Connect with us
no baners

Анализи

АНАЛИЗА: НБРМ и ЕЦБ со нови сигнали – Што значи тоа за каматите на депозитите и на кредитите?

Објавено

на

Банките добија нов „сигнал“ од Народната банка на Македонија да ги зголемат каматите на депозитите, а од централната банка на ЕУ, пак, стигна насока да ги намалат каматите на кредитите изразени во евра. 1 јули е пресечен датум секоја година кој покажува во која насока ќе одат каматните стапки на депозитите и на кредитите во наредните шест месеци.

Тогаш се објавуваат новите референтни каматни стапки за денарски депозити и за шестмесечниот ЕУРИБОР и токму овие бројки го отсликуваат трендот на цената на парите. А, моменталниот тренд личи поволен и за штедење и за задолжување, барем ако се суди според референтните каматни стапки.

Шестмесечниот ЕУРИБОР за периодот 01.07-31.12.2025 година падна на 2,0370% од 2,3790% во првата половина од годината и тоа е најниско ниво во последните 2,5 години. Оваа стапка македонските банки ја користат за квартална преоцена на каматната стапка кај девизните кредити и кај денарските кредити со валутна клаузула на правни лица, а најчесто и на физички лица.

Од почетокот на 2023 година, шест месечниот ЕУРИБОР е во постојан раст, преку кој ЕЦБ се бори и со високата инфлација во земјите во ЕУ. За разлика од овој тренд, во периодот пред 2023 година ЕУРИБОР имаше негативни стапки, односно банките ги „казнуваа“ граѓаните и компаниите кои чуваа пари на сметка со тоа што им наплаќаа негативна камата.

Извор: НБРСМ

Но, постковид периодот и геополитичките тензии донесоа висока инфлација, па ЕЦБ се бори прекусобирање на вишокот ликвидност. Но, од 2025 година почна да попушта со затегнувањето, што пак за македонските банки значи можност да ги намалат каматите на кредитите изразени во девизи.

Тие тоа веќе го прават, што се потврдува и од статистиката на НБРМ. Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај 2025 изнесуваше 5,06% и е намалена на годишно ниво за 0,43 процентни поени, а на месечно за 0,05 процентни поени.

Извор: НБРСМ

Од друга страна, пак, референтната каматна стапка на денарските депозити без валутна клаузула, која ја утврдува Народната банка на Македонија, од 1 јули изнесува 2,72%. Ова е највисоко ниво после пауза од речиси 10 години. Последен пат референтната каматна стапка на денарските депозити била на ова ниво во 2016 година. Во периодот 1.01–30.06.2025 изнесуваше 2,56%.

Како се движат каматите на кредитите?

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата паѓа од декември лани и во мај годинава изнесуваше 5,45%. Паѓаат каматите на сите видови кредити, и денарски и девизни. Но, растат кај новоодобрените кредити.

„Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во мај е зголемена за 0,85 п.п., при годишен пад од 0,47 п.п. и изнесува 4,72%. Кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е забележан месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,04 п.п., соодветно, и изнесува 2,32%, соопштија од НБРМ.

Просечната каматна стапка што се пресметува на новите кредити одобрени на граѓаните изнесува 4,79%, и во мај е зголемена за 0,12 п.п., најмногу поради повисоките камати за денарските кредити без валутна клаузула, додека стапките на кредитите во странска валута и на денарските кредити со валутна клаузула го задржале трендот на намалување.

Кредитите на компаниите во мај имаа просечна камата од 4,66%, која е намалена за 0,07 п.п. за еден месец и за 0,65 п.п. за една година. Кај новите кредити одобрени на компаниите во мај банките пресметувале повисока камата во споредба со април за 1,25 п.п., така што таа изнесувала 4,67%. На годишна основа, пак, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,49 п.п.

Што се случува со каматите на депозитите?

Податоците од НБРМ покажуваат дека од мај минатата година просечната каматна стапка на вкупните депозити во континуитет расте. Со додадените 0,35 процентни поени во мај годинава достигна 2,21%. На месечно ниво е зголемена за 0,01 процентен поен.

Во мај, депозитите на граѓаните имаа просечна каматна стапка од 2,15%, која за еден месец е зголемена за 0,01 п.п. „Месечната промена произлегува од растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на депозитите во странска валута, во услови на пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула“, информира НБРМ.

Но, за новите депозити на населението банките во мај годинава имаа пониски каматни стапки за 0,08 п.п., со што изнесуваа 2,34%.

Нема промени кај просечната стапка на вкупните депозити на компаниите, која останува на нивото од 2,62%. А, за една година оваа каматна стапка има раст од 0,41 п.п. Новопримените депозити од компаниите во мај имаа камата од 2,30%, која за еден месец е зголемена за 0,07 п.п, а за една година е намалена за 0,08 п.п.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Анализи

Македонците секојдневно активни на интернет за социјални медиуми, но не и за онлајн купување, е-банкарство и плаќање

Објавено

на

Според податоците презентирани во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, користењето на интернетот во Македонија бележи силен и забрзан раст, односно во 2024 година, дури 91,1% од граѓаните користеле интернет во последните три месеци, што претставува највисок раст во регионот (+6,8 процентни поени) и ја позиционира Македонија веднаш под просекот на ЕУ-27 (92,8%). Овој резултат не е само статистика, тој е јасен сигнал дека дигиталниот потенцијал на пазарот е реален и активен. Сè повеќе граѓани се онлајн, сè почесто и сè подлабоко интегрирани во дигиталниот секојдневен живот.

Дополнително, 96,6% од нив го користат интернетот секојдневно, што ја става земјата над голем број развиени европски економии. Ова покажува дека, еднаш кога пристапот е обезбеден, интернетот станува навика, алатка и простор за комуникација, информирање и купување. Но, високата онлајн активност не значи сама по себе и силна е-трговија.

Имено, иако интернетот е секојдневие за поголемиот дел од граѓаните, само 63,2% од интернет корисниците практикуваат онлајн купување. Во развиените земји како Ирска, Холандија и Норвешка, над 90% од интернет корисниците купуваат онлајн, додека европскиот просек е 76,6%.

Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година укажува и на јасен парадокс: иако граѓаните во Македонија се многу активни онлајн, тоа не секогаш се претвора во економска активност. Користењето на интернет за комуникација односно телефонирање, видео пораки и инстант пораки го прават 97% од македонските корисници, што е повеќе во споредба со европскиот просек од 91,6%. Слично, учеството на социјални мрежи е високо застапено: 84,1% од македонските корисници ги користат, наспроти 70% од европските интернет корисници.

Сепак, кога станува збор за активности клучни за развојот на е-трговијата, Македонија значително заостанува зад Европа. Интернет банкарство користат само 43% од македонските корисници, во споредба со 72,4% на ниво на Европа. За онлајн продажба на производи интернетот го користат 13,8% од македонските корисници, додека европскиот просек изнесува 24,5%. Исто така, користењето на е-пошта е присутно кај 52,9% од македонските корисници, наспроти 86,6% од европските, што укажува на значително заостанување под европскиот просек.

„Фактот дека над 90% од граѓаните се онлајн, а речиси сите користат интернет секојдневно, покажува дека дигиталната основа за е-трговија во Македонија постои. Следниот чекор е таа масовна употреба да се претвори во економска вредност во главно преку градење доверба, зајакнување на дигиталните вештини и поддршка за онлајн бизнисите“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од
Асоцијацијата за е-трговија и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор
пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на
Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија
и Србија.

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Продолжи со читање

Анализи

Минималецот во Македонија далеку зад регионот – синдикатите бараат итни реформи

Објавено

на

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека според нивните пресметки, минималната плата во земјата од март 2026 година ќе се зголеми само за околу 1.600 денари, во рамки на законското усогласување со растот на просечната плата на годишно ниво. Тоа значи дека минималецот би достигнал околу 26.000 денари, далеку под очекувањата на синдикатите, кои бараа итно зголемување на најмалку 600 евра.

Според ССМ, дури и со ова усогласување, Македонија ќе остане со убедливо најниска минимална плата во регионот. Од таму потсетуваат дека политички претставници претходно најавија зголемување од 2.000 денари, но расчекорот меѓу најавите и реалниот ефект повторно ја отвора дебатата за куповната моќ и достоинствените примања.

Во споредба со соседството, јазот станува уште поочигледен:

  • Косово – минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази: 425 евра од јануари 2026, 500 евра од јули 2026.
  • Албанија – од 1 јануари 2026 минималната плата ќе изнесува 500 евра; Владата ќе субвенционира дел од трошоците за осигурување на приватниот сектор во износ од 90 милиони евра.
  • Србија – минималецот изнесува 500 евра од октомври 2025, а од јануари 2026 се зголемува на 550 евра.
  • Република Српска – минималната плата од јануари 2026 ќе варира од 512 до 743 евра, во зависност од степенот на квалификација.
  • Босна и Херцеговина – минималната плата за 2025 година изнесува 511 евра.
  • Црна Гора – минималецот е 600 евра за работници со средно образование, односно 800 евра за работници со високо образование.

ССМ остро реагира дека владините политики, заедно со поддршката на дел од работодавачите и одредени синдикални организации, создаваат притисок за одржување на ниско ниво на платите.

„Жалосно е што некои синдикати, како КСС, се форсираат да бидат репрезентативни само за да не се дозволи реално зголемување на примањата“, наведуваат од ССМ.

Пазарните аналитичари посочуваат дека динамиката на растот на минималната плата ќе биде еден од клучните фактори за домашната побарувачка, продуктивноста и конкурентноста на економијата во наредниот период, особено во услови на забрзано усогласување на платите во регионот и растечка миграција на работната сила.

Продолжи со читање

Анализи

Раст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата

Објавено

на

Меѓу 100 најголеми банки во Југоисточна Европа, рангирани во најновото издание на SEE TOP 100 ранг-листата на порталот SEE News, своето место повторно го најдоа шест македонски банки. И сите шест можат да се пофалат со скок од неколку места погоре на листата, што се должи на фактот дека нивната актива во 2024 година пораснала повеќе од таа на конкуренцијата во регионот.

Комерцијална банка останува највисоко рангирана македонска банка на оваа регионална ранг-листа со вкупна актива во 2024 од 2,9 милијарди евра. На најновата листа е рангирана на 41 место, што значи 4 места погоре од позицијата во претходното издание на SEE TOP 100, благодарение на годишниот пораст на активата од 9,17%.

Најголем скок, пак, има Халкбанк од 6 места, така што сега оваа македонска банка го зазеде 56 место. Овој напредок на Халкбанк и го овозможи годишниот пораст на активата од 15,99%, со кој банката ја заврши минатата година со вкупна актива од 1,85 милијарди евра.

Второрангирана македонска банка е Стопанска банка АД Скопје, која на оваа листа го зазеде 49 место, што значи едно место погоре во однос на претходната година. Активата на Стопанска банка Скопје е зголемена за 9,63% и изнесува 2,3 милијарди евра на 31.12.2024 година.

Две места подолу е НЛБ Банка АД Скопје, чија актива на крајот од минатата година изнесува 2,2 милијарди евра и оствари пораст од 13,42%. Со тоа, НЛБ Банка ја подобри својата позиција за 3 места.

На 61 место е Шпаркасе банка, што за оваа банка значи скок од 3 позиции. Шпаркасе банка се најде на оваа позиција со актива од 1,7 милијарди евра и со нејзин годишен раст од 13,19%.

Прокредит банка е рангирана на 96 место, со што оваа банка го подобри својот пласман за 2 места. Во 2024 година, Прокредит банка ја зголеми својата актива за 4,50% на 846 милиони евра.

Овие македонски банки во минатата година имаат вкупен профит од 274,8 милиони евра, што претставува учество од околу 3% во вкупната добивка на 100-те најголеми банки за 2024 година, која изнесува 9,9 милијарди евра. Профитот на 100-те банки во ЈИЕ бележи годишен раст од 11,2%, а на 6-те македонски банки е зголемен за 29,3%.

Во најновото издание на SEE TOP 100 се анализира дека „најголемите банки во Југоисточна Европа во 2024 година повторно остварија рекордни профити, потпомогнати од високите каматни стапки и стабилната побарувачка за кредити. Сепак, растот на профитот и на активата значително се забави во споредба со забрзаното темпо во 2023 година – знак дека секторот можеби го достигна својот профитен врв. Централните банки низ регионот започнаа внимателно да ги намалуваат каматните стапки со оглед на намалувањето на инфлацијата, настојувајќи да ја поттикнат економската активност, но воедно сигнализирајќи потенцијално намалување на маржите за кредиторите“.

70 од 100-те најголеми банки пријавиле поголем нето-профит во споредба со претходната година. Сепак, за разлика од 2023 година кога ниту една банка немаше загуби, во 2024 година First Bank Romania и Alpha Bank Romania влегоа во минус.

Вкупната актива на 100-те банки достигна 518,3 милијарди евра, во споредба со 467,3 милијарди евра претходната година. Поголемиот дел од банките ги зголемиле своите биланси, но 9 пријавиле пад на активата во однос на минатата година, што претставува мало подобрување во однос на 11 банки со пад во 2023 година.

И во 2024 година, Banca Transilvania од Романија останува најголема банка во Југоисточна Европа. Активата на банката порасна за 14% и достигна 37 милијарди евра. Banca Transilvania е и со најголема добивка во регионот од 710 милиони евра во 2024 година, што претставува раст од речиси 42%.

На ранг-листата за 2024 година доминираат банките од Романија и Бугарија. Двете земји имаат по 16 претставници во Топ 100.

Рангирањето за 2024 година донесе и три нови банки на листата: ALTA Banka од Србија, KentBank од Хрватска и ZiraatBank BH од Босна и Херцеговина. Tirana Bank, пак, направи најголем скок на листата за 14 позиции, достигнувајќи го 63 место.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange