Банки
Средба Ангеловска-Бежоска – Џанел: Независноста на Народната банка е клучна за успешно спроведување на монетарната политика
 
																								
												
												
											Високото ниво на независност и кредибилитетот во работењето на Народната банка се едни од најважните фактори коишто придонесоа за успешно остварување на целите и за макроекономската стабилност во изминатите години, и покрај неколкуте последователни кризи на светско ниво. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Узлем Џанел.
Професионалноста, стручноста и посветеноста мора да се на високо ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка, беше посочено од амбасадорката. Обезбедувањето и одржувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант на макроекономската и финансиската стабилност, што е од особена важност за евоинтеграциските перспективи на земјата, а воедно и еден од основните предуслови за привлекување на странските инвеститори. Монетарната политика е и ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон јакнење на капацитетите и исполнување на стандардите за пристап до европскиот систем на централни банки, истакна гувернерката.
На средбата се зборуваше за тековните макроекономски движења, во однос на очекувањата на Народната банка според есенските проекции. Притоа, беше посочено дека политиките и мерките применети во изминатите неколку години овозможија намалување на инфлацијата на 3,5% минатата година и очекувањата се дека инфлацијата и годинава постепено ќе се стабилизира. Сепак, ризиците постојат и потребно е водење внимателни макроекономски политики.
На средбата на гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорката Џанел беше оценето дека од особено значење е зајакнувањето на натамошната соработка меѓу Народната банка и централната банка на Холандија, којашто е една од најсилните поддржувачи во постојаното унапредување на централнобанкарското работење, како и силен партнер во спроведување на голем број проекти кои се од големо значење за зацртаните политики на Народната банка. Исто така, на средбата беше изразена благодарност до Министерството за финансии на Холандија, со чија поддршка заедно со ОЕЦД, Народната банка и домашните финансиски регулатори ја изработија и првата Национална стратегија за финансиска едукација. Овој документ претставува рамка на активностите коишто ги преземаат регулаторите заради подобрување на финансиската писменост на населението, со што се подобрува ефективноста на нивното учество во финансискиот сектор, како и нивната заштита како потрошувачи имајќи на располагање повеќе и подобри информации.
Банки
Федералните резерви на САД ги намалија каматните стапки, но говорот на Пауел го намали оптимизмот на пазарите
 
														Федералните резерви на САД одобрија второ последователно намалување на каматните стапки, во услови на зголемена економска неизвесност и ограничен пристап до макроекономски податоци. Одлуката, која беше донесена со гласање од 10-2 во рамките на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), ја намали референтната каматна стапка во опсег од 3,75% до 4%.
Паралелно со ова, ФЕД најави и дека ќе го прекине процесот на квантитативно затегнување (QT), односно намалувањето на сопствените хартии од вредност – на 1 декември 2025 година, што претставува значаен пресврт во монетарната политика на институцијата.
Поделени ставови во Федералниот комитет
Одлуката не беше донесена едногласно. Гувернерот Стивен Миран, назначен од поранешниот претседател Доналд Трамп, повторно гласаше против, барајќи поагресивно намалување од 50 базични поени. На спротивната страна се најде Џефри Шмид, претседател на Федералните резерви на Канзас Сити, кој смета дека стапките воопшто не требало да се намалуваат.
Пауел, пак, на прес-конференцијата по состанокот порача дека ново намалување на каматите во декември не е извесно.
„Во Комитетот имаше различни мислења за идните чекори. Намалување на стапките во декември не е завршена работа, далеку од тоа“, изјави Пауел, додавајќи дека меѓу гувернерите се зајакнува ставот дека треба да се почека „барем еден циклус“ пред ново олеснување на политиката.
По неговите коментари, пазарите ги намалија очекувањата за ново намалување во декември од 90% на 67%, според податоците на „CME Group“. Акциите краткорочно паднаа, но потоа се стабилизираа кон крајот на тргувањето.
Неизвесност без економски податоци
Одлуката на ФЕД беше донесена во период кога владата на САД привремено ја суспендираше објавата на официјални економски податоци, што значи дека клучните индикатори како вработеност, малопродажба и БДП не беа достапни.
Во соопштението на FOMC се наведува дека „економската активност се шири умерено, но растот на вработувањето забавува, а инфлацијата останува зголемена“. Комитетот нагласува и дека ризиците за намалување на вработеноста се зголемиле во последните месеци.
Крај на квантитативното затегнување (QT)
ФЕД потврди дека ќе ја заврши својата програма за намалување на износот на обврзници во билансот на состојба, кој изнесува околу 6,6 трилиони долари.
Преку оваа програма позната како квантитативно затегнување (QT), ФЕД го намали своето портфолио за околу 2,3 трилиони долари во последните години.
За време на пандемијата, централната банка го зголеми својот биланс од нешто над 4 трилиони долари на речиси 9 трилиони, поддржувајќи ликвидност и стабилност на финансиските пазари.
„Иако е соодветно да продолжиме со нормализација, не очекуваме враќање на нивото од пред пандемијата“, изјави Пауел.
Баланс меѓу раст и инфлација
Оваа одлука претставува редок случај во кој ФЕД ја олеснува монетарната политика во услови на раст на берзите и релативна економска експанзија.
Иако индексите на акциите достигнаа рекордни нивоа, Федералните резерви се свесни дека прекумерното олеснување може повторно да предизвика раст на инфлацијата, што би наложило нов циклус на заострување на монетарната политика.
Со последните чекори, ФЕД се обидува да го постигне тенкиот баланс помеѓу стимулирање на економијата и спречување на нов инфлаторен притисок, сценарио што ќе биде клучно за глобалните пазари во последниот квартал од 2025 година.
Банки
Профитот на Стопанска банка АД – Скопје достигна 3,34 милијарди денари – раст од 8% на годишно ниво
 
														Стопанска банка во третиот квартал од 2025 година продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 4.305.324 илјади денари и во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 8%.
Нето-приходите од камати изнесуваат 4.132.751 илјади денари и се намалени за 11% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на намалените каматни стапки.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 589.267 илјади денари и се намалени за 9% во однос на анализираниот период во 2024 година, како резултат на зголемените трошоци од страна добавувачите на платни и картични услуги, како и регулативни ограничувања на приходите од провизии кај некои категории на сервиси.
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 15.420.962 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 28.085.802 илјади денари, што претставува намалување за 4% во однос на крајот на 2024 година како резултат на исплатената дивиденда на имателите на обични акции. Дополнително, Банката пренамени износ од 3.670.382 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот на 20,54%.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, подобрување на оперативната ефикасност како и понуда на нови услуги. Секако, примарна цел останува редовното и ефикасно извршување на деловните активности, одржувањето на лидерското пазарно учество во сегментот на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите. Банката продолжува интензивно да работи на интерните процеси со цел да обезбеди понуда на пазарот која ќе биде уште побрза, полесна и, секако, посовремена, а филијалите на Банката сè повеќе ќе се ориентираат кон советодавни услуги и изнаоѓање решенија соодветни на потребите на клиентите. Банката е фокусирана подеднакво како на сервисирање на своите клиенти по највисоки стандарди така и на поддршка на своите вработените, унапредување на работните услови и тимскиот дух.
Во анализираниот период, Банката продолжи да ги надградува проектите кои се фокусираат на заштита на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите. Проектот „Зелен ѕид“ продолжи со поставување нови садници на дрвја во Скопје, со цел да се збогати “Паркот на магнолиите” во Градскиот парк. Успешно беше реализирано деветтото издание на спортско-рекреативниот настан „Вози право, вози здраво“, на кој учествуваа над 9.000 граѓани од Скопје. Во јуни, Банката ја отвори новата Читална за студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, целосно опремена со најсовремени материјали и ентериер. Како реакција на огромната трагедија во Кочани, Банката донираше директна финансиска помош до семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот.
Банки
Комерцијална банка со добивка од 4,25 милијарди денари во првите девет месеци од 2025 година
 
														Комерцијална банка АД Скопје во периодот од 01.01. до 30.09.2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 4.250,1 милион денари, што претставува намалување од 3,9% во однос на истиот период минатата година, кога добивката изнесуваше 4.422,6 милиони денари. И покрај ова мало намалување, планираната бруто-добивка за трите квартали е надмината за 10%, што ја потврдува стабилноста и ефикасноста на работењето на Банката во услови на зголемени глобални и локални предизвици.
Резултатите се остварени во услови на засилени геополитички ризици, осцилации на меѓународните пазари поради трговските политики на САД, како и намалена економска активност на главните трговски партнери на државата. Во домашната економија, инфлацијата за првите девет месеци се задржа на 4,0% кумулативно, над проектираното ниво.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8% пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.
Биланс на успех, приходи, расходи и оперативна ефикасност
Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка изнесуваат 6.453,7 милиони денари, што е намалување од 2,6% во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата, како најголема компонента на вкупните приходи, бележат раст од 1,1%, со исполнетост на планот од 101,7%. Приходите од камата се зголемени за 1,7%, најмногу поради зголемените пласмани кај домаќинствата и нефинансиските друштва, додека расходите по основ на камата се зголемени за 6,7% поради порастот на орочените депозити.
Нето каматната маржа на Банката на крајот на третиот квартал изнесува 3,58%, во споредба со 3,87% во истиот период минатата година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 904,7 милиони денари, што е раст од 3,3% и остварување на планот со 102,7%, пред сè како резултат на зголемениот обем на трансакции со платежни картички.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 323,9 милиони денари, што е раст од 20,9%, благодарение на оптималното управување со девизната позиција.
Од друга страна, останатите приходи од работењето изнесуваат 730,1 милиони денари и се помали за 26,1% во однос на истиот период лани, главно поради помал износ на наплатени отпишани побарувања и помалку капитални добивки од продажба на преземен имот.
Оперативните расходи изнесуваат 1.785,8 милиони денари, што претставува раст од 3,7% во однос на истиот период минатата година, првенствено поради зголемени трошоци за плати и вработени.
Исправката на вредност на финансиските средства изнесува 412,9 милиони денари, што е намалување од 13,6%, резултат на добра финансиска дисциплина и редовно сервисирање на кредитните обврски од страна на клиентите.
Биланс на состојба, стабилен раст на активата и кредитното портфолио
Вкупната актива на Комерцијална банка на 30 септември 2025 година достигна 186,7 милијарди денари, што претставува раст од 4,5% во однос на крајот на 2024 година, со исполнетост на планот од 100,7%.
Зголемувањето најмногу се должи на пораст на паричните средства и кредитите на комитенти.
Кредитното портфолио бележи раст од 6,4%, како резултат на зголемено кредитирање на домаќинствата и нефинансиските друштва, со исполнетост на планот од 102,2%.
Депозитната база достигна 159,8 милијарди денари, што е раст од 3,4%, најмногу поради зголемените депозити на физички лица.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2025 година изнесуваат 22,25 милијарди денари, што претставува раст од 6,7% во однос на декември 2024 година, како резултат на прераспределба на дел од добивката за 2024 година и зголемени останати резерви.
Потврда на стабилност и отпорност
И покрај умерениот пад на добивката во однос на минатата година, Комерцијална банка продолжува да ја демонстрира својата стабилност, оперативна дисциплина и силен капацитет за одржлив раст.
Со постојан фокус на ефикасно управување со ризиците, рационализација на трошоците и одговорно кредитирање, Банката ја задржува својата позиција како една од најпрофитабилните и најсолидни финансиски институции во земјата.
- 
																	   Банкипред 2 месеци Банкипред 2 месециФатих Шахпаз е новиот генерален директор на Халкбанк АД Скопје? 
- 
																	   Банкипред 2 месеци Банкипред 2 месециПромотивно со НЛБ Visa кредитните картички, 5,9% фиксна каматна стапка 
- 
																	   Банкипред 2 месеци Банкипред 2 месециVisa Signature – нова премиум картичка од Комерцијална банка, за првпат достапна во Македонија 
- 
																	   Анализипред 1 месец Анализипред 1 месецАНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција? 
- 
																	   Банкипред 2 месеци Банкипред 2 месециХрисула Кутуди е нов генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје 
- 
																	   Банкипред 2 месеци Банкипред 2 месециКХВ одобри: Српската „Алта банка“ со официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола 
- 
																	   Продуктипред 1 месец Продуктипред 1 месецЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay? 
- 
																	   Кариерапред 2 месеци Кариерапред 2 месециОглас за вработување во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје 





 
											 
											 
											 
											 
											 
											 
											 
											 
									 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	