Connect with us

Бизнис

Поддршка за женското претприемништво во регионот – ново партнерство на GEA со Aspire Balkans

Објавено

на

Во насока на зајакнување на женското лидерство и претприемништво, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) и Aspire Balkans го официјализираа своето партнерство преку потпишување на меморандум за соработка, обединети околу визија за создавање инклузивна и поддржувачка средина за жените во регионот. Ова партнерство ги обединува силите на две иницијативи кои се активно посветени на унапредување на родовата еднаквост во економијата, особено во сферата на претприемништвото, технологијата и иновациите.

GEA, иницирана од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), има за цел да креира еднакви можности за сите вработени, преку застапување за еднаква застапеност на жените на сите нивоа, еднакви плати за иста работа и еднакви шанси за напредок. Како commitment maker за родова еднаквост при UN Women, GEA активно придонесува кон исполнување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова еднаквост.

Aspire Balkans, пак, е пре-акцелераторска програма дизајнирана да гради силна мрежа на претприемачки од Балканот. Преку менторство и поддршка од искусни жени лидери и експертки од Израел, Aspire им помага на жените да ги развијат своите стартап идеи, да стекнат потребни вештини и да се позиционираат како двигатели на економски раст во регионот. Програмата се стреми да создаде одржливи бизниси водени од жени и да гради долгорочни едукативни и деловни партнерства меѓу Балканот и Израел.

„Партнерството со Aspire Balkans е извонредна можност да го зголемиме влијанието на жените претприемачки и да ги поддржиме во нивниот пат кон успех. Заеднички ќе се поддржуваме, ќе соработуваме и ќе бараме можности за развивање иницијативи кои ќе им обезбедат на жените алатки и поддршка за да ги претворат своите идеи во успешни бизниси. Ова партнерство е продолжение на нашите заложби за еднакви можности во сите индустрии.“ – изјави д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA.

Aspire Balkans ги охрабрува жените да влезат во индустрии кои традиционално се сметале за машки, особено во областа на технологијата и иновациите. Преку размена на идеи, менторство, деловни обуки и вмрежување, програмата креира мост помеѓу креативноста, претприемништвото и регионалниот развој.

„Преку соработката со GEA, Aspire Balkans ќе ги прошири можностите за жените од Балканот да градат стартапи, да влезат на глобалниот пазар и да создадат нови вредности за себе и своите заедници. Ваквото партнерство е клучно за рушење на бариерите и отворање на патот кон иновации водени од жени“ – истакнува тимот на Aspire Balkans.

Партнерството предвидува реализација на низа активности како што се кампањи, работилници, конференции и менторски програми, кои ќе им помогнат на жените да се поврзат со релевантни ресурси, да стекнат самодоверба и активно да учествуваат во развојот на регионалната и глобалната економија.

GEA и Aspire Balkans со ова партнерство ги поставуваат темелите за поинклузивна економија каде што жените имаат еднакви шанси да бидат лидери, иноватори и двигатели на промени. Преку заедничките напори, тие градат иднина во која родовата еднаквост е интегрирана во секој аспект од професионалниот и економскиот живот.

Бизнис

Реплек ќе исплати повисока дивиденда за 2025 година

Објавено

на

Фармацевтската компанија Реплек соопшти дека нејзините акционери одобриле исплата на бруто дивиденда од 500 денари по акција за 2025 година.

Според берзанското соопштение, компанијата планира да исплати вкупно 119 милиони денари дивиденда од добивката остварена во претходната година.

Реплек во 2025 година остварил консолидирана нето добивка од 305,1 милиони денари, што е зголемување во однос на 224,2 милиони денари во 2024 година.

За 2024 година, компанијата исплатила бруто дивиденда од 400 денари по акција.

Акциите на Реплек [MSE:REPL] последен пат се тргувале на Македонска берза по просечна цена од 16.093 денари, покажуваат берзанските податоци.

Продолжи со читање

Бизнис

Најбогатите во април: Девет од десетмина од врвот загубија милијарди

Објавено

на

Март не беше поволен месец за милијардерите, бидејќи и индексите S&P 500 и Nasdaq паднаа за речиси 5% поради воените тензии со Иран. Девет од десетте најбогати луѓе во светот влегуваат во април со помало богатство отколку на почетокот на март. Како група, нивното богатство е намалено за повеќе од 100 милијарди долари, на вкупно 2,5 билиони долари, според состојбата на 1 април на полноќ по источно време.

Дополнително, има значајни промени на врвот на листата, само четворица од минатомесечната топ 10 ги задржаа своите позиции, меѓу кои најбогатиот човек во светот Илон Маск и второпласираниот Лери Пејџ. Иако останаа на истите позиции, и Маск и Пејџ се меѓу петтемина од топ 10 кои изгубиле најмалку 20 милијарди долари во изминатиот месец. Богатството на Маск се намалило за 22 милијарди, на 817 милијарди долари, но тој и натаму има повеќе од тројно поголемо богатство од Пејџ, чие богатство паднало за 20 милијарди, на 237 милијарди долари.

Најголем губитник е Французинот Бернар Арно од луксузниот конгломерат LVMH. Тој падна од 7. на 10. место, со намалување на богатството од 28 милијарди долари, на 142,5 милијарди. Голем пад бележи и шпанскиот магнат во брзата мода Амансио Ортега, кој се симна од 10. на 14. место, со загуба од 20 милијарди долари, на 128 милијарди.

Ворен Бафет исто така испадна од топ 10, паѓајќи од 9. на 11. место, со намалување на нето-вредноста од седум милијарди долари, на 142 милијарди.

Наследникот на Walmart, Роб Волтон, изгубил три милијарди долари, но сепак по првпат по три години повторно влегува во топ 10. Второто ново име во листата (и единствениот со раст) е ИТ магнатот Мајкл Дел, кој напредувал од 13. на 8. место, со зголемување на богатството од две милијарди долари, на 143,1 милијарда.

Џеф Безос напредува на третото место, првпат од октомври, иако неговото богатство благо се намалило за една милијарда долари, на 223 милијарди. Тој го заменува Сергеј Брин, коосновач на Google, кој паѓа на четвртото место, со намалување на богатството од 18 милијарди долари, на 219 милијарди.

Forbes ги следи светските милијардери од 1987 година. Во март 2026 година идентификувани се 3.428 милијардери за годишната листа.

Најбогатата жена во светот е Алис Волтон, ќерка на основачот на Walmart, Сем Волтон. На 1 април 2026 година нејзиното богатство се проценува на 131 милијарда долари, што ја става на 13. место на глобално ниво, во однос на 14. позиција претходниот месец. Нејзиното богатство произлегува од наследениот удел во Walmart.

Нејзините браќа Роб, Џим и Џон Волтон (починат во 2005 година) исто така наследиле удели во Walmart. Вдовицата на Џон Волтон, Кристи Волтон, и нивниот син Лукас ги наследиле неговите акции и двајцата се наоѓаат на листата на Forbes.

богатство извор претходна позиција

Илон Маск – 817 милијарди долари – Tesla, SpaceX, xAI, X – 1.
Лери Пејџ – 237 милијарди долари – Google – 2.
Џеф Безос – 223 милијарди долари – Amazon – 4.
Сергеј Брин – 219 милијарди долари – Google – 3.
Марк Закерберг – 196 милијарди долари – Meta (Facebook) – 5.
Лери Елисон – 189 милијарди долари – Oracle – 6.
Џенсен Хуанг – 151 милијарда долари – Nvidia – 8.
Мајкл Дел – 143,1 милијарда долари – Dell – 13.
Роб Волтон – 142,6 милијарди долари – Walmart – 11.
Бернар Арно – 142,5 милијарди долари – LVMH – 7.

Извор: Forbes

Продолжи со читање

Бизнис

Луфтханза размислува да приземји до 40 авиони: растот на цените на горивото ги менува плановите

Објавено

на

Германската авиокомпанија Луфтханза подготвува сценарија за намалување на капацитетите и можно приземјување на дел од својата флота поради растот на цените на горивото и ограничувањата во снабдувањето, произлегува од интерно обраќање на извршниот директор Карстен Спор.

Според плановите, се разгледуваат две опции. Во поблага варијанта, привремено би се повлекле 20 авиони, што би значело намалување на капацитетот за околу 2,5%. Во понеповолен развој на настаните, бројот може да достигне до 40 авиони, со пад на капацитетот од околу 5%. Конечна одлука сè уште не е донесена.

Најмногу би биле погодени постарите и помалку ефикасни модели, како Airbus A340-600, Boeing 747-400 и Canadair Regional Jet, кои имаат поголема потрошувачка на гориво и стануваат економски неповолни во услови на нагло поскапување.

Планираниот раст на капацитетите од околу 4% во 2026 година сега е доведен во прашање. Компанијата претходно планираше проширување на мрежата, особено кон Азија, но загриженоста за достапноста на гориво веќе влијае врз тие планови. Дел од аеродромите во регионот, како Сингапур и Бангкок, веќе воведуваат ограничувања за дополнителни летови со цел да ги зачуваат резервите.

Трошоците за гориво се клучен фактор во проценките за следниот период. Луфтханза за 2026 година планирала буџет од околу 7 милијарди евра, при што 80% од трошоците се обезбедени преку хеџинг. Останатите 20%, односно околу 1,4 милијарди евра, се изложени на пазарни промени и би можеле значително да пораснат доколку цените на нафтата продолжат да растат, што директно би се одразило врз цените на билетите и побарувачката.

Компанијата ги следи и ризиците од евентуално ширење на проблемите во Европа, иако тој сценарио засега се оценува како малку веројатен. Во најлош случај, недостиг на гориво би можел да ги зафати и големите европски воздушни јазли како Франкфурт, Минхен, Цирих, Виена, Брисел и Рим.

Притисокот на пазарот е поврзан и со тензиите околу Ормутскиот Теснец, преку кој поминуваат меѓу 20% и 25% од светските испораки на нафта. Секое нарушување во тој регион директно влијае врз глобалните цени, а проценките укажуваат дека високите нивоа може да се задржат и во 2027 година.

И покрај неизвесноста, Луфтханза продолжува со долгорочните планови и најави дека ќе поднесе необврзувачка понуда за удел во TAP Air Portugal, што покажува дека компанијата паралелно размислува и за мерки за штедење и за стратешки инвестиции.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange