Connect with us

Банки

Одржана седница на Советот на Народната банка: Усвоен Годишниот извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2024 година

Објавено

на

Советот на Народната банка на својата последна седница го усвои Годишниот извештај за 2024 година. Во Извештајот се истакна успешното остварување на целите на централната банка, што е потврдено и од најрелевантните меѓународни финансиски институции, а се согледува преку натамошното забавување на инфлацијата, одржувањето на стабилноста на  девизниот курс и натамошното јакнење на финансиската стабилност. Иако условите сѐ уште се неизвесни, добрите трендови кај инфлацијата и девизните резерви овозможија постепена нормализација на монетарната политика. Паралелно со справувањето со макроекономските предизвици, Народната банка оствари и бројни проекти.

Во светски контекст, 2024 година беше обележана со силни геополитички тензии и трансформации поврзани со дигитализацијата и вештачката интелигенција, поради што се зголеми неизвесноста. Сепак, светската економија и натаму закрепнува, а раст од 2,8%  забележа и македонската економија. Просечната стапка на инфлација забавуваше и се сведе на 3,5%, од 9,4% претходната година, одразувајќи ги постабилните движења кај цените на храната, енергијата и базичната инфлација, како и ефектите од соодветната монетарна поставеност. Соодветно на поволните трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, Народната банка започна со постепено нормализирање на монетарната политика. Основната каматна стапка беше намалена трипати до нивото од 5,35%, а беа намалени и каматните стапки на депозитите, но поумерено. Покрај ова, мерките преземени во областа на задолжителната резерва придонесоа за натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење.

Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт и на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што се заклучи дека во текот на 2024 година, покрај редовните работни процеси се работеше и на повеќе проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето од аспект на зголемување на ефикасноста, квалитетот, транспарентноста и сигурноста, усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди.

Како едно од најзначајните достигнувања во текот на 2024 година е поднесувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, беа преземени бројни активности за усогласување на националната регулативата со законодавството на ЕУ, што го овозможија приемот на нашата земја како 39-тата членка на СЕПА на 6 март годинава. Овој чекор претставува значаен напредок на патот кон ЕУ и потврда за високите регулативни барања и стандарди за домашните финансиски институции при извршувањето на плаќањата.

Заради обезбедување на потребната ефикасност на плаќањата во евра со зачленувањето на земјава во СЕПА, Советот на Народната банка на денешната седница изврши дополнителни промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство. Со овие измени, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може за првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА, се постигнува значителна либерализација на прекуграничните плаќања. Имено, се укинуваат преостанатите обврски за задолжително поднесување документација при извршувањето на одливните и приливните плаќања со странство. Истовремено, паричните средства од странство ќе им се ставаат на платежните сметки на граѓаните и компаниите веднаш, а најдоцна следниот работен ден. Само за мал број плаќања, за кои се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија, и натаму ќе се приложува документација и одложено ќе им се ставаат на располагање на примачите. Овие измени на регулативната рамка ќе ја зголемат ефикасноста на процесите во банкарскиот сектор, со што ќе се создадат услови за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите.

Во текот на годината, засилено се работеше на повеќе активности и проекти насочени кон модернизација на работењето, натамошно зголемување на отпорноста на финансискиот систем и поддршка на одржливиот развој. Особено се издвојуваат следниве:

  • Беа донесени измени и дополнувања на Законот за Народната банка според препораките на ММФ и највисоките меѓународни практики;
  • Беа донесени макропрудентни мерки со што дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот сектор;
  • Се работеше на 12 подзаконски акти за решавање банки, коишто беа донесени во март 2025 година, а беше изготвен и нов предлог за Законот за банките, согласно најновите стандарди;
  • Беше објавен за првпат Прегледот на зелени финансии – статистички податоци за климатските промени;
  • Беше воспоставена нова унапредена рамка за макрострес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на макроекономски шокови, а се работеше и на развивање посебна рамка за стрес-тестирање на влијанието климатските ризици врз банкарскиот систем
  • Во рамките на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки;
  • Беше изработен првиот предлог за Политиката за одржливост на Народната банка;
  • Во 2024 година, Народната банка им овозможи на граѓаните бесплатно, брзо и лесно добивање извештај од Кредитниот регистар, преку Националниот портал за услуги;
  • Беше воведена нова веб-услуга за автоматизирано преземање на податоците од Курсната листа;
  • Беше склучен Меморандумот за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја;
  • Народната банка ги изработи за првпат Насоките за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор за банките;
  • Беше објавена Брошурата наменета за лицата со оштетен вид, за финансиска едукација и информирање за нивните права.
  • Беа збогатени податочните сетови со нови податоци од статистиката на финансиските сметки и беа скратени роковите за објавување и доставување на меѓународната инвестициска позиција (МИП) и месечниот платен биланс (ПБ), согласно барањата на ЕУ.

Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2024 година, којшто беше усвоен на истата седница, се наведува дека банкарскиот систем и во 2024 година функционира стабилно, со засилен раст на депозитите и кредитите, подобрување на ликвидноста и солвентноста, како и со одржување добар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот, во текот на 2024 година, достигна нивоа коишто се највисоки од 2006 година наваму, а на крајот од годината изнесуваше 18,9%. И покрај позитивните трендови, и натаму има потреба од внимателно следење на ризиците, особено поради нестабилното геополитичко окружување и потенцијалните надворешни шокови.

Советот на Народната банка на седницата разгледа и усвои и други материјали од областа на работењето на Народната банка.

Банки

Гувернерот Славески на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и за идните генерации

Објавено

на

Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.

„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.

Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.

Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

Продолжи со читање

Банки

Фантастични резултати за НЛБ Банка на традиционалниот спортски турнир по повод „Денот на штедење“

Објавено

на

Традиционалниот спортски турнир по повод „Денот на штедење“, организиран од СФОМ, успешно заврши со бројни победи и извонредни резултати за тимот на НЛБ Банка.

Настанот се одржа во спортскиот центар МТП – ОУ „Ѓорѓи Димитров“ и собра претставници од повеќе финансиски институции, вклучувајќи банки, осигурителни компании и пензиски фондови.

Тимот на НЛБ Банка настапи со висок натпреварувачки дух, колегијалност и тимска посветеност, постигнувајќи импресивни резултати во повеќе дисциплини:

🥇 Шах
🥇 Тенис М
🥇 Баскет Ж
🥇 Куглање М и Ж
🥇 Пикадо М и Ж
🥈 Пинг понг Ж
🥉 Тенис Ж и Одбојка

Секоја победа е доказ за силниот тимски дух на НЛБ Банка, кој ја надминува границата на секојдневното работење и ја одразува посветеноста кон заедништво, поддршка и позитивна енергија.

„Горди сме на нашите медалисти, но и на сите учесници кои беа дел од настанот. Покажаа дека спортот и тимската игра ги зближуваат луѓето, притоа градејќи култура на мотивираност и соработка. Голема благодарност до сите учесници, навивачи и организатори што придонесоа овој ден да биде исполнет со позитивна енергија!“, – порачаа од НЛБ Банка.

Продолжи со читање

Банки

Девет месеци на раст, иновации и одговорно работење – НЛБ Банка го потврдува статусот на доверлив партнер!

Објавено

на

НЛБ Банка успешно ги заокружи деветте месеци од годинава, покажува анализата на финансиските резултати за периодот од 01.01.2025 до 30.09.2025 година. Во споменатиот период, НЛБ Банка оствари нето добивка во износ од 2.505.628 илјади денари и забележа значителен раст на кредитното портфолио и раст на вкупните депозити. Овие позитивни финансиски индикатори се резултат на засилената деловна активност и позицијата на НЛБ Банка како доверлив партнер за клиентите.

Кредитите кај небанкарскиот сектор, на годишно ниво, пораснаа за 21,2%, при што растот на кредитите пласирани кај нефинансиските друштва изнесува 32,2 %, додека растот на кредитите пласирани кај домаќинствата изнесува 14,5 %. На годишно ниво, вкупните депозити на Банката бележат зголемување за 15,8 %.

Позитивните деловни перформанси на НЛБ Банка се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти, зголемениот број на корисници на платните сервиси, како и на внимателното управување со ризиците, оперативната ефикасност и континуираната посветеност кон унапредување на клиентското искуство.

Во текот на првите девет месеци од годината, потврдувајќи ја својата улога на одговорен корпоративен граѓанин, НЛБ Банка остана доследна на својата заложба за вложување во заедницата, инвестирајќи во бројни општествено одговорни проектинасочени кон спортот, културатаи традицијата, образованието и помош за ранливите категории на граѓани.

НЛБ Банка продолжува и натаму да биде поддршка на населението и стопанството и севкупниот развој на економијата во земјата.Во фокусот на работењето на Банката остануваатдигитализацијата и унапредувањето на дигиталните канали, подобрување на искуството на клиентите и проширување на портфолиото на банкарски и небанкарски продукти.

Истовремено, препознавајќи ги ризиците од климатските промени, НЛБ Банка ќе продолжи да ги развива „зелените кредити“ – кредитирање во области за производство на електрична енергија од обновливи извори, намалување на загадувањето и подобрување на животната средина, акцентирајќи ја важноста од одржливо финансирање, одржливо работењеи взаемен придонес кон унапредување на квалитетот на животот во заедницата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange