Connect with us

Анализи

Дали падот на цените на становите во ЕУ ќе се преслика во Македонија?

Објавено

на

Цените на становите во еврозоната паднаа за 2,1% во третиот квартал од 2023 година, а во целата Европска унија се намалени за 1%. Во Македонија во четвртиот квартал пораснаа за 7% споредено со истиот период претходната година, а за три месеци се повисоки за 1%.

Иако ценовниот раст на недвижностите во земјава забавува во однос на претходните две години, сепак е многу поголем отколку во другите европски земји. Останува и енигмата дали цените на становите оваа година ќе стагнираат или пак ќе почнат да паѓаат. Градежниците се децидни дека тие ќе продолжат да растат.

Банкарство.мк направи анализа на движењата на цените на објектите за домување во последните 10 години во регионот и во ЕУ за да видиме какви биле состојбите на различни пазари и какви поуки може да се извлечат од нив. Користевме податоци од официјалната статистика на ОЕЦД и од националните стаистики на одделни земји во регионот.

На ниво на Европска унија, цените на недвижностите за домување почнаа позначително да растат во 2021 година, кога е измерен годишен ценовен раст од 8,5%, и во 2022 година од 7,7%. Веќе во 2023 година растот забавува и во третиот квартал е во негатива од 1%.

Претходно во ЕУ цените на становите бележат раст од 5,6% во 2020 година, 4,9% во 2019, 5,0% во 2018, 4,8% во 2017, 4,4% во 2016, 2,3% во 2015 и 0,7% во 2014 година.  

Во ЕУ, Грција е една од земјите со најголем раст на цените на недвижностите после излегувањето од економската криза. По неколку годишен пад, растот на цените на становите скромно започнува во 2018 година со 2,8%, во 2022 година достигнува 13,9%, во првиот квартал од 2023 изнесува 17,2%, а во третиот квартал е 12%.

Италија, која исто така беше во должничка криза пред повеќе од една деценија, во периодот од 2014 до 2019 година бележи континуиран пад на цените на становите. Во 2021 и 2022 година има раст од 2,5% и 3,8% соодветно, но веќе во 2023 година цените како да оладуваат и во третиот квартал има минимален раст од 1,8%.

Германија, која во моментот се соочува со економска криза, тоа го чувствува и на пазарот на недвижности. Во третиот квартал од минатата година, цените на становите бележат пад од дури -10,2%. Падот континуирано трае од четвртиот квартал во 2022 година (-3,6%) и постојано се интензивира. Интересно е дека 2022 година започнала многу оптимистички за цените на недвижностите со раст од дури 11,6% во првиот квартал. Ценовниот бум во Германија всушност трае од 2016 година, кога изнесува 7,5%. 

Пазарот на недвижности во Австрија се држи подобро од германскиот, но и тој е во негатива од -2,2% во третиот квартал на 2023. Тоа е втор квартал со ценовен пад, додека во претходниот период има континуира раст на цените на становите, кој во 2022 година изнесува 11,4%, во 2021 година е 12,4%, во 2020 е 7,7%, а во 2014 година бил 3,5%.

Словенија досега е во најдобра кондиција, со раст на цените на становите во третиот квартал на 2023 година од 5,7%. Но, гледано наназад, тоа е сепак помал раст од 2022 година кога во третиот квартал изнесуваше 15,2%. Цените на недвижностите во Словенија поинтензивно растат од 2021 година (11,5%), додека во претходните години растот бил најголем во 2018 година (8,7%). Во 2014 година имало ценовен пад од 6,6%.

Податоците на Хрватската народна банка покажуваат дека во Хрватска на крајот од 2023 година е регистриран раст на цените на недвижностите од 10,9%. На крајот од 2022 година, овој раст е уште поизразен и изнесува 17,3%. Цените во Хрватска го започнуваат нагорниот тренд на крајот од 2017 година со раст од 7,6%, додека во претходниот период биле во негатива.

Србија на крајот од 2023 година исто така бележи оладување на пазарот на недвижности со ценовен раст од само 5,7%. Во последниот квартал од 2022 година цените пораснале за 15,1%, а во истиот период во 2021 година за 11,84%. Србија бележи непрекинат раст на цените на објектите за домување.

Македонија, исто така, бележи рекорден раст на цените на недвижностите во последните три години. На крајот од 2021 година тој изнесува 11,3%, од 2022 година рекордни 20,5%, а на крајот од 2023 година се намалува на 7,0%. Во годините претходно, цените на становите имаат годишен раст не поголем од 3,5%, а во последниот квартал од 2017 година официјалната статистика регистрира и пад од -0,3%. 

Статистиката дефинитивно покажува дека ниту еден ценовен раст на пазарот на недвижности не е одржлив на долг период, не барем со толкави стапки на раст какви што се во последните три години во Македонија. Исто така, прашање е и дали македонскиот пазар на недвижности може да биде исклучок од состојбите на европските пазари, односно можеби прашање на време е кога надолните трендови од ЕУ ќе се рефлектираат и на пазарите на земјите во регионот.

Анализи

ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра

Објавено

на

Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.

Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.

Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.

Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.

ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.

Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.

Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.

Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.

Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.

Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.

Продолжи со читање

Анализи

Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит

Објавено

на

На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.

Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.

Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.

Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.

Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.

Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.

Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.

Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange