Connect with us
no baners

Останато

АЕТСМ: Го слушаме гласот на е-трговците и креираме активности за раст и развој на е-трговијата

Објавено

на

no baners

Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија (АЕТСМ) го одржа своето Годишно собрание, кое на едно место ги обедини членовите, поддржувачите, партнерите и соработниците за заеднички осврт на постигнатото и за презентација на идните активности. 

Собранието го отвори Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска Станков, која им посака добредојде на присутните и изрази благодарност за нивниот континуиран придонес во развојот на е-трговијата во земјата истакнувајќи дека АЕТСМ останува посветена на поддршката на бизнисите во нивниот раст и работење со е-трговија, потенцирајќи ги клучните достигнувања од 2024 година и најавувајќи ги активностите за 2025 година.

Зад нас е уште една успешна година со бројни реализирани иницијативи и активности согласно поставените приоритети на АЕТСМ. Благодарение на поддршката од членките, приватниот сектор, меѓународните развојни организации и посветениот тим Асоцијацијата успева секоја година да дизајнира амбициозна програма и потоа да ја реализира. Е-трговијата продолжува да расте и во 2024 бележи раст од 9.3% гледано во вредноста на реализирани онлајн трансакции согласно податоците на НБРСМ. Како што расте е-трговијата, се зголемуваат и се менуваат и предизвиците. Секоја година програмата и фокус областите ги дефинираме согласно актуелните предизвици и согласно сугестиите на членките. Така за 2025 година дефиниравме шест фокус области на делување: зголемување и унапредување на понудата во е-трговија и пропратните сектори; зајакнување на дигиталните вештини; градење на партнерства за раст и развој (поврзување и нетворкинг); намалување на неформалната економија во е-трговија; продуктивна соработка со институциите и јавно-приватен дијалог за намалување на предизвиците; и регионална соработка и развој на прекуграничната е-трговија.изјави Претседателката на АЕТСМ, Д-р Нина Ангеловска Станков.

Работниот дел на Собранието продолжи со анализа на реализираните активности во 2024 година и претставување на планот за 2025 година. Во текот на 2024 беа реализирани бројни активности кои влијаеа на развој на е-трговијата во државава меѓу кои: организацијата на најголемата регионална конференција за е-трговија со повеќе од 740 учесници од Балканот и пошироко, објавувањето извештај од годишната анализа за е-трговија – која за прв пат се однесуваше на целиот Западен Балкан, избор на најдобри е-трговци за тековната година, многубројни едукативни и нетворкинг настани каде учество земаа повеќе од 300 луѓе, зголемување на понудата преку поддршка на 80 ММСП да отворат своја е-продавница, комплетирање на едукативната и ресурсна регионална веб-платформа за е-трговија ecommerce4all.eu, изработена нова автоматизирана платформа за градење на подобра заедница за е-трговија каде се достапни регистар на регистрирани и верификувани е-трговци, како и информации за наделжности на институции каде граѓаните може да се пожалат доколку се незадоволни и т.н… 

Дополнитлено, во текот на 2024 година, АЕТСМ заедно со асоцијациите за е-трговија од Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, продолжи со развојот на Балканската Алијанса за е-трговија, која има за цел олеснување и унапредување на регионалната е-трговија. Ангеловска и тимот на АЕТСМ успешно ја водеа Алијансата во нејзината прва година од основањето, што претставува значајно признание за заложбите и лидерството на асоцијацијата во регионот каде на крајот на годината едногласно Ангеловска повторно беше ре-избрана за Претседателка на Балканската Алијанса за е-трговија и за 2025 година.

Ангеловска најави дека и во 2025 година АЕТСМ ќе продолжи со реализација на клучните иницијативи, како што се годишната анализа за е-трговија, регионалната конференција за е-трговија и наградите за најдобрите во е-трговијата. Покрај тоа, асоцијацијата ќе се фокусира на унапредување на јавно-приватен дијалог и соработка со институциите за намалување на предизвиците на индустрија, како и на унапредување на меѓународната соработка и изнаоѓање на нови можности за финансирање за реализација на иновативни проекти поврзани со индустријата.

Сите компании кои сакаат да бидат дел од Асоцијацијата за е-трговија, да ги уживаат бенефитите кои се нудат со членството, како и да придонесуваат во раст и развој на индустријата може да се информираат за членство на веб-стрницата на асоцијацијата www.ecommerce.mk

На Собранието беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место (ГЕА), подружница на АЕТМ, која се стреми да ја зајакне синергијата помеѓу е-трговијата, дигитализацијата и учеството на жените во економијата. 

По завршувањето на работниот дел на Собранието, учесниците имаа можност за неформално вмрежување и размена на идеи за понатамошна соработка. Собранието на АЕТМ уште еднаш потврди дека организацијата останува посветена на развојот на е-трговијата и создавање на поволна деловна средина за сите засегнати страни.

no baners

Бизнис

Готовината сè уште е незаменлива во оваа земја и покрај тоа што важи за една од најразвиените во Европа

Објавено

на

Три четвртини од Германците и натаму најчесто плаќаат во готово, покажува најновото истражување на институтот „YouGov“, спроведено за консултантската куќа „BearingPoint“.

Според анкетата, 73 проценти од 2.026 испитаници во Германија изјавиле дека готовината е нивниот доминантен начин на плаќање, што претставува пораст во однос на претходната година, кога тој удел изнесуваше 69 проценти. Слична е состојбата и во Австрија, каде што 71 процент од граѓаните најчесто користат кеш.

Во останатите европски земји опфатени со истражувањето, употребата на готовина значително опаѓа. Во Швајцарија, 61 процент од испитаниците сè уште преферираат кеш, во Ирска 58 проценти, во Франција 51 процент, а во Холандија 46 проценти.

Најниско користење на готовина е регистрирано во скандинавските земји. Во Шведска само 25 проценти од граѓаните најчесто плаќаат со кеш, во Данска 32 проценти, а во Финска 42 проценти. Притоа, 27 проценти од Швеѓаните и 18 проценти од Данците изјавиле дека воопшто не користат готовина.

За споредба, само два проценти од Германците и еден процент од Австријците воопшто не користат кеш, што ги прави овие две земји европски лидери во одржувањето на готовинските плаќања.

Сепак, трендот на дигитализација продолжува, така што дури 37 проценти од испитаниците во деветте земји сметаат дека целосното откажување од готовината во следните десет години е сигурно или многу веројатно.

Продолжи со читање

Бизнис

ААВМУ во улога на УЈП? – Зошто директорот на ААВМУ е опседнат со чесно заработените пари на инфлуенсерите, за кои веќе е платен данок?

Објавено

на

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини остро реагира на изјавата на директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), дадена за Слободен печат, во која се имплицира дека инфлуенсерите избегнуваат регистрација „за да не се види од каде им се парите“.

Оваа квалификација е неоснована, навредлива и опасна.

Инфлуенсерите во Македонија не заработуваат „црни пари“, ниту работат без договори и „на жими мајка“. Секоја соработка – без разлика дали станува збор за голем бренд преку маркетинг агенција или директна соработка со компанија – се реализира со договор.

Исплатите се вршат преку трансакциски сметки и се предмет на персонален данок согласно важечките законски прописи.

Да се сугерира дека инфлуенсерите прикриваат приходи или избегнуваат даночни обврски значи директно да се етикетира цела индустрија како сомнителна. Тоа не е регулаторен пристап – тоа е јавно дискредитирање.

Особено загрижува фактот што првичниот наратив на ААВМУ беше заштита на потрошувачите, за денес фокусот да се префрли кон имплицитни даночни сомнежи. ААВМУ не е даночен орган, ниту има надлежност да ја презема улогата на Управата за јавни приходи. Обидот преку медиумски изјави да се создаде впечаток дека инфлуенсерите функционираат во „сива зона“ го толкуваме како сеење страв и индиректна закана за присилна регистрација во регистар за кој во моментов не постои јасна и неспорна правна основа.

Дополнително, до нас стигнуваат информации дека од страна на АВМУ се пласира теза кон компаниите и брендовите дека можат да соработуваат со инфлуенсери „само ако се регистрирани“. Ова не е точно и нема законска поткрепа. Ваквите пораки создаваат конфузија на пазарот и директно штетат на деловната репутација на креаторите на содржини.

Нашиот став е јасен: не бегаме од транспарентност, не бегаме од одговорност и не бегаме од регулација. Но регулацијата мора да биде законита, пропорционална и усогласена со европските практики – а не резултат на еднострани толкувања и медиумски притисок.

Нашата понуда за дијалог останува отворена. Подготвени сме за конструктивен разговор и изнаоѓање заедничко решение. Но, деградирачки квалификации и јавно импутирање криминал – ги демантираме во целост и без резерва.

Здружение на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини

Фото: marketingfancier.com

Продолжи со читање

Банки

ЕБОР: Северна Македонија ја зајакнува работната сила за праведна транзиција

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обележа успешно завршување на два проекта за развој на работната сила поддржувајќи ја Северна Македонија во праведната транзиција на енергијата, со завршен настан и церемонија на доделување сертификати, која се одржа во Битола, се вели во соопштението од ЕБОР.

Проектите беа имплементирани во соработка со Владата на Северна Македонија, државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и Инвестициската платформа за праведна транзиција на Северна Македонија. Нивната цел е да ги поддржат работниците и заедниците кои се погодени од транзицијата на искористување на јагленот кон зелена енергија преку зајакнување на нивните вештини, подобрување на способностите за квалификување за работа и градење на отпорност во енергетскиот сектор.

Во двата проекта повеќе од 600 вработени на ЕСМ имаа бенефит од структурираните програми за обука, кои опфатија технички, менаџерски и меки вештини, вклучувајќи продуктивност, менаџирање на енергијата, лидерство, комуникации и инсталација на соларни панели. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за соработка и Блумберг-филантропите преку ЕБОР.

Претставникот на ЕБОР за Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, се обрати на настанот и го истакна значењето на инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција и поддршка на земјата во справување со проблемот на иселување на населението преку креирање работни места. Тој истакна дека регионите како Битола и Осломеј играа централна улога во обезбедување национална енергетска сигурност со децении и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани во согласност со еволуирање на енергетскиот систем.

„Технологиите може да се сменат, но успехот на која било транзиција зависи од луѓето“, додаде Туркменоглу честитајќи им на учесниците што добија сертификати за завршување на програмите за обука.

Паралелно со развојот на вештините, ЕБОР инвестира во иднина на обновлива енергија на Северна Македонија вклучувајќи развој на големи фотоволтаични постројки на поранешните окна на рудниците во Осломеј и Битола.

ЕБОР го најави промовирањето на транзициската платформа за жени во транзиција од јаглен за Северна Македонија во вредност од 150.000 американски долари, која ќе ги поддржува жените што работат во енергетскиот сектор, а се погодени од транзицијата.

Северна Македонија е земја акционер во ЕБОР и комплетно се има посветено на целосната транзиција од јаглен до 2030 година под програмата „Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција“ (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform) усогласувајќи ги националната енергија и планирањето на климата со долгорочни климатски цели. ЕБОР останува посветена на поддршката на земјата во градење конкурентен, одржлив и инклузивен енергетски систем, кој не ги изоставува работниците и заедниците.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange