Connect with us
no baners

Банки

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика − каматните стапки остануваат исти, поддржани со макропрудентните мерки на Народната банка

Објавено

на

На 16 септември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше одлучено каматните стапки да останат исти, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на  макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени[1]. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици. Во однос на монетарната поставеност во еврозоната, ЕЦБ на септемврискиот состанок донесе одлука за задржување на каматните стапки на досегашното ниво.

Годишната стапка на инфлација во август забави и изнесуваше 4,4%, под влијание на базичната и прехранбената компонента, при натамошен пад на цените на енергентите. Сепак, остварената инфлација е над проектираното ниво, со што таа и понатаму останува во фокусот и потребна е внимателност. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна, при што од почетокот на годината Народната банка интервенира со нето-откуп на девизи. На крајот на август, нивото на девизните резерви изнесува 4.754,4 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со август упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекувањата за третиот квартал. Проценетиот трговски дефицит за третиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во јули, е малку повисок од очекувањата, иако периодот е сѐ уште краток за попрецизна оцена. Во вториот квартал од 2025 година, остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања е повисок од очекувањата, при истовремени нето-приливи во финансиската сметка, коишто се минимално пониски од очекувањата според априлската проекција.

Во вториот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза и изнесува 3,4% на годишна основа. Ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за вториот квартал во рамките на априлскиот циклус проекции. Економскиот раст целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на раст на личната потрошувачка и бруто-инвестициите, додека нето-извозот бележи мал негативен придонес, во услови на забрзан раст и на извозот и на увозот. Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со коишто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на економскиот раст.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки во однос на априлските проекции.

Општо земено, со последната одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај најважните макроекономски показатели и процените за ризиците. Надворешните ризици и понатаму се изразени, но внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Преку спорт и партнерство, НЛБ Банка и Специјална Олимпијада продолжуваат со заедничка мисија да градат општество базирано на поддршка, еднаквост и заедништво

Објавено

на

НЛБ Банка и Специјална Олимпијада ја продолжуваат својата долгогодишна соработка, насочена кон промоција на инклузијата и еднаквите можности.

Во рамки на 16-тите интерни спортски игри на НЛБ Банка беше одигран пријателски кошаркарски натпревар, кој помина во позитивна атмосфера, исполнета со тимски дух, фер-плеј и взаемна поддршка. Настанот уште еднаш ја потврди посветеноста на двете организации кон градење партнерство што се развива и надвор од спортските терени.

На настанот присуствуваа претседателот на Управниот одбор, Тони Стојановски, членовите на Управата на НЛБ Банка, како и Моника Бошковска, претседател на Специјалната Олимпијада, кои во неформална атмосфера разменија мислења и ја потврдија заедничката подготвеност и ентузијазам за продолжување и продлабочување на соработката и оваа година.

Повеќегодишната соработка и партнерство со Специјалната Олимпијада претставува важен и значаен дел од активностите на НЛБ Банка во областа на општествената одговорност, со фокус на иницијативи што поттикнуваат инклузија, еднакви можности и создаваат долгорочна вредност за заедницата.

Во духот на настанот, резултатот беше во втор план – бидејќи кога се игра со срце, победата е заедничка.

Продолжи со читање

Банки

Капитал банка вработува експерт за поддршка на население

Објавено

на

Капитал банка АД Скопје објави оглас за вработување на позицијата експерт за поддршка на население, со цел проширување на својот тим и унапредување на услугите кон физичките лица.

Од банката истакнуваат дека нудат работа во средина со високи етички вредности, доверба и можности за личен и професионален развој, како и флексибилно работно време и континуирана едукација. Воедно, вработените ќе бидат дел од процесите на дигитализација и трансформација на банкарските услуги.

Работната позиција вклучува информирање и советување на клиентите физички лица за банкарски производи и услуги, како и активна продажба на сметки, кредити, картички и дигитални решенија. Кандидатот ќе биде задолжен за следење на задоволството на клиентите, подготовка и обработка на документација, како и идентификување на нивните финансиски потреби и нудење соодветни решенија.

Дополнително, позицијата подразбира управување со клиентско портфолио, одржување долгорочни односи и организација на активности на терен, вклучително состаноци и презентации.

Како услови за аплицирање се наведуваат високо образование од економска, финансиска или сродна област, како и најмалку една до две години искуство во работа со клиенти во банкарски или финансиски сектор. Пожелно е кандидатите да имаат искуство во продажба на банкарски производи и административна обработка на документација.

Се бараат кандидати со развиени организациски и комуникациски вештини, одлично познавање на англиски јазик и возачка дозвола од Б категорија.

Капитал банка, како што наведуваат од институцијата, континуирано инвестира во развој на кадарот и нуди можности за професионален напредок, работа во тимска атмосфера и средина во која резултатите се препознаваат и вреднуваат.

Продолжи со читање

Банки

Финансиската писменост започнува со мали чекори: My Unibank со нови алатки за контрола на буџетот

Објавено

на

По повод глобалната иницијатива Global Money Week, се актуализира значењето на финансиската писменост и потребата граѓаните да стекнат поголема контрола врз сопствените финансии. Експертите потсетуваат дека основата на стабилната финансиска состојба започнува со едноставни, но дисциплинирани чекори пред сè преку редовно следење на приходите и трошоците.

Во таа насока, мобилната апликација My Unibank нуди практични решенија за управување со личните финансии, овозможувајќи им на корисниците во секое време да имаат јасен увид во своето трошење.

Клучна алатка во апликацијата е функцијата „Мој буџет“, која им овозможува на корисниците да креираат месечен буџет прилагоден на нивните навики, да ги распределат трошоците по категории како храна, транспорт и сметки, како и да поставуваат цели за заштеда и да го следат нивното исполнување.

Дополнително, апликацијата нуди детален преглед на трошењата според категории, примачи и дури и по земја, како и графички прикази што овозможуваат полесно разбирање на финансиските текови. Корисниците добиваат и навремени нотификации кои им помагаат да останат во рамките на поставениот буџет.

Пораката е јасна: контролата на парите започнува со нивно следење, а дигиталните алатки стануваат сè поважен сојузник во градењето финансиска стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange