Connect with us

Банки

Одржана 51. сесија на Клубот на истражувачите: Презентација на трудовите коишто ја добија Годишната награда на Народната банка

Објавено

на

Во Народната банка се одржа 51. сесија на Клубот на истражувачите, платформа на Народната банка за презентација и разгледување научноистражувачки трудови и поддршка на научноистражувачката дејност во земјава. 

На оваа сесија учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудовите „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“ од авторот Никита Ристовски и„Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ од авторот Стефан Таневски. Авторите Никита Ристовски и Стефан Таневски се добитниците на првата и втората годишна награда за млади истражувачи на Народната банка за 2024 година, соодветно.

Сесијата ја отвори Билјана Давидовска-Стојанова, директорка на Дирекцијата за монетарна политика и истражување и членка на Одборот за оценување на трудовите при доделувањето на овогодишната награда за млади истражувачи. Таа истакна дека доделувањето годишна награда за млади истражувачи од страна на НБРСМ, заедно со Клубот на истражувачите како платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови, придонесуваат кон поттикнување на истражувачката активност и подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјата. Секој од трудовите се осврнува на актуелни теми, како што се потенцијалните придобивки од евроинтеграцијата и истражување на постоењето на канал на монетарна трансмисија преку секторските берзански индекси. Tрудoвите се одликуваат со оригиналност и обработуваат области коишто се исклучително релевантни, со што се придонесува за збогатување на научноистражувачката литература и се отвора простор за натамошни истражувања.

Трудот на Никита Ристовски ги испитува потенцијалните економски влијанија врз земјава, доколку станеше членка на Европската Унија во 2004 година. Според авторот, македонската економија би имала позитивен ефект од интеграцијата во ЕУ врз економскиот раст и продуктивноста на трудот и голема би била веројатноста земјава да има компаративна предност и да е специјализирана за трудоинтензивни индустрии.

Во трудот на Стефан Таневски емпириски се истражува постоењето на секторски канал на цените на средствата за пренос на монетарната политика во поблискиот регион. Авторот конструира секторски индекси за целиот регион, врз основа на идејата дека една регионална берза може да обезбеди поголема ефикасност за котираните компании во регионот. Општо земено, во трудот се документира присуство на каналот на цените на средствата во секторите финансии и телекомуникации, каде што има поголемо присуство на мултинационални корпоративни мрежи, што не е случај за производствениот и енергетскиот сектор, врз основа на што авторот заклучува дека локалните берзи сè уште се премногу фрагментирани и постои простор за поефикасна регионална берза.

По завршувањето на презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата.

Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected]. Следната сесија ќе се одржи во септември годинава.

Банки

Стопанската комора на Северозападна Македонија ги поздрави мерките на Народната банка за пониски трошоци за платни услуги за бизнисот

Објавено

на

Членовите на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонијана средба со гувернерот д-р Трајко Славески, ги поздравија мерките на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги, кои веќе ги даваат првите резултати, и иницијативата на Народната банка за обезбедување поповолни услови за користење на платежните услуги за фирмите.

Гувернерот Славески нагласи дека со овие мерки Народната банка испраќа јасна порака за поддршка на сеопфатните економски придобивки преку овозможување пониски трошоци за електронските плаќања за компаниите и обезбедување поголема достапност и ефикасност на платните услуги. 

На средбата беше истакнато дека Народната банка продолжува со посветеност да ги унапредува условите во платниот систем, во согласност со европските стандарди и во насока на претстојното приклучување кон СЕПА, кое се очекува да започне на 6 октомври.

Во разговорот, и двете страни оценија дека стабилниот и конкурентен банкарски сектор е клучен за поддршка на стопанството, а Народната банка и натаму останува отворена за дијалог со деловната заедница со цел создавање подобра економска клима и пристап до квалитетни финансиски услуги.

Во однос на монетарната политика, гувернерот подвлече дека Народната банка внимателно ги следи економските текови и е подготвена да реагира соодветно со сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс и на цените.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со донација на компјутерска опрема за училиштата и институциите

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје продолжува да ја демонстрира својата општествена одговорност преку конкретна поддршка за заедницата. Во рамки на своите активности, Банката донираше 27 компјутери и монитори во Основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, едно од најстарите училишта во земјата. Основано уште во 1884 година од страна на Османлиската држава, ова училиште веќе над еден век е важен образовен центар на турското малцинство во Македонија, со богата историја и значајна улога во локалната заедница.

Дополнително, Халкбанк донираше и 146 компјутери и монитори во Македонска пошта, со која Банката има воспоставено долгогодишна соработка и веќе пет години платниот промет во Пошта се одвива преку Халкбанк. Ова партнерство им овозможува на граѓаните добивање на банкарска услуга, да не мораат да одат исклучиво во банка, туку истата да ја добијат и во најблиската пошта, што е особено значајно за сите оние кои живеат во населени места во кои нема експозитури на банките.

Освен стандардните банкарски услуги, на шалтерите на Македонска пошта граѓаните можат да отвораат сметка во Халкбанк, да побараат издавање дебитна или кредитна картичка, да аплицираат за различни видови кредити, дозволено пречекорување, електронско банкарство, добивање пензија преку Халкбанк, како и да добиват други банкарски услуги кои се достапни за клиентите на Банката.

Халкбанк наскоро ќе донира уште 23 компјутери и монитори за уште едно училиште, со цел да се подобрат условите за едукација и работа.

Овие донации се дел од многубројните општествено одговорни активности на Халкбанк, кои имаат за цел да ја поддржат заедницата, да овозможат подобри услови за учење и работа, и да придонесат кон дигиталната писменост и развојот на младите.

Продолжи со читање

Банки

Грција ги укинува банкарските провизии за подигнување готовина од банкомат!?

Објавено

на

Од денес (11 август 2025), во Грција стапи на сила ново законодавство донесено од Министерството за економија и финансии, со кое се укинуваат речиси сите трошоци поврзани со подигање готовина од банкомати.

Новата регулатива има за цел да го олесни пристапот до готовина за граѓаните, да ја зголеми транспарентноста и да ја намали ценовната нерамнотежа помеѓу банките и давателите на платежни услуги.

Клучни новини од новата регулатива:

  • Целосно укинување на провизиите за подигање готовина помеѓу сите банки кои учествуваат во националниот интербанкарски систем DIAS.
  • Нема надоместоци за трансакции преку банкомати на трети страни во случаи кога постои директна или индиректна сопственичка поврзаност помеѓу банката на клиентот и давателот на банкомат услуги.
  • Нула провизии за подигање готовина во рурални и општински заедници каде е достапен само еден банкомат.
  • Максимален надомест од 1,50 евра за подигање готовина од банкомати на неповрзани трети страни (независни даватели на услуги), кој важи низ целата територија на државата.
  • Бесплатна проверка на салдо за сите иматели на картички, без оглед на тоа од која банка потекнува картичката или кој е давателот на банкомат услугата.
  • Фиксен надомест од 0,50 евра за дигитални дознаки (преноси на средства преку веб, мобилни апликации и интернет банкарство) кога се вршат преку трети страни, во согласност со банкарските тарифи.

Цел и очекувани ефекти

  • Зголемување на конкуренцијата и правичноста помеѓу банкарските институции и алтернативните даватели на платежни услуги.
  • Поттикнување на финансиската инклузија, особено во руралните и слабо достапни подрачја.
  • Заштита на правата на потрошувачите и елиминирање на неосновани или непропорционални банкарски трошоци.

Според првичните анализи, реформата се очекува да донесе значителна заштеда за корисниците, особено за лицата кои често подигаат готовина или живеат во области со ограничен пристап до банкарски услуги.

Овој чекор на Грција е позитивен сигнал за други земји во регионот и Европската унија, каде прашањето за трошоците на основни банкарски услуги сè уште е предмет на дебата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange