Банки
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!
Во првиот квартал од 2025 година, домашната економија продолжи да се соочува со предизвици, но истовремено покажа и потенцијал за раст и стабилност. Според најновите макроекономски показатели, економските остварувања се движат во рамки на очекувањата.
Реалниот БДП во 2024 година забележа раст од 2,8%, што се должи на домашната побарувачка, додека нето-извозот имаше негативен придонес поради намален извоз и зголемен увоз на стоки и услуги. Годишната стапка на инфлација во февруари и март 2025 година изнесуваше 5,0% и 2,7%, со раст на цените на прехранбените производи, додека цените на енергијата благо се намалија.
Банките продолжија со активна кредитна поддршка на економијата, при раст на депозитната база. Девизните резерви се стабилни и се наоѓаат во сигурната зона, додека Народната банка ја намали каматната стапка на благајничките записи на 5,35%.
Во ваков економски амбиент, Стопанска банка АД – Скопје оствари стабилни резултати во првиот квартал од 2025 година.
Добивката пред оданочување и резервации изнесува 1.236,8 милиони денари, што е намалување од 8% во однос на истиот период во 2024 година. Сепак, поради намалени исправки на вредност, добивката пред оданочување изнесува 980,7 милиони денари, што претставува раст од 2% во споредба со првиот квартал од минатата година.
Банката останува фокусирана на квалитетно кредитно портфолио и внимателно управување со ризиците.
Биланс на успех
Нето-приходите од камати изнесуваат 1.459.364 илјади денари и се намалени за 7% во однос на истиот период од минатата година како резултат на намалените каматни стапки, но се поголеми од буџетираните за 2%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 195.690 илјади денари и се намалени за 8% во однос на анализираниот период во 2024 година, како резултат на зголемените расходи од провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 58.657 илјади денари и се зголемени за 91% во однос на анализираниот период од минатата година како резултат на зголемениот обем на активности.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 163.520 илјади денари.
И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 265.015 илјади денари и 312.306 илјади денари респективно и се за 9% повисоки во однос на истиот период од претходната година.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управувањето со кредитниот ризик е во приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на првиот квартал од 2025 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нетооснова, во износ од 256.113 илјади денари.
Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и резервации изнесува 1.236.806 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 31.03.2025 година изнесува 980.693 илјади денари и е за 2% повисока во однос на истиот период од минатата година.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 145.644.387 илјади денари.
Паричните средства и паричните еквиваленти споредени со крајот на 2024 година се повисоки за 1.362.302 илјади денари, односно за 6%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти нето изнесуваат 100.352.539 илјади денари и се повисоки за 1% споредено со минатата година.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 398.371 илјади денари и бележат намалување од 2% споредено со крајот на минатата година.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 15.322.844 илјади денари и забележаа намалување од 8% споредено со крајот на минатата година.
Останатите побарувања изнесуваат 2.192.185 илјади денари.
Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 109.534.569 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на крајот од минатата година.
Капиталот и резервите изнесуваат 30.076.883 илјади денари, што претставува зголемување за 3% во однос на крајот на 2024 година.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата изнесуваат 1.101.006 илјади денари и бележат зголемување за 16% споредено со крајот на минатата година.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити изнесуваат 2.314.435 илјади денари и во однос на крајот на 2024 година се намалени за 5%.
Очекувања за претстојниот период
Глобалната економија и натаму закрепнува, при пониска инфлација и поповолни финансиски услови. По серијата кризи, глобалниот раст се стабилизира и се очекува дека во наредниот период ќе ја следи сегашната динамика. Сепак, преовладува зголемената геополитичка неизвесност, поради војните и конфликтите, како и евентуалните трговски санкции, особено со последните одлуки на Американската администрација поврзана со царините, кои, секако, ќе имаат директни или индиректни ефекти врз компаниите од домашната економија кои се увозно-извозно ориентирани.
Евентуалното засилување на геополитичките тензии би можело да ги наруши енергетските пазари и синџирите на снабдување, што би можело да ја зголеми инфлацијата, а би ја намалило економската активност. Според извештајот на ММФ од јануари 2025 година, се очекува стабилен раст на глобалната економија, кој од 3,2% минимално би пораснал на 3,3% во 2025 година, во услови на намалување на инфлаторните притисоци и поповолни глобални финансиски услови. Во споредба со октомвриските проекции, оцената е главно непроменета, првенствено поради нагорната ревизија во САД што ги неутрализира надолните ревизии во другите големи економии. Се очекува дека глобалната инфлација и натаму ќе се намалува, во услови на олабавување на притисоците на пазарот на трудот и падот на цените на енергијата, при што развиените економии ќе го достигнат целното ниво побрзо од земјите во развој.
Во домашната економија, ризиците за економските изгледи на краток рок и понатаму се претежно надолни, главно поврзани со геополитичките тензии, со потенцијал за нарушувања на енергетските пазари и пазарите на примарни прехранбени производи, но и со динамиката и интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Меѓународниот монетарен фонд предвидува закрепнување на домашната економија и
зајакнување на растот од 3,3% во 2025 година, поттикнат од поголемата домашна побарувачка и од планираните јавни инвестиции, особено од интензивирањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д. Влијанието на слабата надворешна побарувачка што се забележа во 2024 година се очекува да трае и во 2025 година, предизвикано од структурните промени во европскиот автомобилски сектор.
Во услови на високо ниво на буџетски дефицит од 4,7% на крајот на 2024 година и јавен долг од 61,9% (14% над предпандемиското ниво), фокусот во иднина се препорачува да биде ставен на спроведување кредибилна фискална стратегија за враќање на усогласеноста со фискалните правила – клучна за зачувување на кредибилитетот за одржување на пристап до меѓународните капитални пазари, за создавање простор за инвестиции и за зајакнување на отпорноста на идни шокови. Од аспект на монетарната политика, препораките од ММФ се задржување на каматните стапки на исто ниво и затегнување преку ликвидносните алатки сè додека инфлацијата не се стабилизира и не се намали до посакуваното ниво. Фокусот треба да биде ставен на будно следење на инфлаторните ризици од домашни фактори, вклучително и зголемување на платите и пензиите, како и зголемените надворешни ризици од трговските неизвесности.
Финансискиот систем останува отпорен, стабилен и ликвиден, со ниски нефункционални кредити на ниво на целиот систем.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите. Банката продолжува интензивно да работи на интерните процеси со цел да обезбеди понуда на пазарот која ќе биде уште побрза, полесна и, секако, посовремена, а филијалите на Банката сè повеќе ќе се ориентираат кон советодавни услуги и изнаоѓање решенија соодветни на потребите на клиентите. Веќе интензивно се гради и новата управна зграда, се работи и на нови дигитални решенија за правните и физичките лица. Банката е фокусирана на наградување на своите лојални клиенти и, секако, се вложува во развојот на вработените, унапредување на работните услови и на тимскиот дух. СБ и понатаму продолжува да ги надградува и проектите што во фокусот ги имаат животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.
Банки
АМЕРИКАНСКИОТ ДОЛАР СТАБИЛЕН, ЈЕНОТ ПОД СИЛЕН ПРИТИСОК – инвеститорите будно ги следат ФЕД и Банката на Јапонија!?
Јапонскиот јен падна за 0,3% на 153,15 за американски долари по силните добивки минатата недела, откако економијата на Јапонија порасна за минимални 0,2% во декември, далеку под очекувањата за 1,6%. Разочарувачките податоци ја нагласуваат тешката задача на премиерката Санае Такаичи и потенцијално го искомплицираат патот за затегнување на монетарната политика на Банката на Јапонија, чија клучна каматна стапка е на 0,75%, која останува далеку под нивото на повеќето големи светски економии.
Американскиот долар остана стабилен, поддржан од податоците за инфлацијата кои ги зајакнуваат аргументите за можно олабавување на каматните стапки од Федералните резерви подоцна оваа година. Фјучерсите имплицираат намалување од околу 62 базични поени, со најверојатна следна промена во јуни.
Еврото се тргуваше на 1,1863 долари, фунтата на 1,36395 долари, а швајцарскиот франк благо ослабна на 0,7686 за американски долар. Австралискиот долар се зацврсти на 0,70865, додека новозеландскиот долар падна на 0,6033 пред очекуваниот состанок за монетарна политика на Резервната банка на Нов Зеланд.
Аналитичарите предупредуваат дека глобалните валутни движења остануваат чувствителни на фискални мерки, централнобанкарски политики и економските податоци во Кина, Јапонија и САД.
Банки
Беркан Имери, Александар Иљов и Мухаммед Хаџипази реименувани за Извршни директори и членови на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје
Халкбанк АД Скопје соопштува дека согласно решението на Извршниот одбор на Народната банка на Северна Македонија, од 3 февруари 2026 година, е одобрено продолжување на мандатите на г-дин Беркан Имери, г-дин Александар Иљов и г-дин Мухаммед Хаџи-Пази.
„Согласно Решението на Извршниот Одбор на Народна Банка на Р. Северна Македонија издадена е претходна согласност за реименување на г-дин Беркан Имери, г-дин Александар Иљов и на г-дин Мухаммед Хаџи – Пази, сметано од 03.02.2026 година“, се вели во соопштението на Халкбанк.
Промените се официјално упишани во Централниот регистар на 6 февруари 2026 година. Тројцата ќе продолжат да ги извршуваат функциите на Извршен директор и членови на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје.
Халкбанк ја истакнува стабилноста и континуитетот во менаџментот како клучен предуслов за понатамошен развој и успешни финансиски резултати.
Во моментов Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје го сочинуваат:
- Д-р Фатих Шахбаз – Главен Извршен Директор и Претседател на Управниот одбор;
- Д-р Беркан Имери – Извршен Директор и член на Управен одбор;
- Александар Иљов – Извршен Директор и член на Управен одбор;
- Мухаммед Хаџипази – Извршен Директор и член на Управен одбор;
Банки
ЕЦБ го отвора Фондот за ликвидност во евра на глобално ниво – нов чекор за јакнење на меѓународната улога на еврото
Европската централна банка (ЕЦБ) најави проширување на својот Фонд за ликвидност во евра, со што механизмот ќе стане достапен за централните банки ширум светот, со цел зајакнување на меѓународната позиција на единствената европска валута.
Преку REPO линиите, централните банки ќе можат да обезбедат евро-ликвидност под поволни финансиски услови. Досега, овој инструмент беше ограничен на помал број земји, главно од Источна Европа.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, истакна дека во услови на зголемена глобална нестабилност, централната банка мора да биде подготвена и флексибилна. „Овој механизам е важен инструмент за зацврстување на еврото на светската сцена“, изјави Лагард на Минхенската безбедносна конференција.
Се очекува новиот модел да биде операционален од третиот квартал на 2026 година. Исклучок ќе бидат институциите поврзани со перење пари, финансирање тероризам или субјекти под меѓународни санкции.
Одлуката доаѓа во период на зголемена несигурност околу доларот и американските економски политики, што дополнително го зајакнува интересот за еврото како стабилна глобална валута.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 2 месециСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
-
Продуктипред 1 месецАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециГувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
-
Банкипред 2 месециГолема празнична кампања на НЛБ Банка проследена со донација





