задржување на контролата врз монетарната политика, особено во време кога приватни дигитални валути и таканаречени stablecoin решенија сè повеќе навлегуваат на пазарот.

Воедно, со постепеното исчезнување на готовината, дигиталното евро треба да обезбеди достапност на јавни пари за сите граѓани, но во дематеријализирана форма.

Иако воведувањето сè уште не е непосредно, Европската унија веќе презема чекори во таа насока. Европскиот парламент минатиот месец усвои два амандмани поволни за дигиталното евро, што претставува значаен политички сигнал, иако одлуката нема правна обврзувачка сила.

Доколку биде воведено, дигиталното евро ќе има влијание и врз граѓаните и врз бизнисите. Се очекува поедноставување на плаќањата, без потреба од користење готовина, како и побрзи и поевтини трансакции за компаниите. На пример, угостителските објекти би можеле да примаат плаќања веднаш и без провизии за картички.

Сепак, банките силно се спротивставуваат на овој концепт. Причината е што дигиталното евро директно го загрозува нивниот деловен модел. Доколку граѓаните можат да ги чуваат средствата директно кај Европската централна банка, потребата од класични банкарски сметки се намалува.

Финансиските институции предупредуваат дека тоа може да доведе до одлив на депозити, што би ја намалило нивната способност за кредитирање и би влијаело врз нивните приходи. Дополнително, банките би изгубиле дел од провизиите од трансакции, и покрај тоа што веќе инвестирале значителни средства во сопствени платежни системи, како што е Wero.

Според најавите, Европската централна банка планира пилот-фаза за дигиталното евро во 2027 година, а негово официјално пуштање во употреба се очекува околу 2029 година.

Иако проектот се претставува како чекор кон поголема финансиска независност и модернизација, тој отвора и прашања за приватноста и контролата врз финансиските текови. Дел од критичарите предупредуваат дека ваквиот систем би можел да доведе до зголемена централизација и потенцијална злоупотреба на податоците.

Дигиталното евро, замислено како алтернатива на постојните платежни системи и како одговор на исчезнувањето на готовината, сè повеќе станува реалност, но и тема на жестока дебата во Европа.

Продолжи со читање

Анализи

Според предвидувањата на Бил Гејтс само три професии ќе го преживеат подемот на вештачката интелигенција

Објавено

на

Коосновачот на Microsoft и милијардер Бил Гејтс изнесе свое видување за тоа кои професии најверојатно ќе останат стабилни во ерата на брзиот развој на вештачката интелигенција, наведувајќи дека три сектори ќе ја задржат својата клучна улога и во иднина.

Иако повеќе не е дел од секојдневното управување со Microsoft, Гејтс и натаму внимателно ги следи технолошките трендови, а неговите проценки за иднината на пазарот на труд привлекуваат големо внимание.

Во време кога вештачката интелигенција станува сè поприсутна, дел од јавноста ја гледа како револуционерен алат, додека други стравуваат од губење на работни места. Гејтс, сепак, смета дека постојат професии кои ќе останат незаменливи.

Според него, програмерите ќе продолжат да бидат клучни, бидејќи иако AI може да генерира код, сè уште не располага со доволна прецизност и способност за развој на сложени софтверски решенија. Човечкиот фактор останува неопходен за корекција, унапредување и контрола на системите.

Безбедна перспектива, според Гејтс, имаат и експертите во биологијата и медицината. Овие области бараат креативно размислување и способност за формулирање нови идеи и хипотези, нешто што вештачката интелигенција сè уште не може целосно да го реплицира. Иако AI може да помогне во анализа на податоци и дијагностика, клучните научни откритија и понатаму ќе зависат од човекот.

Третиот сектор што, според него, ќе остане стабилен е енергетиката. Станува збор за сложена индустрија која бара стратешко одлучување и управување со ризици, особено во кризни ситуации. Иако AI може да придонесе за поголема ефикасност, човечката експертиза останува незаменлива.

Сепак, Гејтс признава дека иднината не може целосно да се предвиди и дека влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд ќе се развива на начини кои денес не се целосно јасни, слично како што тоа било случај со индустриската револуција и појавата на интернетот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange