Банки
Величковски од Народната банка: Новата правна рамка во платните системи − можност за побрза интеграција во Единствената европска платежна област

Новата правна рамка за платните системи и платежните услуги, поради високата усогласеност со правото на Европската Унија, носи можности за забрзана интеграција на земјата во Единствената европска платежна област (СЕПА) и поврзување со платежната инфраструктура во ЕУ за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите. Исто така, правната рамка има за цел да го поттикне користењето на дигиталните канали за полесно иницирање на плаќањата за побрзо, поедноставно и поевтино извршување на плаќањата во земјата, посочува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за месечникот „Економија и бизнис“. Величковски нагласува дека иднината на плаќањата се заснова на цврста правна рамка којашто обезбедува сигурно и ефикасно извршување на плаќањата и поголема заштита на корисниците на платежните услуги, а особено на потрошувачите.
Новата правна рамка им овозможува на банките и на новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот, преку спроведување на концептот на т.н. „отворено банкарство“, да понудат иновативни решенија коишто ги задоволуваат потребите на нивните клиенти да извршуваат плаќања на побрз и поудобен начин, нагласува Величковски и посочува дека потенцијалот за примената на нови финтек-решенија е голем. „Доколку денес сакаме да купиме некој производ или услуга на интернет, ние вообичаено плаќаме со платежна картичка. Во иднина, очекуваме дека финтек-решенијата ќе ни овозможат да платиме на брз, сигурен и удобен начин директно преку нашето електронско банкарство, без да ја користиме платежната картичка. На пример, со користење мобилна апликација којашто е поврзана со нашата платежна сметка ќе може да платиме за вечерата со пријателите во ресторан без користење на платежната картичка, при што износот на сметката ќе може лесно да се подели помеѓу пријателите, независно од тоа кај кој давател на платежни услуги имаат платежна сметка“, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи.
Во однос на граѓаните, новините донесоа многу поголема правна заштита.
„Банките треба да им понудат на граѓаните рамковен договор за платежни услуги којшто ги регулира правата и обврските за нивно користење, при што пред склучувањето на договорот треба да ги информираат граѓаните за условите под кои може да ги користат платежните услуги, како и за висината на надоместоците за најчесто користените услуги“, посочува Величковски и дополнува дека граѓаните имаат право да побараат замена на постојните договори со нов рамковен договор со цел да си обезбедат поголема правна заштита.
Новата правна рамка ги зема предвид и интересите на компаниите.
„За првпат се врши ограничување на висината на надоместоците коишто давателот којшто поставил ПОС-уред кај трговецот му ги плаќа на давателот којшто ја издал платежната картичка којашто се користи на конкретниот ПОС-уред. Висината на овие надоместоци постепено се намалува и на почетокот на 2025 година не смее да биде повисока од 0,2% од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна платежна картичка, односно од 0,3% кај кредитна платежна картичка, со што ова ограничување ќе се изедначи со она коешто во моментов се применува во Европската Унија. На овој начин, се очекува дека ќе се намалат трошоците за давателите коишто поставуваат ПОС-уреди кај трговците, што понатаму би довело до намалени надоместоци за трговците коишто прифаќаат плаќања со платежни картички“, посочува Величковски.
Банки
ЕЦБ ги одбра давателите на услуги за дигиталното евро

