Connect with us
no baners

Банки

Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за изминатата 2022 година

Објавено

на

Изминатата 2022 година се карактеризираше со изразена економска неизвесност како резултат на продлабочувањето на пазарните дисторзии настанати поради пандемијата на ковид-19, а дополнително разгорени со конфликтот меѓу Русија и Украина, што предизвика пролонгирани проблеми во синџирите на снабдување, раст на цената на енергенсите и раст на општото ниво на цени, така што централните банки беа исправени пред предизвикот наметнат од двоцифрените стапки на инфлација.

Во вакви влошени услови на економска активност, како и на намалена денарска ликвидност на финансискиот пазар во земјата, проследено со константно зголемување на каматната стапка на благајнички записи и зголемување на референтната каматна стапка, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за 2022 година, односно нето-добивка во износ од 29,95 милиони денари.

Финансиски перформанси на Стопанска банка а.д. Битола

Нето-приходите од камати бележат зголемување за 15,32%, односно 44,48 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 40,54 милиони денари, односно 10,16%, додека расходите за камати бележат годишно намалување од 3,94 милиони денари, односно 3,63%. Планот на нето-приходи од камати за 2022 година, е остварен со 98,10%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 8,45 милиони денари, односно 5,55% во споредба со претходната година. Притоа приходите од провизии и надоместоци се помали за 1,32 милиони денари, односно 0,61%, а расходите за провизии и надоместоци се повисоки за 7,13 милиони денари, односно 10,76%. Растот на расходите за провизии и надоместоци главно произлегува од работата со платежните картички, паралелно со зголемените тарифи на провајдерите Visa и Master. Остварувањето на планот за 2022 година во оваа позиција изнесува 88,55%.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 25,31 милиони денари и пониски за само 0,76 милиони денари, односно 2,90% споредено со истите од минатата година, а планот за 2022 година е остварен со 93,72%.

Останатите приходи од дејноста се повисоки за 7,18 милиони денари, односно 25,27% во споредба со 2022 година, како резултат на остварени капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот за 2022 година во оваа позиција е реализиран со 122,88%.

Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио во значително тешки економски услови за клиентите на Банката, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -77,09 милиони денари.

За разлика од 2022 година, во 2021 година беше извршено еднократно ослободување на исправка на вредност од наплата на претходно отпишано побарување од каде што произлегува разликата во реализираната нето-исправка на вредност во двете споредбени години.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа е позитивна во износ од 12,75 милиони денари, што се должи на продажба на дел од преземениот имот и ослободување на претходно издвоената исправка на вредност во согласност со регулативата на НБРСМ.

Трошоците за вработените бележат зголемување од 4,88% во споредба со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 99,35%. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 9,19%, а реализацијата на планот изнесува 88,70%. Амортизацијата е зголемена за 11,57% на годишна основа, а планот е остварен со 99,02%.

Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во периодот 1.1.2022 – 31.12.2022 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

Очекувања за претстојниот период

Во услови кога на повидок е забавување на инфлацијата, на краток рок очекувањата на Стопанска банка а.д. Битола се во насока на продолжена неизвесност поврзана со конфликтот во Украина и движењето на пазарот на енергенси. На среден рок, Банката очекува одредено стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата, притоа приспособувајќи го своето работење на деловната клима и на динамикaта на пазарот.

Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Стопанска банка а.д. Битола и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Воедно Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планските цели

Банки

„Стандард и Пур“: Банкарскиот сектор е стабилен, а инфлацијата на среден рок ќе се врати на историскиот просек

Објавено

на

Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пур“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед, при што посочува дека банкарскиот сектор е стабилен, а инфлацијата на среден рок ќе се стабилизира и ќе се движи околу историските нивоа.

Во извештајот се наведува дека, пред конфликтот на Блискиот Исток и растот на светските цени на енергијата, инфлацијата бележеше значително намалување и изнесуваше 2,9% во февруари. Се очекува дека инфлацијата ќе се зголеми во наредните месеци, но на среден рок, инфлацијата кај храната и услугите би се нормализирала, при што вкупната инфлација би се движела од 2,0% до 2,5%, во просек.

Во вакви услови, се оценува дека Народната банка ќе води претпазливa монетарна политика, заснована на податоците за блискиот период, со приоритет на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот. Се посочува дека евентуалното олабавување на монетарната политика би било постепено и би зависело од одржливото намалување на инфлацијата, додека зголемените инфлациски или надворешни притисоци би довеле до задржување или затегнување на политиката.

Покрај ова, се наведува дека Народната банка ја приспособила оперативната рамка на монетарната политика заради подобрување на управувањето со ликвидноста и за зајакнување на преносот на монетарната политика.

Во однос на банкарскиот сектор, се наведува дека тој и натаму е стабилен, со висока стапка на адекватност на капиталот (19,5%), како и солиден раст на депозитите и кредитната активност.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ предупредува на можно брзо зголемување на каматите поради инфлациски ризици

Објавено

на

Членот на Управниот совет на Европска централна банка, Димитар Радев, предупреди дека инфлациските очекувања во еврозоната може да се зголемат побрзо од очекуваното, што би ја принудило институцијата да реагира со побрзо зголемување на каматните стапки.

Според него, постои ризик ценовните притисоци, поттикнати од растот на цените на енергијата, да се покажат подолготрајни. Во таков случај, централната банка ќе мора навремено да интервенира за да спречи продлабочување на инфлацијата.

Растот на цените на енергијата, поврзан со тензиите на Блискиот Исток и случувањата во Иран, веќе ја турна инфлацијата над целта од 2 проценти. Податоците за март покажуваат дека инфлацијата во еврозоната достигнала 2,5 проценти, највисоко ниво во последните 14 месеци, додека цените на енергијата пораснале за 4,9 проценти. Истовремено, базичната инфлација благо се намалила на 2,3 проценти.

„Рамнотежата на ризиците се помести во неповолна насока“, изјави Радев, додавајќи дека иако основното сценарио останува валидно, расте веројатноста за понеповолни исходи. Во рамки на анализите, ЕЦБ разгледува три сценарија, основно, неповолно и тешко, што ја одразува зголемената неизвесност.

Посебен ризик претставува однесувањето на потрошувачите и компаниите, кои сè уште ги паметат ценовните шокови по Руската инвазија врзУкраина. Овој ефект, познат како „инфлациски лузни“, може да доведе до побрзо прилагодување на очекувањата, повисоки барања за плати и дополнителен раст на цените.

Слични сигнали доаѓаат и од други носители на одлуки во ЕЦБ, кои укажуваат дека е потребна подготвеност за брза реакција. Иако засега нема силни знаци за прелевање на инфлацијата во платите, ризикот останува, особено во услови на кревка економска средина.

Радев нагласува дека најголемиот ризик е одложувањето на реакцијата. Доколку инфлаторниот притисок се прошири кон платите и профитните маржи, последиците би биле потешки и поскапи за контролирање.

Финансиските пазари веќе ги вградуваат овие очекувања, предвидувајќи повеќе зголемувања на каматните стапки во текот на годината, со можен прв чекор веќе во јуни.

Сите погледи се насочени кон состанокот на ЕЦБ кон крајот на април, каде се очекуваат појасни сигнали за идната монетарна политика. Во фокус ќе бидат инфлациските очекувања, движењата на цените, состојбата на пазарите и енергетските фактори, вклучително и цената на нафтата која се приближува до 115 долари за барел.

Иако еврозоната влезе во оваа криза со посолидна позиција отколку во 2022 година, благодарение на повисоките каматни стапки и постабилните очекувања, се појавуваат нови ризици. Меѓу нив се и можните државни субвенции кои би можеле дополнително да ја поттикнат инфлацијата, како и разликите меѓу земјите членки, Шпанија со инфлација од 3,3 проценти, Германија 2,8 проценти и Италија 1,5 проценти, што дополнително ја усложнува координацијата на заедничката политика.

Продолжи со читање

Банки

ТТК Банка очекува раст на добивката во 2026 година

Објавено

на

TTK Банка АД очекува да оствари нето-добивка од околу 100 милиони денари (приближно 1,6 милиони евра) во 2026 година, што претставува зголемување во однос на минатата година.

Според најавите, банката во претходната година остварила нето-добивка од 90 милиони денари, што укажува на планиран умерен раст на финансиските резултати во наредниот период.

Проекциите на банката се во насока на стабилно работење и постепено подобрување на профитабилноста, во согласност со очекувањата за движењата во банкарскиот сектор и економијата.

TTK Банка е дел од домашниот банкарски систем и делува во сегментот на финансиски услуги во Северна Македонија.

Извор: Seenews

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange