Банки
Стопанска банка а.д. Битола со добивка од 33,6 милиони денари во првото полугодие од 2025 година
Во првото полугодие на 2025 година, Стопанска Банка а.д. Битола оствари добивка од 33,6 милиони денари, што главно се должи на засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на
вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година. Капиталната и
ликвидносната позиција беа значајно зајакнати, при што стапката на адекватност на
капиталот се искачи на 32,1%, а ликвидната актива достигна 46,6% од вкупната актива на Банката. Ова остварување е значително над регулаторните барања и над просекот во банкарскиот систем.
Сепак, Банката во последните две години минуваше низ специфичен период, т.е. низ процес на пронаоѓање стратешки инвеститор, како определба дефинирана во Деловната
политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2025 – 2027 година. Фокусот беше кон поголема наплата на кредитите, решавање на нефункционалното портфолио, внимателно кредитирање заради подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и зајакнување на ликвидносните позиции. Ваквата состојба имаше одраз врз нивото на кредитирање и врз приходите од редовното работење.
Нето-приходите од камата во првото полугодие на 2025 година се годишно пониски за 50 милиони денари или за 21,1% во услови на помала наплата на претходно отпишани камати, пониски приходи од редовни камати, но и пад на расходите за камати при надолна корекција на активните и пасивните каматни стапки. Нето-приходите од провизии и надоместоци годишно се пониски за 24,6 милиони денари или за 42,9%, што главно се должи на намалените приходи, но и на зголемените расходи за провизии и надоместоци на добавувачите на услуги на Банката. Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 8,8 милиони денари или пад за 15,0% споредено со истите од минатата година.
Останатите приходи од дејност годишно се пониски за 3,9 милиони денари или за 25,5%, како резултат на помалку остварени капитални добивки од продажба на преземен имот. Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 6,4 милиони денари, што претставува значително подобро остварување од истиот период во 2024 година, кога беше негативна во износ од 51,3 милиони денари. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нетооснова изнесува 15,5 милиони денари и ги одразува издвоените загуби за оштетување на преземениот имот во согласност со регулативата на НБРСМ.
Трошоците за вработените бележат намалување од 9,5 милиони денари, односно за 9,9% споредено со претходната година, во услови на намален број вработени и раст на продуктивноста на вработените. Aктивностите за оптимизирање на трошоците резултираа со годишно намалување на останатите расходи од дејноста за 6,1 милиони денари, односно 7,0%, додека амортизацијата не бележи значајни годишни промени во апсолутен износ.
Очекувања за претстојниот период
Приспособувајќи го своето работење на деловната клима и потребите на клиентите, Банката и во претстојниот период ќе ги презема неопходните мерки и активности за реализирање на поставените стратегиски и деловни цели од Деловната политика, развојниот и финансискиот план. Воедно со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите, умерен раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за наплата на нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио и одржување на оптимално ниво на депозитен потенцијал, како од аспект на ликвидноста така и од аспект на профитабилност во работењето, со што и понатаму ќе продолжи со генерирање позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик.
Банки
Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот
Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).
Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.
Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.
Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.
„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.
Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.
Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx
Банки
Халкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
Халкбанк АД Скопје објави повик за пријавување на летна пракса, нудејќи им можност на студентите и младите лица да стекнат практично работно искуство и подобро да се запознаат со банкарскиот сектор.
Од банката информираат дека програмата е наменета за развој на нови вештини и стекнување знаења преку директно вклучување во работните процеси.
„Стекни практично искуство, развиј нови вештини и запознај го банкарството одблиску“, порачуваат од Халкбанк, повикувајќи ги заинтересираните кандидати да аплицираат преку објавениот линк.
Летната пракса претставува можност за младите да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера и да стекнат увид во функционирањето на една од водечките банки во земјата.
Банки
Комерцијална банка со нови поволности за бизнис-корисниците преку Visa Business картичките
Комерцијална банка објави нов пакет поволности за компаниите кои користат Visa Business картички, овозможувајќи им пристап до дигитални алатки и услуги по пониски цени.

Преку програмата, деловните корисници ќе можат да добијат попуст од 8 отсто за услугите на Google Cloud, кои вклучуваат алатки за пресметување, складирање податоци, машинско учење и аналитика.

Дополнително, достапен е и попуст од 8 отсто за Google Workspace, пакет што ги опфаќа Gmail, Docs, Drive, Calendar и Meet, со цел да се подобри ефикасноста на деловната комуникација и соработка.

За корисниците на Microsoft 365 е обезбеден попуст од 5 отсто, што покрај Word, Excel и PowerPoint ги вклучува и услугите Teams, OneDrive и SharePoint.
Во рамки на понудата се предвидени и поволности за користење на Amazon Web Services (AWS), насочени кон оптимизирање на трошоците и забрзување на деловните иновации.
Од Комерцијална банка велат дека современиот бизнис бара брзи и паметни решенија, а новите поволности преку Visa Business картичките се наменети за зголемување на продуктивноста и поефикасно управување со деловните процеси.
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Кариерапред 2 месециАЛТА банка објави оглас за вработување на позицијата бизнис аналитичар (економист)