Европската централна банка (ЕЦБ) направи голем чекор кон воведување на дигиталното евро. Во рамки на подготвителната фаза, избрани се даватели на услуги за пет клучни компоненти на проектот.
Кој стои зад дигиталното евро?
ЕЦБ склучи рамковни договори со следниве компании:
Пребарување псевдоними: Sapient GmbH & Tremend Software Consulting, equensWorldline
Ризик и измами: Feedzai, Capgemini Deutschland
Апликација и сет за развој на софтвер: Almaviva SpA & Fabrick SpA, Tremend Software Consulting
Офлајн решение: Giesecke+Devrient (вториот давател ќе биде објавен дополнително)
Безбедна размена на информации: Senacor FCS, equensWorldline
Барањата за услуги ќе се насочуваат прво кон првопласираните компании, додека вторите ќе бидат ангажирани само доколку е потребно.
Што значи ова за граѓаните и банките?
Со овој потег, дигиталното евро станува сѐ пореално. Сепак, ЕЦБ истакнува дека конечна одлука за негово издавање ќе има дури откако ќе се усвои Регулативата за дигиталното евро.
Тоа значи дека банките, финтек компаниите и граѓаните треба да бидат подготвени за нова ера во плаќањата – каде дигиталното евро може да стане дел од секојдневниот живот, како дополнување на готовината и постоечките електронски трансакции.
Карактеристики на дигиталното евро
Една од најважните карактеристики на дигиталното евро е можноста за офлајн плаќања, без вклучување на трети страни. Ова обезбедува ниво на приватност и отпорност слично на готовината, што денес е единствениот облик на пари со такви својства. Дигиталното евро, нема да ја замени готовината, туку ќе ја надополни, притоа нудејќи им на граѓаните поголема слобода на избор при дигитални трансакции. Средствата ќе се складираат директно на уредите на корисниците (паметни телефони, картички и други компатибилни уреди), а плаќањата ќе се извршуваат локално меѓу уредите. На тој начин се овозможува универзално достапно средство за плаќање, кое ќе функционира во секое време и на кое било место, дури и во услови без интернет конекција или електрично напојување, без притоа банките или централните институции да евидентираат детали за трансакциите.
Следни чекори
Развојот на компонентите ќе зависи од одлуката на Советот на управители на ЕЦБ за следната фаза. Во овој момент, рамковните договори не предвидуваат финансиски плаќања, но овозможуваат флексибилност за усогласување со идните законски промени.
Дигиталното евро има потенцијал да ја промени финансиската инфраструктура на Европа – носејќи повеќе безбедност, иновации и доверба во дигиталните плаќања.
Извор: (ЕЦБ)
Банки
Гувернерот Славески на конференција на Економскиот факултет: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.

Понатаму, гувернерот Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.

Гувернерот Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање гувернерот Славески порача и дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Банки
СЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври

Од вторник, 7 октомври, Македонија официјално станува дел од Единствената зона за плаќања во евро (SEPA – Single Euro Payments Area). Овој историски чекор ќе им овозможи на граѓаните и компаниите во земјава да вршат и примаат плаќања во евро на ист начин како во земјите од Европската Унија и пошироко.
Придобивки за граѓаните и компаниите:
Поевтини: Надоместоците за трансакции во евро ќе бидат значително пониски во споредба со досегашните меѓународни плаќања.
Побрзи: Парите ќе стигнуваат до примателот најчесто во рок од еден работен ден, без разлика дали плаќањето оди во Германија, Франција или било која друга СЕПА земја.
Поедноставени и дигитални: Наместо задолжителна посета на експозитура и обемна документација, како што беше досега, СЕПА плаќањата ќе може да се иницираат преку електронско и мобилно банкарство, што носи поголема удобност и заштеда на време.
Зошто е ова важно?
За бизнисите, ова значи намалување на административните и финансиските бариери при соработка со европски партнери. За граѓаните, пак, полесно праќање и примање пари – без редици и хартиена документација, директно од сопствениот телефон или компјутер.
Со приклучувањето кон СЕПА, Македонија прави значаен чекор кон европските интеграции и унапредување на финансиската инфраструктура, носејќи придобивки кои директно ќе ги почувствуваат и домаќинствата и компаниите.
(Банкарство)
-
Продуктипред 2 месеци
Потрошувачки кредити од Комерцијална банка со нова можност – животно осигурување со плус погодности
-
Продуктипред 2 месеци
НЛБ Банка со промотивна фиксна каматна стапка од 8,9% за сите безготовински трансакции со НЛБ haPPy картичката
-
Продуктипред 2 месеци
Промотивен потрошувачки пакет од ПроКредит Банка што „ги отвора сите врати“
-
Анализипред 2 месеци
НЛБ Банка со Apple Pay и ефектот на бранување на иновациите во финансиската индустрија
-
Продуктипред 1 месец
Apple Pay достапен и за клиентите на Комерцијална банка
-
Анализипред 2 месеци
Две од трите најголеми банки во државата со повисок даночен товар: Што носи глобалниот минимален данок?
-
Фондовипред 2 месеци
КБ Прво пензиско друштво: Разлика помеѓу пензија од втор и од трет столб
-
Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Кешот vs дигиталната ера – дали граѓаните ќе им останат верни на банкоматите?