Connect with us
no baners

Банки

Средби со ММФ: Народната банка спроведува соодветна монетарна политика

Објавено

на

Политиките кои ги води Народната банка се соодветен одговор на тековните предизвици. Глобалната ситуација е сложена поради финансиските превирања, продолжувањето на војната во Украина и геоекономската фрагментација. Оттаму, централните банки треба да останат доследни на антиинфлаторната затегната монетарна политика, но исто така будно да ги следат случувањата во финансискиот сектор и доколку има потреба да ги искористат соодветните инструменти. Ова се главните заклучоци од состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Фадил Бајрами со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон, САД.

Делегацијата се сретна со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Жак Миниан.

На средбата со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше разговарано и за реализацијата на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), која што и беше доделена минатата година на нашата земја. Станува збор за инструмент којшто обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди и кој им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Во тој контекст, во разговорите со претставниците на ММФ беше  констатирано дека монетарната политика се води и треба да продолжи да се води  на прудентен начин, со оглед на сеуште присутната глобална неизвесност. Согласно последните проекции на Фондот за нашата економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок би се постигнала целната инфлација од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека нашата централна банка будно ги следи случувањата и презема одлучни чекори за справување со инфлаторните притисоци и постигнување на основната цел – обезбедување на среднорочна ценовна стабилност. Таа ги наведе преземените мерки и политики од страна на Народната банка, и посочи дека курсот на монетарната политика започна да се менува уште на крајот на 2021 година, преку интервенциите на девизниот пазар. Потоа се продолжи со интервенции преку зголемување на каматната стапка, неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон растот на штедењето во денари, како и воведувањето на системски мерки, како противцикличниот заштитен слој на капиталот. Воедно, акцентот беше ставен и на стабилноста на банкарскиот сектор, кој е во солидна кондиција и може да ја поддржи домашната економија, а притоа има капацитет да се справува со евентуалните поголеми шокови.

Во глобални рамки, согласно оцените на ММФ растот на инфлацијата годинава успорува, но истата се покажа како многу порезистентна од она што беше очекувано пред само неколку месеци. Остриот пад на цените на енергентите и храната придонесоа кон падот на вкупната стапка на инфлацијата, меѓутоа базичната инфлација во глобални рамки се покажа како попостојана. Случувањата во глобалниот финансиски систем може да придонесе кон намалување на агрегатната побарувачка, што би делувало антиинфлаторно, но сепак препораката на ММФ за централните банки е да останат внимателни, бидејќи прераната промена на курсот на монетарната политика може да предизвика големи штети.

Делегацијата на Народната банка оствари работна средба и со Одделот за монетарна политика и пазари на капитал. Притоа, беше заклучено дека ММФ и во натамошниот период ќе ја поддржува Народната банка преку размена на искуства за натамошно унапредување на поставеноста на оперативната рамка на монетарната политика и механизмите за учество на Народната банка на девизниот пазар.

Банки

Централниот регистар и МБА ja зајакнуваат соработка со банките за верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици

Објавено

на

На 02.02.2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, беше одржан работен состанок инициран од Централниот регистар, во својство на администратор на Регистарот на вистински сопственици.

На состанокот, претставниците на Централниот регистар, предводени од директорката д-р Анита Стамнова, и претставниците на Комисијата за СПП и усогласеност со прописи при Македонската банкарска асоцијација, предводени од претседавачот г-дин Глигор Пандиловски, дискутираа за можностите за воспоставување решение што ќе вклучува верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици.

Имајќи ја предвид улогата на банките како верификатори на податоците, на состанокот беше презентиран процесот, беа разменети искуства, како и утврдени насоки за соодветна обука и понатамошна соработка.

Како заклучок, беше договорено да се организира заедничка работна средба со претставници од Народната банка, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за финансии, Македонската банкарска асоцијација и Централниот регистар, со цел сеопфатно разгледување на проблематиката и постигнување заедничка усогласеност меѓу институциите.

Продолжи со читање

Банки

Комбинација од банкарско и академско искуство: Нови имиња во Надзорниот одбор на АЛТА банка Битола

Објавено

на

Давор Мацура, Уна Сикимиќ, Татјана Куљак, Вељко М. Мијушковиќ и Горан Коевски се предложени за членови на новиот состав на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Битола. Предлогот е вклучен во дневниот ред на Собранието на акционерите закажано за 27 февруари, а опфаќа тројца претставници на најголемиот акционер АЛТА банка АД Белград и двајца независни членови.

Според доставените материјали, акционерите располагаат со детални биографии на сите предложени кандидати, при што структурата на Надзорниот одбор укажува на комбинација од банкарско искуство, управување со ризици и академска експертиза.

Претставници на АЛТА банка АД Белград

Давор Мацура, доктор на науки по менаџмент и бизнис, е основач на АЛТА Груп и долгогодишен носител на стратешките процеси во групацијата. Активен е од 2008 година, а во моментов ја извршува функцијата претседател на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Белград и на АЛТА Лизинг. Тој е индиректен краен сопственик на 95,13% од АЛТА банка Белград, која е 100% сопственик на АЛТА банка АД Битола.

Уна Сикимиќ е доктор на науки од областа на банкарството и финансиите, со изразено професионално искуство во управување со ризици. Од 2021 година е претседател на Управниот одбор на АЛТА банка АД Белград. Претходно има извршувано високи менаџерски функции во Комерцијална банка Белград, вклучително и член и заменик-претседател на Управниот одбор, како и извршен директор за управување со ризици.

Татјана Куљак, економист и правен специјалист за корпоративно управување, од 2021 година ги извршува функциите CRO (Chief Risk Officer) и CFO (Chief Financial Officer), како и член на Управниот одбор на АЛТА банка АД Белград. Повеќе од една деценија работела во Комерцијална банка Белград, претежно во областа на анализа и управување со кредитен ризик.

Независни членови од академската заедница

Како независни членови на Надзорниот одбор се предложени двајца истакнати претставници на академската фела.

Вељко М. Мијушковиќ е доктор по економски науки и доцент на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград. Неговата стручна и научна работа е фокусирана на економија, финансии и корпоративно управување, со значајно искуство во високото образование и истражувачка дејност.

Горан Коевски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и доктор по правни науки. Има долгогодишно искуство во областа на трговското и корпоративното право, учествувал во изработка на клучни законски решенија и бил член или претседател на повеќе државни комисии, управни и надзорни одбори, меѓу кои и Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност.

Предлогот за новиот состав на Надзорниот одбор ќе биде разгледан и одобрен во согласност со статутарните и регулаторните процедури на Банката, како и важечката банкарска регулатива.

Продолжи со читање

Банки

Усвоен Кварталниот извештај: Макроекономските движења се во согласност со очекувањата на Народната банка

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.

Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.

Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.

Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.

На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.

Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.

На седницата, Советот на Народната банка разгледа и повеќе други точки поврзани со тековното работење на Банката.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange