Connect with us
no baners

Анализи

Златото во силен подем, девизните и крипто пазарите даваат знаци на забавување

Објавено

на

Цената на златото бележи значителен раст и успеа да пробие важен технички отпор на ниво од 4.800 долари, што според анализите претставува силен сигнал за продолжување на нагорниот тренд. Овој пробив укажува на засилен „биковски“ моментум, поддржан од краткорочна растечка тренд линија и стабилност над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), кој делува како динамична поддршка.

Сепак, аналитичарите предупредуваат на појава на одредени негативни сигнали, особено кај индикаторите за релативна сила, кои влегле во зона на прекупеност. Ова може да го забави темпото на раст на краток рок, но не го нарушува генералниот позитивен тренд сè додека цената остане над тековните нивоа на поддршка.

На девизниот пазар, валутниот пар EUR/USD бележи благо повлекување, откако не успеа да го пробие отпорот на 1,1790. Ова движење се толкува како нормална корекција и реализација на добивка по претходниот раст. И покрај краткорочниот пад, позитивниот тренд останува доминантен, а шансите за нов обид за пробив на отпорот остануваат реални.

Во меѓувреме, криптовалутата Ethereum бележи пад во последните тргувања, при обиди да најде стабилна основа за нов раст. Иако се потпира на поддршката од EMA50 и краткорочниот позитивен тренд, негативните сигнали од индикаторите за релативна сила го отежнуваат закрепнувањето на краток рок.

Анализите укажуваат дека и покрај моменталните корекции кај дел од пазарите, генералните трендови остануваат позитивни, но со зголемено внимание поради можни краткорочни осцилации.

Анализи

Пад на цените на нафтата по најавите за нови разговори меѓу САД и Иран

Објавено

на

Цените на нафтата бележат остар пад откако се појавија сигнали дека САД и Иран би можеле да ги продолжат преговорите во наредниот период.

Северноморската нафта Brent поевтини за повеќе од 4,3 проценти, достигнувајќи околу 95 долари за барел, додека американската WTI забележа уште поголем пад, за речиси 7 проценти, на под 92 долари за барел, покажуваат податоците на Trading Economics.

Во тек се разговори за организирање нова рунда преговори пред истекот на двонеделното примирје, а според дел од извештаите, тие би можеле да се одржат во Пакистан.

Претходните разговори, кои траеја во текот на викендот, не резултираа со договор, по што американскиот претседател Доналд Трамп најави блокада на иранскиот извоз на нафта.

Во меѓувреме, Саудиска Арабија ги повика САД да ја укинат блокадата и да се вратат на дипломатско решение.

Дополнително, Меѓународната агенција за енергија предупреди дека конфликтот може да го избрише растот на глобалната побарувачка за нафта оваа година, што би значело прв годишен пад од времето на пандемијата. Од агенцијата посочуваат дека цените сè уште не го одразуваат целосниот обем на нарушувањата.

Воениот конфликт веќе ја оштети енергетската инфраструктура и сериозно го ограничи сообраќајот низ Ормускиот теснец, додека податоците на ОПЕК+ покажуваат дека производството во март се намалило за 7,9 милиони барели дневно.

Развојот на ситуацијата на Блискиот Исток и понатаму ќе има значително влијание врз глобалните енергетски пазари.

Продолжи со читање

Анализи

Родовиот јаз во пристапот до кредити: состојба и предизвици во Северна Македонија

Објавено

на

Во земја во која жените претставуваат половина од економскиот потенцијал, само 7,8% од вкупните кредити завршува кај компании во нивна сопственост. Пристапот до финансии е една од клучните основи за економска независност, развој на претприемништвото и унапредување на родовата еднаквост. Кога жените имаат еднаков пристап до капитал како и мажите, економијата добива поширока база на активни учесници, повеќе разновидни бизнис идеи и поголема отпорност на економски шокови. Меѓународните истражувања доследно покажуваат дека намалувањето на родовиот јаз во финансирањето носи директни економски придобивки и забрзан раст.

Оттука, анализата на родовата структура во кредитирањето не е само статистичка вежба, туку еден од суштинските индикатори за тоа колку економскиот систем обезбедува еднакви можности. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка во март 2024 година помеѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Народната банка на Република Северна Македонија, се приклучивме на околу 30 земји што ја применуваат глобалната рамка за унапредување на финансирањето на женските бизниси. Преку Народната банка, која е лидер и национален координатор на активностите поврзани со Кодексот, нашата земја се приклучи кон иницијативата We-Finance Code, која се спроведува во соработка со ЕБОР и техничка поддршка на Франкфуртската Школа за финансии и управување.

Оваа рамка поставува заеднички принципи ибара заложби од регулаторите, банките, давателите на финансиски услуги, јавните институции и релевантните организации да делуваат во три клучни области: лидерство, податоци и конкретни мерки. Со вкрстување на податоците од Централниот регистар и Кредитниот регистар на Народната банка, за првпат во земјата се обезбедија детални полово-раздвоени податоци за пристапот до кредити кај микро, мали, средни и големи претпријатија во претежна сопственост на жени. Податоците се однесуваат на состојбата заклучно со март 2025 година.

Сепак, сликата сè уште не е целосна. Во моментов нема информации за причините за одбивање на поднесените апликации по пол, ниту за депозитите на компаниите кои се во сопственост на жени, на што ќе се работи во следните фази на проектот. Затоа не може прецизно да се утврди дали пониското учество на жените во кредитирањето или природата на нивното работење (помалку ризично и насочено кон штедење и користење на сопствени средства) произлегува од помал број барања или од структурни бариери во процесот на одобрување. Ова ја нагласува потребата од систематско следење на целиот кредитен процес преку полово-поделени податоци.

Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) активно учествува во процесот како еден од чинителите, со цел создавање системски решенија за намалување на родовиот јаз во пристапот до капитал. За таа цел, Алијансата ги анализираше достапните податоци, според кои, со состојба на крајот на март 2025 година во земјата се активни 32.469 кредити со вкупна бруто-вредност од околу 4,09 милијарди евра. По број на кредити, 86,22% се доделени на компании во претежна сопственост на мажи, а 13,78% на компании во сопственост на жени. Разликата е уште поизразена кај вредноста на кредитите: женските компании учествуваат со само 7,83% од вкупниот износ, додека над 92% од средствата се пласирани кај машки компании. Просечната вредност на кредитот изнесува околу 68,9 илјади евра кај женските компании, наспроти 135,1 илјади евра кај машките.

Ова се должи и на големината на компаниите. Имено, жените најчесто се сопственички на активни микро и мали компании, кои имаат и помал апсорпциски капацитет. Најголемото нивно учество, и по број и по износ, е токму кај малите претпријатија, што укажува дека овој сегмент е клучен за женското претприемништво. Во сегментите на средни и големи компании, учеството на жените е значително пониско, што упатува на ограничени можности за раст и развој. Дополнително, структурата на кредитите покажува дека компаниите во сопственост на жени почесто користат краткорочни и среднорочни кредити, најчесто за ликвидност и тековно работење. Долгорочните кредити – кои се клучни за инвестиции, проширување и технолошки развој – во поголема мера ги користат компании во сопственост на мажи. Иако распределбата по каматни стапки покажува дека компаниите во сопственост на жени и мажи најчесто користат кредити во средните каматни категории, родовата нерамнотежа останува присутна.

“Кредитната нееднаквост не е само родово прашање, туку економски предизвик што ја ограничува продуктивноста, иновациите и растот. Организацијата, заедно со сите други вклучени чинители, ќе продолжи да го следи спроведувањето на We-Finance Code, да ги анализира податоците и да предлага мерки за намалување на родовиот јаз, со цел создавање фер и инклузивен економски систем. Инвестирањето во жените и женските бизниси претставува инвестиција во побрз и поодржлив економски развој.” велат од GEA.

Паралелно со ова, Алијансата реализира низа активности за унапредување на родовата еднаквост на работното место. Централна платформа е годишната конференција EqualXChange, која петта година по ред собира над 25 говорници и повеќе од 150 учесници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, со поддршка од меѓународни партнери. Оваа година конференцијата ќе се оддржи под мотото EqualXchange: Money, Mind, Influence на 19 мај во хотел DoubleTree by Hilton, во своето петто јубилејно издание.Покрај конференцијата, реализирани се и специјализирани работилници насочени кон економско зајакнување на жените – од подготовка за пристап до
инвестиции, до поттикнување на жените да станат бизнис ангели. Дополнително, преку јавни кампањи, организацијата активно работи на намалување на родовите стереотипи и предрасуди, со цел создавање работна средина во која родот не претставува бариера, туку еднаква можност за успех.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба: еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско Друштво, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Aristocrat, Avenga Academy, IdeaLab и EOS Мatrix. Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.

Продолжи со читање

Анализи

Фон дер Лајен најави мерки против растот на цените на енергијата во ЕУ

Објавено

на

Наглото зголемување на цените на енергијата, поттикнато од конфликтот на Блискиот Исток, станува еден од најголемите економски предизвици за Европската унија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави пакет мерки со кои Брисел има за цел да го ублажи притисокот врз економијата и домаќинствата.

„Од почетокот на конфликтот пред 44 дена, нашата сметка за увоз на фосилни горива се зголеми за повеќе од 22 милијарди евра“, изјави фон дер Лајен по состанокот на Комисијата посветен на економските последици од кризата.

Координација како прв чекор

Еден од клучните елементи на предложените мерки е зајакната координација меѓу земјите членки. Целта е да се избегнат ситуации во кои државите истовремено ги зголемуваат резервите на гас, што води до меѓусебна конкуренција и дополнителен раст на цените.

Сличен пристап се планира и во управувањето со нафтените резерви, со цел да се постигне поголем ефект и да се зачува стабилноста на единствениот пазар. Како што нагласи фон дер Лајен, „силата на Европската унија е во заедничкото дејствување“.

Заштита на најпогодените

Вториот столб од мерките се однесува на заштита на домаќинствата и секторите најсилно погодени од растот на цените.

„Мерките мора да бидат насочени, а не општи – фокусирани на ранливите категории. Тие треба да бидат навремени, брзи и привремени“, истакна претседателката на Комисијата.

Овој пристап значи отстапување од широки субвенции кон попрецизни интервенции, со цел да се намали фискалниот товар.

Пофлексибилни правила за државна помош

Европската комисија планира и воведување привремен механизам што ќе им овозможи на земјите членки поголема флексибилност во доделувањето државна помош.

„Веќе оваа недела ќе започнеме консултации со земјите членки за пофлексибилни правила. Тоа е важен инструмент кој им дава повеќе простор за привремена поддршка на најпогодените сектори“, изјави фон дер Лајен.

Целта е побрзо носење одлуки и поефикасна реакција на пазарните шокови.

Долгорочни решенија: ефикасност и електрификација

Покрај итните мерки, Комисијата подготвува и структурни политики кои ќе бидат претставени пред летото.

Во фокусот ќе биде намалувањето на потрошувачката на енергија. „Најевтината енергија е онаа што не се троши“, нагласи фон дер Лајен, потенцирајќи ја важноста на енергетската ефикасност.

Планираните активности вклучуваат реконструкција на објекти, модернизација на индустријата и намалување на вкупната потрошувачка.

Истовремено, ЕУ ќе работи на оптимизација на сите компоненти што ја формираат цената на електричната енергија – од производството и мрежните трошоци до даноците и системот за тргување со емисии.

Електрификација како стратешка насока

Еден од клучните долгорочни приоритети е забрзана електрификација на економијата, вклучувајќи ја индустријата, греењето и транспортот.

„Електрификацијата на Европа значи поголема независност“, порача фон дер Лајен, јасно посочувајќи го стратешкиот правец на енергетската политика.

Криза како поттик за трансформација

Актуелната енергетска криза уште еднаш ја потврдува ранливоста на европската економија на геополитички шокови и зависноста од увоз на енергенси.

Иако краткорочните мерки имаат за цел стабилизација на цените, долгорочниот фокус сè повеќе се насочува кон енергетска независност и одржливост.

Клучен тест за ЕУ

Претстојниот состанок на лидерите на ЕУ на Кипар ќе биде важен момент за дефинирање заеднички одговор на кризата.

Успехот на предложените мерки ќе зависи од брзината на нивната примена и степенот на координација меѓу земјите членки. Енергетската политика на ЕУ влегува во нова фаза, во која сигурноста на снабдување, одржливоста и конкурентноста стануваат нераздвојни приоритети.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange