Connect with us
no baners

Останато

Прва средба на гувернерот Славески со ИФЦ – соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.

Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.

Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.

Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.

Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.

Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост.

Останато

Потпишани 11 нови договори за грантови со општините за унапредување на предучилишното образование

Објавено

на

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со градоначалници од десет општини, потпиша 11 нови договори за грантови, со што продолжуваат инвестициите во развојот на предучилишното образование и грижата за децата.

Договорите се склучени со општините Пробиштип, Босилово (за населените места Иловица и Радово), Штип, Бутел, Росоман, Чешиново-Облешево, Зелениково, Гостивар, Велес и Боговиње.

Станува збор за активност во рамки на втората компонента од Вториот проект за подобрување на социјалните услуги (SSIP II), чија цел е проширување на опфатот и подобрување на квалитетот на предучилишното образование.

Со договорите е предвидено реновирање и опремување на неискористени училишни и општински простории, кои ќе бидат адаптирани во функционални објекти за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Овој модел овозможува брзо и одржливо решение преку формирање предучилишни групи во алтернативни просторни услови, со што директно се зголемува достапноста на услугите за децата и нивните семејства.

Минатата година беа потпишани и два договори со општините Кавадарци и Кисела Вода, а со новите 11, вкупниот број достигнува 13 договори, што претставува значителен напредок во проширувањето на предучилишните услуги на национално ниво.

Во обраќањето, министерот Лимани нагласи дека ваквиот пристап го зголемува опфатот на децата, го доближува системот до граѓаните и обезбедува еднакви можности за секое дете.

„Ова партнерство меѓу централната и локалната власт е доказ дека со заедничка посветеност можеме да постигнеме конкретни резултати. Новите предучилишни групи ќе придонесат за подобар развој на децата, поголема подготвеност за училиште и намалување на нееднаквостите уште од најрана возраст. Министерството останува посветено на инвестиции во раното детство, затоа што токму тука започнуваат еднаквите шанси“, изјави Лимани.

Продолжи со читање

Останато

Собраниската Комисија го одобри предлогот за зголемување на пензиите за 1.000 денари

Објавено

на

Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади го проследи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување во натамошна процедура. Со предложените измени, по скратена постапка, се предвидува зголемување на сите пензии за 1.000 денари, кое би важело од 1 март годинава.

Според предлагачите, ова е четврта измена на законот во изминатиот период, со која вкупното зголемување на пензиите достигнува 7.000 денари за помалку од две години. Мерката ќе ги опфати сите пензионери кои го оствариле правото на пензија заклучно со 28 февруари 2026 година.

Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека со ова решение се продолжува политиката за подобрување на животниот стандард на пензионерите и намалување на сиромаштијата.

Предлог-законот сега ќе се разгледува во понатамошна собраниска постапка, каде ќе треба да добие поддршка за конечно усвојување.

Продолжи со читање

Анализи

Инфлацијата во еврозоната забрза во февруари и се искачи на 1,9% – услугите главен двигател на растот

Објавено

на

Инфлацијата во еврозоната забележа умерено забрзување во февруари, поттикната од растот на цените во секторот на услуги и побавното намалување на трошоците за енергија, покажуваат конечните податоци на „Евростат“.

Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени се зголеми за 1,9% на годишно ниво, во однос на 1,7% во јануари, што е во согласност со првичните проценки. Истовремено, основната инфлација се искачи на 2,4% од 2,2% еден месец претходно.

Најголем придонес кон растот имаа цените на услугите, кои се зголемија за 3,4%, како и индустриските производи без енергија, со раст од 0,7%. Од друга страна, падот на цените на енергијата продолжи, но со забавено темпо од 3,1%, додека цените на храната, алкохолот и тутунот пораснаа за 2,5%.

Податоците укажуваат на задржување на инфлаторните притисоци, особено во услужниот сектор, што останува клучен фактор за идните монетарни политики во еврозоната.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange