Connect with us

Интервјуа

FinSight | Анчевска: Не е само платата – зошто вработените не го даваат максимумот?

Објавено

на

Разговараме со Марина Анчевска за сè поактуелното прашање – зошто голем дел од вработените не се вложуваат максимално, а притоа не се ни задоволни од својата работа.

На прашањето од Наташа Мерсовска, Анчевска објаснува дека причините не се едноставни и не може да се сведат на еден фактор.

„Има многу фактори – брзината на живеењето, промените, развојот на луѓето, различните потреби“, вели таа.

Според неа, не станува збор само за незадоволство од работното место, туку за поширока промена во очекувањата на луѓето.

„Не може да кажеме дека е само незадоволство од работа, туку треба да се погледнат и потребите на луѓето“, посочува Анчевска.

Таа додава дека денес лојалноста кон работодавачот е значително променета во споредба со минатото.

„Порано лојалноста беше на многу повисоко ниво, додека денес таа е менлива и не е трајна“, објаснува таа.

Иако материјалната сигурност останува важен фактор, Анчевска нагласува дека не е единствениот, ниту секогаш пресуден.

„Материјалната сигурност е голема потреба, но не е секогаш факторот поради кој луѓето заминуваат“, вели таа.

Во фокусот, според неа, сè повеќе доаѓаат нематеријалните аспекти на работата.

„Постојат други работи – немање признание, немање простор да го кажеш своето мислење, да бидеш вклучен во системот на работење“, додава Анчевска.

Овие фактори, заклучува таа, играат клучна улога во тоа дали вработените ќе се ангажираат целосно или ќе останат формално присутни, но без вистинска посветеност.

Интервјуа

Тивок отказ – тивка закана за продуктивноста? Марина Анчевска во FinSight отвора важни прашања за работната култура

Објавено

на

Феноменот на т.н. „тивок отказ“ сè поинтензивно го привлекува вниманието на компаниите и експертите за човечки ресурси. Станува збор за состојба во која вработените не даваат формален отказ, но свесно го намалуваат ангажманот и се ограничуваат само на основните работни обврски.

Во FinSight, на оваа тема разговараме со Марина Анчевска, специјалист за бизнис психологија и основач на Центар за бизнис психологија. Разговорот отвора дилеми за тоа дали станува збор за индивидуален избор на вработените или за последица од организациски слабости.

Според релевантни меѓународни истражувања, значителен дел од работната сила покажува знаци на пасивна вклученост, што директно се одразува врз продуктивноста и организациската клима. Во разговорот се анализираат причините за ваквата појава – од незадоволство од надоместокот и недостиг на признание, до влијанието на менаџментот и избришаните граници помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Дополнително, се отвораат и прашања за тоа како компаниите можат навреме да ги препознаат сигналите на демотивација, која е улогата на HR секторите во превенција, како и дали „тивкиот отказ“ е привремен тренд или долгорочна промена на пазарот на труд.

Епизодата носи релевантни практични размислувања за сите засегнати страни – од менаџери и HR професионалци, до самите вработени.

Целата епизода е достапна на YouTube каналот на Bankarstvo.mk.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување

Објавено

на

Иако цените на храната на домашниот пазар засега се одржуваат релативно стабилни, бизнис секторот предупредува дека овој тренд нема да трае долго. Зголемените трошоци за производство, поттикнати од глобалниот раст на цените на енергенсите и суровините, веќе создаваат сериозен притисок врз компаниите, кои сè потешко го апсорбираат ударот.

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочува дека дел од компаниите веќе работат со загуби. Според него, растот на цените на горивата, како и поскапувањето на ѓубривото, алуминиумот, стаклото и пластиката, директно се одразуваат врз вкупните производствени трошоци.

„Сите влезни инпути во производствениот процес се зголемени, што неминовно ќе се пренесе врз крајната цена на производите“, вели Ѓорѓиевски.

Особено изложени на ценовни притисоци се прехранбените производи кои бараат пакување, имајќи предвид дека голем дел од амбалажата е изработена од материјали чии цени бележат значителен раст. Тоа значи дека во наредниот период може да се очекува поскапување на водата, соковите, млекото и млечните производи, како и на овошјето и зеленчукот.

Иако на неодамнешните состаноци со владините претставници бизнисот се обврзал да ги задржи цените на основните производи на краток рок, веќе се прават пресметки за корекција на цените кај останатите категории. Точниот процент на поскапување засега е неизвесен, но според Ѓорѓиевски, граѓаните треба да бидат подготвени за значително зголемување на трошоците за живот од септември.

Дополнително, тој предупредува дека дури и во случај на брза стабилизација на глобалните пазари, последиците врз домашната економија нема да исчезнат веднаш. Можно е дел од компаниите да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствени капацитети.

Во однос на владините мерки, Ѓорѓиевски смета дека замрзнувањето на маржите нема да даде значителен ефект, повикувајќи се на досегашните искуства. Наместо тоа, тој апелира на доследно спроведување на Законот за нефер трговски практики и засилена контрола од надлежните институции.

Економските сигнали, според експертите, упатуваат на период на неизвесност, во кој ценовните притисоци ќе продолжат да растат. Прашањето повеќе не е дали ќе има поскапувања, туку колку силно тие ќе се одразат врз стандардот на граѓаните.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените

Објавено

на

Во услови на засилени глобални притисоци врз цените на енергенсите и растечка неизвесност поради геополитичките случувања, Владата разгледува нов сет на мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на цените.

Во најновото издание на емисијата „FinSight“, заменик министерот за економија, Марјан Ристески, откри дека намалувањето на акцизата на горивата е една од опциите што сериозно се разгледуваат како следен чекор, доколку ценовните притисоци продолжат.

„Доколку има потреба, ќе интервенираме и во делот на акцизите. Целта е да се амортизира ударот врз граѓаните и компаниите“, истакнува Ристески.

Тој не ја исклучи ниту можноста за повторно воведување на мерки како замрзнување на цени и ограничување на маржи, особено доколку се утврди дека има неоправдан раст на цените од страна на трговците. Во таа насока, надлежните институции веќе вршат засилени контроли на терен.

Говорејќи за актуелната мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, Ристески посочи дека таа има директен ефект врз намалувањето на малопродажните цени, но дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи.

„Светот се соочува со раст на цените на нафтата, а неизвесноста поврзана со случувањата на Блискиот Исток дополнително влијае врз пазарите. Затоа мора да имаме подготвени повеќе сценарија“, додава тој.

Како една од можните дополнителни мерки, се разгледува и намалување на ДДВ на 5%, иако ваквата одлука би имала директни импликации врз буџетските приходи, кои би се намалиле за неколку милиони евра.

Во интервјуто се отвора и прашањето за ризикот од нов инфлаторен бран, особено во пресрет на празниците, кога традиционално расте потрошувачката. Ристески нагласува дека државата има механизми за интервенција, но и дека ќе се засилат санкциите за непочитување на Законот за нефер трговски практики.

Дополнително, тој посочува дека искуствата од претходните кризи помогнале институциите да реагираат побрзо и поефикасно, но предупредува дека глобалните фактори и понатаму ќе имаат силно влијание врз домашната економија.

„Најважно е да се реагира навремено и таргетирано, со мерки што ќе дадат реален ефект врз цените“, заклучува Ристески.

Целосното интервју е достапно на YouTube каналот на „Банкарство“.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange