Connect with us
no baners

Анализи

Државата уверува: Резервите на нафта стабилни, снабдувањето сигурно и покрај глобалните ризици

Објавено

на

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека внимателно ја следи состојбата на меѓународните нафтени пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и конфликтот на Блискиот Исток, но уверува дека во моментов нема причини за загриженост во однос на домашното снабдување.

Според информациите од ресорното министерство, Агенцијата за задолжителни нафтени резерви континуирано ги одржува и надгледува државните резерви на нафта и нафтени деривати, со што се обезбедува стабилност на пазарот и подготвеност за реакција доколку дојде до евентуален прекин или нарушување на увозот.

Агенцијата има законска обврска да ги формира и одржува резервите во согласност со европската регулатива, односно со Директивата 2009/119/ЕC, која пропишува минимално ниво на покриеност во денови просечна потрошувачка или увоз. Овие резерви се користат исклучиво во услови на прогласена енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето, со одлука на Владата, а не во редовни пазарни услови.

Во моментов увозот на нафтени деривати се одвива непречено и без ограничувања. Од Министерството посочуваат дека државата располага со стабилни резерви и дека според расположливите податоци земјата е меѓу најподготвените во регионот во однос на сигурноста на снабдувањето.

Како дополнителна гаранција, државата располага со следните количини стратешки резерви:
– Еуродизел: 138.877.053 литри
– Еуросупер БС-95: 32.098.680 литри
– Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 10.772.342 литри
– Мазут М-1 НС: 5.287.794 килограми

Покрај стратешките резерви, редовната набавка се врши повеќепати годишно, а количините континуирано се дополнуваат согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски.

Нафтените резерви се складирани кај овластени компании – ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Складиштата редовно се мониторираат и контролираат од надлежните институции со цел да се обезбеди техничка исправност и безбедност.

Дополнителен сигурносен механизам претставува продуктоводот Солун–Скопје, кој овозможува алтернативен и непречен доток на нафта и деривати преку поврзување со Солун, со што се намалува зависноста од други транспортни правци.

Надлежните уверуваат дека системот функционира превентивно и повеќеслојно, преку стратешки резерви, диверзифицирани извори на снабдување и постојан мониторинг на потрошувачката. И покрај глобалните предизвици, оценката е дека граѓаните и стопанството нема да се соочат со недостиг, а институциите остануваат подготвени за навремена реакција доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето.

Анализи

Раст на цените на горивата во ЕУ: дизелот поскапе до 19,8 отсто

Објавено

на

Цените на горивата во Европската унија бележат значителен раст во март, по неколкумесечен пад во повеќето земји членки, покажуваат податоците на Евростат.

Според статистиката, горивото и мазивата за личен транспорт на годишно ниво поскапеле за 12,9 отсто, при што речиси сите земји од ЕУ регистрирале зголемување на цените во споредба со истиот месец лани.

Најголем раст е забележан во Германија со 19,8 отсто, а следуваат Романија (19,6%), Холандија (18,8%), Летонија (18,5%) и Австрија (17,2%).

Од друга страна, пад на цените е забележан во Унгарија и Словенија, каде горивата поевтиниле за 2,7, односно 5,9 отсто на годишно ниво.

Кога станува збор за поединечните деривати, цената на дизелот во ЕУ пораснала за 19,8 отсто на годишно ниво, додека бензинот поскапел за 9,4 отсто. На месечно ниво, дизелот бележи раст од 19,1 отсто, а бензинот од 10,6 отсто.

Најголемо зголемување на цената на дизелот е регистрирано во Чешка и Шведска (27,6%), додека најмал раст има во Словенија (2,9%), како и во Словачка и Унгарија (по околу 7%).

Кај бензинот, највисоки поскапувања се забележани во Белгија (15,1%), Шведска (15%), Австрија (14,8%) и Чешка (14,6%).

Во меѓувреме, дел од земјите преземаат мерки за контрола на цените. Во Словенија, по укинувањето на дел од регулациите во март, цените пораснале, додека во некои случаи биле воведени и ограничувања за точење гориво поради таканаречениот „бензински туризам“.

И покрај растот на цените на европско ниво, во Хрватска владата одлучи привремено да ги намали малопродажните цени на горивата во наредниот период, со цел да го ублажи притисокот врз граѓаните.

Продолжи со читање

Анализи

Најновите податоци од Народна банка покажуваат дека паричната маса расте, а кредитирањето се забрзува

Објавено

на

Паричната маса во земјава продолжува да расте, додека кредитната активност на банките бележи стабилно зголемување, покажуваат најновите податоци на Народна банка за март 2026 година.

Според соопштението, монетарниот агрегат М3 е зголемен за 1,7 проценти на месечно ниво, пред сè поради растот на краткорочните депозити. На годишна основа, пак, е забележан раст од 11,6 проценти, што главно се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити.

Вкупните депозити во март се зголемени за 1,8 проценти во однос на претходниот месец, при што растот доаѓа исклучиво од корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата бележат благ пад. На годишно ниво, депозитите пораснале за 11,3 проценти, со поголем придонес од домаќинствата.

Кредитната активност исто така бележи раст. Вкупните кредити се зголемени за 1,4 проценти на месечно и за 13,1 проценти на годишно ниво, при што поголем дел од растот се должи на кредитирањето на корпоративниот сектор.

Кај компаниите, депозитите во март пораснале за 7,5 проценти на месечно ниво, додека кредитите бележат раст од 1,5 проценти. На годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор е зголемено за 15 проценти.

Кај домаќинствата, депозитите се намалени за 0,4 проценти на месечно ниво, но на годишна основа и натаму растат со стапка од 11 проценти. Кредитите за домаќинствата бележат раст од 1,3 проценти месечно и 11,5 проценти на годишно ниво.

Анализирано според намената, потрошувачките и станбените кредити остануваат најзастапени и во март бележат раст од 1,2 и 1,5 проценти на месечно ниво, со годишен раст од 10,9 и 15,9 проценти.

Овие податоци укажуваат на стабилна банкарска активност и континуирано зголемување на штедењето и кредитирањето, што е значаен сигнал за движењата во домашната економија.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит во пад, неизвесноста околу Иран ги потресе пазарите

Објавено

на

Американските берзи забележаа пад во вторникот, додека инвеститорите стануваат сè попретпазливи поради неизвесноста околу можниот мировен договор меѓу САД и Иран, чија реализација е доведена во прашање пред истекот на примирјето.

Индексот S&P 500 се намали за 0,63 отсто, затворајќи на 7.064,01 поен, додека Nasdaq Composite ослабе за 0,59 отсто на 24.259,96 поени. Dow Jones Industrial Average изгуби 293,18 поени, односно 0,59 отсто, завршувајќи на 49.149,38 поени.

Зголемената загриженост дополнително ја поттикнаа извештаите на The New York Times и Axios, според кои патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на преговори со Иран било одложено поради недостиг на подготвеност на Техеран за компромис.

Ситуацијата дополнително ја искомплицира претседателот Доналд Трамп, кој најави можност за продолжување на примирјето, но и порача дека американската војска е подготвена за воена акција доколку не се постигне договор. Претходно во текот на денот, тој го обвини Иран дека повеќепати го прекршил прекинот на огнот.

На стоковите пазари, цените на нафтата го променија трендот по повеќедневниот пад. Американската нафта (WTI) порасна за 2,81 отсто на 92,13 долари за барел, додека Brent crude зајакна за 3,14 отсто на 98,48 долари.

Според Брајан Малбери од Zacks Investment Management, пазарот се соочува со длабока недоверба во однос на долгорочната одржливост на евентуален договор со Иран, имајќи ги предвид сложените политички и воени структури во земјата.

И покрај краткорочните потреси, дел од аналитичарите остануваат оптимисти. Силните квартални резултати на компаниите и очекуваниот двоцифрен раст на заработката и натаму обезбедуваат поддршка за пазарот, што укажува дека актуелниот пад би можел да биде привремен.

Потсетување дека во претходната недела S&P 500 и Nasdaq Composite достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од надежите дека конфликтот на Блискиот Исток наскоро би можел да заврши. Воедно, Nasdaq ја прекина серијата од 13 последователни дена раст, најдолга од 1992 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange