Банки
Стопанската комора на Северозападна Македонија ги поздрави мерките на Народната банка за пониски трошоци за платни услуги за бизнисот

Членовите на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, на средба со гувернерот д-р Трајко Славески, ги поздравија мерките на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги, кои веќе ги даваат првите резултати, и иницијативата на Народната банка за обезбедување поповолни услови за користење на платежните услуги за фирмите.
Гувернерот Славески нагласи дека со овие мерки Народната банка испраќа јасна порака за поддршка на сеопфатните економски придобивки преку овозможување пониски трошоци за електронските плаќања за компаниите и обезбедување поголема достапност и ефикасност на платните услуги.
На средбата беше истакнато дека Народната банка продолжува со посветеност да ги унапредува условите во платниот систем, во согласност со европските стандарди и во насока на претстојното приклучување кон СЕПА, кое се очекува да започне на 6 октомври.

Во разговорот, и двете страни оценија дека стабилниот и конкурентен банкарски сектор е клучен за поддршка на стопанството, а Народната банка и натаму останува отворена за дијалог со деловната заедница со цел создавање подобра економска клима и пристап до квалитетни финансиски услуги.
Во однос на монетарната политика, гувернерот подвлече дека Народната банка внимателно ги следи економските текови и е подготвена да реагира соодветно со сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс и на цените.
Банки
Девет европски банки формираат заедничка компанија за „евро стејблкоин“

Конзорциум од девет водечки европски банки – меѓу кои се ING и UniCredit – соопшти дека основа нова компанија со седиште во Холандија, чија цел е лансирање на дигитална валута врзана за еврото, т.н. „euro stablecoin“, односно „стабилна дигитална валута врзана за еврото“. Новата компанија ќе биде под надзор на Централната банка на Холандија, а се очекува во наредните месеци да биде именуван и генерален директор.
Во иницијативата покрај ING и UniCredit учествуваат и Banca Sella, KBC, Danske Bank, DekaBank, SEB, CaixaBank и Raiffeisen Bank International, а банките наведуваат дека во иднина би можеле да се приклучат и други финансиски институции. Како што истакна Фиона Мелроуз, шефица на стратегија во UniCredit, целта е да се развие доверливо и регулирано решение за дигитални плаќања и порамнувања во Европа, кое ќе отвори пат кон нов стандард во областа на дигиталната имовина, ќе го поддржи економскиот раст и ќе придонесе за финансискиот суверенитет на континентот.
Стејблкоините се дигитални токени осмислени да ја одржуваат стабилната вредност, обично врзана за традиционални валути како американскиот долар или еврото. За разлика од криптовалутите чија цена често значително варира, стејблкоините нудат предвидливост и помала волатилност, што ги прави погодни за секојдневни плаќања и поширока употреба во финансискиот систем.
Со овој потег европските банки сакаат да фатат чекор со глобалните трендови, бидејќи бројни американски компании веќе развиваат стејблкоини врзани за доларот, додека Европската централна банка работи на проектот дигитално евро. Формирањето на заедничката компанија претставува обид европскиот банкарски сектор да ја намали зависноста од американските технолошки гиганти и да воспостави сопствен, регулиран систем за дигитални плаќања.
Банки
Комерцијална банка повторно со поддршка на Годишната конференција на Македонската берза

Комерцијална банка и оваа година е горд спонзор на Годишната конференција на Македонската берза, еден од најзначајните финансиски настани во државата и регионот.
Берзанската конференција традиционално претставува платформа каде што се среќаваат експертизата, искуството и визиите за иднината на економијата и финансискиот систем. Овојпат, акцентот ќе биде ставен на низа клучни и актуелни теми: македонските и регионалните економски изгледи, предизвиците и можностите за иницијални јавни понуди (IPO), потенцијалот за раст на домашните компании, развојот на пазарот на капитал преку мултифондови и ЕТФ-ови, значењето на малите берзи, импактот на ажурираните стандарди за финансиско известување, како и трендовите во дигиталната трансформација на компаниите.
Со повеќе од седум децении постоење, Комерцијална банка останува препознатлива како институција што континуирано придонесува за финансискиот развој во земјата. Со поддршката на вакви настани, Банката го поттикнува дијалогот и размената на знаење, создава нови можности за раст и придонесува кон изградба на посилен и одржлив финансиски систем.

Банки
ЕБОР ја ревидираше нагоре прогнозата за раст на македонската економија на 3% во 2025 и 2026 година

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во својот есенски извештај објавен вчера, ја зголеми прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија на 3% за 2025 и 2026 година, што претставува ревизија нагоре за 0,4 процентни поени за 2025 и 0,3 процентни поени за 2026 година во однос на мајската проекција.
Во извештајот се наведува дека земјата постигнала подобри од очекуваните резултати во првата половина од 2025 година, при што реалниот раст на БДП изнесуваше 3% во првиот квартал и 3,4% во вториот квартал. Клучните двигатели на растот биле градежништвото, производството и трговијата, додека трошењето на домаќинствата било поддржано од зголемувањето на приходите и намалувањето на инфлацијата.
ЕБОР забележува дека изградбата на патната инфраструктура, особено автопатските делници на Коридорите 8 и 10, дала значителен поттик на инвестициите. Дополнително, извозот се ревитализирал по слабите резултати во 2024 година, а зголемените вложувања во општините пред локалните избори кон крајот на 2025 година може да обезбедат краткорочен дополнителен стимул.
И покрај позитивните трендови, дефицитот на тековната сметка се зголемил за 66%, што се должи на помали суфицити во трговијата со услуги и во секундарниот доход. Инфлацијата, по укинувањето на ограничувањата на маржата на профит за основните производи, во јули достигнала 4,8%, пред да се намали на 4,4% во август.
Фискалната политика останува експанзивна, со ревидирана цел за буџетски дефицит за 2025 година поставена на 4% од БДП, во обид да се балансираат јавните инвестиции и фискалната консолидација. Во периодот јануари–јули 2025 година, дефицитот достигнал 2,5% од проектираниот БДП, бидејќи расходите го надминале растот на приходите.
Според проекциите на ЕБОР, домашната побарувачка и јавните инфраструктурни инвестиции ќе продолжат да бидат клучни двигатели на растот. Очекувањата се трошењето на домаќинствата да остане стабилно, поддржано од раст на реалните плати и зголемени владини трансфери.
Сепак, Банката предупредува на ризици за економските перспективи, меѓу кои:
- ограничениот фискален капацитет,
- надворешната нестабилност,
- структурните прилагодувања во европската автомобилска индустрија,
- како и зголемената глобална неизвесност.
Во регионот на Западен Балкан, растот забавил од 3,6% во 2024 година на 2,4% во првата половина од 2025 година, а годинава се очекува да изнесува 2,7%, со проекции за забрзување на 3,2% во 2026 година. Највисок раст за 2025 година ЕБОР предвидува за Косово (3,9%), Албанија (3,5%), додека најнизок за Босна и Херцеговина (2,2%).
Во заклучок, ЕБОР ја гледа Северна Македонија како стабилна економија со солидни основи за раст, но со потреба од внимателна фискална дисциплина и искористување на потенцијалот на јавните инвестиции за долгорочна одржливост.
-
Продуктипред 2 месеци
Потрошувачки кредити од Комерцијална банка со нова можност – животно осигурување со плус погодности
-
Продуктипред 2 месеци
НЛБ Банка со промотивна фиксна каматна стапка од 8,9% за сите безготовински трансакции со НЛБ haPPy картичката
-
Продуктипред 2 месеци
Промотивен потрошувачки пакет од ПроКредит Банка што „ги отвора сите врати“
-
Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Картички со бенефити за патување – што нудат македонските банки?
-
Анализипред 2 месеци
НЛБ Банка со Apple Pay и ефектот на бранување на иновациите во финансиската индустрија
-
Продуктипред 1 месец
Apple Pay достапен и за клиентите на Комерцијална банка
-
Анализипред 2 месеци
Две од трите најголеми банки во државата со повисок даночен товар: Што носи глобалниот минимален данок?
-
Фондовипред 2 месеци
КБ Прво пензиско друштво: Разлика помеѓу пензија од втор и од трет столб