Анализи
Профитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?
Трите најголеми македонски банки ја завршија 2025 година со висока профитабилност и покрај сложеното макроекономско опкружување обележано со геополитички тензии, инфлациски притисоци и рестриктивна монетарна политика.
Комерцијална банка, НЛБ Банка и Стопанска банка АД Скопје покажуваат голема отпорност кон случувањата, ризиците и неизвесностите кои се забележливи и на глобално и на локално ниво. Геополитички тензии, инфлациски притисоци и рестриктивна монетарна политика не успеаја да ја разнишат позицијата на овие три финансиски институции.
Сепак, и покрај високата профитабилност под површината на апсолутните резултати се кријат различни стратегии за раст, управување со ризици и позиционирање на пазарот.
Комерцијална банка: конзистентна добивка и прецизна стратегија
Комерцијална банка АД Скопје ја потврди позицијата на најпрофитабилна банка во Македонија, со нето-добивка од 5,08 милијарди денари, што претставува раст од 3,1% во однос на 2024 година. Добивката пред оданочување од 5,63 милијарди денари е повеќе од 9% над планираното, што укажува на прецизно поставени проекции и силна оперативна дисциплина.
Остварениот резултат е особено значаен ако се земе предвид нестабилната глобална средина и внимателниот пристап на Народната банка. Комерцијална банка успеа да одржи високо ниво на профитабилност без агресивно зголемување на ризикот, што ја позиционира како банка со највисок степен на предвидливост и стабилност.
НЛБ Банка: профитабилен раст преку експанзија и пазарен удел
НЛБ Банка во 2025 година оствари нето-добивка од 4,88 милијарди денари, приближувајќи се до водечката позиција по профит, но со значително поразлична стратегија.
НЛБ Банка бележи силен органски раст, со зголемување на вкупната актива од 19,6%, кредитите од 21,9% и депозитите од 13,8%. Главен двигател на профитот е експанзијата на кредитната активност, особено кај населението, каде што Банката достигна доминантен пазарен удел – една од клучните цели во рамки на „Стратегијата 2030“.
Овој модел носи поголем потенцијал за идни приходи, но и повисока чувствителност на економските циклуси, што ја прави НЛБ Банка најдинамичниот играч меѓу трите водечки банки.
Стопанска банка АД Скопје: конзервативен пристап со фокус на отпорност и силна заштита
Стопанска банка АД Скопје ја заврши 2025 година со нето-добивка од 3,34 милијарди денари, што претставува намалување од 6,1% во однос на 2024 година. Издвоените 1,49 милијарди денари за резервации, се зголемени за 27% во однос на 2024 година и укажуваат на изразено конзервативен пристап во управувањето со ризиците.
Иако ова директно ја намали краткорочната профитабилност, стратегијата ја зајакнува отпорноста на Стопанска банка во потенцијално понестабилни идни услови.
Истовремено, растот на вкупната актива од 9% и пренасочувањето на средствата кон попрофитабилни пласмани и хартии од вредност укажуваат на активно управување со билансот и фокус на оптимизирање на приносот.
Каматите како најголем и најважен извор на профитот
Најважниот извор за банкарските приходи, врз кои најмногу се потпира и добивката, се каматите. Нето-приходите од камата, кај Комерцијална банка се зголемени за минимален 1 отсто и достигнуваат 6,03 милијарди денари, но нето-каматната маржа се намали на 3,55% во споредба со 3,85% една година претходно. Раст е евидентиран и во НЛБ банка, нето-каматните приходи на Банката забележаа раст за 6,6% споредено со претходната година и достигнуваат 4,95 милијарди денари. Приходите од камати се повисоки во однос на претходната година како резултат на зголемената кредитна активност на Банката во двата сегменти – правни лица и население.
Само кај Стопанска банка Скопје, која ја дава и најголемата кредитна поддршка, има пад од 13%, на 5,35 милијарди денари, како резултат на намалување на каматните стапки, зголемени трошоци за камати по депозити и трансфер на средства од сметки по видување кон орочени депозити.
Приходи од провизии
Од пресметаните и наплатени приходи од провизии кај трите најголеми македонски банки се слеале вкупно 3,75 милијарди денари (лани во истиот перод – 3,69 милијарди денари). Раст во овој сегмент има кај НЛБ банка за 6,6% споредено со претходната година, како и кај Комерцијална банка која евидентирала раст од 2,7%, и покрај значајното намалување на надоместоците за платежни услуги што банката ги спроведе во текот на годината.
Кај Стопанска банка АД Скопје се забележува големо намалување на нето-приходите од провизии, кои се пониски за 14 проценти, главно поради повисоки трошоци кон картичните процесори и намалени тарифи за дел од услугите во корист на клиентите.

Збирот од профитите на овие три банки за минатата година изнесува фантастични 13,35 милијарди денари или 217,1 милиони евра и бележат раст во однос на 2024 година за 13,06 отсто.
Трите најголеми банки во Македонија покажуваат различни модели на успех: Комерцијална банка е модел на стабилност и прецизност, НЛБ Банка се истакнува со динамичен раст и проширување на пазарот, а Стопанска банка гради отпорност преку конзервативно управување со ризиците. За инвеститорите и клиентите, ова значи дека македонскиот банкарски сектор останува стабилен, со различни стратегии за профит и раст, подготвен да се соочи со предизвиците на 2026 година.
Анализи
Трошоците за живот повторно растат: минималната кошничка повисока за 2.326 денари од почетокот на годината
Минималните трошоци за живот за едно четиричлено семејство во март повторно се зголемија, покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Во однос на февруари, вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка е повисока за 436 денари.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за март изнесува 67.818 денари, додека со изнајмен стан од 60 м² трошоците достигнуваат 83.193 денари.
Во првите три месеци од годината, односно за периодот јануари–март 2026 година, трошоците се зголемени за вкупно 2.326 денари.
Порастот на цените на горивата, кој трае веќе две недели по ред и е поврзан со случувањата на Блискиот Исток, почнува да се прелева и врз цените на основните прехранбени производи. Веќе се регистрирани поскапувања кај зејтинот и јајцата, а експертите предупредуваат дека трендот може да се прошири и во други сектори.
ССМ поставува прашање дали животниот стандард на македонските работници ќе се подобри без редовни пресметки на минималната кошница, во услови на растечки трошоци, додека владата засега само ја следи ситуацијата.
За разлика од нашата Влада, дел од земјите во регионот и Европа веќе презедоа мерки со намалување на акцизите и даноците на горивата.
Анализи
Победа на неолиберализмот? Светската економија без правила и контрола
Во време на зголемени геополитички тензии и економски неизвесности, сè почесто се поставува прашањето дали светот влегува во нова фаза на економски односи, фаза во која регулаторите ја губат својата улога, а моќта се концентрира кај најсилните држави и корпорации, пренесе Bankar.me.
Анализите укажуваат дека актуелните политики на САД, особено во вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, ја редефинираат глобалната економска сцена. Наместо традиционалниот систем на меѓународни правила и институции, сè повеќе доминира пристап кој се темели на директна економска и политичка моќ.
Во таков контекст, американската економија сè повеќе функционира како централизирана структура, каде големите корпорации се вклопуваат во поширока стратегија диктирана од политичкото раководство. Истовремено, институции кои некогаш имаа клучна улога во регулирањето на глобалниот пазар како Светската трговска организација, Обединетите нации и Меѓународниот монетарен фонд се соочуваат со намалено влијание и ограничена способност за делување.
Особено индикативен е внимателниот јазик што го користат овие институции во однос на актуелните конфликти, што според аналитичарите укажува на зголемен притисок и политичка чувствителност.
Овој развој, според дел од економистите, парадоксално може да се толкува како „победа“ на неолибералната економска логика – но не во класичната форма на слободен пазар, туку како глобален простор со минимални ограничувања, каде правилата се диктирани од најмоќните актери.
Во отсуство на ефикасни меѓународни механизми, се отвора прашањето дали светската економија се движи кон состојба на „див запад“, каде секоја држава дејствува според сопствените интереси и капацитети.
Паралелно, некои аналитичари предупредуваат на историски паралели со периодот од 17 до 19 век, кога економската експанзија била тесно поврзана со политичка и воена моќ, а трговските компании функционирале како продолжена рака на државите.
Иако современиот свет е далеку поразвиен и технолошки напреден, дилемата останува иста дали отсуството на правила ќе донесе поголема ефикасност и раст, или ќе доведе до нови кризи и нестабилност на глобално ниво.
Анализи
Цената на златото во остар пад: Пробиено нивото од 4.900 долари
Цената на златото забележа значителен пад во текот на денешната трговска сесија, достигнувајќи го и вториот проектиран ценовен таргет, покажува најновата анализа на Economies.com од 19 март 2026 година.
По пробивањето на поддршката на ниво од 4.900 долари, што претходно беше означено како прв таргет, падот продолжи и кон тестирање на следната клучна зона од 4.800 долари. Аналитичарите оценуваат дека движењето се одвива под влијание на краткорочен негативен тренд, при што цената се движи долж надолен тренд-канал.
Дополнителен притисок врз златото создава тргувањето под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што дополнително ја зацврстува доминацијата на мечешкиот тренд. Сепак, индикаторите за релативна сила сигнализираат можен краткорочен технички одскок, откако претходно влегоа во зона на препродаденост, што може привремено да го забави падот.
Според анализата, доколку цената остане под нивото од 4.900 долари, се очекува продолжување на надолниот тренд со следна цел околу 4.700 долари.
Очекуваниот опсег на тргување за денес се движи помеѓу поддршката на 4.700 долари и отпорот на 5.000 долари, додека генералната прогноза останува негативна.
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Банкипред 2 месециИзвлечени добитниците од Наградната игра „Биди во акција со секоја трансакција” на Комерцијална банка



